Управниот одбор на НЛБ Тутунска банка порачува: Нашата успешна приказна ќе продолжи
Објавено на од во Интервју

NLB 2НЛБ Тутунска банка прослави 30 години јубилеј од основањето. Овој јубилеј симболично беше одбележан и со смена на врвот во управувачкиот тим на Банката. Досегашниот долгогодишен директор на НЛБ Тутунска банка Ѓорѓи Јанчевски си заминува во пензија, а од Нова Година управувањето со Банката ќе го продолжат Антонио Аргир, кој е назначен за претседател на Управниот одбор заедно со Љубе Рајевски и Дамир Кудер како членови во Управата. Со директорот во заминување и тројцата членови на Управниот одбор на НЛБ Тутунска банка разговаравме за новата стратегија и целите во следниот период, за најголемите предизвици кои стојат пред Банката, македонската економија и банкарскиот систем како и за многу други интересни работи.

 

НЛБ Тутунска банка прославува 30 години од основањето. Ако треба да се издвојат неколку клучни работи како најголем успех на досегашното работење на Банката кои би биле тие?

 

Јанчевски: Јас веќе кажав на прославата на нашиот јубилеј, најголемиот успех е што создадовме традиција на банка која ќе трае. Ние успеавме да направиме модерна банка, систем што беспрекорно функционира, да внесеме новини и позитивна енергија во македонскиот банкарски систем. Изградивме корпоративна култура и наши квалитетни кадри кои се гаранција дека нашата успешна приказна, која трае 30 години, ќе продолжи.

Може да кажам дека по основањето во 1985 година, прв голем успех беше што во 1993 година се трансформиравме во акционерско друштво кое доби лиценца од НБРМ да работи како комерцијална банка од универзален тип и тука почна банкарската приказна. Тоа беа години кога тутунските компании доминираа во портфолиото на Банката, но некаде од 1996 година одлучивме да ја промениме стратегијата и од доминантно корпоративна банка се пренасочивме кон малите и средни претпријатија, микробизнисот и населението, во кои препознавме сегмент со голем потенцијал за раст. Во 2000 година склучивме стратешко партнерство со НЛБ д.д. Љубљана и станавме членка на НЛБ Групацијата. Во овој период направивме целосен подем на Банката, билансната сума е зголемена на над 1 милијарда евра, направивме профит од над 100 милиони евра, изградивме мрежа на 50 експозитури, изградивме системи за електронски плаќања, имаме над 600 илјади клиенти, над 800 вработени и што е најважно успеавме да одржуваме континуиран раст и развој.

 

Што можеше да биде направено повеќе и подобро за овие 30 години? Во каква состојба е сега Банката и колкав потенцијал има да ја поддржи македонската економија?

 

Рајевски: Секогаш може и повеќе и подобро. Ако не е така, немаше да има развој. Ние со секоја нова деловна стратегија утврдувавме нови цели за Банката, многу поамбициозни од претходните, усвојувавме нови технологии на работа, нови методи… Тоа  е дел од формулата за успехот.

Банкава во моментот има потенцијал од над 1 милијарда евра средства, од кои 873 милиони евра се депозити кои се на располагање за кредитирање заедно со 70 милиони евра кредитни линии. Од расположливите средства, моментално 361 милион евра се вложени кај претпријатијата, а 393 милиони евра кај населението. Ние учествуваме со 15% во кредитирањето на претпријатијата во Македонија и со 20% кај населението што значи сме значајно инволвирани во поддршка на македонската економија. И во следниот петгодишен период Стратегијата е насочена кон активна поддршка на малите и средни претпријатија, микробизнисот и населението, како преку финансирање на проекти така и преку советодавни услуги за клиентите.

 

Колку и како влезот на словенечката НЛБ помогна за развојот на Банката?

 

Кудер: Влезот на НЛБ значеше многу за развојот на НЛБ Тутунска банка, бидејќи ни се отворија границите кон европските банкарски пракси. Преносот на знаење и технологија, како и искуството кое НЛБ како банка го создаваше со долгогодишното работење ни овозможија многу брзо да го збогатиме портфолиото со нови продукти и услуги особено за населението, и да се одвоиме од другите како иновативна, ефикасна и банка од современ тип, која на клиентите им нуди нешто поразлично. Не можам, а да не ги споменам и праксите во делот на управувањето со ризиците кои ни помогнаа многу,  навремено да изградиме современ и функционален систем за надзор и управување со ризиците, да го развиеме Кеш центарот кој е единствен од ваков тип во Македонија, да изградиме организациона структура од современ тип. Во последниве години по кризата особено голема помош и стручност добивме во делот на организирање Intensive Care сегмент во Банката кој се грижи за  клиентите кои доцнат во отплатата на доспеаните обврски спрема Банката. Овој сегмент има улога преку најразлични мерки, како на пример реструктурирање на пласманот, изготвување стратегии за намалување на изложеноста кон Банката, советодавни услуги како да се излезе од неликвидноста и изнаоѓање клиенти за купување на дел од обезбедувањата, да им помогне на клиентите да се справат во проблемите и да ја подобрат нивната ликвидност и солвентност.

