Весна Иваноска, Сеавус Едукативен Центар: Нашиот нов акцелератор ќе прифати 45 компании во првите три години
Објавено на од во Start-up

Разговаравме со Весна Иваноска, генерален менаџер на СЕАВУС Едукативен и развоен центар, еден од трите правни субјекти што доби финансиска поддршка од Фондот за иновации  за отворање бизнис акцелератор за стартап фирми

 

Весна Ивановска

Сеавус акцелераторот – логичен след на инкубаторската програма

СЕАВУС Едукативниот и развоен центар (СЕРЦ) веќе седум години во рамки на најголемата ИТ компанија во земјава, СЕАВУС Групација, нуди обука во областите на програмирање, мрежи, веб дизајн, интернет безбедност, итн., и претставува своевиден регрутен центар за млади претприемачи коишто основаат стартапи, или пак се придружуваат на некој стартап и сл. Последниве две години СЕРЦ почна со еден општествено одговорен проект, Сеавус Инкубатор, за поддршка на компании во многу рана фаза од развојот, на ниво на бизнис идеја, што се вели, или т.н. предакцелетаторска фаза, на коишто им се нудеше менторска, експертска, и друг вид помош. Со добивањето на грантот од Фондот за иновации со цел формирање бизнис акцелератор, СЕРЦ ќе го продолжи логичниот след на своите активности, како што вели генералната менаџерка на центарот, Весна Иваноска.

“Основната разлика помеѓу инкубаторската (пред – акцелераторската) и акцелераторската програма е зрелоста на самите компании што учествуваат во овие програми, односно понапредната фаза на развој во која што се компаниите што во принцип аплицираат за учество во акцелератор. Но, можеби клучната разлика е во фактот што акцелераторот ќе инвестира средства во компаниите, а нема само да пружа поддршка во вид на менторство, консалтинг и сл. Затоа што, компаниите што вообичаено ги таргетира еден акцелератор можно е да имаат т.н. MVP (minimum viable product), односно прототип на производ, потенцијални или реални клиенти, но им требаат пари за финиширање на продуктот, лансирање на светски пазар и сл.“, ни објасни Иваноска.

Таа додаде дека ова е многу суштинска разлика, затоа што праксата покажала дека многу стартапи не гледале актрактивност во повеќето постоечки инкубаторски или акцелераторски програми во Македонија токму заради неможноста за инвестирање од нивна страна.

Иваноска објаснува и дека во самиот повик од страна на ФИТР, услов за добивање на овој грант било самиот основач на акцелераторот да е подготвен да вложи 25% од вкупната вредност на проектот, а во случајот на Сеавус тоа ќе биде 32%, или 235 илјади евра, од вкупните 729 илјади евра.

“Ова ни дава солидна основа за вложување во најдобрите стартапи од акцелераторската програма што допрва ќе ја почнеме“, вели Иваноска.

Сеавус акцелераторот во период од три години планира да прифати 45 компании, односно 15 во секој годишен циклус. Од нив, во отприлика 9 се планира да се вложат пари, од коишто во првата фаза по 30-35 илјади евра, а во најдобрите три компании што ќе се издвојат за време на програмата, уште по стотина илјади евра.

“Максималната сума што една компанија би можела да ја добие од нас е 130-135 илјади евра, сума за којашто мислиме дека може да даде добра поддршка во развојот на еден нов бизнис, што ќе биде, природно, технолошки ориентиран, како што е впрочем и бизнисот на Сеавус групацијата“, вели Иваноска.


Зошто Сеавус акцелератор?

Нашата најголема предност е пред сè во фактот дека ова ќе биде првиот корпоративен акцелератор кој е дел од поголем микро систем на интернационална компанија во областа на софтвер, односно технологија со своја развојна мрежа на партнери и клиенти. Во исто време преку 900 ИТ професионалци на групациско ниво се огромен експертски и менторски потенцијал во различни технолошки домени, но и бизнис искуство и конечно, како едукативен центар, ние сме одличен извор на млади таленти кои би можеле да лансираат сопствени бизниси или пак, што е чест случај и досега, да се приклучат на некој од новоформираните стартапи. Другата битна работа е што ние имаме идеја компаниите со најголем потенцијал да ги покажеме и на други потенцијални инвеститори, а не себично да ги чуваме само во рамки на нашиот акцелератор. Можеби во некој бизнис модел ние како групација нема да видиме интерес, но ќе сметаме дека има потенцијал, или пак ако мислиме дека друг инвеститор може подобро да изведе некој стартап на пазарот, зошто да не го предадеме тој стартап нему. Наша задача е да ги направиме компаниите од акцелераторот повидливи, а во тоа ќе ни помагаат и регионалниот СЦВ фонд, а исто така и мрежата на партнери со коишто работиме во рамки на проектот My Gateway, финансиран од ЕУ, каде што влегуваат акцелератори од БиХ, Чешка, Словенија, итн. “, вели Весна Иваноска од Сеавус едукативниот центар.


 

 

6+6 недели акцелераторска програма

Периодов се дефинираат точно правните форми за финансирање на стартапите, а она што е предвидено со инвестициската стратегија е дека Сеавус акцелераторот инвестирајќи во една компанија ќе добие удел во неа. Се предвидува за првата инвестициска фаза, односно за влог од триесетина илјади евра максималниот сопственички удел на акцелераторот да е 7%, додека во оние стартапи кајшто ќе има и дополнително вложување, тој максимум удел да
биде 15%.

“Ова се првични проекции, ние сега во моментов не може да предвидиме какви сè стартапи ќе дојдат, односно со колку комплексни и скапи технологии ќе работат, затоа што, на пример, оние што вклучуваат работа со поскап хардвер подразбираат поголеми инвестиции. Инаку, по природа на нештата, односно во согласност со она што го работи и самата Сеавус групација, таргет за во акцелераторот ќе ни бидат бизниси базирани на софтверска технологија, fintech, вештачка интелигенција, блочкеин, Интернет на нештата (IoT), гејминг, е-трговија, итн. Програмата ја замисливме како 6+6, односно шест недели сите стартапи ќе слушаат исто, ќе поминат низ оние базични обуки – креирање бизнис план, валидација на продукт, генерирање на лидови, итн., а потоа оние што ќе се покажат како најдобри, ќе имаат уште шест недели програма по нивна мерка, во зависност од тоа што ним им е најпотребно за развој до моментот на инвестиција.“, објаснува нашата соговорничка од Сеавус едукативниот центар.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×