Вистинското референдумско прашање
Објавено на од во Колумни

Креаторите на кризата, оние кои свесно создаваат пречки за да имаат со што да одат “на пазар” тие треба денеска  со должна почит ем сериозност да бидат канети на лидерски театри, да бидат прашувани за мислење – како до решение, да бидат политички фактор, додека истата “привилегија” ја користат за најбезобразни барања за амнестија, јавни или скриени зад различни наводни инсистирања на “законски измени”. Прифаќате ли толеранција (макар и во името на обидите за креирање на единство и добивање на поддршка) на дрскоста да се стават законите и одговорноста како принцип на масата за политички договори!?

 

Sinadinovska

 

 

 

 

 

 

 

“A people that values its privileges above its principles soon loses both.” – Dwight D.Eisenhower

 

Депресивно е да се читаат поентите од извештајот на британскиот Комитет за надворешни работи каде што стои дека на земјите од Западен Балкан (вклучително и на Македонија) ќе им треба половина век за да го достигнат европскиот стандард. Британците анализирале различни параметри, вкрстувале економски, политички и безбедносни податоци и заклучиле дека граѓанинот којшто овие денови ќе се роди на Балканот (западен), некаде околу својот педесетти роденден ќе може да дувне свеќа со еднаква стартна позиција во исполнувањето на желбите како неговиот европски другар, да речеме, од Белгија.

Фактот дека со ова темпо ниту ние, ниту нашите деца (барем не на младост) нема да ги вкусиме социјалните, политички, ама и цивилизациски придобивки на системот на европски вредности  креира емоција на разочарување и се губи една друга клучна порака на којашто не се посвети доволно внимание, а за мене е можеби и далеку поважна од фактичката прогноза што се мери во децении..

Во Извештајот заедно со набројувањето на отежнувачките фактори во развојот на овие држави, стои дека “на политичките елити им одговара статус кво состојбата”. Просто објаснето ова значи дека во нашата земја, и во нашето потесно географско опкружување има политички фактори, (кои се уште и делови од “политичката елита”) што силно се залагаат за оваа депресивна состојба да не се промени. Никогаш.

Овие политички структури (да се фокусираме сега на Македонија) не се ограничени на власта или на опозицијата исклучиво. Токму затоа и “елита” како термин сосема одлично одговара во нивниот опис, иако на прва можеби звучи како морфолошка или логична недоследност. Составени од политичари, бизнис моќници, креатори на јавно мислење и групации на експерти, ваквите “терористички ќелии” секојдневно се во мисија на напади на секоја идеја за излез од безизлезноста. Нивна мета се сите храбри одлуки и нивните креатори, сите обиди за промени на внатрешно или надворешно политички план, сите визии што во себе вклучуваат принципи – на одговорност, санкции и на едно поинакво практикување на политиката водено од идеја и идеологија, наместо од желба за власт и пари. Тие се многу. Тие се моќни. И ги има насекаде. Оттука не треба да изненадува што секоја идеја за промена во Македонија неминовно во една фаза од својата имплементација се соочува со некоја (а неретко и со сите заедно и организирано) ваква “терористичка” група.

Однесувањето на македонската опозиција согледано преку најголемата политичка организација којашто замина од власт со најмногу “обвинети по глава на партиски член”, обвиненија за корупција и криминал од коишто Европа се шокирше, а којашто се’ уште настапува како партија, ВМРО – ДПМНЕ, заедно со шефот на државата, претседателот Ѓорги Иванов се движи токму во границите на овие дефиниции. Бруталната деструктивност во обидите за блокирање на историските процеси од аспект на евроатлантските интеграции и немањето на елементарно чувство за државност не може да се дефинира никако поинаку освен како очајнички обиди за  одржување на “статус кво позицијата”. Нивната безобразна уцена и најотворено и дрско барање на амнестија во замена за испорачана поддршка не ја открива само идеолошката празнотија и лицемерие, туку и една крајно опасна визија за тоа како овие луѓе ја замислуваат нашата држава. Држава на партиски пазарења и математики, држава без систем и институции, држава без принцип на казнивост и одговорност, држава без правда, држава без мир (погледнете ги само повиците за крвопролевање што течат од слаткоречивите патриот(к)и во првите експертски борбени линии). Тука некаде и за најнаивните завршуваат сите приказни за евентуални реформи во тоа здружение на граѓани или за новата енергија што треба(ше) да протече со “надојдениот” лидер. Тука, во секоја една нормална демократија би требало да завршат  и прашањата за можноста оваа структура воопшто да биде гледана, а камоли земена предвид како легитимна политичка алтернатива, но во една ваква Македонија, тие не само што како такви се претставуваат туку гледаме активно и учествуваат во “барањето на решенија” преку лидерски средби и останати политички театри. Креаторите на кризата, изворите на проблемите, оние кои свесно создаваат пречки за да имаат со што да одат “на пазар” тие треба денеска  со должна почит ем сериозност да бидат прашани за мислење – како до решение… Пародија!

