Успехот не се мери само според тоа колку цифри има профитот
Објавено на од во Интервју
Јованка Јолеска Поповска, генерален директор и член на Управен одбор на ПроКредит банка

ПроКредит Банка е специјализирана банка за мали и средни претпријатија и работи успешно и профитабилно повеќе од една деценија во Македонија. Минатата година оваа банка ја заврши со пораст на кредитното портфолиo од 15%, и добивка од 3,7 мил. евра. За тоа што значи да се биде жена на чело на една од најуспешните банки во земјава, разговаравме со претседателот на Управниот одбор на ПроКредит банка Македонија

1. Какви резултатите од работењето постигна Прокредит банка минатата година, колку сте задоволни од остварениот успех?
ПроКредит Банка е специјализирана банка за мали и средни претпријатија и работи успешно и профитабилно повеќе од една деценија во Македонија.
Минатата година ја завршивме со пораст на кредитното портфолиo од 15%, и добивка од 3,7 милиони евра. Дополнително: најголемиот пораст во кредитирањето беше остварен во секторот производство – кој оваа година го надмина секторот трговија, кредитиравме мали и средни претпријатија од секторот прехрана, земјоделие, производство на мебел, кои со кредитите го проширија својот бизнис и создадоа нови работни места.
30 млади банкари ја завршија програмата и заслужија да бидат дел од тимот, 10 вработени успешно завршија Академија за банкарски менаџмент, 34 се обучија на специјалистички курсеви во земјата и странство.
Инвестираме во модернизирање на експозитурите, ги подигаме стандардите за квалитет на услуга кон клиентите, воведовме Зона 24/7 во 7 експозитури, со автоматски услуги кои се на располагање 24 часа за нашите клиенти.

2. Колку успесите на банката се заслуга на првите луѓе во Управниот одбор, а каква е улогата на останатите вработени и воопшто на фактот што сте член на една моќна регионална институција ?
Тоа што ПроКредит Банка е дел од силна меѓународна групација која работи во регионот, и која има Централа во западноевропскиот финансиски центар Франкфурт, Германија, носи многу придобивки за менаџментот и за вработените преку врвната банкарска технологија, регионална разменана знаење искуство и поголем избор на решенија..
Како единствена регионална банка, преку присуството и интензивните релации со другите колеги од сестринските банки во Србија, Албанија, Косово и Бугарија организираме регионални средби кои им овозможуваат на нашите клиенти да се престават на соседните пазари и да воспостават контакти, што е од клучна важност за развојот на еден бизнис.
Оттука би рекла дека тимот на вработени ги реализираат успесите на банката, нивната синергија, соработка и стремежот секогаш да постигнат повеќе. Управниот одбор се само лидери и мотиватори со цел да го дадат потребниот стимул за да се развива една организација.

3. Во менаџментот на Прокредит банка доминираат жени. На што се должи ова? Колку фактот дека има голема застапеност на жени во управниот одбор придонесува за подобри резултати и подобро управување со Прокредит Македонија?

Доминацијата на жени во менаџментот е сосема случајна и е резултат на отвореноста на акционерите односно институцијата да им даде шанса на оние кои се вредни, храбри, одговорни, амбициозни и најважно со високи етички стандарди, да се развиваат и напредуваат во кариерата.

Сите менаџерски структури во банката се развиваат интерно во рамките на институцијата. Соодветно на тоа и ние како членови на Управен одбор сме биле вработени во банката од нејзиното основање и сме се развивале во рамките на институцијата.
Во ПроКредит Банка политиката за човечки ресурси е таква што нема предрасуди според полот на вработените, наспроти тоа критериумите се квалитет, амбиција, желба за учење. Наша работа е само да согледаме талент во вработените и да го охрабриме да напредува.

4. Дали фактот дека сте жена ви помага или одмага кариерата и во управувањето со банката? Што значи да се биде жена на чело на една банка во пракса?

