Uber – случајот на кој светот покажува колку е зрел за новата „шеринг“ економија
Објавено на од во БАЛКАН-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

 Една од опциите за решавање на случајот Uber може да биде победа на традиционалниот над новиот бизнис модел – над „шеринг“ економијата. А може да се случи и обратното, при што и во овој случај може да биде направена штета ако бизнисите како тој на Uber не бидат принудени на одредени регулаторни и даночни обврски, односно ако државите покажат дека не можат да обезбедат рамноправност на сите учесници. Значи, најважното прашање е умеат ли државите да донесат решение што од една страна нема да ги запре новите бизнис модели, а од друга ќе гарантира подеднакви услови за сите компании кои работат на ист пазар?

 

Зад Uber, компанијата чија апликација може од секое приватно возило да направи такси, стои тежок период. А сѐ поактивни се истрагите против компанијата на Тревис Каланик во Европа од страна на регулаторите, а по барање на претставниците на традиционалниот (такси) бизнис. Неодамна во канцелариите на Uber во Амстердам имаше полициски претрес, а во Франција двајца од топ менаџерите на компанијата беа и на суд. Во регионот, во соседна Бугарија, Врховниот административен суд ја потврди забраната на Комисијата за заштита на конкуренцијата со која на Uber му е оневозможено да работи на софиските улици. Но, познавачите на пригодите сметаат дека е прерано традиционалните таксисти да ги тријат рацете по оваа прва победа против Uber. Како и да е, бугарската антимонополска комисија оцени дека Uber е нелојална конкуренција и во јули ја казни компанијата со 100 илјади евра (200 илјади левови). Жалбата на Uber, како што кажавме погоре, не помина на Врховниот суд.

„Врховниот административен суд оцени дека со утврденото од Комисијата за заштита на конкуренцијата е засегнат општествениот интерес, а имено – одржувањето на фер трговската практика во врска со барањата за вршење превоз на патници, што е непосредно поврзано со безбедноста на животот и на здравјето на граѓаните преку безопасен транспорт. Според судот нема пречки санкционираните од страна на Комисијата компании да ги реализираат планираните инвестиции во државата, но ако се во согласност со националното законодавство“, се вели во конечната одлука на судот. Од Uber индиректно, преку надворешна агенција за односи со јавноста, одговорија дека судот сѐ уште не се произнел околу нивната жалба против решението на Комисијата за заштита на конкуренцијата, и повторија дека „да се има повеќе избор (во такси превозот, н.з.) е од огромна корист за општеството во целина“. Во практика одлуката на судот не промени ништо – возилата во служба на Uber и понатаму се на услуга на клиентите во главниот град на Бугарија. На Комисијата, како што нејзини претставници објаснија за тамошниот печат, ѝ останува можноста да направи нов случај и да го казни Uber уште еднаш со споменатата највисока казна за нелојална конкуренција (100 илјади евра), но, после тоа ова тело не би имало овластување за понатамошна борба (ако компанијата продолжи да работи под истите услови).  Најпозната услуга на Uber е споделено патување која од традиционалната такси услуга се разликува само по тоа што комуникацијата меѓу возачот и клиентот се случува преку апликација. Затоа Uber се декларира како платформа за поврзување, а на такси превозник, со што ги избегнува регулациите за такси бизнисот и даноците.

 Само дигитална платформа или и превозник?

Како и секаде каде Uber се појавува на пазарот, и во Бугарија нападите врз компанијата од страна на традиционалната такси заедница почнаа веднаш по стартувањето на апликацијата (на Uber) во земјата. Во мај еден од најголемите софиски превозници ја обвини технолошката компанија за нелојална конкуренција. „Uber е школски пример за нелојална конкуренција. Врши такси дејност спротивно на законите на државата. Ако продолжат така, и ако за нив нема регулација како за сите останати, тоа не може да се нарече поинаку освен нелојална конкуренција“, изјави управител на една од најголемите компании за превоз во Софија. А критиките за Uber се дека компанијата регистрирана во Холандија не плаќа данок за дејноста во Бугарија. Таксистите реагираат и дека Uber овозможува такси услуга без да се сообрази со регулаторните одредби содржани во законите. Истите обвинувања против Uber се појавуваат во европските и во други држави од светот. И додека првото обвинување, за даноците, е издржано (Uber не издава сметки/фактури на клиентите – ја користи неактивноста по прашањето на бугарската Управа за приходи), второто го поставува прашањето дали не треба законите и регулациите да се менуваат така што ќе ги следат, ќе се адаптираат на условите што ги диктираат постојаните промени благодарение на новите технологии.

Случајот, пак, со Uber во Париз, e показетелен и привлекува меѓународно внимание со месеци. Прво дејноста на компанија беше прогласена за незаконска, но таа поднесе жалба и продолжи со работа додека чекаше судски одговор. Но, на почетокот на летото париските улици се наполнија со стотици, некаде и илјадници такси возила чии возачи протестираа. Околностите го натераа Uber да ги повлече своите возила во името на спокојот на градот. Во исто време двајца од високо позиционираните менаџери на компанијата се соочија со обвиненија по кои деновиве се појавија на суд, и добија одложување од пет месеци. Протести чиј повод беше Uber имаше и во Германија, во Шпанија и во Англија, а моментално најинтензивни се во Белгија. Во Германија откако судот ги забрани услугите на Uber, компанијата се прилагоди така што при повикот преку нејзината апликација стигнува возило од традиционалните таксисти, односно Uber работи партнерски со нив играјќи улога на нов дистрибуциски канал.

Една од опциите за решавање на случаите поврзани со Uber може да биде победа на традиционалниот над новиот бизнис модел – над „шеринг“ економијата. А може да се случи и обратното, при што и во овој случај може да биде направена штета ако бизнисите како тој на Uber не бидат принудени на прилагодувања, и ако државите покажат дека не можат да обезбедат рамноправност на сите учесници. Значи најважното прашање е умеат ли државите да донесат решение што од една страна нема да ги запре новите бизнис модели, а од друга ќе гарантира подеднакви услови за сите компании кои работат на ист пазар?

За конечна одлука за Uber во ЕУ ќе се чека 2016 година, кога судот на Унијата во Луксембург ќе пресече дали се работи за транспортна или за дигитална услуга со сѐ што тоа ќе значи за компанијата и за нејзината традиционална конкуренција. Од Uber тврдат дека се дигитална платформа која само ги поврзува возачите (кои сакаат да работат со Uber) со клиентите. Ако услугата биде прогласена за транспортна, таа секако ќе подлежи на построги правила за лиценцирање, за осугурување и за безбедност.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×