TTIP ќе мора уште да почека: И во тајните преговори за слободна трговија меѓу ЕУ и САД црвените линии се сѐ уште „болдирани“
Објавено на од во Бизнис и политика
ttip-protest-vo-BerlinПотпишувањето на Трансатлантското трговско и инвестициско партнерство е далеку од амбициозно замислениот рок – пред претседателските избори во САД. Колку далеку, покажаа протечените документи што Greenpeace ги објави, каде се гледа колку се сѐ уште „болдирани“ црвените европски и американски линии. Во меѓувреме, наспроти тајноста на преговорите што ја одвраќа јавноста, Европската комисија настојува придобивките од TTIP да бидат што појавни, и во контекстот објавува резултати од истражувања/оценувања на влијанието што договорот ќе го има откако ќе стапи на сила

 

Поимите „тајност“ и „слобода“ на сѐ повеќе луѓе и од двете страни на Атлантикот им пречи што одат во иста реченица: САД и ЕУ со години тајно преговараат за слободна трговија преку Трансатлантско трговско и инвестициско партнерство (TTIP – Transatlantic Trade and Investment Partnership). Јавната поддршка за TTIP во Германија паднала од 55% во 2014 година, до 17% денеска, а во САД од 53% до 18%, посочи февруарското истражување на YouGov.

Дури и пратениците на германскиот Бундестаг, кои од февруари имаат пристап до текстовите од преговорите, истиот можат да го остварат само во изолирана просторија на германското Министерство за економија, откако претходно ќе ги предадат приборот за пишување (ако носат таков) и електронските уреди, и прифатат да бидат под контрола на чувар во текот на двата часа колку што им е дозволено да останат со документите. Се разбира, тука е и обврската дека не смеат да објавуваат ништо од она што го прочитале.

Довербата во безопасноста на TTIP, секако,не ја зголеми ниту проектот на противниците на договорот, Greenpeace, кои неодамна објавија 248 страници за кои тврдат дека се белешки од преговорите. Симболично, а контра нетранспарентноста на преговорите, еколошката организација доверливите документи ги изложи во стаклена читална блиску до Брандербуршката порта во Берлин, за секој заинтересиран да може да ги прочита и ако сака да ги фотографира истите.

Дека причини за загриженост и тоа како има се покажа од реакцијата на официјален Брисел, упатена преку еврокомесарот за трговија, Швеѓанката Сесилија Малмстром, која премолчно ја призна автентичноста на објавеното од Greenpeace, уверувајќи дека се работи само за консолидирани преговарачки текстови/материјали, а не за дефинитивни позиции на Брисел.

Малмстром објави на својот блог дека „протекувањето“ на документите уште еднаш побарало да се повтори европската официјална позиција, дека „ниту еден трговски договор на ЕУ нема да го спушти нивото на заштита на потрошувачите, ниту безбедноста на храната и на животната средина – трговските договори нема да ги променат ЕУ-законите за генетски модифицираната храна или тоа како се произведува безбедно говедско месо или како се заштитува природата“.

Со ова еврокомесарката се обиде да го намали просторот за конспиративни толкувања на „протеченото“, и уште еднаш да ги потенцира црвените европски линии, кои сѐ уште се толку „болдирани“ (како и американските) што потпишувањето на договорот е многу далеку од саканиот рок за лидерите на двете страни – пред претседателските избори во САД во ноември (Барак Обама се обиде да го даде клучното забрзување кога за целта на крајот на април отпатува на саемот во Хановер, кај факторот од европска страна, Ангела Меркел).

Најдиректно колку е далеку крајното решение се виде од консолидираните документи што ги објави Greenpeace – пришто консолидирани значи дека во еден текст се собрани предлозите/настојувањата на САД и на ЕУ.

Според објавеното степенот на несогласувања е преголем за да се очекува и релативно брз договор. Така е во секторот земјоделие, каде моќните лобисти жилаво ги бранат привилегиите на двете страни, било преку царински тарифи, било преку регулации … , што значи долги преговори за хормоните при товењето на американските телиња или за европското „географско потекло“.

Кај козметиката европските правила не дозволуваат клинички тестирања врз животни. Овој пример е парадигматичен за разликите во бизнис филозофијата на двете страни – европската регулатива инсистира на превентивен пристап, односно, во Европа за да се продава одреден производ претходно мора да биде докажано дека е безбеден; во САД на пазарот може да се појави производ или услуга, и таму да остане сѐ додека при употребата не се докаже дека е опасен/опасна.

Од тоа како ќе бидат „испеглани“ сите овие разлики ќе зависи дали ќе ги помине договорот сите филтри откако ќе го потпише Европската комисија – истиот треба да биде ратификуван од Европскиот парламент, од секоја од државите членки на Унијата, од Конгресот на САД.

Obama-i-Merkel-vo-HanoverДобитници и губитници од договорот

Ако преговорите се тајни, Европската комисија настојува придобивките од TTIP да бидат што појавни, и во контекстот објавува резултати од истражувања/оценувања на влијанието што договорот ќе го има откако ќе стапи на сила.

Текстилната индустрија, производството на моторни превозни средства, на пијалоци и на цигари, водениот транспорт и осигурувањето, се секторите од бизнисот во Европа кои најмногу ќе добијат од потпишувањето на TTIP. Губитници ќе бидат производителите на електрични машини, на обоени метали, на производи од железо и од челик, и некои делови од месната индустрија.

