Виктор Мизо: Гордост е да произведуваш електроника за брендови како Порше, БМВ и Мерцедес
Објавено на од во Компании

06mizoВиктор Мизо
генерален менаџер на Костал Македонија ДООЕЛ

Ја посетивме фабриката на “Костал“ (Leopold Kostal GmbH) , германскиот гигант во производството на автомобилска и индустриска електроника, лоцирана во некогашните погони на охридски Емо. Заедно со фабриките во уште 20 земји што ги поседува семејството Костал, македонската учествува во глобалното производство што вреди преку 2,8 милијарди евра годишно и ангажира преку 20.000 вработени. Клиенти на „Костал“ се без малку сите светски автомобилски групации со своите брендови, меѓу кои најголем клиент е Фолксваген Групацијата со преку 25% од нарачките, додека од нивната македонска фабрика електроника за менувачи и други компоненти во моментов се монтираат во возилата на Порше, БМВ, Мерцедес, Тесла и Ролс Ројс.

Ако перцепцијата на повеќето од нас цел живот била дека Охрид живее(л) најмногу од туризмот, веројатно била погрешна. Да, можеби сега, откако за време на транзицијата пропаднаа речиси сите индустриски капацитети фокусот на градот е свртен кон туристичкиот бизнис, но до пред 20-30 години во Охрид и околината имало неколку големи фабрики во коишто работеле десетина илјади луѓе – ЕМО, Застава, Отекс, Слобода, Братство, Лихнида… ЕМО, производител на електро – механички компоненти (трансформатори, склопки, итн.) како најголем од овие капацитети, бил гигант и во југословенски, па и европски рамки според обемот на производство и извозот што го правел. Фабриката, после долги години превирања и борба помеѓу различни интересни групи за тоа кој ќе го преземе бизнисот, последнава деценија сосема замре со производство, а празните фабрички хали што почнаа полека да се руинираат, останаа само како спомен од некои убави времиња.
Но, од октомври 2016, во поранешниот индустриски парк на ЕМО повторно почна да се случува бизнис. Германски “Костал“, еден од најголемите светски производители на автомобилска, индустриска и останата електроника, тогаш ја отвори својата фабрика, почната да се гради како brownfield инвестиција една година претходно. Искористен е дел од старите хали на ЕМО, реновирани, инсталирана е нова опрема и сега во Охрид се произведува дел од асортиманот на „Костал“, конкретно од сегментот автомобилска електроника – мехатронички модули за менувачи, електронски контролни единици, свич панели, итн. „Костал“, инаку, има 46 фабрики во моментов, во 21 држава, на пет континенти, вработува преку 20.000 луѓе и има годишен приход од преку 2,8 милијарди евра.
Kostal-2Ја посетивме фабриката на „Костал“, лоцирана крај с. Косел во Охрид да видиме на лице место како се прават делови што потоа ги вградуваат Порше, БМВ, Мерцедес, Тесла и Ролс Ројс во своите автомобили. Да, добро прочитавте, и електричните автомобили што излегуваат од погоните на фамозниот Илон Маск, како и најпрестижната марка автомобили на светот вградуваат електронски компоненти што се прават во охридската фабрика на „Костал“. Инаку, листата на клиенти на компанијата на глобално ниво е многу поширока – тука влегува Volkswagen групацијата со сите свои брендови како најголем клиент со повеќе од една четвртина од нарачките, потоа групацијата Daimler со брендовите Mercedes и Smart, BMW со брендовите Rolls Royce и Mini, Ford, Fiat – Chrysler, Peugeot – Citroen, кинескиот производител на возила Great Wall, групацијата Tata со Jaguar и Land Rover, General Motors, Renault, Nissan и Mitsubishi, Honda, Mazda, итн. Практично сите светски автомобилски гиганти, освен јапонската Toyota, којашто заради својот специфичен начин на производство, претпочита фирмите што ги изработуваат деловите и компонентите да ги има во своја сопственост.
Во Охрид нè пречека Генералниот менаџер на Костал Македонија ДООЕЛ, Виктор Мизо, наш добар познаник уште од пред десетина години, додека беше прв човек на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони. Некогаш беше одговорен за создавање добри услови на странските инвеститори што пристигнуваа во индустриските зони во земјава во време на претходната владејачка гарнитура, а сега е задолжен со добрите резултати на македонската фабрика да ги прави среќни сопствениците на „Костал“, односно семејството Костал, чијашто четврта генерација сега ја управува компанијата основана пред 107 години близу Дортмунд, Германија.
Kostal-3n„Па дали е среќно семејството Костал?“, го прашувам Мизо, а тој вели дека нема причини да не биде така, затоа што нивниот капацитет во земјава добро се развива, сè оди според планот, а во моментов се инвестира и во нов погон.