Паралелно со фактот што оваа иронија денеска пред се’ се должи на неенергичното справување на новите суверени со овие “ќелии”, како и на слабите реформи во правосудството, не треба да се заборави дека таму каде што завршуваат прашањата за ВМРО – ДПМНЕ, почнуват оние за власта. Разните креативни решенија за тоа како да се заобиколат сопките, таман и да вродат плод, тоа не ја брише горчливоста што еден ваков дипломатски и политички успех, каков што е Договорот со Грција, зад којшто стојат и лидерите на Западниот свет, се дозволи да биде предмет на политички игри за спасување на нечии глави. Тоа беше сосема очекувано  и требаше многу посериозно да биде пресретнато. Со вакви прашања нема компромис. Не можат да бидат предмет на дискусија, а камоли на партиски пазари. Договорот и целиот тој процес мораше да се издигне на едно сосема друго ниво, заштитено од обиди за партиски математики.

Оти, впечатокот е многу јасен, дури и провиден – зад сите наводни барања  на ВМРО- ДПМНЕ за измени на закони или правила на игра, стои токму една и единствена уцена и вистинска борба– да се избегне одговорноста. Во најширока можна смисла.  Тука е силно ставена на тест политичката визија, волја и умешност на премиерот  Зоран Заев и на неговите најблиски соработници. Тој ја има максималната поддршка во ставот дека за да успее референдумот ќе стори СЕ’ што може, користејќи ги сите легитимни и демократски алатки (вклучително и избори). Но, во тоа “се’” има една граница од каде што почнува пат што ќе ја одведе не само неговата Влада, туку и целата држава далеку од основата и суштината врз којашто ја изгради сопствената политичка приказна. Политичката моќ, политичката тактика, па и талент мора да се искористат за јасна порака дека аменстијата во ниедна форма и на никаков начин не смее да биде на маса. Судејќи по јавните изјави, премиерот ова го има добро разбрано..  Но, паралелно и, на граѓаните мора јасно и преку сите можни канали да им се објасни дека тие кои не се срамат да бараат непочитување на законот никогаш не може да бидат негови вистински водачи, оти се само обични лицемери и заштитници на криминалот. Тие и нивните обиди мора да бидат сосема разобличени, народот мора да разбере дека политичката или партиска припадност завршува таму каде што почнува законот, а оваа Влада да покаже дека нема никаква намера да ја држи државата во “статус кво состојба”.

Токму ова прашање, (а не она референдумското, какво и да биде) денеска е клучното на македонската раскрсница –  правиме ли ние држава на закон, на систем и на принципи, сакаме ли конечно таква држава или избираме да бидеме во темница, таму каде  што некои најдобро виреат и се снаоѓаат, оти целите политички визии им се сведени на калкулации и злоупотреба на идеологија, пари, емоции на граѓаните. Кога ќе се земе ливчето за гласање, ова ќе биде вистинскиот избор пред вас, оти само од одговорот на ова прашање конечно зависи и колку децении во суштина ќе чекаат македонските граѓани за да можат да се почувствуваат еднакви со другите од континетентот, но и дали далечината помеѓу овој нашиот и европскиот вредносен систем се мери единствено преку времето како категорија или разликите се шират во полиња без граници.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×