Внимание! Тралалајките со истегнати уши, по долината на Вардар, ќе слават Нова година и два Божиќа!? Господ на помош!?
Објавено на од во Колумни
zikov kolumna
Македонија, од едно, сега има дури две јавни обвинителства, “наше” и “нивно”!? Очекуваме “нашето” да проработи …!? Чудесна е оваа земја со опоен мирис на недоградена канализација. Пораката за ВМРО- ДПМНЕ во овој текст е дека ароганцијата и некомпетентноста како и отсуството на допир со реалноста одамна ги има завладеано. За криминалите со кои се полнат весниците ќе треба да проследиме од извештаите на обвинителствата!? Чекаме на тоа. Последната година, годината во која експлодираа многу “вистини”, Владата на ВМРО-ДПМНЕ ја изгуби својата политичка релеванција. Денеска, тие се во Влада со СДСМ, без разлика дали е таа техничка или не знам каква. Ова повеќе не е влада на ВМРО-ДПМНЕ. Македонија во почетокот на годината ќе се соочи со оставката на премиерот. 

На крајот на оваа година и на почетокот на идната година се прашуваме како македонскиот граѓанин да ја реши несреќата, која упорно ја носи со себе, и да стане среќен!? Ова е општа ментална состојба која го окупира граѓанството и селанството по долината на Вардар. Тагата, стравот, омразата, жалењето, обвинувањето, плановите и страстите живеат во минатото или во иднината на умот. Барем така треба да биде гледано од аспект на Буда. Но, само кај македонскиот човек овие феномени во кои тој е удавен … живеат вечно. Никако да излезе од нив. Да ги реши … Не знае како. Немоќен е. И замислете секогаш е во право … Дури и кога греши, што би рекол Бранко Црвенковски!

Зошто е тоа така?

Затоа што е “ољупен од крадење”! И е “убиен во поим”. Украдена му е иднината … Исселен е. “Избеглица”, а никој не го забележува. Радари по светот не го фаќаат. Во Италија, Германија, Шведска, Америка, Австралија пристигнува од осиромашена балканска “вукојебина”, каде 50 лика 25 години си играат мижитатара со своите граѓани кои деспотски ги претвориле во поданици на дворот – свои кеш машини за лично уживање. Не знае името да си каже колку е очаен.

Сето тоа во основа е таква сурова реалност, оти македонската иднина денес, како и пред 15 години кога се потпишуваше Охридскиот договор, после “наместената” војна од страна на четирите партиски банди, е во рацете на истите четири ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА.
Во таа сега веќе далечна 2001 година лидерите на овие партии, кои практично и ја произведоа војната за да ја затскријат клептоманската транзиција од девдесеттите години, беа ставени на свршен чин да потпишат еден срамен акт – Охридскиот договор, со кој на светот му ја пратија пораката дека од ова парче земја држава не бидува. Дека овде нема елементарна мисла за дефакто градење самостојна држава на просперитетни луѓе со јасна иднина. Петнаесет години потоа наместо крај на Охридскиот договор, добивме Пржински договор (оти е потпишан во Пржино). Според содржината на договорот, чиниш го потпишале “во Бардовци”!?

Ако се потсетите на структурата на овој договор ќе видите дека тој содржи фундаментални начела за градење на држава. Потписите што на овој договор ги ставија Никола Груевски, Зоран Заев, Алија Ахмети и Мендух Тачи се само уште едно признавање на колосалната неспособност висока како планина да се произведе нормална држава.

Значи, се од почеток – фер и демократски избори, слободни медиуми, запирање на насилства, борба против корупцијата, владеење на правото и основање на нормално јавно обвинителство. Потконтекстот е криминалците да си одат онаму каде што им е местото. Сите се прашуваме што работеле овие … во сите овие години, освен, што работеле на полнење на своите џебови, како што можеше да се слушне од преслушаното во текот на 2015 година.

zikov-kolumna-843

Еден човек се обратил на Буда со зборовите: “Јас сакам среќа”! Буда му одговара: Прво, исфрли го “јас”, затоа што тоа е его. Потоа исфрли “сакам”, затоа што тоа е желба. Се друго што ќе ти остане е среќа“… Чудата не постојат. Секој наш чекор е реален пат кој едноставно мора да се изоди …”

Сурови последици

Како производ на се ова денес може да се каже дека македонската држава “крвари” без престан. Нејзината економија има неизвесна судбина. Веќе во 2016 година македонскиот долг ќе ја надмине магична граница од 55% и земјата ќе влезе во една прилично опасна зона, не толку заради процентот на долгот, туку заради тоа што македонската економија не е наштимана да враќа долгови. Едноставно нема кој да враќа долгови. Секојдневно се гасат компании. Многу од компаниите се заложени и по два до три пати во банките. Основачите на компаниите се помалку се заинтересирани да работат. Тоа е состојбата на умот денес овде. Претприемачите се помалку се осмелуваат.

