Вкупните приходи поголеми за 1,6%, вкупната добивка помала за 24%
Објавено на од во Економија
Полошо прво полугодие од лани за компаниите котирани на Берза.
Zelezara-MAKSTIL-PopovskiFilip005Помалите добивки на двете најголеми банки, Комерцијална и Стопанска Скопје, што изнесува вкупно околу 25 милиони евра, е причина за значителниот пад на вкупната добивка на сите 101 котирани друштва на Македонската берза. Помалата добивка на двете банки се должи на тоа што лани имаа „непланирани“ приходи заради продажбата на металуршкиот комбинат Фени и долгот што кон нив го намири новиот сопственик.
Без малку 100 милиони евра, или 6,12 милијарди денари е вкупната добивка на 101 акционерско друштво котирано на Македонската берза за првите шест месеци годинава, покажува берзанскиот извештај.
Оваа добивка е за 24% помала (31 милиони евра) во однос на истиот период лани, при што остварените добивки на компаниите што работеле профитабилно изнесуваат 6,63 милијарди денари (108 милиони евра), додека загубите на тие со негативен резултат се вкупно 517,8 милиони денари или околу 8,5 милиони евра.
Најголема добивка кај котираните компании во првото полугодие остварила Стопанска банка – Скопје, нешто над една милијарда денари или околу 17 милиони евра, што е за 45% помалку во однос на истиот период лани. Помала добивка за речиси 50% има и Комерцијална банка, или 676 милиони денари (11 милиони евра), а кај двете причината за овој пад е идентична: лани во првите два квартали овие банки ги продадоа побарувањата што ги имаа од ФЕНИ, кој што доби нов сопственик, со што во нивните биланси беше евидентирано ослободување на исправката на вредност и истото имаше соодветен ефект врз финансискиот резултат. Дополнително, Комерцијална банка имаше и реализирана висока капитална добивка од продажба на преземен имот.
Падот на добивките на овие две банки, во вкупен износ од околу 25 милиони евра, е всушност најголемиот „виновник“ за вкупниот пад на добивката на сите котирани компании, затоа што учествува со 80% во оние триесетина милиони евра колку што е вкупно помала добивката на сите котирани компании во првите шест месеци.
Tabeli za kompanii berzaБанките, како по обичај, се најпрофитабилни компании меѓу котираните друштва, па така, меѓу првите пет со најголема добивка три се банки, претходно споменативе, заедно со НЛБ Банка. Останатите две компании во ова друштво се Македонски Телеком, со чиста добивка од 880,8 милиони денари (14,3 милиони евра), што е пораст од 8%, како и Цементарница Усје, со 552 милиони денари (8,9 милиони евра) и пораст од дури 27,6% во однос на првите шест месеци лани.
Банките предничат и со профитните маржи, односно, кога ќе се измери коефициентот добивка/приходи, Стопанска банка има коефициент 38,7%, НЛБ 37,7% и Комерцијална банка со 32%. Доволно е да се каже дека меѓу првите 10 компании со највисок приход се само две банки, а меѓу 5-те со најголем профит се три, па да се воочи нивото на нивната профитабилност. Инаку, од нивните финансиски извештаи се гледа дека заради историски најниските каматни стапки паѓаат нето приходите од камати, но затоа пак растат оние од провизии и надоместоци. Така, кај Комерцијална банка нето приходите од камати во првите шест месеци се помали за 8%, а оние од провизии и надоместоци се повисоки за 13,9%. Кај Стопанска банка – Скопје, приходите од камати се помали за 4,3%, додека оние од провизии се поголеми за 7,8%. Кај НЛБ Банка, пак, од камати имале нето приход поголем за 2,9%, додека од провизии и надоместоци нето приходите се повисоки за само 0,6%.
Фирма од Тетово со најголем раст на добивката
„Приходите од камати се повисоки за 1,1%, главно поради повисоки каматни приходи од секторот население, останати финансиски институции, вложувања во хартии од вредност и наплатени претходно отпишани камати, додека расходите по камати се пониски за 7,5% главно поради пониски расходи за камата кај нефинансиски правни лица, население и останати финансиски институции што се должи на пониски каматни стапки и преструктурирање на изворите во корист на средства по видување. Во однос на планот нето каматните приходи се пониски за 4,5%. Нето приходите од провизии се повисоки за 0,6%, при што приходите од провизии се зголемени за 4,5% како резултат на остварен пораст на приходите во доменот на картично работење, платен промет во земјата и странство, електронско банкарство, кеш центар, продажба на полиси и договори за пензиско осигурување. Расходите за провизии се повисоки за 12,9%, главно поради повисоки расходи поврзани со картично работење, девизен платен промет и кеш центар.“, објаснуваат од НЛБ Банка.