 

NLB 1Овој јубилеј симболично се одбележува и со смена во менаџерскиот тим кој ќе ја управува НЛБ Тутунска банка во следниот период. Кои се целите кои си ги поставува новиот тим на среден рок? Во која насока ќе продолжи да се развива Банката?

 

Аргир: Целите на Банката се определени во Стратегијата на Банката за следниот петгодишен период и се насочени кон се поголем фокус на сегментот микро, мали и средни претпријатија и населението, кон инвестирање во дигитални технологии кои ќе овозможат брз и лесен пристап до услугите во Банката, кон одржување на стабилноста, солвентноста и профитабилноста на Банката, кон креирање добра и стимулативна работна средина во која вработените ќе се чувствуваат како значаен дел на тимот кој ја реализира поставената стратегија и ќе ги дадат најдобрите резултати како за Банката, така и за нивниот кариерен развој.

Имајќи предвид дека Банката се повеќе се насочува кон сегментот банкарство на мало, односно кон сегментот население, мали и средни претпријатија и микробизнисот, во иднина развојот ќе оди во правец на се побогата понуда на продукти и услуги специјализирани за одделни подсегменти од пазарот, кон обезбедување небанкарски продукти како што се животното осигурување, неживотното осигурување, доброволно пензиско осигурување, продукти кои се базираат на новите дигитални технологии како што се безконтактните плаќања, развој на електронските платни сервиси (е-банкинг, м-банкинг), развој на лојалти шемите со трговската мрежа, издавање кобрендирани картички во соработка со наши клиенти правни лица каде може да се искористи синергијата од деловното партнерство (B2B), продажба на продукти на трети лица преку деловната мрежа.

Интензивно работиме на развој на услугите за нерезидентите правни и физички лица кои работат во Македонија, но и на развој на продукти за наши државјани кои работат во странство било преку Интернет или со престој во други држави, а сакаат парите да ги вложат во Македонија. Овој сегмент е мошне интересен за нас, имајќи предвид дека Македонија се повеќе се интегрира со светскиот пазар, се повеќе странски фирми инвестираат и работат тука, а и се повеќе наши луѓе работат во странство.

За да може оваа богата понуда на продукти и услуги правовремено, брзо и ефикасно да биде достапна на една широка маса клиенти и притоа да биде персонализирана спрема профилот и потребите на секој поединечен клиент, Банката планира значителни инвестиции во набавка на софтверски решенија, како што е на пример проектот CRM коj ќе ни овозможи брз и целосен преглед на профилот на еден клиент, продуктите кои ги користи и афинитетите  кои ги има, како и инвестиции во развој на продажните канали, како електронските (webпристап, Call центар) така и традиционалниот канал  -  деловната мрежа која планираме во следниот период да ја прошириме со дополнителни експозитури, но и да ги трансформираме експозитурите во продажни и советодавни места за клиентите.

 

NLB 3Кои проекти и сектори НЛБ Тутунска банка ќе ги поддржи и кредитира во следниот период?

 

Рајевски: Во следниот период Банката ќе биде насочена кон кредитирање на стопанството и тоа првенствено ќе се фокусира на малите и средни претпријатија и микробизнисот, бидејќи кај нив гледаме и најголем развоен потенцијал. Во поглед на индустриите и секторите, кај Банката се застапени компании од сите индустрии кои почиваат на органски раст на пазарот, не се шпекулативни ниту, пак, базираат на високоризични берзански ресурси. Во последно време од посебен интерес се сегментите на производство на енергија од обновливи извори и проекти на енергетска ефикасност, земјоделството, транспортот на добра, преработувачка индустрија и ИТ развој на софтвер.

Во поглед на кредитирање на сегментот население, продолжуваме со финансирање на комерцијалните потреби на населението преку понуда на најразлични видови потрошувачки кредити, кредити преку картички како и инстант кредити, а во голем дел фокусот останува и на станбеното кредитирање односно кредити за купување или за изградба на домови на граѓаните.

