Церар: Нова Љубљанска банка ќе се продаде до крајот на 2017 година
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

CerarОбврските на Словенија кон Европската комисија во погледот на Нова Љубљанска банка (NLB) не се променети, целта е продажбата на 75 % од акциите преку иницијалната јавна понуда (IPO) и излистување на акциите на берзата, што би требало да се стори до крајот на 2017 година, изјави словенечкиот премиер Миро Церар.

Со ова словенечкиот премиер Миро Церар одговори на прашањето на пратеничката и поранешна премиерка Аленка Братушек, која во расправата со премиерот тврдеше дека тој и неговата влада пред неколку месеци зборувале дека приватизацијата на најголемата словенечка банка, која е во државна сопственост, ќе биде одложена, но тоа очигледно не го покренале пред Европската комисија, пренесува агенцијата STA.

Одложувањето на приватизацијата на своите банки, коишто како и NLB, добија државна помош успеа во Брисел да го добие италијанската влада, како и некои други членки на ЕУ, а Словенија во тоа доцни, иако станува збор за банка која за Словенија е од витална важност, истакна Братушек.

Словенечката влада во 2013 година оваа потклекната банка ја докапитализираше од буџетот на земјата со 1,2 милијарди евра во замена за нејзината приватизација во рок од четири години, што беше најмногу што тогаш можеше да се стори, рече во продолжение на дебатата Братушек, и притоа изрази стравување дека може да се случи таа да мора повторно да се докапитализира од државниот буџет.

„Очекуваме дека продажбата на NLB ќе биде изведена така што даночните обврзници нема повторно да бидат оштетени“, одговори премиерот Церар.

Министерката за финансии Матеја Враничар Ердман смета дека Словенија од Европската комисија можеби би можела да добие одложување на продажбата, но во тој случај би добила нови услови и веројатно би морала да ги продаде сите акции на банката.

Словенечката влада во врска со продажбата на NLB ќе биде и е во постојан контакт со Европската комисија, а во постапките на продажбата ќе води сметка да се добие оптималниот резултат, истакна Ердман.

Според процените на словенечките медиуми, ситуацијата на финансискиот пазар за продажба на банките е лоша, па Словенија при продажбата на NLB не може да очекува особено добар резултат.

Инаку,  Nova Ljubljanska Banka d.d. Љубљана стана стратешки акционер во НЛБ Банка АД Скопје во 2000 година и поседува 86,97% учество во вкупниот капитал на Банката. НЛБ Банка АД Скопје е една од најуспешните банки во НЛБ Групацијата.  НЛБ Банка е трета по големина банка во Македонија со актива од 1,12 милијарди евра.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×