Виничкото богатство ги фасцинира Ватикан и Оксфорд
Објавено на од во lifestyle

Музеј Теракота1In Vinica Veritas

Теракотните икони и славењето на хуморот и сатирата го ставија градот на светската културна мапа.

Дали сте знаеле дека на територијата на општина Виница има преку 100 археолошки локалитети и дека најпознат од нив е виничкото кале, каде што некаде од 1980-те години почнуваат и најинтензивните ископувања? Оттогаш овој локалитет не престанува да ги воодушевува археолозите со богатиот материјал од различните историски етапи, почнувајќи од неолитот, енеолитот, железното време, раната антика, хелинизмот, римскиот период, доцната антика и богатото средновековие. Ова го научив од Благица Стојанова, археолог и кустос во Музејот на Виница, каде што се сместени добар дел од најзначајните артефакти досега пронајдени на виничкото кале и околните археолошки локалитети, меѓу кои и најпознатите, теракотните икони. Токму според нив е даден и називот на музејот, „Теракота“, отворен во 2006 година, со што на градот му е дадена нова културна димензија и препознатливост.

Стојанова вели дека се работи за современ музеј со мошне интересни поставки, како што се алатките на праисторискиот човек, мистериозните култови на античката цивилизација, раскошот и декаденцијата на средновековието, скромноста на првите христијани и нивната длабока вера, воинственоста на варварите… сето тоа е собрано на едно место.

Музеј Теракота2Музејот „Теракота“ ја раскажува приказната за бесценетоста на Македонија

„Музејот ја нуди приказната за бесценетоста на Македонија. Она на што сме особено горди се теракотните икони, коишто датираат од крај на 5-ти и почеток на 6-ти век, ранохристијанство, и досега имаме откриено 13 мотиви. Тоа се плочи изработени од глина, моделирани со помош на калап, со којшто на предната страна на плочите се изведени релјефни претстави со одредена иконографска содржина, прикажани во повеќе идентични реплики. Темите се земени од библијата, претставени се старозаветни сцени, илустрирани псалми, христолошки претстави и ликови на христијанските светители. Теракотните икони со својата уникатност ја ставија Виница на светската археолошка карта.“, ни објасни Стојанова.

Инаку, девет од теракотните икони минатиот октомври беа дел од поставките на изложбата со наслов “Религиите во империите низ историјата“, во музејот Ашмолијан на Оксфордскиот универзитет.

“Тоа беше огромно признание за Македонија како сопственик на овие скапоцени артефакти, односно за нејзиното место во светското историско наследство, а особено радува фактот што беа претставени во најстариот универзитетски музеј во светот. Досега иконите биле претставени на изложби во Москва, Ватикан, Минхен, Париз, Рим, Варшава, Анкара,Белград, Загреб, Утрехт и уште многу други европски и светски градови. Значењето на теракотните икони уште повеќе се зголемува затоа што нивната намена с$ уште е обвиткана со превезот на мистеријата и лежи во длабочината на големата површина на неистражениот простор околу тврдината. “, вели нашата соговорничка од музејот „Теракота“.

Најстарите артефакти изложени во музејот е од времето на енеолитот, околу 4500 години п.н.е., а тоа се камени алатки, острила, фрагменти од садови и сл. „Теракота“ има околу 4000 посетители годишно, најмногу ученици, пензионери, а има и од странство. Со оглед на оддалеченоста од Скопје и не толку добрата патна инфраструктура што го поврзува со Виница, нашите домаќини велат дека бројката на посетители е пристојна.

“Веќе имаме проблем со капацитетот, затоа што музејот е релативно мал, имаме доста артефакти коишто не се изложени, па правиме напори да издејствуваме нови простории за него, за што веќе комуницираме со локалната власт“, ни рече Стојанова пред да си заминеме од ова уникатно место во Виница коешто навистина вреди да се посети.

37VВиница има фестивал на смеата, но „плаче“ за нов Дом на културата

Виница е мало место, па добрата работа е што всушност севи е при рака, сее блиску едно до друго, па така и Домот на културата „Тошо Арсов“, нашата следна дестинација од оваа репортажа е на неколку чекори од музејот „Теракота“. Таму непречекува директорот Славко Данев, којшто прво ни покажува неколку врамени карикатури во холот.

