Виктор Кошевалиски: Специјализираните печатени магазини ќе опстанат заради оние што сакаат да прочитаат кредибилна содржина
Објавено на од во lifestyle

Главна предлог1avtoВиктор Кошевалиски
сопственик и главен уредник на Авто Плус

 „Се трансформиравме како магазин низ годините повеќе пати, менувавме дизајни, стававме комплетни ценовници за нови автомобили, па ги вадевме кога сфативме дека пазарот е сосема дисторзиран и дека тоа повеќе нема смисла, се фузиравме со Quattroruote, издржавме и тука сме за оние што сакаат да прочитаат кредибилно четиво за автомобили, а и нешто плус“, вели сопственикот на првиот македонски специјализиран магазин за автомобилизам Авто Плус по повод големиот јубилеј, 25 години од постоењето.

 

Четврт век постоење не е мало достигнување за било кој бизнис, па така и за списание, особено кога е специјализиран за потесен круг публика, во пазарен и секаков друг амбиент каков што има држава во транзиција како Македонија. Уште од првите денови на Авто Плус, неговиот основач Томислав Биљарац, којшто за жал нè напушти минатата година, имал мисија да создава содржина која ќе им помогне на читателите да ги засакаат автомобилите, да научат за нив сè што е битно, од естетски, безбедносен и секаков друг аспект.

Како еден од ретките автомобилистички новинари во земјава своевремено, се осмелил да направи сопствен весник во 1993-та, кога на пазарот неприкосновено владеел мастодонтот НИП Нова Македонија со своите изданија – потег што речиси од сите негови блиски и познати бил оценет без малку како налудничав.
„И еве сме сега, 25 години подоцна, после бројни искушенија и предизвици, го имаме Авто Плус, иако во едно трансформирано издание, заедно со магазинот за мажи М, проширен последните 12 години со веб портал, како и ТВ емисијата што веќе пет години оди во етерот.“, вели Виктор Кошевалиски, сопственик на Авто Плус којшто од 2007 година го презема брендот и е негов главен и одговорен уредник, во разговорот што го правевме по повод големиот јубилеј на брендот.
Кошевалиски на јавноста ѝ е познат и како основач на првиот специјализиран магазин за мажи, М магазин којшто почна да излегува минатата година, со кого што сега Авто Плус е практично фузиран, односно, излегуваат како едно печатено издание.
“Пазарните прилики си го сторија своето, ослабениот автомобилскиот пазар влијаеше природно на нас, моравме да направиме таков чекор за да може Авто Плус да продолжи и после 25 години да излегува од печат, а сè со надеж дека новите возила повторно ќе бидат актуелни, а и потребата за Авто Плус да пишува поопширно за нив “, вели Кошевалиски.


Кои се клучните моменти во историјата на Авто Плус, најголемите искушенија и предизвици, но и блескави моменти?

Искушенија има колку сакате… За периодот пред јас да го преземам магазинот не сум бил директен сведок, но ќе се обидам да прераскажам од она што сум го слушал. Буквално секоја активност во весникот тогаш била искушение и предизвик – да обезбедите возило за тестирање во период кога едвај имало по некој сериозен импортер во државава, да обезбедите реклама, да најдете фотографии и други информации за вашите стории во време кога немало интернет, да комуницирате со луѓето во време кога немало мобилни телефони… Да се „довлечкате“ од светските саеми како Женева, Париз… со „тон“ фотографии, хартија, слајдови, ЦД-а, БЕТА касети…

Момент којшто имаше многу негативен ефект на автомобилскиот пазар, а со тоа и на развојот на Авто Плус, е и падот на продажбата на автомобили, предизвикан од либерализираниот увоз на половни автомобили што почна пред десетина години, дополнет со светската криза во автомобилската индустрија. Тоа е веројатно еден од најкатастрофалните феномени во економската историја на Македонија од осамостојувањето досега, со последици не само по импортерите на нови возила, туку и по екологијата, безбедноста на патиштата, итн., коишто ќе се чувствуваат уште долго време.

