УСАИД и Стартап Македонија ги открија недостатоците во македонскиот стартап екосистем
Објавено на од во Start-up

Startup za otvaranjeПрво сериозно мапирање на домашната стартап сцена

Додека 75% од стартап компаниите во земјава имаат недостиг на знаења за продажба, само 35% од организациите формирани за нивна помош нудат ваков тип на поддршка, покажува првото големо истражување на македонскиот стартап екосистем спроведено од “Стартап Македонија“ со поддршка на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем. Главните проблеми што ги идентификуваше истражувањето се ниската ефективност на услугите кои компаниите ги добиваат од организациите за поддршка на стартапи, јазот помеѓу потребите на компаниите и услугите што организациите ги нудат, недостигот на заедничка развојна рамка и недоволна соработка меѓу чинителите во екосистемот.

 

Македонскиот стартап екосистем мора да зајакне за да може да се натпреварува со стартапите од ЕУ. Можности за раст постојат, но прво мора да се подобри отворениот дијалог помеѓу самите стартапи и организациите за нивна поддршка, е генералниот заклучок на првото мапирање на домашната стартап сцена.

start up 1Пред неколку денови во Скопје беа презентирани резултатите од истражувањето за состојбата на стартап екосистемот во Македонија, спроведено од Стартап Македонија, со поддршка на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем. Истражувањето се базира на методологија од Startup Commons, интернационална организација која гради стартап екосистеми во Естонија, Канада, Малезија и други земји.За целите на истражувањето, од јануари до април 2018 година беа интервјуирани 65 стартап компании и 20 организации за поддршка на стартапи – инкубатори, акцелератори, тренинг центри, итн. Главните проблеми што Стартап Македонија ги идентификуваше со истражувањето се ниската ефективност на услугите кои компаниите ги добиваат од организациите за поддршка на стартапи, јазот помеѓу потребите на компаниите и услугите што организациите ги нудат, недостигот на заедничка развојна рамка и недоволна соработка меѓу чинителите во екосистемот.

„Како што мапирањето на екосистемот покажа, и покрај големиот потенцијал на стартапите во Македонија, овдешното опкружување не е најадекватно за нивниот раст“, вели Мирјана Македонска, директор на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем. Таа смета дека фрагментираниот екосистем прави услови во коишто компаниите имаат тешкотии кон пристапот до финансии, додека пак инвестициските фондови тешко успеваат да ги идентификуваат стартапите кои стигнале до доволна фаза на развој.

„После ова мапирање, евидентна е потребата од адекватни услови во поглед на менаџирање, продажба и пристап до финансии. Но, и покрај сите недостатоци, постоењето на можности за подобрување на екосистемот е доволна мотивација за понатамошна работа на сите засегнати чинители, вклучувајќи го и Проектот“, истакна Македонска.


startup-7Недоволна поддршка за лансирање продукти на пазарот

За илустрација на јазот помеѓу побарувачката и понудата на услуги, истражувањето покажа дека додека 75% од стартап компаниите имаат недостиг на знаења за продажба, само 35% од организациите нудат ваков тип на поддршка. Понатаму, 80% од организациите нудат менторски услуги, што пак го бараат само 11% од стартап компаниите. Во однос на спремноста за инвестиции, организациите за поддршка ги оценуваат стартапите со 2,55 од 5, што означува ниска спремност, која пак е дополнително поддржана од податокот дека 66% од организациите го идентификуваат финансирањето како главен предизвик за раст на нивниот бизнис. Половина од анкетираните стартап компании сметаат дека нема доволно соработка во рамките на екосистемот, додека пак 80% од организациите за поддршка нудат услуги за “вмрежување и соработка“.

“Истражувањето ни покажа дека екосистемот не обезбедува доволно поддршка за стартапите што се посветиле на лансирање продукти на пазарот. Едукацијата е извонредна работа, но вистинската експертиза доаѓа од искуството на менаџирање со продукти врз основа на фидбекот од корисниците“, рече на промоцијата на истражувањето, Виктор Дано, ко – основач на Стартап Македонија и еден од авторите на анализата.

Тој додаде дека повеќето организации за поддршка на стартапите нудат всушност поддршка во најраната фаза на креацијата на идеите или тимовите, но сепак ретки се стартапите што успеале да лансираат продукт, а и тие што го направиле тоа се мачат со прилагодување кон пазарните услови.

„Видете го само фактот што речиси половина, или 47% од анкетираните стартапи учествувале во некаква програма за инкубација или акцелерација. Но, по завршувањето на програмата, само 15% од нив креирале производ или услуга, додека едвај 10% добиле нови клиенти.“, потенцира Дано.


startup-5Митот за малите пазари

Споредувајќи го стартап екосистемот на Македонија со соседните и ЕУ земјите со слична големина, истражувањето дојде до заклучок дека државава заостанува во поглед на бројот на стартапите зад една Хрватска, Словенија, а да не зборуваме за балтичките републики Литванија, Латвија и Естонија коишто со по 1,5 – 2 милиони жители имаат по неколку илјади стартапи.