Над 60% од фирмите се соочуваат со блокирани сметки, а над две третини од работоспособното население исто така се соочува со блокирани сметки. Должничкото ропство е веќе евидентно. Политичката елита е закопана со главите во земја. Не сака да се соочи со вистинските бројки. Немоќна да стори нешто, секојдневно гаси пожари. Најужасната позиција во која може да се најде еден “извршен менаџер” на компанија.

Македонските граѓани во почетокот на 2016 година се соочуваат можеби со својот најголем егзодус во историјата. Цели семејства трајно ја напуштаат земјата. Оваа земја, пак, е една од трите земји во светот (две се афрички) каде се уште нема попис на населението.
Во такви услови се проценува дека во Македонија дефакто живеат помалку луге, од луѓето запишани во избирачкиот список, што можеби индиректно сугерира зошто и не е спроведен пописот!? Се на се, една крајно нефункционална и грда општествена матрица е инсталирана и изградена за сите 25 години македонска независност.
Државна матрица клиентелистички поставена во која нема иднина ако не си со четирите корумпирани партии.

Во една ваква држава, каква ретко се среќава на европскиот континент, е сосема нормално политичкиот процес да биде “киднапиран” од меѓународниот преговарачки фактор. Местото на носење политички одлуки е изместено (не е во Парламентот или Владата), туку се наоѓа во Клубот на пратеници. Едно крајно неформално место во градот, една бавча во центарот на градот, каде урбанистичките мегаломански апетити на скопските олигарси, се уште не стигнале квалитетно да го урнат и да изградат стамбени згради, или катна гаража со три дуќани и половина канцелариски простор. Гаражата да ја заложат кај банката, па да не го вратат кредитот, а на банката да и ја остават гаражата!? Стандардна шема. Не можат да дојдат до просторот оти преговорите се уште траат. Но, да се вратиме на киднапираниот политички процес.

Што игра имаме? И дали имаме? Пораки …

Пораката за СДСМ е дека не се тие виновни што ни останаа единствена опција. Ние сме виновни! Сега, нивната мисија е многу тешка. Мора да испратат сигнал до јавноста дека, кога велат дека “владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ украле една милијарда евра од македонските граѓани”, дека притоа не покажуваат меѓу редови нагон дека се расположени за договор за 25% од пленот!?!? Дека се расположени на договор!? Тоа за нив, така истоштени од десет годишниот пост секако се многу, многу пари …!? Тука се крие големата опасност за Македонија. Колкава е “точката на топење” кај оваа партија? И дали таа точка веќе не е постигната?! Во спротивно, потребна е енергична промена. И акција. Да ја видиме. 

Македонија денес е мек протекторат. По Нова година го чекаме Хан и неговите соработници да кажат дали се спорведува договорено. На нив се чека. Бидејки, нели, овде не живеат луѓе кои разбираат дали се спроведува договореното! А не се спроведува. Очекуваме нов притисок да не подбутне кон промени па избори.

Во меѓувреме, Македонија, од едно, сега има дури две јавни обвинителства, “наше” и “нивно”!? Очекуваме “нашето” да проработи … А кога “нашето” ќе проработи, по некоја нејасна логика ќе треба да проработи и “нивното”!? Обвинителствата ги имаме, а предмети нема! Медиумите се полни со криминал на сите страни, а во притвор никој … Освен ситни рипки! Чудесна е оваа земја со опоен мирис на недоградена канализација.

Пораката за ВМРО-ДПМНЕ во овој текст е дека ароганцијата и некомпетентноста, како и отсуството на допир со реалноста одамна ги има завладеано. За евентуалните криминали со кои се полнат весниците ќе треба да проследиме од извештаите на обвинителствата. Чекаме на тоа. Најверојатно на почетокот на годината. Оваа партија, иако дејуре ја има Владата, дефакто не ја контролира. Последната година, годината во која експлодираа многу “вистини”, Владата на ВМРО-ДПМНЕ ја изгуби својата политичка релеванција. Денеска тие се во Влада со СДСМ без разлика дали е таа техничка или не знам каква. Ова повеќе не е влада на ВМРО-ДПМНЕ.