Искушение е и самото заминување на основачот и движечката сила на весникот, Томислав Биљарац, а летово прерано, на само 55 годишна возраст нè напушти уште еден од клучните луѓе во приказнава, Љупчо Михајловски, невиден автомобилистички ентузијаст и вљубеник во овој тип новинарство, којшто во самиот почеток на Авто Плус бил млад новинар, под закрила на тогаш поискусниот Биљарац.

Во 25 години постоење речиси сите автомобилистички новинари во Македонија произлегле или поминале низ редакцијата на Авто Плус. Магазинот бил двигател на многу активности што ја одбележаа автомобилистичката историја во земјава, од коишто би го издвоил креирањето на Националниот избор за Автомобил на годината, а исто така и иницирањето за создавање на саемот за автомобили Авто Експо, којшто за жал од 2006 наваму не се одржува, а сега и да сака некој – нема каде.
А само што успеав на почетокот од годинава да добијам начелна согласност од речиси сите битни импортери во Македонија да почнеме да го возобновуваме Авто Експо во некаква форма, дознавме дека Скопски Саем ќе се руши заради нова гринфилд инвестиција на неговото место.

Главна предлог2 avto
И што направивте потоа? Се откажавте ли сосема од таа идеја?

Авто Плус не би бил тоа што е веќе 25 години, ако се предавал без борба и не исфрлал постојано нови идеи во врска со развојот на автомобилскиот пазар, па така, следната пролет ќе организираме нешто што ќе биде мала замена на Авто Експо, ќе се вика Avto Plus Street Show, ќе се одржи на централна улица во Скопје, каде што импортерите ќе ги изложат своите нови модели, а луѓето ќе може да ги разгледаат, да се напијат кафе во околните локали, да се прошетаат низ Градскиот парк и сл. Сакаме да се врати желбата на публиката за нов автомобил, која низ годиниве се изгуби. Да се потсетиме на доживувањето, радоста при купување, частењето за „нова кола“, уживањето во управувањето потоа. Како што споменав претходно, најголемо влијание за тоа имаше либерализираниот увоз на половни возила, којшто изгради перцепција дека секој може да купи добар автомобил и за 2.000 евра.


Колку реално направи штета одлуката за либерализиран увоз на половни возила што ја донесе претходната влада на Груевски, а колкав дел на падот на продажбата на нови возила имаше економската криза?

Штетата е голема, еве ви ги бројките: ако до пред слободниот увоз продажбите стигнаа до 17-18.000 нови возила годишно, дното го допревме пред неколку години со едвај 3.000 нови возила. Тешко може разумен човек да поверува дека овој пад го направила економска криза. Луѓето немале не знам колку повеќе или помалку пари пред 15 – 20 години, а во меѓувреме се појавија и многу поповолни автомобилски кредити. Факт е дека никогаш немало поповолни услови за купување ново возило одошто е тоа последниве неколку години, а сепак продажбата бавно закрепнува, за 2018 треба да биде околу 5.000 нови возила, што е сепак далеку од најдобрите времиња. Проблемот е друг, а тоа е илузијата што се создаде кај македонските граѓани, дека ете сега ќе може да си купат автомобил од повисока класа, а за добра цена. Зошто е тоа илузија? Затоа што возило старо 10 или 15 години од полуксузна класа, не може да е подобро од ново возило од компактната или субкомпактна класа. Возила чии димензии сега (скоро) се еднакви на моделите од класа погоре пред 15 години. Но, заради некои стереотипи кај граѓаните и фаворизирањето на одредени автомобилски брендови и земји на потекло, големото его, снобизмот, и што уште не, луѓето претпочитаат да возат стар автомобил од некој премиум бренд со поминати 300 илјади километри, што троши многу гориво, што загадува, со скапи резервни делови, релативно небезбеден, што постојано им прави трошоци коишто не можат да ги издржат, наместо ново или релативно ново возило од пониска класа, со 3, 5 или 7 години гаранција, со далеку помали или никакви трошоци за одржување, безбедно, што исполнува најстроги еколошки стандарди, и коешто може да си го дозволат со некој кредит или лизинг, при што месечната рата може да биде и помала од стотина евра. Е, ние се бориме да ги разбиеме тие илузии, предрасуди и стереотипи кај граѓаните и да помогнеме во подигањето на возачката култура, која не подразбира само почитување на сообраќајни правила и знаци, туку ценење на технологијата, безбедност, екологија, и секако, култура на восхитување на добар автомобил, а како што рекол легендарниот Хенри Форд, добар автомобил е само нов автомобил, зарем не.


