Владимир Пуклавец: Еден од најбогатите Словенци прави премиум “каберне совињон“ во Македонија
Објавено на од во Интервју

Puklavec1Владимир Пуклавец -  од проектант на гасни постројки до производител на врвни вина

 Лозја и визба во Неготино се базата од каде што Puklavec Family Wines, словенечка винарска групација ги лансира своите каберне, мерло и  вранец во арсеналот на црвени вина со коишто сака да го освои светот. Владимир Пуклавец, деветти на листата најбогати Словенци, во 2009-та ја купи визбата во којашто уште пред осум децении неговиот татко беше прв човек, сакајќи малото место Ормож во Штаерск,  Словенија,  повторно да го врати на светската мапа на производители на врвни вина. Во тоа му помагаат и двајца Македонци – едниот е задолжен токму за креирањето  на квалитетни црвени вина, тоа што во Словенија не можат да го постигнат заради неповолните услови, а вториот се грижи вината од групацијата  да го најдат патот до крајните потрошувачи.

 

Успехот на македонските менаџери во регионални и светски компании секогаш н$ радувал нас во Капитал, а верувам и секој Македонец, каде и да се наоѓа. Во оваа приказна не еден, туку двајца наши сонародници се дел од тимот одговорен за пробивот на, во моментов, најамбициозната словенечка винарница, Puklavec Family Wines, во сопственост на Владимир Пуклавец, еден од најбогатите Словенци, којшто својата кариера и пари ги има направено со проектирање на гасни постројки ширум светот. Докторот по енологија Дане Јованов е задолжен за креирањето на врвни црвени вина во визбата  што Puklavec Family Wines  ја имаат купено во Македонија пред неколку години, a Тихомир Петрески е директор за продажба во холдингот. Двајцата се добро познати ликови на домашната бизнис сцена – Јованов како поранешен директор и енолог на винарницата Стоби, додека Петрески како извршен директор на Пивара Скопје пред десетина години, а потоа на високи менаџерски функции во системот на Кока Кола – Хајнекен во регионов.

Денес се ангажирани од г-дин Пуклавец да му помогнат во остварување на неговиот сон – од винарницата во Ормож, мало место на североистокот од Словенија, да направи светски признат производител на врвни вина.

Копнежот на Пуклавец и страста за производството на вино не се случајни, има тука емотивна нишка што води повеќе  децении назад во минатото, уште во 1934 година кога таткото на Владимир, Мартин Пуклавец станал директор на тогашната кооператива винарница Јерузалем – Ормож, а после Втората светска војна, откако новата комунистичка власт ги национализирала сите приватни компании и имоти, останал како раководител на винарницата.

“Татко ми целото свое тело и душа ги внесе во градењето на винарницата, трудејќи се да ја направи една од најдобрите во тогашна Југославија, а јас детството го поминав, што се вели, спиејќи на големите вински буриња во визбата. По неговата смрт во 1969-та, визбата како да ја губи енергијата и страста на менаџментот што тој го практикуваше и  пополека го губи сјајот, за во годините на посткомунистичката транзиција да се соочува со проблеми и тешкотии како и многуте други бизниси од поранешниот систем. Јас откако заработив доста во гасната индустрија во светот, преку проектирање и изведба на системи  и инфраструктура за пренос на течен гас со компаниите што ги формирав во Германија, а потоа продадов дел од мојата сопственост во нив, во 2009-та ја купив винарницата во Ормож и оттогаш го градам семејниот бренд Puklavec Family Wines“, ја почна Владимир Пуклавец приказната за својот вински бизнис, додека отпивавме македонско бело вино во еден скопски хотел деновиве. Дојден беше во Македонија на кратко, заедно со својот менаџерски тим, каде што покрај Јованов и Петрески, беа уште и Словенецот Митја Херга, којшто е главен енолог на целата групација,  и Данецот Јорн Педерсен, главен извршен директор на Puklavec Family Wines (PFW), ангажиран минатото лето да се грижи за стратешкиот дел на бизнисот. Херга е млад, но доста искусен енолог, кого што Пуклавец го има донесено од винарница во Нов Зеланд, каде што му била последната бизнис дестинација, додека Педерсен доаѓа од пивската  и прехранбената индустрија – порано работел за пивскиот гигант Карлсберг, но и во регионов како член на менаџерскиот борд на хрватска Подравка. На екипата од PFW ѝ украдовме малку од времето за оддишка и ручек, пред да продолжат со договорените состаноци со неколку македонски бизнисмени, како и со посетата на сопствените капацитети во Неготино.

Црвените вина од Македонија ќе одат под посебен бренд на PFW

Зошто решивте токму во Македонија да купите винарска визба, го прашувам г-дин Пуклавец.