При мапирањето на домашниот стартап екосистем од Стартап Македонија изјавија дека идентификувале едвај 65 – 70 стартапи што го исполнуваат всушност условот да влезат во оваа категорија на компании.

„Се разбира дека оставаме простор да сме пропуштиле некого, еве нека бидат стотина компании најмногу, што сепак е премала бројка за овој пазар. Стартап не може да биде било која микрокомпанија, ние се водиме од некои меѓународно прифатени премиси за тоа што значи стаертап: тоа е новоформирана компанија со силен потенцијал за раст и скалабилен бизнис модел, којашто развива иновативен производ, услуга или процес“, објасни Виктор Дано од „Стартап Македонија“.

Во истражувањето се заклучува дека добро е да се има голем волумен на идеи во едно општество, но создавањето на нови продукти е она кај што стартап екосистемот мора да се подобрува. Со тоа ќе се зголемува и иновативноста во многу индустриски сектори. Понатаму, ако според официјалната статистика, годишно во Македонија дипломираат преку 10.000 студенти, од коишто 2.000 се магистрирани или специјалистички студии, тоа е значителен извор на таленти што може да се мотивираат да бидат основачи или пак дел од тимовите во некој стартап што создава иновативни продукти.


Мапирањето на стартап екосистемот е прв чекор

Стартап Македонија е асоцијација основана пред неполни две години по моделот на другите стартап здружувања ширум светот. Основана е од група претприемачи, експерти, акцелератори и инвеститори со желба да создаде конкурентна заедница на иновативни бизниси кои ќе имаат поддршка и знаење да се натпреваруваат со регионалните и европските стартапи.

Меѓу целите на Стартап Македонија е да поттикне култура на иновации;да креира дата база на стартапи, ментори и експерти кои ќе споделуваат знаење; да креира средина каде ќе се разговара отворено за проблемите и решенијата, и заедно ќе се работи кон поголема иновативност; да ги идентификува проблемите, решенијата и елиминација на бариери кои го ограничуваат развојот на стартапите во Македонија; и да ја подобри правната регулатива која се однесува на стартапите и зголемување на атрактивноста за инвеститори надвор од земјава.
Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем (USAID BEP) има цел да ја зајакне конкурентноста на микро, малите и средните компании (ММСП) во Македонија преку подобрување на деловните услуги, финансирањето и пазарните врски. На тој начин треба да се поттикне порастот на продуктивноста и вработувањата во ММСП. Со цел подобрување на системските услови за работа на бизнисите, Проектот соработува со организации од стартап сферата во идентификување и подобрување на недостатоците присутни во македонското деловно опкружување. Ова мапирање на домашниот стартап екосистем претставува првиот чекор од заложбите на Проектот за креирање на стартап екосистем кој овозможува раст на продуктивноста, приходите и работните места во Македонија.

Во рамки на проектот “Поврзување на македонскиот стартап екосистем“, луѓето од Стартап Македонија разговараа со 65 стартапи, меѓу кои Solveo, Microtica, Modular, Bastet Noir, Inplayer, Embed Social, Teachhoot, Smart Bumps, Vision

startup-9Dynamix, Envice, Systems for Enterprise, Brainster, Letz, Gordian Systems, Ice Technology,When in X, Moj Vozduh, Adaptive Scale, Vapour Aps, Clicon, X3M, E2, Gentlight, Claxi, BikeComputer, Opfolio, Cognism, HAS Inzenering, Kamai Media, Buzz, Rezerviraj.mk, Final Frontier Games, Audified Reality, Slice, GG.mk, Wow Box, AutoProductivity и др.

Дваесетината организации за поддршка на стартапите вклучени во истражувањето се: Social Innovation Hub, Организацијата за социјални иновации “АРНО“, Развојната Асоцијација Стартап Зона Охрид, South Central Ventures, Технолошкиот парк при Универзитетот на Југоисточна Европа Тетово, Македонија 2025, Иновацискиот центар на Град Скопје – СкопјеЛаб, Едукативен центар Сеавус, Стартап Академија, Crimson Capital, Факултетот за информациски и комуникациски технологии, Фондот за иновации и технолошки развој, CEFE Macedonia, Swiss EP, SEAF, CEED Hub, World Business Angels Investment Forum, CEED Business Angels Club, Business Angels of Macedonia – I2Ban и Social Impact Lab.


Препораки за зајакнување на стартап екосистемот

  1. Употреба на заедничка рамка за идентификација на нивото на развој на стартапите
  2. Фокус на развивање услуги за развојните фази каде што се најпотребни
  3. Подобрување и диверзификација на кадарот во стартап компаниите
  4. Прибирање на повратни информации за креираните производи или услуги
  5. Креирање на програми со јасни цели за стартап компаниите
  6. Зголемување на почетниот капитал вложен во стартап компаниите

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×