Венко Филипче: Засега добро се држиме!
Објавено на од во Интервју

viber_image_2020-04-15_15-59-00ВЕНКО ФИЛИПЧЕ

министер за здравство

 

Министерот за здравство, Венко Филипче во интервју за „Капитал“ оценува дека најголем проблем во битката со коронавирусот е наглото, а фатално влошување на состојбата кај болните, кое е неверојатно брзо и никако не може да се предвиди
„Подготвени сме да воведеме и нови протоколи на лекување“ вели тој.
Министерот зборува и за процесите на тестирање, состојбата во болниците, подготвеноста на кадарот, стапката на смртност и очекувања за развојот на кризата.

 

 -Со сите аспекти на кризата ставени на маса, како досега ја цените македонската битка со Ковид – 19 и што најмногу Ве загрижува, која алка од системот? 

Задоволен сум како нашиот здравствен систем одговара во справувањето со КОВИД-19. Секако уште со почетокот на кризата во Кина почнавме да воведуваме заштитни мерки. Иако се чинеше далеку, беше сосем јасно дека вирусот може многу брзо да се прошири и во други делови во светот, што се покажа така. Вирусот не заобиколи ниту една држава и ниту една не успеа да ги заштити своите граници од Ковид-19, а СЗО прогласи пандемија.

Ние ја поставивме нашата стратегија уште во јануари, кога бевме една од ретките земји која имаше термални камери на аеродромите за патниците кои доаѓаа од високо-ризичните подрачја. Потоа ја проширувавме контролата на аеродромите, воведовме контрола на сувоземните премини, задолжителна самоизолација за оние кои доаѓаа од странство, па државен карантин и уште низа други активности кои одеа во насока на превенција на ширење на вирусот. Паралелно го подготвуваме здравствениот систем, медицинските лица, капацитетите со кои располагаме.

Но, во вакви услови, ниту една стратегија не е функционална ако истата не се прилагодува согласно актуелните случувања кои можат да бидат крајно непредвидливи, но и согласно препораките на СЗО, позитивните и негативни искуства на другите земји.
Секако голем удел во справувањето со коронавирусот имаат и сите мерки носени „во од“ од страна на Владата, а по препорака на Комисијата за заразни болести.

Сметам, дека благодарение на сето ова, ние досега сосем добро се носиме со епидемијата, наспроти најпогодените земји во Европа кои, за жал, се соочија со црни сценарија.
Во услови на епидемија, оваа па и било која друга, најважно од се е растот на бројот на заразени да е линеарен, а не да дојде нагло, како што се случуваше во Италија, што практично ги затрупа болниците на почетокот од епидемијата. Ние имплементиравме модел учејќи од искуствата на другите земји, пред се’ од примерот на Германија.

Бројот на пациенти нашиот здравствен систем засега одлично го амортизира и сметам дека оваа стратегија на комбинација на домашно лекување на пациентите со блага клиничка слика и хоспитализација на оние на кои им е потребна, е многу добра. Нашите болнички капацитети предвидени за згрижување пациенти заболени од КОВИД-19 имаат уште многу места.

Но, ќе повторам, во услови кога се борите со вирус, состојбата може да биде непредвидлива. Разгледуваме и други стратегии за црни сценарија, но во моментов не ни се случува најголемиот страв, а тоа е да имаме огромен број пациенти кои нема да можеме да ги примаме во нашите болнички капацитети предвидени за ова.

 

 

Најголем проблем околу вирусот е наглото влошување на состојбата кај болните

-Во однос на самата болест, што најмногу Ве изненадува кај овој коронавирус? Кое негово однесување е најголем проблем?