“Затоа што вие имате црвени вина, а ние во Словенија немаме, а нам како винарска групација ни требаат. Кога кинеските партнери, на пример,  ќе н$ прашаат ‘каде ви се црвените вина’, што да им одговориме?“, одговара со насмевка овој витален 74 – годишник, инаку машински инженер по вокација. “Поднебјето во Словенија е погодно главно за бели вина, а во Македонија имате одлична клима и почва за црвените вина. Сакаме тоа да го искористиме и да направиме перфектни црвени вина. Затоа го ангажиравме Дане, и многу сум среќен што е со нас, затоа што е еден од најдобрите млади енолози за црвени вина во регионот“, додава тој.

Тука во разговорот се приклучува и главниот енолог на PFW, Митја Херга, којшто вели дека во PFW сакаат да покажат дека Македонија не само што е добра, туку веројатно е најдобра на Балканот во делот на црвените вина.

“Во Македонија сме од 2011 година, купивме и визба и лозови насади, почнавме внимателно, треба време да помине додека ги фатиме конците, што се вели, да видиме кој насад каков квалитет дава… Па имавме проблеми со бербите, не беше секоја година добра, еве на пример, 2014 беше катастрофална, временските услови не беа добри. Ова е чувствителен бизнис, една суша или обилни врнежи и вие немате вино. Почнавме со вина од т.н. popular premium категорија, значи со некои блендови на каберне и мерло. Оваа година првпат ќе претставиме на пазарот каберне совињон од повисока класа, а целта ни е, до есента 2018, да излеземе со најдоброто од нашата македонска винарија, а тоа е super premium сегментот, во нашата групација познат како Seven numbers, ограничени серии на шишиња, од 5 од најмногу 20.000 годишно.“, објаснува Херга, којшто пак, со Дане Јованов се познаваат уште од 2008 година, кога заедно работеле во Вина Копер и оттогаш се добри пријатели.

Инаку, од нашите соговорници разбравме дека изминативе години вината во нивната групација што доаѓаат од Македонија досега не се продавале во земјава, туку исклучиво во Словенија и други пазари, под брендовите на групацијата: мејнстрим вината Puklavec and friends, коишто може да се најдат во Германија, Холандија, Британија, итн, како и Jeruzalem Ormozm, што се продаваат во Словенија и Хрватска, додека Estate Selection  и Seven Numbers се премиум брендовите, кон коишто, како што истакна главниот енолог Митја Херга, се стремат да ги внесат и црвените вина произведени во Македонија.

“Митја е просто фасциниран од нашите црвени вина и неискористениот, за жал, потенцијал, што го имаме во нив“, се надоврзува и Дане Јованов. “Голем борј сончеви денови, погодна почва, создаваат можност за кусо време црвените вина да станат меки и овошни, нешто што ретко каде е можно во светот. Иако, мора да признаеме дека земјава многу напредна за 15-20 години откако сериозен приватен капитал влезе во винскиот бизнис, преку подигање на сосема нови винарници, или пак купување и модернизација на веќе постоечки. Она што остана како слаба точка е запоставената работа на лозовите насади, каде што воопшто не се обрнува  внимание на добрите земјоделски практики и приносите по единица површина. Како што велат искусните енолози, виното не се раѓа во подрумот, туку на  лозјето и лично сметам дека долколку работиме паметно и го искористиме тоа што природата ни го дала, од Вранецот може да направиме да биде наредниот Малбек. Добро е што се менува перцепцијата за македонските вина како исклучиво наливни и евтини бидејќи неколку винарии – во прв ред Камник, Тиквеш и Стоби – направија навистина извонредни вина изминативе години, но има уште доста работа во натамошна промоција и креирањето на т.н.”brand awareness” за македонските квалитетни вина“, вели Јованов. Инаку, како куриозитет во контекст на неговата “словенечка врска“ Јованов ни кажа дека дел од неговата докторска дисертација е работена на Кметијски Институт во Љубљана, а тој како енолог два пати бил шампион на бели вина на најстарото натпреварување во светот, Вино Љубљана и на натпреварот во Горна Радгона, исто така во Словенија.

Неговиот патрон г-н Владимир Пуклавец додава дека токму преку вклучувањето на македонски црвени вина во понудата на PFW, особено во нивниот супер премиум сегменти,  Македонија може само да добие на значење во винскиот свет и креирањето на додадена вредност за македонските вина. “Сигурно е дека нашите вина од рангот на супер премиум од Македонија ќе одат и под посебен бренд“, вели  Пуклавец.

 

24-25-2Не обичен пијалак, туку  приказна со емоција
Пуклавец ја има купено визбата во Ормож за околу 17 милиони евра и оттогаш инвестирал  вкупно 40-тина милиони евра во изградба на ултра – модерен капацитет за производство на квалитетни вина, од каде што денес излегуваат неколкуте брендови на PWF. Финансиите се тука, страст и желба не недостасуваат, вистинските енолози се пронајдени, – потребен беше добар менаџмент за винската приказна да се развива како што посакува инвеститорот. Неговите ќерки Татјана и Кристина ги покриваат пазарите на Германија и Холандија, и се грижат за маркетингот на групацијата, додека за главен извршен директор што ќе се грижи компанијата да се стреми кон својата стратешка цел е ангажиран Данецот Јорн Педерсен. Ветеран во пивската и прехранбената индустрија, ова му е прва средба со винарството, но резултатите во гиганти од типот на Карлсберг, како и искуството со регионални брендови – бил член на Управниот одбор на Подравка – ветуваат дека Puklavec Family Wines ќе ја осветлат повторно ѕвездата на Мартин Пуклавец, таткото на Владимир.