 

Каде ги гледате најголемите предизвици со кои ќе се соочат НЛБ Тутунска банка и македонската економија во следниот период?

 

Јанчевски: Растот на стопанството, растот на приватната потрошувачка на домашни производи и притисокот од вишокот на штедење се главните предизвици со кои ќе се соочи македонската економија и банките кои работат тука, бидејќи банките имаат значаен удел во економската активност. Трендот на ниски каматни стапки, поради ниската економска активност, и глобално и кај нас, како и акумулирањето на огромни вишоци на средства кои стојат неискористени ќе потрае и следната година поради што ќе биде мошне важно банките да најдат начин и канал, дали преку надолно ревидирање на риск апетитот или преку поголемо инволвирање во финансиски консалтинг за компаниите кои имаат идеја за бизнис, а немаат знаење и пари, да ги пласираат тие средства во економијата и да покренат нов инвестициски циклус.

Како прогнозирате дека ќе се развива ситуацијата со неликвидноста и несолвентноста во македонската економија, посебно во услови кога многу компании имаат проблеми со намалени приходи и тешка наплата, и имаат потреба главно од обртни кредити, кои банките, пак, од друга страна ги гледаат како ризични клиенти? Како може да се надмине оваа ситуација?

 

Јанчевски: Состојбата со компаниите по глобалната финансиска криза е далеку полоша од пред кризата и тоа е сосема јасно ако се има предвид дека кризата ги затекна компаниите во фаза кога многу од нив имаа земено кредити за проширување на производството, за набавка на нови машини и технологии, за нови извозни договори, за освојување нови пазари. Кризата беше удар за нив и за банките кои се јавуваат во улога на финансиери.

Ние како банки се обидовме да ја релаксираме оваа ситуација со тоа што кај поголем дел од фирмите кои се најдоа во вакви потешкотии им ги намаливме трошоците за камата и им го пролонгираме рокот на враќање на кредитите. Многу компании успеавме да ги спасиме од банкрот, но има и такви кои се уште имаат големи проблеми. Но, не се откажуваме. Банката и понатаму ќе нуди финансиска поддршка за компаниите без оглед дали се бараат обртни или трајни средства, бидејќи само преку работа на компаниите може да се надомести она што е изгубено во кризата.

 

Во услови кога банките во Македонија имаат и преголема ликвидност, а компаниите им се премногу ризични за кредитирање каде гледате простор за остварување на поголем раст?

 

Аргир: Во моментот, како што и податоците за банкарскиот сектор покажуваат, простор за поголем раст има кај населението. Од почетокот на годината порастот на кредитите на населението е 10,1%, наспроти компаниите каде растот е 1,4%. Кај Банката ситуацијата е слична, растот на кредити на население е 12,8%.

Очекувам дека следната година ситуацијата на пазарот ќе биде слична на оваа и дека ќе имаме поинтензивен раст во сегментот население, особено во делот на станбеното кредитирање, како и кај микробизнисот (мали понови фирми) кој во себе носи развојна компонента и голем потенцијал за успех на пазарот. Станува збор најчесто за фирми кои тргнуваат од идеи, кои наоѓаат сегменти од пазарот што не се покриени со услуги и продукти, кои ги следат потребите на потрошувачите и најчесто успеваат многу брзо да се наметнат. Во тој брз раст и развој на таквите фирми им треба не само стручна финансиска помош, туку често пати и советодавна помош како да го развијат бизнисот и од микро-фирма да оформат претпријатие, бидејќи најчесто станува збор за млади луѓе кои немаат искуство со водење бизнис. Ваквите микро-фирми се креатори и на нови работни места дали преку самовработување или преку вработување со искористување на поволностите кои ги нуди државата за овој тип на претпријатија, и тука ние го гледаме потенцијалот на пазарот кон кој ќе го насочиме во голем дел фокусот на нашата стратегија во следниот период.

 

Како политичката неизвесност се одразува врз работењето на НЛБ Тутунска банка и банкарскиот сектор и економијата? Дали компа-ниите ги одложуваат планираните инвестиции и проекти?

 

Јанчевски: Секоја криза го одлага или забавува инвестирањето бидејќи инвеститорите сакаат сигурност за поврат на средствата и релаксиран амбиент за бизнис. Одлагање можеби на некои проекти кај домашните компании има, но јас многу повеќе би рекол дека политичките кризи влијаат на одвлекување на фокусот на бизнисот и населението од пазарот, а пазарот е тој што може да Ви даде идеја каков бизнис може да водите, какви иновации може да понудите, кои сегменти може да ги покриете со своите производи
и да остварите профит.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×