Самиот вирус е една огромна непозната за целиот свет. Буквално се учи нешто ново од ден во ден, и будно ги следиме сите еминентни научни и клинички студии за КОВИД-19. Она што го читаме од стручните студии и она што го гледаме што се случува кај нас е неверојатната брзина со која, на некои пациенти, им се влошува состојбата предизвикана од Ковид-19. На наглото влошување не е имун никој. Иако најголемиот дел од случаите на коронавирусот поминуваат со благи и умерено благи симптоми, па дури и асимптоматски, непредвидливото и брзо влошување на состојбата кое доведува до фатален исход е она што ги збунува медицинските лица во целиот свет. Иако поподложни на фатален исход се постарите и лицата со корморбидитети, фатален исход има и кај помладите. Тоа што се уште нема вакцина за вирусот и што се уште трае потрагата по најсоодветна терапија е најголемиот проблем во третманот на пациентите. Затоа и се воведуваат рестриктивни мерки – да се запре ширењето и пренесувањето на вирусот, да имаме помалку заболени, а со тоа и помалку смртни случаи. Верувам дека веќе сите се свесни дека е од исклучителна важност да се почитуваат мерките – да се остане дома, да не се мешаат повозрасните групи кои се ризични со помладите кои немаат симптоми, а најчесто се преносители, да се одржува хигиена, да се одржува безбедно растојание, сите групи кои може да бидат во контакт со заболени лица да носат лична заштитна опрема. Само ако секој од нас ги почитува овие мерки, тогаш сите заедно ќе придонесеме за сузбивање на оваа криза.

-Велите дека брзото влошување е она што најмногу загрижува. Но, се’ уште има многу непознаници околу овој нов вирус, меѓу другото и во врска со неговото пренесување. Во последно време од различни земји излегуваат различни студии, од американски научници дека на пример се пренесува дури и преку дишење бидејќи останувал во аеросоли во воздухот, или пак германски кои велат дека е невозможно да се пренесе дури и при купување во супермаркети и сл. Какви се нашите искуства од заболените, колку е навистина така лесно пренослив?

Има многу податоци и сознанија, претпоставки, а и некои докази, но се‘ уште се утврдува на кои се начини може да се пренесе вирусот. Сo сигурност по капличен пат, но и со нечисти раце. Некои податоци говорат дека вирусот останува на површините, на рапава површина 3-4 часа, на мазна површина до 8 часа, а и дека останува на обувки.

Во однос на вирулентноста нашите искуства се различни. Имаме пример од првата потврдена заболена пациентка во нашата земја која повеќе од 20 часа се возеше во комбе, мал простор со повеќе лица и никој од тие лица не заболе од тој контакт, и го имаме пример со кластерот од Дебар каде се заболеа повеќе лица и по пократкотрајни контакти. Вирусот е пренослив и тоа е факт. Затоа треба  максимално да се штитиме, да ги почитуваме мерките и препораките за превенција од заболување.

Здравствените работници, полицајците, вработените во маркети, сите кои може да бидат во контакт со заболени лица мора правилно да носат лична заштитна опрема за да се заштитат себе си и останатите. Почитувањето на мерките, одржувањето на дистанца, хигиената и правилното користење на заштитна опрема до сега се покажа дека дава резултати во заштитата од инфекција.

Насловна1Подготвени сме да воведеме и нови протоколи на лекување

-Околу лекувањето, какви се првичните резултати од експерименталните лекови што претходно се користеле против ХИВ, маларија, кај заболените од Ковид – 19? Гледаме сега се зборува и за некои нови лекови…

Ги следиме искуствата, и веќе сме дел од студијата „Солидарност“ на Светската здравствена организација (СЗО), што претставува голема, меѓународна студија дизајнирана да даде податоци за најефикасен третман во лекувањето на пациентите со КОВИД-19 и преку која ни се достапни искуства и протоколи за лекување на пациентите кај нас. Целта на студијата е во рамки на дефинирани протоколи да се следи ефикасноста на 5 тераписки опции со кои ќе се лекуваат пациентите со КОВИД 19. Во меѓувреме овие тераписки опции, според искуствата од другите земји, веќе се користат како офлејбл терапија, односно терапија која не е препорачана во упатствата на лековите, но дала добри резултати.

