Виктор Петков: Македонија е земјоделска земја, а земјоделско производство сè помалку
Објавено на од во Интервју

Виктор Петков главнаВиктор Петков
сопственик и генерален менаџер на „Випро“ – Гевгелија

Моментално најголеми проблеми во преработувачката индустрија за зеленчук и овошје се актуелниот и потенцијалниот недостиг на суровини; актуелниот и очекуван недостиг на работна сила и решавање на статусот на сезонските работници; рестриктивна царинска политика којашто се одразува на развојот на компаниите и конкурентноста на нивните производи: тука би ги спомнал комплицираните повеќедневни царински процедури и низата трошоци што тие ги предизвикуваат, како материјални, така и непотребно трошење на човечките ресурси.

 

Виктор Петков е ветеран меѓу бизнисмените од конзервната индустрија во Македонија, поточно преработувањето на зеленчук и овошје. Почетоците на неговата компанија „Випро“ се уште од 1992 година, како производител на сокови, а подоцна и минерална вода, а пет години подоцна почнува и производството на ајвар по домашен рецепт. Следат години на континуиран развој на фабриката и раст на производниот асортиман, збогатуван постепено и со нови преработки. Во 2008 година Петков решава да направи поголема фабрика на локација блиску до веќе постоечката, а во 2012-та свечено е пуштен новиот капацитет на „Випро“ со можност за 10 пати поголемо производство од стариот, или 20 милиони тегли годишно.

Денес компанијата е меѓу најголемите производители и извозници на земјоделски преработки од државава, со 80% од производството пласирано на странски пазари. Но, и покрај тоа, Петков смета дека потенцијалите на оваа индустриска гранка не се ни приближно искористени, пред с$ поради досегашните лоши државни политики во областа и на примарното земјоделско производство, а следствено и во делот на индустриските преработки.

 

Како ја завршивте 2018 година во поглед на производството, приходите, добивката? Дали беше подобра година за „Випро“ во однос на претходната?

Минатата година беше специфична за нашата индустрија бидејќи речиси 30 дена порано заврши одошто претходните години. Тоа значеше за една третина помалку суровина за конзервните фабрики.

Сепак, „Випро“ ги оствари своите проекции, затоа што порано почнавме со активностите. Ние со години имаме континуиран проектиран раст на производството и приходите, истото се случи и во 2018-та. Добивката беше стандардна од причина што вкупната профитабилност поради поголемата конкуренција со години опаѓа. Вкупниот обем на продажба наместо очекуваниот раст од 10%, се сведе на умерени 5%, при што помогнаа и тековните залихи.

 

Какви ви се плановите и прогнозите за 2019-та во поглед на компаниските резултати?

За 2019-та очекуваме вообичаен умерен раст паралелно со модернизирање на производството, промоција на нови производи и освојување нови пазари. Велам умерен раст, затоа што заради повеќе причини од макроекономска природа не може да се проектира поинтензивен. Очекувам надминување на годишната продукција од околу шест милиони единици готови производи.

 

Виктор Петков внатре n

Нашата компаниска политика е постојано нешто да усовршуваме, да нудиме новитети. Први на пазарот воведовме мало, 95 грамско пакување на домашен ајвар во амбалажа практична за носење и консумирање, многу практично и безбедно за сите вработени луѓе коишто се постојано во трка со времето.

Кои се тие причини, објаснете ми ве молам кои се според васклучните проблеми што стојат на патот на подинамичен развој на оваа гранкаи вашата компанија следствено?

Моментално најголеми проблеми во преработувачката индустрија за зеленчук и овошје се следниве: актуелен и потенцијален недостиг на суровини; актуелен и очекуван недостиг на работна сила и решавање на статусот на сезонските работници; рестриктивна царинска политика којашто се одразува на развојот на компаниите и конкурентноста на нивните производи: тука би ги спомнал комплицираните повеќедневни царински процедури и низата трошоци што тие ги предизвикуваат, како материјални, така и непотребно трошење на човечките ресурси. Потоа, непотребен ДДВ во процесот на набавка на нова опрема, високи царини, давачки и други трошоци за репроматеријали и некои основни средства (машини, возила, итн.). Не се зема предвид развојната компонента на компаниите. Сите овие наброени проблеми бараат мултидисциплинарно решавање. И на крај, иако не најмалку значајно, проблем е и недоволната макроекономска поддршка во стимулирање на развојот и модернизирањето на фирмите од оваа индустрија, коишто се генератор на целокупното земјоделско производство.

 

Велите дека сè уште не се надминати проблемите со недоволните количини на суровини, но зошто е тоа така? Зошто државава што се смета за земјоделска нема доволно земјоделско производство?

Овие проблеми не се надминати, туку се дополнети и со проблемот на недостиг на работна сила. Државата досега овие проблеми ги решаваше популистички, аматерски и непрофесионално, па затоа очекувам нивно заострување.

Субвенциите сами по себе не може да бидат единствен носител на севкупната земјоделска политика, што за жал се покажа во време на претходната влада. Земјоделството е премногу комплексна област, стратешки многу важна за да може да се решава на таков едноставен и прилично популистички начин.

Истовремено, заради цврстата рестриктивна царинска политика, не е можна корекција со помош на увозот. Ако не се случат драстични промени домашната индустрија нема да може да го следи чекорот со меѓународната конкуренција, односно ќе заостануваме. Истовремено и самото земјоделие ќе го следи истиот тренд затоа што редица производи од него се инпут во преработувачката индустрија.