“Ова се дела на неколку досегашни учесници на ‘In Vinica Veritas’, фестивалот на хумор и сатира што го одржуваме секоја есен овде во Домот. Фестивалот првпат е одржан во 1993 година, за по неколку години да згасне и возобновен е во 2009-та кога станува и меѓународен. Вистински бренд е на градот, единствен ваков фестивал во Македонија, посетуван редовно од неколку илјадна публика тие 4-5 дена колку што обично трае, а гостуваат карикатуристи, стенд – ап комичари, автори на сатира, како и театарски ансамбли од цел свет. Градот тие денови навистина живее во знакот на Фестивалот“, вели директорот Данев.

Забележувам дека внатрешноста на Домот на културата е прилично нагризена од забот на времето и “плаче“ за реновирање. Исто како и салата за одржување настани, којашто има капацитет од 300 места за седење.

„За жал, не е инвестирано во обнова на Домот досега и свесни сме дека не е во добра состојба. Но, со буџетот што го добиваме од државата, не може да ги покриеме ниту културните настани што ги организираме преку годината, покрај веќе споменатиот фестивал, како што се разни изложби, детски манифестации, претстави и сл., а не пак да помислиме на некакво реновирање. Освен тоа, ние како институција во оваа зграда сме всушност кираџии, сопственик е Општината Виница и не може на своја рака да правиме било какви интервенции“, објаснува Данев.

Музеј Теракота3Културните работници бараат поголема општествена одговорност од бизнисот

Тој вели дека за да ја заокружат финансиската конструкција на настаните што ги организираат како културна понуда во градот, помош имаат и од бизнис секторот. Но, и тука, како што вели Данев, сите поголеми компании како да не ја сфаќаат својата општествено – одговорна улога и потребата од нивниот придонес во тоа општината да стане поубаво место за живеење, што подразбира, меѓу другото и задоволување на потребите на жителите од културно – забавен живот.

“Морам да го истакнам во оваа прилика ‘Макпрогрес’, тоа е фирма којашто, не претерувам, буквално го помага секој културен настан во градов, без оглед дали со пари или преку спонзорирање со производи или услуги. Најзначајниот нивен удел е во кофинансирањето на фестивалот за хумор и сатира, но ги помагаат и останатите манифестации што ги организираме. Но, имам забелешка за останатите фирми, некои се навистина профитабилни и моќни, но не знам зошто упорно одбиваат да вложат дел од својот профит во културата.“, вели помалку резигнирано нашиот соговорник.
За мал град како што е Виница, многу е битно, смета тој, да има што повеќе настани и манифестации во годината што ќе ги анимираат граѓаните, кога веќе најголемиот дел од културните збиднувања се лоцирани во Скопје, со цел луѓето да имаат уште поголем мотив да останат да живеат и работат во општината.
“Луѓето се гладни за културни настани, тоа го покажува и огромниот интерес што го предизвикува фестивалот In Vinica Veritas, на пример. Организираме и детски фестивал на крајот на април, наречен Минивизија, потоа гостувања на театарски претстави, концерти, итн. Градот е домаќин и на меѓународниот фолклорен фестивал Истибањско здраво – живо, Пиво фест во месец октомври, разни спортски турнири…“


Виничко калеКако недостигот на вода во дамнешни времиња ѝ го даде името на Виница

Постои многу стара легенда за градот Виница која се пренесува од генерација на генерација уште од дамнешни времиња. Според оваа легенда луѓето во Виница биле мајстори во производство на квалитетно вино. Било произведувано во големи количини благодарение на големите површини на лозови насади во Виничкиот регион. Во еден период кога населението се соочило со проблеми од недостиг со вода поради сушниот период кој особено бил изразен во летниот период, луѓето кои имале поголеми залихи на вино и кои имале започнато со градежни дејности околу изградбата на своите куќи во недостиг на вода малтерот го добивале со мешање со вино. И од таму доаѓа името на нашиот град Виница.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×