Во очекување во оваа партија да се соочат со суровата реалност, а тоа е дека патот е еден и единствен за оваа партија, без разлика колку и да е тој краток, а краток е … Македонија во почетокот на годината ќе се соочи со оставката на премиерот. Она што не е јасно е како понатаму ќе се одвиваат нештата.

Во отсуство на квалитетен изборен модел кој може суштински да ја промени политичко-партиската сцена во Македонија со лансирање на нови луѓе и свежи програми, на македонската сцена како реална опција повторно и се наметнува СДСМ. На краток рок!? Она што е важно да се каже дека во оваа партија мора да испратат сигнал до јавноста дека, кога велат дека “владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ украле една милијарда евра од македонските граѓани”, дека притоа не покажуваат меѓу редови нагон дека се расположени за договор за 25% од пленот!?!? Дека се расположени на договор!? Тоа за нив, така истоштени од десет годишниот пост секако се многу пари. Многу, многу пари …!? Тука се крие големата опасност за Македонија. Колкава е точката на топење кај оваа партија?

Ако не е така, како што пишувам, тогаш оваа партија мора поенергично да покаже на македонските граѓани за што се залага!? За какви општествени вредности? Кои се реформите кои ќе ги спроведат? Што ново ќе донесат? Зоран Заев и соработниците мора да разберат дека овој пат, колку и да се уверливи во она што го зборуваат со уста и со тело, сепак времето работи против нив! Македонската неутрална јавност, а такви се над 50% од македонските граѓани, бараат конкретни определби. Акција. Граѓаните се нестрпливи, а нервите се истенчени. Заев мора да разбере дека овој пат тешко ќе оди. Многу тешко…

Ако сево ова е така, а поинаку не е … тогаш што е заклучокот? Што ќе се случува во Македонија на краток рок … во текот на 2016 година?

Она што е проценка на повеќе политички и економски аналитичари е дека без “силен моментум” предизвикан од нешто многу конкретно, јасно видливо, нема многу суштински да се менува односот на силите на теренот. ВМРО-ДПМНЕ и до критичниот ден на изборите би можел да остане во некаква предност пред СДСМ, и покрај заминувањето на Никола Груевски од Владата, а можеби и од челното место во партијата.

Значи, можеби звучи помалку перверзно, но клучната улога за тоа како ќе изгледа македонската политичка сцена е во рацете на специјалното јавно обвинителство!? Ако до изборите не се отворат клучни истраги, тогаш се претпоставува дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, ДУИ, а можеби и ДПА ќе состават влада и после изборите. Ако се знае дека ова и вакво ВМРО-ДПМНЕ нема да биде способно само да состави влада. Тогаш зошто ни е таква влада?

Малку погоре напоменав дека Македонија, и покрај  галамата што ја дигаат неосновано и неуко, провладините гастербајтери во политиката во делот на нивните интелектуалци, после “бомбите” на Заев, практички го изгуби суверенитетот на овој тип на одлуки. Затоа требаше да има оставка на владата.

Сега на сцена се последиците од остсуството на визија на владата на ВМРО-ДПМНЕ. Самозадоволни, завалени во своите фотељи во главите полни со ароганција ја потрошија целата 2015 година промовирајки ја на најбизарен начин својата темна страна на владеење. Егото не им дозволи да го направат единственото убаво нешто што можеа да го направат за, како тие велат, мајката Македонија. А секој ден устите им се полни со патриотизам, а нивните телевизии со евтини, а скапо платени документарни филмови, во стилот “пиши во графата – продукција за вековната борба на ВМРО за самостојна Македонија”. Се што не е по нивниот А – тест за патриотизам е колосално предавство! Сепак, тоа време изгледа полека изминува …

Како последица на тој патриотизам, што само тие го разбираат, секој македонски граѓанин денес шета со спуштени гаќи наоколу и низ светот. Ни се смеат на глупоста. Од сите нас, преку “брутален општествен инженеринг”, создадоа “улави човечиња, истегнати за уши штотуку вратени од гласање …”! Така голи шетаме по “пржинскиот договор” тапо загледани во просторот, и се уште без чувство дека – “ало човеку … сите ние чекаме да се соочиш со себе …”. Ајде време е.

 

 

One thought on “Внимание! Тралалајките со истегнати уши, по долината на Вардар, ќе слават Нова година и два Божиќа!? Господ на помош!?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×