Влезот во НАТО го зголемува економскиот раст за два процентни поени по пет години
Објавено на од во Економија
Ова го покажуваат анализите на искуствата на земјите што станаа членки на оваа организација пред нас. 

nato-насИскуства на членките на НАТО врз економијата

Економскиот раст забрзува во просек по два процентни поени пет години по влезот во Северно – атлантската алијанса, НАТО. Ова го покажуваат анализите на искуствата на земјите што станаа членки на оваа организација пред нас. Системот за колективна безбедност НАТО е сигурносен чадор за инвеститорите и иако економскиот просперитет на земјите не е примарна грижа на Алијансата, сепак искуствата на членките пред нас покажуваат бројни економски придобивки по пристапувањето во НАТО, вели министерката за финансии, Нина Ангеловска. Споредбите со земјите што пред нас станаа членки на НАТО, според податоците на Министерството за финансии се охрабрувачки за забрзување на економскиот раст.

 

 

Економскиот раст забрзува во просек по два процентни поени пет години по влезот во Северно – атлантската алијанса, НАТО. Ова го покажуваат анализите на искуствата на земјите што станаа членки на оваа организација пред нас.
Системот за колективна безбедност НАТО е сигурносен чадор за инвеститорите и иако економскиот просперитет на земјите не е примарна грижа на Алијансата, сепак искуствата на членките пред нас покажуваат бројни економски придобивки по пристапувањето во НАТО, вели министерката за финансии, Нина Ангеловска.
Споредбите со земјите што пред нас станаа членки на НАТО, според податоците на Министерството за финансии се охрабрувачки за забрзување на економскиот раст.
„Пристапувањето во НАТО носи значајни придобивки во поглед на приливите на странски директни инвестиции. Во просек, во земјите од Централна и Југоисточна Европа кои се приклучија во НАТО во периодот помеѓу 1999 и 2009 – ако се споредува периодот 5 години пред и после приклучувањето – СДИ се покачуваат од 4,5% од БДП на 7,4% од БДП. Пристапувањето во НАТО носи раст и на вкупните инвестиции, што значи не само странските, туку и домашните инвестиции. Така земјите кои пристапија во НАТО во 2004 година, ако се споредува период од 5 години пред и по приклучувањето, има раст на учеството на бруто – инвестициите во БДП за 6 процентни поени“, вели министерката Ангеловска.
Според неа, како резултат на раст на инвестициите се намалува невработеноста и се зголемува обемот на трговијата.
„Ако се земе повторно просекот од земјите кои се приклучија во НАТО во 2004 година и се споредат 5 години пред и по влегување во НАТО, просечната стапка на невработеност се намалува од 11,4% на 6,5%, односно за 5 процентни поени пониско. Обемот на трговијата за истите овие земји расте, односно просечниот извоз се зголеми од 6,8% на 11,8% по влегувањето во НАТО. Сето ова резултира со забрзан економски раст и со подигнување на животниот стандард на граѓаните. Така ако го гледаме номиналниот БДП по глава на жител усогласен со паритетот на куповна моќ покажуваат раст на овој показател од 7% просечно пет години пред зачленувањето на 10,2% по зачленувањето“, посочи Ангеловска.
16Освен кај поразвиените земји, министерката Ангеловска објаснува како реагирале економиите и на соседните држави откако станале членки на НАТО.
„Ако земеме близок пример, земја која пред две години стана членка на НАТО алијансата, а е во наша географска близина – Црна Гора која во 2017 година стана дел од НАТО, и кај која позитивните ефекти од членството се почувствуваа веќе следната година: растот на странските директни инвестиции во Црна Гора е поголем за 147%, ако се спореди годината по влезот во НАТО и просекот од петгодишниот период пред влезот, а помеѓу странските инвеститори особено се застапени компании од други НАТО членки. По влезот во НАТО се зголемува и бројот на странките туристи за околу 25%, уште еден бенефит за граѓаните на Црна Гора беше можноста за вработување во структурите на НАТО“