Работата носи многу предизвици а јас сакам предизвици. Жените се издржливи, љубопитни, сензитивни, и спремни да се соочат со се она што работата го носи.

Да се биде на чело на банка како ПроКредит Банка, значи да се биде на чело на добар тим на луѓе кои ја услужуваат најпродуктивната група на клиенти – лица професионалци и бизнис претпријатија. Тоа значи да се излезе во пресрет на една брза динамика, добра организација, загарантирана респонзивност, висок квалитет и високи цели.

5. Како ги оценувате условите за водење бизнис во земјава, се чувствува ли поповолен ветар во реалниот сектор?

Работиме во земја со мал пазар, во отежнати економски услови и политичка неизвесност. Тоа не е новина за бизнисот.
И минатата година, и сега има поголем оптимизам и одлучност да се влезе во инвестиции. Добрите бизниси умеат да ги исцрпат сите бизнис можности и на домашниот пазар, но и регинално, со цел самите да си обезбедат стабилност и позитивно опкружување за развој на бизнисот.

Joleska-Popovska-Prokredit-02

6. Кои се предностите што ги има Прокредит банка пред останатите банки во земјава, каква е вашата стратегија за освојување на клиентите?

Предностите се неколку: единствена специјализирана банка за секторот на мали и средни претпријатија во Македонија, банка со силно регионално присуство, модерна и иновативна.

Како банка со 100% германски капитал и германски принципи во работењето, строго се придржуваме до принципот на одговорно банкарство, принципи и вредности во начинот на работа со клиентите.

Вработените имаат централна улога во услугата. Нашата кредитна технологија налага индивидуален пристап и добро разбирање на бизнисот и индустријата на клиентот како и неговите потреби со цел содветно структурирање на неговите кредитни услуги.

Тоа е принцип на работа, кој заедно со високо обучени вработени во доменот на кредитна анализа, ни овозможува да имаме најквалитетно кредитно портфолио. За тоа воедно имаме и константна потврда од меѓународната агенција Fitch, Лондон последниве 5-6 години.

Рејтингот со оценка БББ-, е највисоката оценка која може да ја има една банка во Македонија, а ПроКредит Банка е единствената банка со таков рејтинг – освен што претставува потврда за резултат на најквалитетно кредитно портфолио на ниво на банкарски сектор, е потврда и за солидната капитална адекватност, високиот степен на ликвидност и добрата поддршка од нашите акционери.

Уште една предност е модернизацијата. Тука направивме голем чекор во насока на подобрување на квалитетот на услугата која ја нудиме на нашите клиенти. Сега сме единствена банка која воведе Зони кои работат 24/7 и кои претставуваат составен дел од нашите експозитури. Во зоните 24/7, нашите клиенти во секое време можат самостојно да вршат уплата и исплата на готовина, печатат изводи, прават електронски трансакции со избор на автомати кои ги имаат на располагање.

7. Има ли амбиција Прокредит банка да заземе поголемо учество во банкарскиот систем? Какви се вашите идни планови и очекувања?

Да дефинитивно. Во Македонија, ПроКредит е единствената специјализирана банка за продуктивните бизниси и тоа не прави поразлични од другите банки со универзална ориентација. Наша цел е, пред сè, да имаме стабилен и квалитетен долгорочен раст. Во досегашното работење бележиме одлични резултати во работењето, а плановите за 2015 година ни се да растеме со приближно иста стапка на раст, од 15%.

8. Што сметате за Ваш најголоем успех во кариерата додека сте на чело на Прокредит банка?

ПроКредит во Македонија бележи доста успешни години зад себе, но успехот не се мери само според тоа колку цифри има профитот. Мојот личен успех се остварените цели и планови, задоволните и мотивирани вработени, и секако задоволните клиенти.

9. Кој би бил вашиот совет за жените за успех во бизнисот и за успешна кариера?

Самодоверба, амбиција и постојано учење, сериозна посветеност кон потребите на клиентите, градење и инспирирање на тимот со кој работите.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×