Меѓу 20-те компании со најголема добивка, само осум имаат раст на добивката во првото полугодие, меѓу кои најголем раст покажува Интерпромет од Тетово, од дури 578%, на 35,6 милиони денари или околу 580 илјади евра. Компанијата заработува од издавање на деловен простор, а карактеристично за неа е што е поврзувана со политичарот Мендух Тачи и контроверзната приватизација на претходно општествениот капитал. Компанијата имала приходи за првите шест месеци од 51,1 милиони денари (830 илјади евра) и е меѓу оние со најмали приходи од котираните компании, што значи дека профитната маржа и е фантастични 70%.
Најголем пад на добивката има Прилепска пиварница, од 54%, на 31,14 милиони денари (506 илјади евра) што е полошо и од падот на добивките на двете банки што ги споменавме претходно, Комерцијална и Стопанска банка – Скопје. Пиварницата има речиси идентични приходи како и минатата година, од 855,4 милиони денари (13,9 милиони евра), а падот на добивката според нивното објаснување се должи на видно зголемените расходи во неколку категории.
„ Во порастот на расходите поодделно најмногу учествуваат следните ставки: амортизацијата на основните средства со зголемување од 12,16% ( се должи на ставањето во употреба и пресметување на амортизација во 2019 год. на значителна по вредност нова инвестиција во градежни објекти и постројки/опрема за производство на производи), расходот за потрошена енергија и материјали за енергија со зголемување од 15,08% и расходот по основ на транспортни услуги за дистрибуција на производите и стоките со пораст од 33,54%. Напомнуваме дека и кај суровините и материјалите, иако вкупниот пораст не е над минатогодишните вредности, има значителен пораст на трошокот заради зголемените цени на основната суровина сладот кај пивото и на цената на шеќерот кај безалкохолните пијалаци. Значително зголемување е утврдено и кај расходот за бруто плати на вработените во наведениот период од 2019 год. споредено со 2018 год. од 16,89%, но тоа пред с$ се должи на политиката на друштвото да ги стимулира вработените и нивниот труд, но и да ги задржи квалитетните работници во услови на влошена состојба на пазарот на трудот во земјата за најдување и ангажирање на квалитетна квалификувана работна сила.“, објаснуваат од Прилепска пиварница.
26 TABКај водечките компании најголем приход ОКТА, најголем раст на приходите Гранит
Што се однесува до тоа каква продажба направиле котираните друштва, вкупните приходи за сите нив во првите шест месеци изнесуваат 1,18 милијарди евра, што е за 1,64% повеќе во однос на истиот период лани.
Најголем приход има забележано рафинеријата ОКТА, од 12,64 милијарди денари, или околу 206 милиони евра, што е за 4,3% повеќе во однос на лани, но затоа пак, нето добивката пак на ОКТА во првото полугодие е 29,93 милиони денари или 487 илјади евра, што иако е за речиси 20% повеќе во однос на лани, компанијата не влегува ниту меѓу 20-те најпрофитабилни на листата. Во ОКТА велат дека се задоволни од резултатите за првите шест месеци, иако според овие бројки профитната маржа во компанијата изнесува само 0,23%, далеку под просекот на нафтената индустрија во светски рамки.
„Финансиските резултати во првата половина од 2019 година бележат зголемена профитабилност, остварувајќи континуирано подобрување на обемот на продажба на домашниот и на странскиот пазар, вклучувајќи ја тековната оптимизацијата на оперативните трошоци како резултат на постигнатите оптимални органограмски активности, како и понатамошната рационализација на индиректните трошоци. Според тоа, прилагодената ЕБИТДА, како главен показател за оперативната профитабилност на компанијата, достигна 157 милиони денари за првата половина од 2019 година, надминувајќи ги 152 милиони денари од истиот период минатата година.“, велат во ОКТА.
Најголем раст на приходите меѓу 20-те компании со најголеми приходи од продажба, има Гранит, од 21,6%, на 2,15 милијарди денари, или 35 милиони евра, додека најголем пад на приходите забележал Мермерниот комбинат од Прилеп, од дури 34%, на 774,5 милиони денари (12,6 милиони евра).
Од 20-те најголеми компании според приходи, 13 забележале раст на приходите, а останатите пад. Мермерниот комбинат, којшто годинава подели најголема дивиденда по акција меѓу компаниите што ја поделија својата добивка од минатата година, во 2019 во првите шест месеци има и пад на добивката од 35%, на 430,4 милиони денари, или седум милиони евра, со што е повторно меѓу најпрофитабилните во земјава, или на седмо место меѓу котираните компании на Берза.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×