Во таа смисла, Агенцијата за лекови – МАЛМЕД ја одобри комбинацијата којашто содржи хлорокин и азитромицин, која се покажа, до одредена мера, ефективна во повеќе земји, и се аплицира на дел од пациентите коишто се лекуваат кај нас врз основа на проценка на клиничката состојба на пациентот. Подготвени сме да воведеме и нови протоколи на лечење кои даваат резултати кај пациентите. Во суштина терапијата се темели на антиретровирални и имуномодулаторни лекови.
Но, се уште вирусот е една голема непозната и подетални резултати од терапијата и лекувањето нема да бидат наскоро научно докажани. Во светот веќе се работи на изнаоѓање вакцина, а најавите за можна вакцина се врзани со почетокот на наредната година.

 

 

Експертизата на нашите лекари околу респираторите е огромна, проблем е кога се нападнати други органи

-Очигледно и употребата на респираторните машини е непознаница и се’ погласни се ставовите дека нивната улога е повеќе штетна отколку потребна. Имате ли конечен изграден став за ова и дали постапките за набавка се ставаат настрана?

Пациентите кои заболуваат и јавуваат тешка форма на КОВИД-19, всушност јавуваат тешки форми на таканаречена атипична пневмонија. Но, вирусот ги напаѓа и другите органи. Кај овие тешки случаи на пациенти без кислородна поддршка, за некои без интубација и без механичка вентилација болеста неминовно би имала летален исход. Според некои студии објавени во еминентни медицински научни списанија („Lanset“) процентот на пациенти кои се поставуваат на респираторна машина и преживуваат е многу мал.

Нашата експертиза за третман на пациенти на респираторна машина е голема. Нашите доктори кои работат во одделите за интензивна нега имаат искуство со огромен број случаи и врз основа на тоа големо искуство во индикациите за третман на пациентите со респираторна машина.

Но, кај конкретните пациенти заболени од Ковид-19 вирусот, се покажа дека многу поголем проблем е зафаќањето на повеќе органи преку АЦ2 рецепторот и последователно таканаречената состојба на „пропаѓање на повеќе органи“ со целосно менување на коагулационата способност на крвта во која ситуација, за жал, респираторната машина не може да помогне.

Во рамките на Министерството за здравство, согласно уредбата на Владата, веќе е завршена постапката за набавка на 31 респираторна машина. Од девет економски оператори, два ги задоволуваа условите – во однос на критериумите. За нас, најважен критериум беше времето на испорака, земајќи го во предвид фактот дека многу држави го стопираа извозот, чувајќи ги за себе, а државите кои најавија донации истите ги повлекоа согласно развојот на состојбата во својата земја. Еден дел од респираторните машини ќе стигнат во следните неколку дена, а другите во текот на следните 30 дена.

 

 

Има време за серолошки тестови, сега ни е важен бројот на активни заболени

-Во јавноста се појавија многу дилеми откако потврдивте присуство на вирусот кај мртво тело пронајдено во Велес со што ја отворивте можноста коронавирусот да бил присутен во земјава многу порано пред да почнеме со тестирањето и да го откриеме официјално првиот случај. Кажете ни детали, што најдовте кај ова тело, кои се Вашите сомнежи и колку тоа ќе го менува пристапот понатаму, односно следните мерки? Дали можеби веќе голем дел од населението има стекнато имунитет  без тоа да го знаеме?

По наодот дека починатата велешанка е позитивна на коронавирус, која со својот син беше пронајдена мртва, Министерството ја прошири истрагата во која се вклучија повеќе институции – Институтот за судска медицина и Институтот за јавно здравје.  Судска медицина треба да ги заврши резултатите од обдукцијата, во координација со други истражни институции, а по што ќе се утврди периодот во кој тие починала. Податоците кои ќе ги добиеме ќе ни бидат од големо значење, пред се за добивање на слика за епидемиолошката слика за населението.