Платите се добри, но вработени не се наоѓаат лесно
„Од 2016 заклучно со 2018 година Костал инвестираше околу 29 милиони евра во охридскиот капацитет. На крајот на 2018 година бројот на вработени во фабриката беше 341, а сега сме над 350. Минатата година направивме обрт од 26 милиони евра. Годинава планираме да инвестираме уште 20 милиони евра во уште еден погон што го спремаме за производство, а до крајот на 2021 година планираме инвестиции од дополнителни 33 милиони евра и 330 вработувања“, вели Мизо.
Тој го истакнува фактот што „Костал“ е првиот странски инвеститор во земјава што склучи договор за користење на пакетот државна поддршка според мерките од Планот за економски раст претставен кон крајот на 2017 година од актуелната влада.
„Според тој договор, ние до крајот на 2018 година требаше да имаме вработено најмалку 300 луѓе и вложено 20 милиони евра, а ние имавме веќе вложено 25 милиони евра, т.н. квалификувани за државна помош, како и вработено 341 лице. “, додава Мизо.
Додека ги разгледуваме со него погоните на фабриката, ни објаснува за секоја машина што конкретно работи, како тече процесот на производство на деловите, коишто не се само некакви едноставни пластични компоненти што треба да се вградат во автомобилите, туку, напротив, мошне софистицирана електроника која што се вградува во менувачите, управувачки модули, кровните панели со контролни функции, итн. Опремата со која што ракуваат вработените е последен збор на технологијата, од врвни светски производители, преполна со електроника, компјутерска техника, роботи, што значи дека најголем дел од производството во „Костал“ во Охрид е автоматизирано или полуавтоматизирано. Заради комплексноста на самата електроника којашто се произведува и високо поставените критериуми и стандарди за врвен квалитет, сè е чисто и средено, германски педантно како под конец, така што фабричките хали повеќе личат на аптека, одошто на индустриски капацитет.
Виктор Мизо вели дека просечната старост на вработените во компанијата е 34 години, а просечната бруто плата е 725 евра, што значи дека просечната нето плата се движи нешто под 500 евра.
„Меѓу вработените имаме и такви коишто поради приликите во градот претходно работеле како продавачи и сл. и со помалку од 200 евра месечна плата, и со дополнителна обука во Германија и Ирска се преквалификуваа за оператори на лентите за склопување на електрoнски и мехатронски производи, со тоа што основната плата им е 350 евра нето, и тоа без платените прекувремени саати, сменско работење, итн. Вработените имаат дополнително обезбеден бесплатен превоз и храна. Мислам дека за македонски прилики, и тоа за помал град, е мошне солидна плата. Имаме позиции, и тоа не-менаџерски, коишто се платени и преку 1.000 евра месечно, заради специфичната тежина на нивната работа, одговорноста и сл.“, истакнува директорот Мизо.
24mizoСепак, и покрај привлечноста на платите, тој вели дека вработени не се наоѓаат така лесно. Причините ги лоцира во два главни моменти.
“Прво, во државава не се продуцираат кадри од областите што ни се потребни нам, како мехатроника, електроника, роботика и сл. Тоа значи дека ние не може да примиме или преземеме кадри од некоја друга индустрија, а за коишто нема да треба да спроведеме повеќенеделна или повеќемесечна обука. Тука не се проблем само трошоците изразени во пари, туку и времето што треба да се потроши за да се преквалификуваат или доквалификуваат тие кадри. Затоа ние правиме напори преку проектот за дуално образование што сега ќе се форсира од страна на државата, како и преку соработка преку средните школи и факултетите, да се воведат наставни програми што ќе продуцираат кадри потребни за овој тип индустрија. Но, за волја на вистината, потребна е поголема проактивност од сите засегнати страни, не само од страна на нас компаниите. Втора работа е менталитетот на луѓето, оној потценувачки однос кон работата во фабрика и сл., желбата по секоја цена да се работи во државна компанија или администрација, затоа што е посигурно, или пак полесно. Искрен да бидам, странските инвеститори што отворија свои фабрики во слободните економски зони, или надвор од нив, еве како оваа на Костал, навистина нудат одлични услови за работа, во што верувам се уверивте и вие самите. Не се само платите пристојни, прекувремените саати и сменското работење платени, К-15 и разни бенефиции како картички за купување со попуст кај бројни трговци во градот и сл., туку постои и можноста за континуирана едукација, усовршување и напредување во кариерата“, вели Мизо.
Конкретно, во „Костал“, додава тој, имаат програми за регрутирање на вработени, така што ги ангажираат на пракса уште од средно училиште, или од факултет за инженерските позиции, со можност потоа да добијат договор за вработување. Разгледувајќи ги погоните, зборувавме со неколку од тие млади луѓе.