 

Кои се ваши препораки како долгогодишен бизнисмен во преработувачкиот сектор во поглед на зголемување на количините и конкурентноста на македонските земјоделски производи?

Би ги издвоил следниве чекори што треба да се преземат: Арондација, што значи окрупнување на земјоделските површини; Социјална економска експропријација на земјоделското земјиште во функција на економски развој, што поскоро; Ревизија на даночната политика во поглед на засеани и незасеани површини; Мапирање, евидентирање на целокупното земјоделско производство, по површини, структура и носители; Научно истражување и следење на домашниот, поблискиот и подалечниот меѓународен пазар за нашите земјоделски производи; Прагматично поврзување на науката со стопанските субјекти и земјоделието; Сет на стимулативни економски мерки и инструменти коишто би го одржувале и насочувале домашното производство и по структура и по количини; Олабавување на постоечката рестриктивна царинска политика во увозот на репроматеријали и сл., бидејќи Македонија е мала земја и затворањето е на нејзина штета.

 

Каква е структурата на производството на Випро во моментов, кои се носечки производи?

Випро има четири групи производи и повеќе подгрупи. Носечки групи се: специјалитети; кисела програма; слатка програма; природна ферментација и вакуум пакувања. Подгрупите се повеќе и можат да варираат во зависност од трендовите на пазарот или пак од таргетите на поодделни пазари. На пример, домашни и интернационални специјалитети; во киселата програма зависно од обработката може да се издвојат стандардни и потпечени кисели производи, кој претходно се грилува – маркира и потоа се става во кисело. Кај слатката програма имаме слатка, џемови и мармалади. На Випро носечки производи се специјалитетите каде што предничат домашниот ајвар, пинџурите, лутеницата и малиџаното или модификација – паста од печен домат.

 

Кои се најновите иновации и унапредување на производниот асортиман што ги направивте во Випро? Како ги прифати пазарот?

Випро постојано иновира и усовршува. Имаме нова програма од грицки на база пченкарно брашно и низа природни ароми од зеленчук – пиперка, домат, тиквичка, разни миксови и сл. Понатаму, имаме програма и од намази и сосови. Да не ги заборавам постоечките производи, првенствено домашниот ајвар, каде што годинава на постоечките шест варијации додадовме уште две нови, „chunky“ајвар со поголеми парчиња пиперка и „royal“ајвар, луксузна верзија со специјална изведба на посув ајвар. Воведовме, исто така и ново практично пакување на ајварот во лименки од 95 грама, амбалажа што ги задоволува потребите на вработените луѓе – мало пакување, лесно манипулативно (може да се стави во мала торба и сл.), некршливо, за еднократна употреба, што пак истовремено значи и безбедно бидејќи нема зачувување, можно расипување и сл. Секој нов производ бара помалку или повеќе време за прифаќање од потрошувачите, на некои пазари оди полесно, на други потешко. Слично беше и со домашниот ајвар, сега веќе далечната 1998, кога „Випро“ за првпат го промовираше на пазарот – прво скепса кај потрошувачите, чудење како може домашен ајвар, а направен во фабрика и сл., за денес да се консумира во количини што се мерат во милиони тегли годишно.

 

Кои се ваши следни планови во тој поглед, што може да се очекува како нова понуда од Випро?

Нашите планови се главно поврзани со редовните програми, погоре споменати, коишто постојано се развиваат и усовршуваат. Секако тука спаѓа групата на специјалитети, домашни и интернационални. Усовршените ајвари веќе се на пазарот, делумно и сосовите. Вакуум програмата – ферментиран зеленчук (природно ферментиран без термичка обработка, најмногу кисела зелка) е во редовна понуда во поголемите трговски синџири во Македонија. Следниот период планираме повеќе да се фокусираме на новите производи, грицки.

 

Каква е извозната стратегија на Випро, колкав дел од производството оди за извоз, кои се клучни извозни пазари, и кои се најизвезувани производи на компанијата?

Випро има умерена извозна стратегија во моментов, околу 5-10% раст годишнo, с$ додека не се решат клучните проблеми што ги наведов претходно, а коишто влијаат врз понатамошниот развој на преработувачката индустрија. Наши клучни извозни пазари се САД, Канада, В. Британија, ЕУ, земјите од поранешна Југославија. Најмногу извезувани производи ни се домашниот ајвар, пинџурот, лутеницата, паста од печен домат, грилуван маркиран зеленчук, итн.

 

Колкав дел од производството на компанијата е во делот на private label (приватна марка) и дали на тој начин сте успеале да влезете во некои од регионалните или европските трговски синџири?

Околу 40% од производството ни е под приватна марка, 20% заеднички настап и 40% под сопствен бренд. Деловната политика ни е да го форсираме нашиот сопствен бренд, додека заедничкиот настап и приватната марка се трудиме да ги намалуваме, иако меѓународните трговски синџири инсистираат на нивни приватни марки. Можните загуби заради тоа ги компензираме преку ширење на производната програма и влегување на нови пазари.

 

Што очекувате како бенефит конкретно за вашата индустрија од влегувањето во НАТО?

Очекувам подобри перспективи за индустријата и извозните гранки, позитивна бизнис клима и конечно надминување на политичко – безбедносните ризици за земјата, што ќе донесе оптимизам кај инвеститорите, и домашните и странските. Очекувам и зголемен обем на трговска соработка со соседните земји, исто така, како директно меѓу себе, така и заеднички настап кон трети пазари.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×