Во Македонија компаниите чекаат преку 100 денови за наплата на фактура, во ЕУ три пати помалку
Објавено на од во Економија

28 slika-1Истражувања за плаќачките навики во земјава и остатокот од Европа

Порастот на навременото плаќање на сметките е видлив во Европа, но и во регионот, покажува истражувањето на ЕОЅ. Во споредба со минатата година забележан е раст од 78% на 79% во Европа. Во регионот, забележан е пораст од 76% на 77% во Хрватска и од 74% на 78% во Бугарија, додека пак процентот на навремено платени сметки во Романија останал непроменет, односно 74%. Рокот за плаќање на обврските е намален од 35 на 34 денови во 2018 година. Сепак, и покрај позитивниот тренд, секоја петта сметка низ Европа се плаќа со задоцнување или воопшто не се плаќа. Во просек ненавремено платените сметки се плаќаат за 20 денa по истек на рокот за плаќање. Во Македонија, според последниот Извештај за финансиска стабилност што го изработува Народната банка, а се однесува за 2017 година, едно побарување се наплатува во просек за 109 дена, а просечното време на наплата на фактурите е скратено за шест дена во споредба со годината претходно.

 

Иако веќе четврта година по ред Европа бележи раст во навремените плаќања, сепак и понатаму загрижувачки е процентот на задоцнети плаќања, како и неплаќања – секоја петта сметка се плаќа доцна или воопшто не се плаќа, покажува истражувањето на EOS за 2018 година, „European Payment Practices“, коешто претставува сеопфатен преглед на навиките за плаќање во Европа. Истражувањето EOS, компанија за менаџмент на финансиски побарувања со седиште во Германија, го спроведува веќе 11 година по ред, а во него се вклучени 3,400 компании од 17 европски земји. Праксата на задоцнето плаќање или неплаќање, како што покажува истражувањето, директно го загрозува работењето на секоја седма компанија во Европа. За жал, само кога ќе се соочат со неможноста за наплата на своите испорачани производи или услуги, повеќето компании сфаќаат колку тоа може да го загрози нивното успешно работење.

Во истражувањето на EOS не е вклучена Македонија, но според последниот Извештај за финансиска стабилност што го изработува Народната банка, а се однесува за 2017 година, едно побарување во Македонија се наплатува во просек за 109 дена, а просечното време на наплата на фактурите е скратено за шест дена во споредба со годината претходно.По одделни сектори, најкратки рокови за наплата има во дејностите трговија, транспорт, складирање и угостителство каде компаниите наплатуваат просечно за 83 дена, во индустријата рокот е исто колку и просекот во земјата, 109 дена, 112 дена се чека за наплата во секторот информации и комуникации, 123 дена во секторот земјоделство, и дури 254 дена во градежништвото.


30Третина од фирмите во Европа намерно не ги плаќаат обврските на време

Според големината на компаниите, големите фирми наплатуваат најбрзо и тоа за три месеци, средните компании во просек за 101 ден, малите за 121 дена, додека пак ситуацијата е најлоша со кај микро фирмите кои чекаат во просек по 365 дена односно една година за наплата на побарувањата.
Компаниите што работеле со добивка очекувано наплатувале побрзо отколку загубарите. Првите во просек за 102 дена, а другите за 191 ден.
„Наплатата на побарувањата во Македонија не се подобрува значително и роковите за наплата се уште се долги, надминуваат и 90 дена. Има компании што плаќаат редовно во рок од 30 дена, но многу поголем дел од фирмите, и најчесто поголемите, не ги почитуваат договорените рокови. Она што најмногу ме изненадува е што тие компании имаат пари, не се во некои финансиски проблеми, но намерно не плаќаат навреме. Со тоа спречуваат и други компании да плаќаат навреме и проблемот станува голем. Финансиската дисциплина е многу битна, и ние како компанија се трудиме да ги почитуваме сите договорени рокови и обврските да ги плаќаме навреме“, вели Горан Антевски, генерален директор на компанијата Раде Кончар ТЕП.

