Владата ги олесни условите за државна помош на погодените компании од корона – кризата
Објавено на од во Економија
Најпогодените сектори ќе добијат повеќе пари;  тие без добивка или со загуба нема да мора да ги враќаат парите: ќе може и да се намали бројот на вработените по неколку основи.
angelovska
Владата воведува три новини во мерката за субвенционирање на 14. 500 денари плата за компаниите како поддршка за справување со последиците од пандемијата.
Министерката за финансии Нина Ангеловска на денешната прес-конференција објасни дека новините се во насока на зголемување на флексибилноста и олеснување на критериумите, како и зголемување на опфатот на фирмите кои можат да аплицираат за оваа мерка која е дел од првиот пакет антикризни мерки и ќе стартува во мај.
Трите промени се: дозволување флексибилност во намалување на бројот на вработените во фирмите што ќе аплицираат; комбинирање на две антикризни мерки за фирми од областа на угостителството, туризмот и транспортот; и промена во критериумите за тоа кој ќе ги враќа средствата од субвенционирање.
Ангеловска ги соопшти новините во мерката, кои се за олеснување на дел од критериумите и зголемување на опфатот на фирмите. На ова се работело со тимот на Светска банка, како и на МФ и на УЈП, а биле слушани и сите предлози од коморите и од сопствениците на микро и малите фирми.
Првата промена се однесува на делот за намалување на вработените, односно се дозволува флексибилност за намалување на бројот на вработени во случај работникот сам да напушти или му истекува договорот. Се дозволува тоа намалување да биде до 15% кај малите и микрофирми, до 10% кај средните и до 5% големите претпријатија. Првично во мерката беше укажано дека работодавачот треба да го задржи истиот број вработени два месеци по користењето на мерката, односно заклучно со јули. Со оваа промена ќе се спречат отпуштања, но ќе се зголеми опфатот на фирми.
Втората промена е зголемување на финансиската поддршка за три сектори – туризам, угостителство и транспорт, кои, како што рече Ангеловска, претрпеле најголеми штети од пандемијата. Оваа новина значи дека фирмите од овие три сектори ќе можат истовремено да користат субвенции од мерката 14.500 денари по работник и да ја комбинираат со другата мерка за субвенционирање до 50% од придонесите за плата по работник. Тоа значи дека вкупната сума што некоја фирма од овие три сектори може да ја користи е 19.500 денари по работник. Оваа промена била поттикната и од Светската банка со цел да им се помогне на најпогодените фирми. Фирмите од најпогодените три сектори, туризам, угостителство и транспорт имаат нула приходи. Затоа со оваа промена им  се излегува во пресрет и им се дозволува на овие компании кои се здрави, да аплицираат и за мерката 50% субвенционирање на придонесите, која беше објавена во првиот пакет мерки. Тоа значи дека ако компанијата има шифра на дејност во еден од овие три години и ако е здрава компанија, под што се подразбира да остварила добивка во последните две години, не е на листата на должници кон УЈП и ако нема достасани, а неплатени обврски по кредити над 90 дена на 29 февруари ќе може да ја комбинира оваа мерка 14.500 денари заедно со мерката за субвенционирање на 50% од придонесите.
Тоа значи дека вкупната финансиска поддршка за овие фирми ќе може да изнесува до 19.500 денари.
Третата промена е во однос на тоа која компанија и под кои критериуми треба да ги врати овие средства од финансиската поддршка. Компаниите што не оствариле добивка во 2020 година нема да ги враќаат средствата од финансиската поддршка, како што и првично беше предвидено. Или ако фирмата остварил загуба, односно не остварила добивка во 2020 година, таа може да не ги врати парите, под услов да ги има платено своите давачки кон УЈП. Промената е кај компаниите што ќе остварат добивка во 2020 и имаа обврска да вратат до 50% од она што го оствариле. Тие сега со новината ја немаат таа обврска доколку истата сума што ја добиле како субвенција од државата ја вложат во својот процес и во вработените.
Значи сите здрави компании кои имале добивки 2019 и 2020 година и кои не се на листата на должници и немаат кредити неплатени над 90 дена, ќе можат да аплицираат за трансформирање на финансиската поддршка во грант, под услов износот кој го добиле да го инвестираат во вработените, во оперативно подобрување на процесите, опрема, продуктивен капитал и слично.
За овие придобивки ќе се аплицира во 2021 година, со поднесување на даночниот биланс, соопшти Ангеловска.
Овие новини, како што соопшти министерката Нина Ангеловска, се направени во соработка со Светската банка, а мерката ќе биде кофинансирана со заем од оваа светска финансиска институција од 50 милиони евра.
Целта е да се зачуваат работните места (според проценките на Министерството за финансии со овие мерки ќе се зачуваат 200-250 000 работни места) и да се одржи ликвидноста на фирмите погодени од кризата со пандемијата.
 Директорката на УЈП, Сања Лукаревска ги објасни условите под кои фирмите ќе треба да ја враќаат финансиската поддршка од државата, а под кои нема да имаат таква обврска, за што УЈП веќе го надгради системот за аплицирање и добивање на средствата за исплата на минимални плати  во приватни фирми кои забележале загуби поради кризата со корона вирусот. „Работодавачите што ќе побаруваат средства за исплата на плати за месеците април и мај, веднаш по завршување на овој месец, најдоцна до 7 мај треба да поднесат образец до УЈП преку системот е-даноци. Ова важи за исплата на платите за април, додека апликациите за мај треба да се достават до 7 јуни“, рече Лукаревска.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×