Колку се според вас сменети навиките за читање на специјализирано четиво за автомобилизам, ако направите споредба од времето кога вие го презедовте Авто Плус, а и претходно, со состојбата денес?

Знаете и самите, интернетот го зеде својот “данок во крв“ од печатените медиуми, и сите се соочија со пад на продажбата, рекламите и сл. Порано тој што сакаше да прочита рецензија/тест за некое возило, тоа можеше да го направи само во авто списанијата, денес сите информации ви се на една секунда потрошено време, со еден клик ви се отвора целиот свет. Она што дава надеж дека печатените весници нема да исчезнат, како што не исчезна радиото со појава на телевизијата, или плочите со појава на компакт дисковите (напротив, сега гледаме камбек на винилките), е желбата на оние што сакаат пред сè да прочитаат квалитетна содржина, да се едуцираат, на коишто им е преку глава од инстант информации и лажни вести од непознат или сомнителен извор, да останат лојални на печатените весници, тука мислам првенствено на специјализираните магазини.
Се трансформиравме како магазин низ годините повеќе пати, менувавме дизајни, познати бевме по комплетни ценовници за нови автомобили, па ги вадевме кога сфативме дека пазарот е сосема дисторзиран и дека тоа повеќе нема смисла, се фузиравме со Quattroruote, бренд кој сега помина 70 години постоење и е репер во нашата индустрија и тука сме за оние што сакаат да прочитаат кредибилно четиво за автомобили, а и нешто плус.


Авто Плус е познат во јавноста и како силен поддржувач на еколошката компонента во автомобилизмот, поточно промотор на електрични или хибридни возила во сообраќајот. Какви активности планирате во оваа насока?

Знаете, Авто Плус во соработка со Градот Скопје веќе 5-6 години е промотор на електромобилноста, но да се борите за купување на електрични возила во земја со просечна плата од неполни 400 евра, на прв поглед изгледа како бесмислена работа. Но, не е с$ така црно и безнадежно. Еве, веќе сме сведоци на тоа дека некои корпорации и помали бизниси почнаа да користат електрични возила во своите флоти, како ПроКредит банка, пицеријата Џакомо, итн. ЕВН веќе постави 40-тина полначи за електрични возила низ Скопје, и уште десетина низ земјава, а нивниот број допрва ќе се зголемува, се разбира како што и ќе расте потребата за нив. Точно е дека во моментов електричните возила с$ уште се прилично поскапи од стандардните, но затоа се очекуваат субвенции. Така е впрочем и на светскиот пазар.

Се појавуваат и ентузијасти што сами ги преиначуваат своите возила за да возат на електричен погон. Токму за таквите вљубеници во електричните возила после Нова година подготвуваме проект заедно со голема компанија од енергетскиот сектор, поточно конкурс при што најдобриот проект за претворање обично во електрично возило ќе биде финансиски поддржан.
Слушнав и за еден проект за т.н. car sharing на електрични возила во Скопје, што ќе биде исто така одлична работа. Не треба да ги заборавиме и опциите за возила на метан, за коишто граѓаните се многу малку запознаени, а има импортери кои може да увезуваат возила со фабрички лесен резервоар за метан. Метанот е многу поеколошки, поевтин е и од нафтениот гас, а овие возила се во просек за 1000 евра поскапи, конкретно зборувам за сегментот на компактна класа. Концепт на хибридно возило кој е најблиску до електричните, за далеку подостапна цена.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×