Kostal-2nЕдниот од нив, го затекнавме во лабораторијата за контрола на квалитетот на производите, ги привршува студиите на Факултетот за информатика во Охрид, на пракса е во фабриката девет недели и бидејќи е од друг град, компанијата му го плаќа сместувањето, му дава надомест од 350 евра месечно, и потоа ќе му понудат договор за вработување на неопределено време.
„Почнавме и програма со тренинг на штотуку дипломирани инженери. Програмата трае шест месеци, период во којшто исто така им плаќаме сместување на тие што не се од Охрид и месечна плата, се обучуваат, се запознаваат со сите процеси, гледаат каде најубаво може да се вклопат и на крајот, доколку сакаат да останат во Костал, се разбира, им нудиме договор на неопределено време. Веќе имаме повеќе млади професионалци коишто се преселени од други градови –Битола, Прилеп, Кавадарци, Неготино, Куманово, Скопје, Велес, Гостивар итн.- и сами или тие што се со семејства, си работат и живеат овде во Охрид. “, вели Мизо.
Во контекст на значењето на „Костал“ не само за економскиот, туку и општествениот развој на Охрид и регионот, тој го истакнува и фактот што компанијата како општествено одговорна финансиски ги поддржува, а преку своите вработени и учествува во сите поголеми спортски настани во градот, како што се ОхридТрчат, Илинденскиот пливачки маратон на 10 км, Охридскиот пливачки маратон на 25 км и многу други.
„’Костал’ помага и во одржувањето на Спортскиот центар ‘Билјанини извори’, го поддржува правењето на регионалните вести за глуви и наглуви лица, организира акции за чистење на градот и крајбрежјето, итн.“, вели Мизо.
Царините за репроматеријалите се високи, а државата нема всушност кого да штити
Плановите за развој и раст на операциите на „Костал“ во Македонија се големи, вели нашиот соговорник, но покрај предизвикот со наоѓањето на соодветен квалификуван кадар, постои уште еден проблем што влијае врз приходите и успешноста, а тоа се високите царински давачки за голем дел од репроматеријалите што „Костал“ мора да ги увезе во земјава, затоа што тука не се произведуваат.
“Нашиот план до крајот на 2025 година е да стигнеме до околу 900 вработени и обрт од 250 милиони евра. Моментално ги тестираме производните процеси за електроника што ќе му ја испорачуваме на Фолксваген, односно сите брендови во групацијата –Ауди, Сеат и Шкода. Адаптираме уште еден погон од старите хали на ЕМО, каде што ќе инсталираме нова опрема, а градиме и нов канцелариски простор. Нашата амбиција е во охридскиве погони да се прават и компонентите за т.н. onboard charger, односно внатрешните полначи за електричните автомобили на клиентите што ги снабдува Костал, што значи најсофистицираната технологија на компанијата да ја донесеме во нејзините македонски погони. “, ни рече Мизо.
Меѓутоа, за сите производи што излегуваат од погоните на фабриката се користат увезени компоненти, најчесто од Азија, коишто не се произведуваат во земјава, а се плаќа царина за нив, којашто во голема мера се разликува од царинските давачки во ЕУ.

Kostal-4„На пример, за одредени електромотори, царината во Македонија е 10%, во ЕУ 2,7%. За индуктивни калеми и електрични трансформатори, царината овде е 15%, во ЕУ 0%.   За прекинувачи за напон што надминува 1000 волти, се плаќа царина 13%, во ЕУ е 2,7%. И уште многу вакви примери. И сега што се случува: Овие репроматеријали, најчесто компоненти за електроника од Азија, прво доаѓаат некаде во ЕУ во една дистрибутивна локација, значи се плаќа европската царина, а потоа на таа сума ние плаќаме уште 15%, на пример. А, нашите финални производи потоа излегуваат од земјава, ништо не се продава овде, ниту пак нешто од репроматеријалите може да најдеме на домашниот пазар. Кого штитат тогаш царинските стапки? Царината е пред сè замислена да има заштитна мерка за домашната индустрија, а не фискална функција, и таа може да има поголемо влијание врз крајната цена на високо софистициран производ, одошто цената на работната сила, затоа што ние не сме трудоинтензивна дејност каде што работната рака има голем придонес во крајната цена на производот. Ние цело време се трудиме да најдеме добавувачи меѓу локалните фирми, без оглед дали се со домашен или странски капитал, сите тие се практично домашни фирми. Но, со оглед на тоа дека работиме за светските гиганти од автомобилската индустрија, коишто не прават никаков компромис околу квалитетот на тоа што го вградуваат во своите возила, следствено и ние мораме да бидеме сигурни дека тоа што го набавуваме како репроматеријал ги задоволува сите нивни барања, односно е сертифицирано според највисоките светски индустриски стандарди. Затоа и ние ги имаме сите потребни сертификати за квалитет, контролирани од самите клиенти, па така и тој што сака да биде наш добавувач мора да ги поседува истите.“, објаснува Мизо.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×