Во однос на европските држави, TTIP ќе биде најкорисен за Ирска и за Белгија, а најлошо ќе се одрази на Малта и на Полска. Ова го покажува истражувањето на консултантската компанија Ecorys објавено од Европската комисија, а кое е дел од актуелното оценување на ефектите од договорот.

Според истражувањето, потрошувачките цени во Европската унија ќе се зголемат за 0,3%, а просечната плата би требало да порасне за 0,5%. Ecorys не ги пресметал ефектите од намалувањето на нетарифните ограничувања во секторот на преработена храна, иако консултантската компанија смета дека тоа е значајно за да се процени користа од договорот за држави како Франција, Италија, Шпанија, Грција, Бугарија … Очекувањата се овие држави значајно да го зголемат извозот на овој вид храна во САД. Ecorys не направил пресметки имајќи предвид дека преговорите за овој сектор се сѐ уште во рана фаза.

Во пооптимистичко сценарио, што предвидува симнување на 100% на царините, 25% на нетарифните ограничувања и 50% од нетарифните ограничувања за јавните услуги, годишно БДП на ЕУ треба да расте за 0,5%, а на САД за 0,4%, во споредба со тоа каква би била ситуацијата без TTIP.

Притоа просечниот раст на приходите во ЕУ-домаќинствата се очекува да биде 0,4%, а во оние од САД 0,3%. Секако, врз база на овие резултати не може со сигурност да се зборува за ефектите од примената на TTIP, признаваат и од Ecorys. Се тврди дека сите домаќинства треба да имаат корист, но, најмногу оние на најбогатите, а најмалку на најсиромашните. Овие проценки се поради прогнозата дека вработените ќе имаат поголема корист од невработените и пензионерите, кои ќе се соочат со лесно зголемување, од 0,3%, на потрошувачките цени.

Интересно е што истражувањето на Ecorys дало резултат и дека цените во САД нема да се променат. А платите, како што кажавме погоре, во ЕУ ќе пораснат за 0,5% во просек; во САД за 0,4% кај нискоквалификуваните работници, и за 0,3% кај висококвалификуваните. Кај структурните промени се вели дека истите повеќе ќе ги засегнат нискоквалификуваните работници, зашто кај нив ќе има поголем притисок за промена на работното место.

Ако договорот се склучи, извозот на ЕУ ќе се зголеми за 8,2%, а увозот за 7,4%. Соодветните бројки за САД се раст од 11,3% кај извозот, а од 4,6% кај увозот. Значително ќе се зголеми двостраната трговија – ЕУ ќе извезува во САД за 27% повеќе, а САД кон ЕУ за 35,7% (повеќе).

Моментално најголеми царини во ЕУ има за увоз на преработена храна од САД, а Американците најмногу ги царинат минералите што доаѓаат од Унијата.Потешко оди преговарањето за нетарифните ограничувања поради нивните специфики за секој сектор. Но, секторската анализа по држави покажува дека со примената на TTIP најдобро ќе поминат европските држави кои веќе имаат интензивни трговски односи со САД, како Ирска, Германија, Белгија, Холандија, Велика Британија (ако остане во ЕУ – ако не, ќе се надева на склучување добар договор со САД).

За источноевропските држави Америка е поважен партнер за извоз на услуги, а не на стоки. Овие држави речиси не инвестираат преку Атлантикот, а американските инвестиции кај нив се важни.

Како што се спомена погоре, севкупно најмногу раце во Европа ќе се тријат од примената на TTIP во кожарската и во текстилната индустрија, производството на пијалоци и на тутун, кај моторните возила и облеката, поради конкурентската предност на ЕУ во однос на САД. Во овие сектори се очекува раст на производството од 1%. За разлика од нив, најпогодени ќе бидат производството на електрични машини (се очекува пад од 7,9%), потоа железото, челикот и обоените метали.

Во истражувањето на Ecorys се опфатени и неколку прашања што доминираат како спорни во дебатата за ефектите од TTIP. Во однос на трудовите права ЕУ има ратификувано 8 конвенции на Меѓународната организација на трудот, а САД засега само две. Според истражувањето Американците тешко дека ќе потпишат нови конвенции, но и покрај тоа, ЕУ предлага договорот да вклучува конкретни обврски за трудовите стандарди, соодветни на потпишаните конвенции од официјален Брисел.

Здравствената заштита во контекст на TTIP, која, исто така, е предмет на стравувања од европска страна, се разгледува низ призмата на симнувањето на царините што ќе доведе до раст на потрошувачката на цигари, на алкохол и на производи со шеќер, а ова најмногу би ги погодило домаќинствата со ниски приходи, вели истражувањето на Ecorys. Оттаму, сепак, забележуваат дека ЕУ-државите ќе имаат можност да применат мерки по сопствено видување за да ги ограничат ефектите од поголемата потрошувачка на ваков вид стоки. Во контекстот, иронично или не, се забележува и дека TTIP ќе има позитивен ефект врз цената на медицинската опрема, која ќе поевтини и за двете страни на договорот.

 

 

 

 


Почитувани за да продолжите со читањето треба да бидете претплатник

Доколку сте претплатник на kapital.mk, само логирајте се.

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×