Други примери од регионот според министерката Ангеловска се и Албанија која пристапи во 2009-та година, каде растот на странските директни инвестиции како процент од БДП се покачија од 5,5% на 9,1% од БДП. Потоа тука е Бугарија која пристапи во 2004 година и каде странските директни инвестиции пораснаа од 7% на 19,8%, додека просечната стапка на раст на економијата 5 години пред и после пристапување од 2,8% се зголеми на 6,7%.
„Сите овие блиски примери ни даваат за право да очекуваме поголема доверба кај инвеститорите, следствено раст на инвестициите, отворање на работни места и кај нас“, истакна Ангеловска.
Конкретно за домашните компании, Ангеловска вели дека НАТО отвора нов пазар од неколку милијарди евра кој досега не им беше достапен на нашите фирми.
„Прво, за нашите компании се отвора нов пазар со обрт од околу неколку милијарди евра во сервисни продукти како набавка, оперативна поддршка, транспорт, одржување, кодификација, услуги во сајбер безбедност итн. Пристапот до нов пазар е голема шанса за македонските компании. Досега тие не можеле да учествуваат на јавните набавки на НАТО. Сега се отвора таа можност. Јавните набавки во системот на НАТО се базирани на едноставни и смарт правила, што овозможуваат брз и флексибилен процес на јавна набавка преку 3 клучни начела: транспарентност, еднакви можности и еднаков третман. Затоа би рекла дека ова е голема шанса за нашите компании, но и тест за конкурентноста на домашната понуда. Особено голем потенцијал за работа се јавува за ИТ компаниите кои можат да добијат работа и како субконтрактори, но и за останатите компании“, вели Ангеловска и објасни дека кон крајот на минатата година во Владата имало презентација од страна на Агенцијата за подршка и јавни набавки на НАТО и Агенцијата за комуникации и информации на НАТО, со цел запознавање на бизнис секторот со спецификите за ефективно вклучување во системот на наддавање. Таа вели дека ќе се продолжи со оваа практика на информирање на бизнис заедницата со цел да знаат што се очекува од нив и како може да конкурираат на овие тендери.
„Се отвора можност за домашните компании и во опремување на нашата Армијата. Имено, со влезот во НАТО ние сме обврзани да го зголемување буџетот на Министерството за одбрана се додека не стигне до 2% од БДП. Ние го поставивме овој таргет во 2024 година, односно да го зголемуваме буџетот на одбраната по 0,2% процентни поени секоја година во следните 4 години. Со ова ќе има значајни расположливи средства за опремување на Армијата, а нашите компании ќе можат да учествуваат во некои од набавките“, истакна Ангеловска.
Според неа, безбедносната стабилност што ја овозможува НАТО за земјата има повеќе позитивни придобивки за економијата, и на краток и на долг рок.
„Политичката сигурност ги стимулира инвестициите – и странските и домашните, што пак влијае на зголемување на бројот на работните места, намалување на невработеноста, зголемување на обемот на трговија – што пак, резултира со економски раст и развој и подигнување на животниот стандард. Политичката сигурност која е високо вреднувана од страна на инвеститорите – и странски и домашни, за што доказ се податоците за раст на странските, но и вкупните инвестиции кај земјите по пристапувањето во НАТО кои претходно ги спомнав“, вели Ангеловска.
НАТО ефектот посилен од изборното стагнирање на економијата
Меѓутоа влезот во НАТО се совпаѓа со одржувањето на предвремените парламентарни избори, а искуството покажува дека во време на кампања економијата стагнира.
„Сите изминати избори имале ефект врз економијата, во насока на поголема претпазливост на фирмите со нови инвестиции, односно навиката да се одложуваат покрупните инвестиции по изборите. Сепак се надевам дека НАТО ефектот ќе преовлада. Нашата проекција за раст за годинава е 3,8% и таа се темели и на добриот перформанс кој го имаше економијата во 2019 година, која ги натфрли проекциите на меѓународните финансиски институции и покраj тоа што неколку пати тие ги ревидираа во нагорна линија“, вели Ангеловска.