Токму намерното неплаќање навреме е истакнато како причина за задоцнетите плаќања на обврските во 33% испитани компании и во европските земји опфатени во истражувањето на ЕОЅ. Како најчеста причина за задоцнетите плаќања кај бизнис корисниците се истакнуваат неплаќањата од страна на сопствените купувачи што подоцна предизвикуваат тешкотии и кај испитаните компании (56%), користење кредит за добавувачи (52%), несолвентност (41%), недостаток од капацитети (40%), човечка грешка (33%), грешка при процесирање фактури (29%) и технички причини (27%).

Кај приватните корисници, во 59% од случаите привремен проблем со ликвидноста е наведен како причина за задоцнети плаќања, кај 49% причина е презадолженоста, 46% изјавиле дека заборавиле да ги платат сметките, додека кај 34% наведено е намерно неплаќање како причина за доцнење.


29Парите од јавниот сектор се наплаќаат многу подолго

Според истражувањето на ЕОЅ пак, во периодот од 2014 до 2018 година, во истражуваните 14 членки на ЕУ, плус В. Британија, Русија и Швајцарија, навремените плаќања се зголемиле од 75% на 79%, додека задоцнетите плаќања имаат пад од 21% на 18%. За пет години неплатените побарувања се намалиле од 4% на 3%, додека просекот на денови по истекот на рокот во којшто се намируваат задоцнетите плаќања од 27 во 2014 година, се намалил на 20 дена во 2018 година. Во регионот, во 2018-та, но во споредба со годината претходно, забележан е пораст од 76% на 77% на навременото плаќање сметки во Хрватска и од 74% на 78% во Бугарија, додека пак процентот на навремено платени сметки во Романија останал непроменет, односно 74%. Благиот пораст се должи на позитивниот тренд во однос на потрошувачката моќ низ Европа, кој е потврден и преку истражување на GfK од јуни оваа година. Имено истражувањето на GfK забележа највисоко ниво на потрошувачка клима во земјите членки на ЕУ во последните 11 години, од почетокот на финансиската криза.

Сепак, и покрај позитивниот тренд, секоја петта сметка низ Европа се плаќа со задоцнување или воопшто не се плаќа.

За надминување на овој проблем фирмите го скратуваат зададениот рок за плаќање на сметките, па така во 2018 година на ниво на Европа рокот за плаќање е намален од 35 на 34 дена, покажува „European Payment Practices“.

Трансакциите со јавниот сектор во европските земји и понатаму траат подолго, 40 дена во просек, и покрај тоа што директивата за плаќање за 30 дена всушност, е задолжителна и за нив. Во Македонија, според извештајот на НБРМ, фирмите чекаат просечно по 6 месеци и 21 ден, односно околу 200 дена просечно за да ги добијат парите за завршената работа од јавни набавки, покажа анкетата помеѓу 210 фирми за нивното искуство со тендерите, спроведена во периодот февруари – март годинава од страна на Центарот за граѓански комуникации. Споредено со лани, рокот за наплата е зголемен за 20 дена, додека пак пред две години просекот изнесувал 8 месеци.

Подетално, 39% од фирмите велат дека чекаат меѓу 3 и 6 месеци за наплата на побарувањата, 21% чекаат од 6 до 9 месеци, а 20% чекаат по 1 до 3 месеци. 11% чекаат од 9 до 12 месеци, 7% меѓу 1 и 2 години, а 2% изјавиле дека на наплата на побарувањата чекаат и по повеќе од 2 години.

 


Digitalni plakanjaСамо три од десет европски компании нудат плаќање со дигитални средства

Само 5% од европските компании нудат плаќање со мобилен телефон или е-паричник.

