МАКЕДОНСКИТЕ БАНКИ СЕ МАЧАТ СО НАПЛАТАТА ОД ГРАЃАНИТЕ И ФИРМИТЕ КОИ КОЛАБИРААТ!
Објавено на од во Банки и бизнис

Лошите кредити на рекордно највисоко ниво

brojkiВирусот на слаба наплата на кредитите се побрзо се шири во банките. Најкритична е наплатата на ратите за кредити дадени на приватните фирми. До август годинава, спорни за наплата биле 370,9 милиони евра што е 16,3% од сите кредити дадени на компаниите. За една година, сумата пораснала за 15,3%. Банкарите потврдуваат дека враќањето на кредитите оди многу тешко бидејќи компаниите се финансиски исцрпени од долгата економска криза и нивната платежна способност не се подобрува. Овој негативен тренд е закана за и онака слабата кредитна активност правејќи ги банкарите попретпазливи и поконзервативни во одобрувањето кредити. Гувернерот на Народната банка, Димитар Богов, проблемот го лоцира само во одделни банки, а не во целиот банкарски сектор.

Банкарите се потешко успеваат да ги наплатат дадените кредити на приватните фирми и тоа го докажуваат последните статистички податоци според кои за една година, лошите кредити се зголемиле за 15,3%. Банките не можат да наплатат 370,9 милиони евра од компаниите, што е 16,3% од сите кредити пласирани во стопанството. Ако на оваа сума се додадат и лошите кредити кај населението, произлегува дека вкупно 473,7 милиони евра се спорни за наплата. Статистиката покажува дека по одделни сектори, први на црната листа на банките кои најтешко ги враќаат кредитите се најдоа трговските компании, индустријата, хотелите и рестораните како и фирми што се занимаваат со дејност во врска со недвижен имот. grafik Банкарите потврдуваат дека наплатата на кредитите оди многу тешко бидејќи компаниите се финансиски исцрпени и нивната платежна способност не се подобрува. Претседателот на Управниот одбор на НЛБ Тутунска банка, Ѓорѓи Јанчевски, вели дека долгата економска криза е причината што домашните компании се во тешка финансиска кондиција.

Ѓорѓи Јанчевски, претседател на УО на НЛБ Тутунска банка

Ѓорѓи Јанчевски претседател на УО на НЛБ Тутунска банка

Наплатата на кредитите од фирмите се влошува и тоа е очекувано бидејќи нема значително забрзување на економската активност. Порастот на економијата главно се должи на компаниите што работат во технолошко – индустриските зони, и по сектори најдобро се држат градежните компании поради нивниот ангажман во изведувањето на некои јавни инвестиции. Останатите домашни фирми помалку или повеќе се уште се соочуваат со криза. Порастот на лошите кредити засега не е драматичен и нашиот банкарски сектор во овој дел се држи подобро отколку сите други земји во регионот, објаснува Јанчевски.

Тој вели дека овој негативен тренд повторно ќе ги направи банкарите поконзервативни во одобрувањето кредити. „Кредитирањето годинава расте побрзо отколку лани, но порастот на лошите кредити ќе влијае на промена на деловната политика на некои банки, особено оние кои што имаат најголем удел на нефункционални пласмани во своето портфолио“, смета Јанчевски. Гувернерот на Народната банка Димитар Богов, пак, вели дека учеството на лошите кредити во вкупните кредити се стабилизира по достигнување на максимумот во средината на минатата година, а проблемот го лоцира во одделни банки, не во целиот банкарски сектор.

Димитар Богов, гувернер на Народна банка

Димитар Богов гувернер на Народна банка

Можни се повремени порасти во некои месеци но генерално трендот е стабилизиран, а во догледно време очекуваме и да започне да се намалува. Проблемот веќе не е општ за банкарскиот сектор туку локализиран во поедини банки и главно се однесува на кредити дадени пред повеќе години. Во рамките на своите надлежности Народната банка презема мерки за зајакнување на управувањето со кредитните ризици и корпоративното управување во банките, вели Богов.

Банкарите велат дека сигурноста и стабилноста на банкарскиот сектор воопшто не е доведена во прашање имајќи ја предвид капиталната позиција на банките, која е двојно повисока од законски пропишаниот минимум од 8%, како и покриеноста на нефункционалните пласмани со резервации, кое се движи некаде околу 100%. Тони Стојановски, член на Управниот одбор на Стопанска банка, објаснува дека зголемувањето на лошите кредити во последните неколку месеци во делот на компаниите, не мора да значи дека се зголемил ризикот што го перцепираат банките во реалниот сектор во истиот тој период.