Универзитетскиот професор Марјан Петрески, исто така оценува дека прогнозата за македонската економија главно ќе зависи од глобалните случувања, односно разрешувањето на трговските тензии помеѓу САД и Кина, коишто се клучни за странската побарувачка, но и од неколку домашни ризици како што се изборите.
„Неспорно предвремените парламентарни избори ќе ја окупираат првата половина од годината. Сме виделе и претходно дека нашите стопанственици заземаат некоја повнимателна позиција во текот на изборни циклуси и тоа детерминира едно благо забавување на растот“, коментира Петрески.
Но според него тоа е многу краток рок, а она што е поважно е што ќе се случува потоа.
„Секогаш доаѓањето на нова влада е момент кога треба да размислиме кои се нашите долгорочни цели како економија. Политичките партии може да се разликуваат во инструментариумот што ќе го користат за да се постигне некоја долгорочна цел меѓутоа во целите не треба да се разликуваат. Ако тоа е европската интеграција што гледаме дека е цел на сите политички партии, тогаш треба исклучителен фокус да ставиме на економијата и да видиме како реформите што ќе се прават особено низ процесот на преговарање со ЕУ може да дадат максимален резултат за економијата“, истакна Петрески.
Позитивни прогнози
Прогнозите на меѓународните финансиски институции за економскиот раст во 2020 година се движат од 3,2%, колку што е проекцијата на Европската Комисија и Светската банка, 3,4% на ММФ, до најмногу 3,8% колку што прогнозираат Народната банка и Владата.
Без оглед дали растот годинава ќе биде 3,2% или 3,8%, малите разлики во процентите не може да направат голема разлика во животниот стандард на граѓаните.
Ако економијата продолжи да расте со стапки од 3% до 4% годишно, се проценува дека бруто домашниот производ по жител може да го достигне европскиот просек за повеќе од 30 години. Но ако забрза на 6%, тогаш европските нивоа се достижни и за 15 години.
Експертите на ММФ од Вашингтон, посочуваат дека властите мора да ги спроведат реформите за адресирање на клучните институционални слабости за да се подигне среднорочниот раст и да забрза изедначувањето на приходите со европскиот просек.
„Иако во последниве две децении растот беше солиден, сепак не е доволен за да може значително да го стесни големиот јаз во доходот помеѓу ЕУ и Северна Македонија. За да се забрза изедначувањето на приходите, од суштинска важност е да се продолжи со реформите за подобрување на јавната администрација, владеењето на правото и контролата врз корупцијата“, пишува во оценката на ММФ.
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска, истакна дека токму повисоките стапки на економски раст од сегашните треба да биде мотив за креаторите на економските политики да спроведат структурни реформи.
„За да може да расте економијата со повисоки стапки но на одржлив начин, она што е важно е да го зголемиме потенцијалот за економскиот раст. Прашањето како да го направиме тоа е суштинско и не води до структурните реформи и тоа во делот на трудот односно човечкиот потенцијал, капиталот и продуктивноста. Оттука неопходни се реформи во делот на образованието, здравството, потребни се поголеми инвестиции и од страна на државата и од приватниот сектор, и бројни реформи во насока на зголемување на продуктивноста а со тоа и конкурентноста на економијата“, оцени гувернерката Ангеловска Бежоска.
А за да се спроведат реформи во овие сектори, властите ќе мора попродуктивно да ги трошат народните пари. Годинава на располагање имаат 3,9 милијарди евра, од кои 283 милиони евра ќе се надополнат со задолжување.
Вкупните задолжувања всушност се планира да бидат поголеми,и тоа околу една милијарда евра од кои половина ќе се позајмат од странство, најверојатно со еврообврзница, но освен за буџетскиот дефицит од 283 милиони евра, останатите се потребни за раздолжување по претходно издадени обврзници и земени кредити. Јавниот долг во 2020 година се проценува дека ќе достигне 52,3% од БДП.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×