Европјаните и понатаму ги преферираат конвенционалните методи на плаќање, поради што компаниите во многу мал процент овозможуваат современи начини на плаќање за услугите кои ги нудат на пазарот. Слична е и ситуацијата во регионот (Хрватска, Бугарија и Романија) каде доминантни се традиционалните облици на плаќање, покажува истражувањето на EOS групацијата за 2018 година.

Европските компании најчесто нудат можност за банкарско плаќање – дури 82% од компаниите, додека 39% од компаниите овозможуваат плаќање во готово, секоја втора компанија овозможува авансно плаќање, а само секоја трета компанија овозможува плаќање на рати или со кредитна картичка.

Од друга страна само околу 29% од европските фирми нудат плаќање со дигитални средства од кои најзастепено е плаќањето преку интернет со коритење на услуга од трета страна. Само 5% од европските компании нудат плаќање со мобилен телефон или е-паричник. Понатаму, истражувањето заклучува дека повеќето европски компании не размислуваат за имплементација на додатни начини за плаќање во блиска иднина, односно само 3 од 10 фирми ги препознаваат дигиталните методи на плаќање како добро решение т.е. прилика за намалување на ненавремените плаќања.

 


Дури 37% од европските компании соработуваат со надворешен партнер за наплата на побарувања

Дури 42% од сите интервјуирани компании во европското истражување на ЕОЅ потвдуваат дека неплаќањата или задоцнетите плаќања директно влијаат на намалувањето на добивката, додека пак 38% од нив се борат со влошена ликвидност.

Неможноста да се наплатат побарувањата може да резултира со намалување на профитот или со недостаток на ликвидност, што и се покажа како најчеста последица од задоцнетите плаќања или неплаќања во цела Европа. Токму поради тоа, односно за да додатно допринесат за текот на парите во фирмите, односно ликвидноста, а истовремено да продолжат со испорака на производи или услуги, фирмите ангажираат надворешни партнери за наплата на нивните побарувања, односно 37% од анкетираните компании во истражувањето „„European Payment Practices“ на EOS го прават тоа. Истражувањето укажува на тоа дека со успешната наплата на побарувања се отвораат нови работни позиции, се овозможува навремено плаќање на долговите кон други компании, се создаваат темели за ширење и развој на работењето, како и дополнителни инвестиции на финансиските пазари.

Дури 42% од сите интервјуирани компании во Европа потвдуваат дека неплаќањата или задоцнетите плаќања директно влијаат на намалувањето на добивката, додека пак 38% од нив се борат со недостаток на ликвидност. Слично е и во регионот. Во Хрватска на пример 37% од фирмите истакнале дека лошата наплатливост влијае на намалување на добивката, 40% се борат со намалена ликвидност, а дури 39% како одговор на задоцнети или нерализирани плаќања морале да ги покачат цените на своите производи или услуги.

Во Европа скоро секоја седма фирма смета дека нивното работење е загрозено токму поради доцнења во плаќањето или лоши долгови.

„Ако компаниите долго чекаат за реализација на ненаплатените побарувања, по некое време нема да бидат во можност да ги сервисираат своите тековни трошоци, како што е на пример исплата на плати на вработените. Во најлош случај ова може да резултира со стечај, што пак значи уништувње на економски потенцијал и работни места “, вели Клаус Енгбердинг, извршен директор на EOS Групата.

Инаку, ЕОЅ го спроведе истражувањето  во соработка со независниот институт за истражување на пазарот Kantar TNS, при што опфати 3.400 компании во вкупно 17 европски земји (Данска, Германија, Велика Британија, Шпанија, Франција, Белгија, Швајцарија, Романија, Чешка, Хрватска, Словенија, Унгарија, Бугарија, Словачка, Полска, Русија и Грција). Во истражувањето земаа учество 200 компании од секоја земја со годишен промет од преку 5 милиони евра, а целта беше да се истражат ставовите и искуствата со праксата на плаќање, економските трендови во поедини земји и општо по прашањата врзани со управувањето со ризици и побарувања. Повеќе информации за „European Payment Practices“ може да најдете на www.eos-solutions.com

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×