Влади и корпорации основаат фондови “тешки“ стотици милиони долари
Објавено на од во Компании

Intel, Google, Cisco, FedEx и бројни други светски корпорации нудат финансирање на стартапи што ветуваат, развиваат иновативни технологии и што во иднина може да им бидат интересни кандидати за преземање.

 

Глобалните институции што поддржуваат иновативни проекти главно се интересираат за специфични технолошки проекти. На оние стартапи што имаат или ќе го префрлат своето седиште во САД на располагање им е иницијативата “Startup NASA“ во состав на програмата за трансфер на технологија на вселенската агенција. NASA кон крајот на минатата година објави дека својата технологија “ќе ја врати на земја“.  А, тоа ќе го стори така што околу 1.200 патенти настанати во период од повеќе години истражување ќе ги направи достапни на приватниот сектор во рамки на проектот “Startup NASA”. Целта  на иницијативата е да реши два основни проблеми со кои што се соочуваат стартап компаниите – наоѓање капитал и заштита  на патентите и интелектуалната сопственост. Стартапите ќе може да се користат со тие патенти за да ги развиваат понатаму и да создаваат нови производи и услуги, а крајната цел е позитивен ефект врз економијата, отворање нови работни места и подобрување на квалитетот на животот.

NASA

Околу 1200 свои патенти NASA ќе ги стави на располагање на американските стартапи

 

Патентите е можно да се прегледаат онлајн, а поделени се во 15 групи: аеронаутика, комуникации, електроника, животна средина, медицина, информатика и телекомуникации, инструменти, производство, материјали, механика и флуиди, оптика, енергетика, погон, роботика и сензори. Компаниите што сакаат да ги користат патентите мора да се пријават во NASA. Лиценцирањето на патентите по правило нема да биде ексклузивно, а ќе се одобрува само на оние стартапи што сакаат да ја комерцијализираат таа технологија. Повеќе стартапи може да аплицираат за поедина технологија, но NASA е отворена и за преговори ако некој стартап сака да обезбеди ексклузивни права. За почеток патентите се бесплатни, но ако компаниите по најмалку три години успеат да продадат производи што ги вклучуваат тие патенти, NASA ќе очекува плаќање на вообичаените надоместоци за нивна употреба.

 

Британската влада вложува во кибер-безбедност

Британците пак, вложуваат во стартапи што се занимаваат со кибернетска сигурност. Британската влада најави низа нови програми, вклучувајќи фонд од 165 милиони фунти, за да ја зголеми својата кибернетска сигурност купувајќи стартапи што се бават со ова подрачје или вложувајќи во нив. Ќе се удвојат и јавните средства за борба против киберкриминалот на 1,9 милијарди фунти до 2020 година затоа што Британците сметаат дека кибернетските закани доаѓаат од разни страни, од индивидуални хакери, криминални банди, терористички групи и непријателски сили.

Фондот за одбрана и кибериновации има слична цел како и американската агенција DAPRA (Defence Advanced Research Project Agency), дел од Министерството за одбрана, која што обезбедува пари за стартапите кои креираат врвна технологија и после ја споделуваат или и ја отстапуваат на американската влада. Меѓу нејзините проекти се и уредите што им помагаат на американските војници да трчаат како олимписки тркачи и имплантите познати како невропротетика со кои што може да се лекува губењето на меморијата. Но, DAPRA има поголем буџет од својот британски пандан. Дури три милијарди долари минатата година.

Уште една американска агенција, In-Q-Tel, финансира стартапи. Додека DAPRA покрива широк спектар подрачја, од роботика до здравство, In-Q-Tel таргетира стартапи што се бават со софтвер, и тоа особено со анализа на податоци, за да и помага на CIA  и разузнавачката заедница. Откако е основан во 1999 година, In-Q-Tel финансирал околу 200 компании со вложувања од еден до три милиони долари. DAPRA се фокусира на развој на технологии што може да и служат на армијата, но често финансира и проекти во подрачјето на биологијата, медицината и невронуката. Неодамна финансираа проект за систем за чистење на крвта и пренослив сет за чување на крвта. Но, кратењето на федералниот буџет значи и помал буџет за DAPRA. Освен самостојните вложувања,  DAPRA понекогаш влегува и во партнерства со некои приватни компании. Така, Salesforce преку својот инвестициски фонд Salesforce Ventures се приклучи кон DAPRA во финансирање на стартапот Cogito, купувајќи заедно со Romulus Capital удел вреден 5,5 милиони долари. Се работи за spinout фирмата на MIT (Massachusetts Institute of Technology) универзитетот и платформа која што со помош на бихевиорална аналитика им помага на организацијата да направат ефективна интеракција со своите корисници. Логиката е: ако DAPRA верува на технологијата на Cogit  и се користи со неа при поставување на клинички дијагнози, зошто не би ја употребувале традиционалните call центри за подобрување на корисничкото искуство?