“Ние сме присутни во неколку квалитативни и ценовни сегменти на вино, но во секој се стремиме да бидеме најдобри на пазарот. Моето хрватско искуство ме запозна со фактот колку им е тешко на регионалните брендови да добијат поголема светска препознатливост, и токму во правецот на градење на брендот PFW, ќе ги насочам моите напори во периодот што следи. Виното не е обичен пијалак, виното е хедонистичко доживување, приказна која мора да му ја раскажеме на секој наш консумент, без оглед дали ужива во него на некој деловен ручек, со пријатели на вечера или дома, покрај каминот и добра книга. Токму тоа е нашата задача, да креираме уникатно искуство за секој наш потрошувач.“, објаснува Педерсен.

Винаријата на Пуклавец ги произведува своите вина од сопствени лозја, 650 хектари,  и 450 хектари лозја на кооперантски фармери. Владимир Пуклавец всушност купи две визби во 2009 година, една во Ормож, каде што денес се прават премиум вината, и втората  во блиското место Љутомер, наменета за поедноставните, основни вина. Вкупниот капацитет на двете визби е 11 милиони литри годишно, а групацијата се стреми кон производство од пет милиони, со што би се задоволила амбицијата на г-дин Пуклавец.

“Нам не ни е целта да бидеме најголема винарница во Словенија или меѓу најголемите во регионот. Ние имаме капацитет да бидеме тоа, имаме лозја, подруми, с$… но, јас не го сфаќам овој бизнис на тој начин. Јас сакам да им понудам на љубителите она што јас го нарекувам “чесно вино“, производ беспрекорно контролиран од почеток до крај, производ зад којшто 100% стоиме како бренд, за кого што гарантираме дека е користена најсовремена технологија, но од друга страна, максимално оставен да се развива, и како грозје и како вино, во најприродни услови за него. Затоа што како што велеше мојот татко, ‘виното треба да го оставиме на мир’”, вели Владимир Пуклавец.


Кој е Владимир Пуклавец

Вљубеникот  во машинство и термодинамика се врати да ја оствари татковата визија

Decanter Platinum наградата за најдобро словенечко бело вино во 2017 година  на најпрестижниот светски натпревар за вина Decanter’s World, е потврда дека Владимир Пуклавец е на добар пат да ја постави Puklavec Family Wines на светската мапа на врвни производители на вино.

Владимир Пуклавец по завршувањето на студиите, во 1968 – та на 25 годишна возраст заминува во Германија на тамошен универзитет да се усовршува во областа на машинското инженерство, поточно, термодинамиката.

“Ме привлекуваше таа област, термодинамиката, однесувањето и третманот на гасовите и другите флуиди  и сл., бев одличен студент, ми понудија и асистентско место на факултетот во Словенија, потоа и во Германија, но јас влегов во индустријата, затоа што сакав да работам на проекти, да креирам нешто ново. По неколку компаниски искуства, во 1980 година со еден партнер ја основавме Liquid Gas International – LGI, подоцна позната како TGE Marine, како компанија за дизајн и испорака на системи за пренос и складирање на природен гас. Подоцна се проширивме и во областа на складирање и пренос на течен гас.“, вели Пуклавец за своите почетоци како претприемач.

Откако во 1989 компанијата го добила својот прв договор за кинеска клиент, станала пополека водечки инженерски контрактор за гасни системи и карго резервоари во Кина, со преку 50 проекти на гасни постројки до денес.

Следи период на аквизиции, па повторно откупување на компанијата од страна на Пуклавец и партнерите, за во септември 2015, јапонската Mitsui Engineering & Shipbuilding купи 99,4% од акциите на TGE Marine за 175 милиони евра. Во меѓувреме Пуклавец, кој што беше на чело на TGE речиси 30 години формираше друга компанија, специјализирана за индустријата на течен гас, Gasfin, која што е со седиште во Луксембург, и каде што член на топ менаџментот е и синот на Владимир, Тобиас Пуклавец.

Пред осум години, Владимир Пуклавец дојде во родната Словенија и дел од капиталот стекнат преку продажбата на своите удели во TGE го искористи да ја купи винарницата во Ормож, со која што сакаше  да продолжи онаму каде што застана неговиот татко со својата визија: да прави вина со светски квалитет.
Decanter Platinum наградата за најдобро словенечко бело вино во 2017 година  на најпрестижниот светски натпревар за вина Decanter’s World, е потврда дека Владимир Пуклавец е на добар пат.


 

 

 

 

 

 


Почитувани за да продолжите со читањето треба да бидете претплатник

Доколку сте претплатник на kapital.mk, само логирајте се.

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×