Црвенковски: Ќе бидам во првите редови на „отпорот“ – каде ќе бидат „душегрижниците“ што прашуваа каде сум?
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

„Црвенковски е поранешен претседател на Македонија и секако може да даде свој придонес. Но, како и да одлучи тој, јас ќе го респектирам тоа“, одговори претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на прашањето од интервјуто за „Капитал“ објавено во петокот, за тоа како ја оценува поставеноста на неговиот претходник на партиското кормило, Бранко Црвенковски, во новонастанатите околности од почетокот на објавувањето на опозициските „бомби“.

Последниот не чекаше долго – денеска се огласи со писмо до јавноста, во кое му одговара на Заев: „Ова е стратегијата во која верував пред две години и во која уште повеќе верувам денес, и на чија реализација, до колку до неа дојде, целосно се ставам на располагање. Подготвен сум на ист начин, како и на 24-ти декември 2012 година, заедно со син ми да бидам во првите редови!.“

Во немалото писмо, Црвенковски ги образложува причините за својот двегодишен молк, и откако пишува дека не сакал да ѝ даде можност на власта да ја продолжи црната кампања поврзана со него и против новото раководство на СДСМ, тој забележува дека неговите заложби по настаните од 24 декември 2012 „за целосно делегитимирање на власта, за активен и континуиран „отпор“, за перманентни протестни собири и маршеви, за разни форми на граѓанска непослушност и за бојкот на локалните избори“, тогаш биле критикувани и оспорувани од одредени опозициски кругови како погрешен концепт, при што критичарите заговарале „конструктивен политички дијалог“ со власта, битка преку институциите на системот, учество на изборите.

Црвенковски во писмото изразува надеж, дека сега, две години подоцна, и со СДСМ со ново раководство, „работите им се многу појасни на сите“.

За поранешниот лидер на СДСМ „со Република Македонија владее еден тоталитарен, криминоген и корумпиран режим за кој не постои ниту Устав, ниту закон.“

Тој, како што пишува, му честита на Заев за храброста и му ја дава целосната поддршка за тоа што преку „Вистината за Македонија“ на најдиректен начин ги соочил сите со катастрофалната реалност во која живееме.

Но, смета Црвенковски, „осознавањето на вистината за карактерот на овој режим не е доволно тој режим да падне“, зашто „ваков бескрупулозен режим не се урива само со прес конфренции и со лајкови на Фејсбук.“

Поранешниот премиер и претседател на државата ги смета за погубни „приказните кои се шират во одредени опозициски кругови дека промената на власта само што не се случила, па, уште и се лицитира кој на чело на кое министерство или институција ќе дојде.“

„Или искрено и чесно оваа битка ќе се дефинира како битка пред сѐ и над сѐ за интересите за народот и државата, или ако биде препозната како борба за задоволување на нечии клиентелистички потреби, ќе биде изгубена пред и да почне“, пишува Црвенковски.

Тој бара расчистување на илузиите дека има други начини за борба на опозицијата, и смета оти мора да се обнови „отпорот“, со масовни и континуирани протести.

На крајот од писмото, Црвенковски „на лидерството на СДСМ му посакува многу храброст и уште повеќе мудрост во реализацијата на оваа задача.“ И порачува дека е подготвен, заедно со син му, да биде во првите редови, но, и оти „искрено се надева дека сите „душегрижници“ кои во изминатиов период го прозивале – „Каде е Бранко“, ќе бидат заедно со своите најблиски во негова близина.“

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×