Cisco заинтересиран за “Internet of things“проекти

И многу големи светски компании имаат фондови за финансирање стартапи. Intel, Google, Cisco, FedEx и бројни други корпорации нудат финансирање на компании што ветуваат, развиваат иновативни технологии и што во иднина може да им бидат интересни кандидати за преземање. Google Ventures, на пример, сe’ поголемо внимание посветува на Европа и нејзината стартап сцена. Лансираа фонд вреден сто милиони долари, потоа зголемен за уште 25 милиони, со седиште во Лондон, чија што цел е вложување во европски стартапи.

Svet inovatovnost2

Инвестицискиот фонд на Google, “Google Ventures” досега вложил преку една милијарда долари во повеќе од 250 стартапи.

За волја на вистината, досега оствариле многу малку европски стартапи (главно во В. Британија), а фондот повторно го обединија во еден глобален. Google Ventures со работа почна во 2009 година, а целта му е техничка и менторска поддршка на широк спектар стартап компании. Досега оствариле неколку важни инвестиции во некои од денес најпознатите компании како Uber,  Nextdoor или Nest, од кои што последнава Google ја купи за 3,2 милијарди долари. Вкупно имаат вложено околу една милијарда долари во повеќе од 250 стартапи. Освен тоа, Google основаше и посебен инвестициски фонд, Google Capital, за инвестиции во компании што се во повисока фаза на раст.

И други технолошки гиганти, како на пример Cisco, покренуваат фондови за вложување во стартап фирми. На Cisco сега му се најинтересни стартапи што се занимаваат со Интернет на нештата (Internet of Things). Cisco Investment за таквите вложувања во стартапи во рана фаза има на располагање 150 милиони долари, а за уште толку ќе се зголемат средствата во следните две, три години. SAP Ventures е инвестициски фонд на германскиот софтверски гигант со цел вложување во ветувачки стартап проекти што SAP потенцијално би можел да ги искористи.

На Запад се чини дека вложувањата на државните организации и институции се сe’ помалку издашни. Водечките фондови за ризичен капитал од Силиконската долина предупредуваат дека времето на приватно финансирање на стартапи по високи валуации пополека завршува и дека таквото финансирање ќе биде сe’ потешко. И големите корпорации внимателно мерат во што ќе ги вложат парите од своите инвестициски фондови.

Да се најде вистински инвеститор во вистинско време е најтешкиот предизвик за стартап претприемачите. Повеќето основачи сметаат дека инвеститорот и не би им требал ако имаат развиен производ и докажан бизнис модел. Од друга страна, вложувачите се спремни да дадат пари само за докажан бизнис модел. Но, сигурно е дека тие што се бават со развој на вештачка интелигенција, Интернет на нештата, аналитика на “big data”, безбедност, итн., имаат поголеми изгледи да најдат некакви инвеститори.

 

File photo of dancers performing under a logo of Tencent at Global Mobile Internet Conference in Beijing

Кинеската Tencent, една од најголемите интернет компании во светот, лани ја купи европската Miniclips, голем производител на онлајн игри.


Кинески инвеститори во потрага по западни стартапи

Кинеска инвестициска компанија неодамна лансираше фонд вреден 500 милиони долари за вложување во европски стартапи. Cocoon Network со седиште во Лондон е спин-оф на China Equity Group, еден од првите инвеститори во Baidu, кинескиот еквивалент на Google  и Hanxin Capital, компанија што досега вложуваше во биотехнолошки и “cloud computing” проекти. Сега сака да вложува во стартапи чиишто производи и услуги покажуваат потенцијал за раст на кинескиот пазар во подрачјата на здравството, биотехнологијата, итн. Дополнително, Cocoon Networks ќе стартува и инкубатор во Лондон. Кинезите во последно време сe’ повеќе се интересираат за вложувања во западни технолошки компании. Кинеската Tencent вложи во европскиот производител на мобилни и онлајн игри Miniclip, а Cheetan Mobile ја купи француската компанија за мобилно огласување MobPartner за 58 милиони долари. Израел исто така е на радарот на многу кинески инвестициски фондови.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×