Тони Стојановски член на УО на Стопанска банка

Тони Стојановски
член на УО на Стопанска банка

Нефункционалните кредити се сметководствена категорија во која главно спаѓаат кредитите кои се отплаќаат со задоцнување поголемо од 90 дена. Тоа значи дека кога ќе се види зголемување на нивото на нефункционалните кредити, се зголемуваат кредитите кои го надминуваат прагот од 90 дена при нивната отплата. Во суштина не постои значајна квалитативна разлика меѓу компанија која ги отплаќа обврските со доцнење, на пример, од 85 дена и компанија која е во доцнење при отплатата на обврските 91 ден, чии побарувања согласно регулативата мора да се евидентираат како нефункционални, објаснува Стојановски.

Тој вели дека до крајот на годината не би требало да се очекува позначајна промена на состојбите во овој сегмент, но сугерира внимателно да се следат движењата во европските економии, со оглед на влијанието што го имаат врз нашата економија.

Стресни резултати од стрес тестовите

Резултатите од стрес тестовите што ги спроведе Народната банка исто така покажаа дека доколку се случи најлошото сценарио во економијата, адекватноста на капиталот во банкарскиот сектор ќе се задржи над 12% што е значително повисоко ниво од законскиот минимум од 8%. Тоа значи дека сите банки ги положиле стрес тестовите што им ги зададе централната банка. Меѓутоа, еден дел од тестот прикажува загрижувачки резултати. Лошите кредити кај компаниите во најлош можен случај ќе достигнат 33,1% од кредитното портфолио, што во пари би било еднакво на околу 750 милиони евра спорни за наплата. По одделни сектори, најпроблематични за наплата би биле кредитите дадени на компании што се занимаваат со хотелиерство и угостителство, односно дури 44,7% од вкупните кредити, а според ова сценарио, инвеститорите во недвижности не би можеле да отплатат 43,1% од земените кредити. Состојбата кај граѓаните е подобра споредено со бизнис секторот. Лошите кредити дадени за населението според најлошото можно сценарио би се искачиле од 6,2% на 14,4%. Колку е ова сценарио возможно?! Откако европската економија повторно е во фаза на слабост, а германската економија ги покажува првите знаци на рецесија после 2009 година, меѓународните финансиски институции се повеќе искажуваат загриженост за економскиот раст. Засега проценките за Македонија се дека економијата следната година ќе порасне околу 3% што е всушност и најоптимистичка оценка во споредба со останатите земји од регионот.

Слабата наплата ги подјадува добивките

Финансиските извештаи на банките за првите шест месеци годинава покажаа дека дел од банките имаат сериозни проблеми да ги наплатат побарувањата така што тоа директно се одразува во нивните биланси како загуба. Комерцијална банка во првото полугодие годинава објави загуба од 2,27 милиони евра поради слабата наплата на кредитите, но во споредба со истиот период лани, загубата е три пати помала. Уни банка прикажа пад на добивката од дури 68,4%, а ТТК банка пријави загуба од над 800 илјади евра додека пак лани во истиот период работеше со добивка. Стопанска банка Битола исто така ја продлабочи загубата приближувајќи се до минус од речиси еден милион евра. Некои од банките прикажаа пораст на добивката. Стопанска банка објави зголемување на профитот и тоа за 65,4%, на 13,3 милиони евра. Охридска банка прикажа поголем профит за 52,4% и ја заврши првата половина од годината со добивка од 2 милиони евра. НЛБ Тутунска банка објави зголемување на добивката за 21,3% на 5,7 милиони евра. Генералниот директор на НЛБ Тутунска, Ѓорѓи Јанчевски, вели дека влошувањето на кредитното портфолио има најголемо влијание во ослабувањето на профитабилноста кај некои банки. „Штом нивото на ненаплатливи кредити се зголемува, значи дека банката треба да одвојува поголема сума за резервација која што се книжи како трошок. Ако веќе нема друг начин за наплата, тогаш банките го превземаат имотот што е ставен под хипотека. Но се додека тој имот не се продаде, банката ќе мора секоја година да отпишува по 20% од неговата вредност книговодствено, така што профитот може да дојде дури откако ќе се заврши целата постапка“, објаснува Јанчевски. Според последните податоци од Народната банка, банките имаат запленето имот вреден 114,9 милиони евра.

3 thoughts on “МАКЕДОНСКИТЕ БАНКИ СЕ МАЧАТ СО НАПЛАТАТА ОД ГРАЃАНИТЕ И ФИРМИТЕ КОИ КОЛАБИРААТ!

  1. Neka kazat javno bankite kolku milioni se ofajdija od blokiranite smetki na graganite samo, na 250.000 gragani po 1500 den provizija i po 400 den za blokada i deblokada na smetkite kade se sega bankarite da presmetaat i javno da soopstat? cist grabez…..objavete go komentarot javno od gragansko zdruzenie

Напиши одговор на mac Откажи одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×