Во однос на понатамошните анализи, многу скоро во Дебар ќе започнеме да правиме и серолошки испитувања на антитела, односно таканаречена серопреваленца,  за да видиме во колкав обем населението има стекнато имунитет со оглед на тоа што беше најпогодено подрачје со КОВИД-19 на почетокот на епидемијата и со оглед на тоа што веќе повеќе денови нема случаи на ново – дијагностицирани пациенти, што значи дека е време да се процени имунитетот. И веќе, во соработка со матичните лекари, направивме план како и на колкав процент од популацијата во Дебар истото ќе го спроведеме.

Планираме да правиме и во иднина серолошки тестови за да утврдиме дали дел од поширокото население во земјата има стекнато имунитет, но на тоа ќе се фокусираме подоцна, во подоцнежната фаза на епидемијата, сега сите наши капацитети се ставени во функција на откривање на нови случаи на инфекцијата.

-Постојано велите дека има доволно тестови и дека бројот на спроведени тестирања е доволен. Постојано велите и дека медицинскиот персонал има соодветна заштитна опрема. Но, критиките на овие две теми се најгласни и не стивнуваат. Кажете ни прво зошто не се спроведе масовно тестирање како што се бара? Вашата теза, ако не се лажам, е дека таквата „операција“ може да даде лажни резултати кои ќе влијаат врз општото однесување. Објаснете го ова.

Тестови и тестирања има доволно. До денес (14.04) имаме направено над 9.000 тестирања, што не става меѓу првите земји во регионот со околу 4500 тестирани на милион жители. Тестирањата се прават по индикации – односно се тестираат лица со симптоми, а нивните непосредни контакти се ставаат во изолација. Максимално ги прошируваме капацитетите за тестирање вклучувајќи и приватни лаборатории, наскоро го вклучуваме и МАНУ и Институтот за судска медицина. Повеќепати објаснуваме дека прераното тестирање може да даде лажно негативни резултати кои може да придонесат луѓето да не внимаваат на своето однесување. Овој обем на тестирање кој го имаме сега од во просек 400-500 тестови дневно, зголемување на капацитетите за тестирање, заедно со мерките кои се преземаат за спречување на ширењето на вирусот – ограничувањето на движењето и практикување на социјална дистанца, даваат резултати..

Инаку, според препораките на СЗО, а и стручно мислење од Комисијата за заразни болести е дека за позитивни пациенти на коронавирус се сметаат оние кај кои, со таканаречената PCR метода, ќе се потврди присуство на вирусот. Тестови со кои се испитуваат антитела поставуваат сомнеж дека некој можеби бил заразен со вирусот и затоа сите кои го прават овој тест, а во насока на дијагностицирање на активен носител на вирусот, мора задолжително да направат уште еден тест за присуство на истиот. Тоа е критериумот врз кој се регистрираат активните пациенти во сите земји во светот.

Серолошките тестови, кои ги добивме како странска донација, ќе ги користиме за испитување на опфатот на населението во Дебар, за да се утврди колку лица кои можеби и немале симптоми имаат створено антитела на вирусот. Како што споменав, штом го надминеме овој период, ќе се впуштиме и во една операција на тестирање на пошироката популација, која треба да ни даде насоки како понатаму,како по рестрикциите, по мерките и тогаш кога ќе се вратиме на секојдневието кое го имавме пред Ковид-19.

Позирачка2

На прашањето како сега го гледа фактот што Буџетот на Министерството е помал од еден процент од БДП, Филипче одговара:

„Многу треба за да се надомести штетата во здравството сторена низ годините, ама верувам дека кризата ќе не’ натера и како држава да си преиспитаме приоритети“.

Кога вирусот ќе ги нападне сите органи медицината е немоќна

-Што се однесува до опремата, за критиките велите дека тоа се лаги од опозициските кујни. Но, бројот на заболени помеѓу медицинарите загрижува. Ако имаат опрема, како имаме толку заразени? Се почитуваат ли протоколите?

