ВМРО-ДПМНЕ бара предлози за медиумски реформи од еснафот – за СДСМ ова е задоцнета реакција и одолговлекување  
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

ВМРО-ДПМНЕ денеска ги повика новинарските здруженија, невладините организации, организациите на локалните медиуми, во наредните денови да дадат свои предлози за реформи во медиумската сфера за кои се преговара во работната група од потписничките на Договорот од Пржино.

Претставникот на ВМРО-ДПМНЕ во работната група, Илија Димовски, изјави дека овој предлог бил изнесен денеска на новата средба во Клубот на пратениците, пред претставниците на партиите (ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА) и пред посредникот Питер Ванхауте.

„Би сакал официјално, од името на ВМРО-ДПМНЕ, денеска да побарам од сите здруженија на новинари, од ЗНМ, од МАН, од асоцијациите на медиуми, национални, регионални и локални…, сите претставници на цивилното општество што имаат интерес на оваа тема, не само од медиумите, поради тоа што медиумскиот простор не е сопственост само на политичарите ниту на новинарите, туку и на другите асоцијации што подразбираат силно општество, синдикатите, верските заедници, спортските асоцијации, културните друштва, сите што имаат свои согледувања од оваа тема, согледувања за поставеноста на законите, на проблемите што сме ги имале досега или онака како што треба да ги развиваме работите во следниот период, во следните два до три дена да достават до нас писмени предлози за тоа како треба да се настапува во насока на подобрување на оваа проблематика“, изјави Димовски.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека политичките партии заедно со претставниците на меѓународната заедница не се доволен фактор за градење здрав и одржлив систем и концепт за развој на медиумскиот простор во Македонија.

„Мора да имаме европски закон, закони што функционираат во Европската унија, што ќе гарантираат стандардизација, професионализација, либерализација во медиумската сфера. Нема да прифатиме никакви закони што ќе значат зголемување на казните за медиумите или партизација на државните органи надлежни за оваа проблематика“, рече Димовски.

Според ВМРО-ДПМНЕ, повеќе работи што ги кажа во последниот свој предлог белгискиот посредник Питер Ванхауте ги немало во ниту еден европски закон.

„Ние како тим сме добро подготвени и ги имаме сите закони што ја регулираат оваа област и ги имаме сите искуства, знаеме како се финансираат јавните радиодифузни сервиси во секоја европска држава, како се бираат регулаторните тела или саморегулаторните тела кои кај нас не функционираат доволно добро. И она што беше предложено од г. Ванхауте не можеме да го најдеме во ниту еден закон од ЕУ. Затоа во моментот кога сфативме дека ставовите се многу различни и оној што ние го предложивме и оној што го предложи СДСМ и она на Ванхауте, дадовме предлог и стоиме на тој предлог дека најдобро решение е да пронајдеме еден од тие 20 и неколку примери на држави и да го преземеме и да имаме навистина европски закон што функционира во ЕУ“, рече Димовски.

Претставникот на СДСМ во преговорите, Роберт Поповски, рече дека предлогот на ВМРО-ДПМНЕ да се добијат писмени ставови од невладиниот сектор и медиумските организации во врска со измените на законите и реформите во медиумите е прифатлив, но оти тоа е задоцнето.

„ВМРО-ДПМНЕ не го прифати предлогот на СДСМ медиумите, новинарите и еснафските организации да бидат присутни на преговорите и да информираат за тоа што се случува и со каква динамика се одвиваат преговорите. Ова што денеска го направи ВМРО-ДПМНЕ требаше да го направи пред три или четири недели бидејќи роковите за договор се пребиени неколку пати, на 20 ноември имаше, па на 27 ноември и еве денеска дури ВМРО-ДПМНЕ покренува иницијатива за консултација со здруженијата, невладините организации, еснафот итн.“, рече Поповски.

Тој обвини дека ова е „уште една тактика на одолговлекување на решение за медиумите, што е можно подолго да остане оваа состојба на статус кво, а тоа значи целосна контрола на партијата на власт врз медиумите“.

За СДСМ предлогот на Ванхауте е апсолутно прифатлив .

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×