Како и секаде во светот и во нашата земја има медицински лица кои се инфицирани од коронавирус. Согласно нивните епидемиолошки анкети, еден дел од нив се инфицирани од приватни контакти надвор од работно место, дел се на самото работно место, а за дел не може да се утврди со сигурност. Што се однесува до заштитната опрема на медицинскиот персонал морам да кажам дека има доволно и дека има доволно резерви. Направени се повеќе мерки за заштита на медицинскиот персонал – од аспект на заштита и дезинфекција на работната средина и посебни протоколи и простории за прием на пациенти сомнителни на коронавирус, ротација на кадарот во установите, обезбедување на заштитна опрема во доволни количини кои секојдневно се надополнуваат по потреба. Понатаму, направени се протоколи и обуки за правилно користење и отстранување на личната заштитна опрема, како и за пристапот кон и третманот на пациентите.  Државниот здравствен инспекторат постојано врши контроли дали се почитува сето ова и укажува до менаџерите доколку најде пропусти. До сега се извршени 223 вонредни инспекциски надзори во јавни и приватни здравствени установи при што е установено дека во повеќето ЈЗУ и ПЗУ главно се почитуваат протоколите. Во одредени ЈЗУ и ПЗУ се нотирани одредени забелешки, пропусти во однесувањето во однос на користење на лична заштитна опрема за што се известени менаџерските тимови и кои се обврзани да го контролираат почитувањето на лична заштитна опрема во однос на медицинскиот кадар.

Тука уште еднаш би апелирал до сите колеги, до сите здравствени работници да ја користат правилно личната заштитна опрема, со тоа се чуваат себе си, но и своите колеги, своите пациенти и своите семејства.

-Загрижувачки е и бројот на починати. Како го објаснувате ако се преземаат сите мерки како што треба?

Природата на самиот вирус и на заболувањето е со висока стапка на смртност во споредба со на пример сезонскиот грип. Во нашата земја стапката на смртност е некаде над 4 % што се покажува како пониска од просекот во светот каде е 6,2%, на пример во Италија е 10%. Сите мерки се преземаат за да го намалиме бројот на заболени и да го спречиме ширењето, токму затоа што стапката на смртност кај коронавирусот е висока, а влогот на медицинските тимови кои се грижат за пациентите и нивните напори да се спаси секој човечки живот е огромен.
Но, мора да потсетам дека станува збор за болест против која, во нејзината најтешка форма на манифестација, напаѓајќи ги сите органи, што и да се преземе сме немоќни.

-Факт е дека освен легитимните напади, соочени сте со многу лажни вести кои секојдневно ги демантирате. И тоа не е само македонски проблем, целиот свет е преплавен од овој феномен со лажни информации кои дури одат и против официјалните ставови на науката во однос и на потеклото на вирусот и на развојот на пандемијата. Дел од нив се политички мотивирани и се на дневна основа. Колку овие појави се дополнителен проблем во време кога енергијата треба правилно да се насочи?

Од самиот почеток на појавувањето на кризата со коронавирусот во Кина, ние се подготвуваме, го информиравме населението и граѓаните апелиравме за заштита, за почитување на мерките, за разбирање на важноста од заштитата, а меѓу другото апелиравме и да се следат релевантните извори на информации. Токму затоа секој ден, па дури и по неколку пати во денот, Министерството за здравство ја информира јавноста за сите нови случувања, дава практични совети и одговараме на секое прашање кое ќе стигне до нас.

Од првиот момент ја разбираме загриженоста на граѓаните. Сфативме дека во напливот на лажни информации и разни теории на заговор, можеме да се бориме само со навремена, правилна, достапна и целосна транспарентност. Како Министерство за здравство покрај тоа што се грижиме за јавното здравје, здравјето на нашите пациенти, целосно сме посветени и на тоа да го едуцираме населението и да бидат сите граѓани правилно и точно информирани за сите аспекти и за  сите сознанија за Ковид-19 и заштитата од вирусот.

-Вие како да немате служба за односи со јавноста. Кога веќе зборуваме за правилно трошење на енергија, не е ли попродуктивно токму во насока на правилното информирање прашањата од „широк спектар“  и околу поединечни случаи да не ги преземате лично Вие?

Не сметам дека имањето повеќе и детални информации е непродуктивно трошење на енергијата.

Во една вака деликатна ситуација, пред се’ како човек и лекар, а потоа и како министер јас едноставно треба да ги имам сите информации. Секојдневно сум во комуникација со колегите од Институтот за јавно здравје, од Инфективната клиника и болниците во земјата каде се лекуваат пациентите, колегите од комисијата за заразни болести, штабот, владата, институциите. Сметам дека тоа е единствениот соодветен начин да се има увид во состојбата и согласно тоа да се планираат идните чекори. Точно, некои мислат дека можеби одредени поединечни случаи ги преземам лично. Но ова е сосем поинаква ситуација од било која со која сме се соочиле како држава и како поединци. Во оваа ситуација, јас имам уште поголема одговорност, кон здравствениот систем и колегите, кон пациентите и целокупното колективно здравје во државата. Во таков контекст, ниту една информација не е „вишок“, напротив може да биде од исклучителна важност.

Кризата ќе ни ги смени приоритетите и како држава – верувам ќе влијае на инвестиции во здравствениот систем

-Министерството со кое раководите има прилично скромен буџет од помалку од 1% од БДП, што е срамно само по себе. Колку Ве загрижува ова особено во вакви екстремни случаи на пандемија? Ни откри ли кризата каков погрешен распоред на приоритети сме имале кога се работи за трошењето и распределбата на парите на граѓаните?

Со воведувањето на вонредната состојба, дел од првите мерки на Владата на РСМ беше да се обезбедат средства за Министерството за здравство колку што се потребни за справување со коронавирусот. До Министерството за здравство стигнаа и бројни донации од странство, но и од бројни наши компании, организации и поединци за што сме неизмерно благодарни. Во моментот можам да кажам дека имаме доволно средства за сузбивање на коронавирусот.

Иако во последните две години направивме позитивни поместувања и сериозни инвестиции во однос на здравствените капацитети, но и на човечкиот потенцијал, како и примањата на здравствените работници, не можевме лесно и брзо да ја надоместиме штетата правена со години во здравствениот систем.
Оваа криза на секого од нас лично, семејно, во компаниите, па и на ниво на држава ќе ни ги смени видувањата за приоритетите на подолг рок, верувам дека тоа ќе се отслика понатаму во одлуките за инвестиции во здравствениот систем и во здравствениот кадар.

-Кои поуки ги извлековте досега од оваа пандемија што ќе мора да имаат приоритет откако состојбата ќе се смири?

Се’ уште не е завршена кризата со пандемијата. Јас посакувам се ова што поскоро да заврши, а загубите да бидат што помали.

Знаете, никој не може да биде целосно подготвен за големи кастрофи каква што е оваа, можеби и најголемата закана која во изминатите децении му се случила на човештвото.
Секако ќе треба да се сумираат сите научени лекции – она што сме го направиле добро да го одржиме, она што сме можеле подобро – да го нотираме и да направиме се за да бидеме подобри.


За организација на карантинот одговорен е 

Секретаријатот во Владата

-Голем дел од забелешките се однесуваат на спроведувањето на карантинот за граѓаните кои се враќаат во земјава. Тие се жалат дека не се почитуваат никакви мерки при нивниот транспорт и дека условите особено од влезот на нашата територија до сместувалиштата се поразителни. Во Ваша надлежност ли е ова? Ако не, кој сектор точно го спроведува и дали имате некаков надзор врз овие операции?

Организацијата на државниот карантин во целост е задача на Секретаријатот на Владата. Министерството за здравство има издадено и подготвено препораки, протоколи кои треба да се запазат за сузбивање на ширењето на коронавирусот и учествува со лекар и епидемиолог од локалната здравствена установа кои вршат прегледи и ги изготвуваат епидемиолошките анкети на лицата во државен карантин и имаат задача да реагираат по повик.

 

 

 

 

 

 

 


Почитувани за да продолжите со читањето треба да бидете претплатник

Доколку сте претплатник на kapital.mk, само логирајте се.

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×