8 февруари, 2025
5 mins read

Во војната прва умира вистината, ама важно е и кој ја убил

Фактот што професионалните новинарски организации се борат против цензура и сметаат дека забраната за руските канали нема да придонесе многу во борбата со пропагандата, не значи дека се игнорира опасноста врз општествата и институциите, туку напротив, дека мора да се најдат ефикасни методи за борба со лагите во медиумските простори, користејќи ги демократските алатки.

Гледам вести на Русија 24. Првиот дел од вестите е лоша монтажа на Зеленски (претседателот на Украина, н.з.), брзи и бавни кадри додека зборува, така што делува како наркоман, па анализираа каква дрога користи.

Вториот дел е компарирање на нацизмот во Украина и оној во Германија. Велат, Украинците немало да умираат за ‘нацистичка Украина’. Користат и материјали од BBC и CNN, секако синхронизирани, а украинските заробеници весели, насмеани… Пропаганда! Многу лошо водена! Шизофрена!“ пишува еден пријател на Фејсбук, кој притоа прашува како е можно здраворазумен човек воопшто да поверува во така лоша и евтина медиумска манипулација.

Но, трикот на пропагандата е токму тој – да остане непознат.

Низ вековите државните пропаганди, особено во воени времиња, иако често брутални, биле понекогаш толку смешни и апсурдни што некој отстрана секако не би можел да најде логичен одговор на прашањето – како било можно да успеваат?

Една или неколку небулози, повторувани постојано, организирано и оркестрирано стануваат дел од јавниот наратив, добиваат свои поддржувачи и веќе се реалност, без разлика колку се лажни. Каков апсурд!

Лажи, лажи, лажи и од лагата нешто ќе остане – оваа девиза на нацистичкиот пропаганден монструм, се чини дека многу лесно живее во време на интернет кога и онака брзата лагата патува несопирливо до маси на луѓе низ целиот свет.

Како да се борите со лагата?

Голем дел од земјите од западниот свет донесоа одлука за забрана на руските канали, или препорака до телевизиските оператори за забрана за емитување.

Кај нас, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), по препорака на Владата, им укажа на кабелските оператори да ги исклучат руските канали што се реемитуваат во Македонија. Препораката доаѓа по одлуката на земјите членки на Европската Унија да ги забранат „Раша тудеј“ и „Спутник“ на територијата на ЕУ. Во известувањето до кабелските оператори, Агенцијата се повикува на препораката од Владата која се однесува на „каналите во кои како основач се јавува Руската Федерација или приватни, физички или правни лица со потекло од Руската Федерација“.

Препораката потенцијално се однесува на четири канали што се реемитуваат во земјава – дел на англиски, дел на руски јазик.

Дали е цензурата решение?

Но, дали е ова решение? Руската инвазија е чиста агресија и политичко варварство во 21 век. Целиот слободен, демократски свет ја осуди користејќи многу прецизна реторика. Нема никакви заблуди или дилеми околу тоа што руската држава го стори и се уште го прави врз соседна, независна, суверена држава. Истовремено, сите организации и експерти кои следат дезинформации и се борат со медиумски непрофесионализам нема да имаат трошка сомнеж во одговор на прашањето од каде доаѓаат најголемите и најчести прекршувања на новинарските стандарди.

Но, во однос на заштита од пропагандата преку цензура и забрана, има неколку дилеми кои исто така извираат од професионалните организации – дали е цензурата  можна во време на интернет (да не заборавиме пропагандата има и трансмитери, не само извор) и дали нема дополнително да ги мотивира приврзаниците, кои вака само ќе си ги засилат теориите дека има “нивна вистина” што некој организирано им ја крие!?

Другата дилема што е впрочем суштинска е дали борејќи се со чудовиште нема да станеме самите чудовишта!?

Да, натпреварот со диктатори е секогаш нерамноправен.

Слободниот свет сериозно ги анализира своите реакции, одговорно земајќи ги предвид сите аспекти.

Диктаторите се немилосрдни и целите им се секогаш императив во однос на б средствата.

И тоа е една од клучните слабости на демократијата, таа нерамноправност.

Но, дали е можна борба за вредности преку нивно газење?

Европската федерација на новинари вели – не!

Предизвикот мора да биде како да се одговори на медиумските напади врз нашите држави, општества, институции, комуникациски системи користејќи ги алатките на демократијата.

„Вистинската борба со дезинформациите не може да биде цензурата, туку промоција на плуралистички, професионален, етички и остварлив медиумски екосистем, независен од центрите на моќ“ вели директорот на Федерацијата, Рикардо Гутиерез.

Тој смета дека чекорите на забрана ќе бидат контрапродуктивни за оние кои ги следат овие медиуми и дека борбата треба да се одвива преку разоткривање и разобличување на пропагандата, потенцирање на финансиските врски на квази  – медиумите.

Македонските новинарски организации излегоа со став на иста линија, придружувајќи се на препораките и на оценките на европските колеги.

Агресорите не се двоумат да таргетираат новинари на задача. Европската федерација на новинари овие напади ги смета за воени злосторства и повикува на формирање на специјален меѓународен трибунал.
„Меѓународната заедница мора да ги гони сторителите на овие злосторства“, велат од ЕФН

Скапо чини вистината

Во меѓувреме, новинарските екипи кои известуваат од Украина плаќаат висока цена за пренесувањето на вистинската слика, За само неколку дена, екипа на Скај њуз од Велика Британија, како и швајцарски независен новинар, беа нападнати од руските сили во Украина. Европската и Меѓународната федерација на новинари (EFJ-IFJ) остро го осудија целењето  на медиумските работници како дел од војната во Украина и повикуваа на формирање на специјален меѓународен суд за воени злосторства во Украина.

На 6 март, швајцарскиот фоторепортер Гијом Брике беше застрелан и ограбен од руски војници додека работел  во регионот на Миколајев, во јужна Украина. Новинарот го возел својот блиндиран автомобил со јасна ознака дека е новинар и штотуку го поминал украинскиот контролен пункт лоциран на бензинската пумпа Премиер Оил кога руските сили нападнале: Неколку куршуми го погодиле возилото и резултирале со повреди на лицето и подлактицата. Откако бил принуден да застане, руските војници му ги одзеле документите, парите, лаптопот, фотографиите, видеата и други вредни предмети за неговата работа и безбедност.

Според Ukrinform, националната новинска агенција на Украина, Брике отишол на територијата на регионот Кировохрад што е можно поскоро каде украинската полиција од  Кропивницки му помогнала да стигне до медицинска установа за да добие медицинска нега.

Ова беше втор напад на руската армија врз меѓународни медиумски работници за само неколку дена. На 28 февруари, британска телевизиска екипа од Скај Њуз беше нападната од заседа додека известуваше за војната во Украина. И покрај тоа што гласно викаа дека се новинари, тие беа застрелани во различни моменти: куршум го погоди главниот дописник Стјуарт Ремзи во долниот дел на грбот, додека операторот на камера Ричи Моклер беше застрелан двапати во неговата јакна. Тие на крајот најдоа засолниште во блиската гаража и Ремзи и неговиот тим беа безбедно вратени во Британија во петокот на 4 март.

На 26 февруари, двајца дански новинари, исто така, се здобија со прострелни рани откако непознати напаѓачи го нападнаа нивниот автомобил во Украина.

Генералниот секретар на ИФЈ, Ентони Беланџер, изјави: „Нападите врз новинарите треба силно да бидат осудени од меѓународните власти. Овие настани ја покажуваат итната потреба од колективен напор за заштита на медиумските професионалци во воените зони: овие злосторства не треба да останат неказнети“.

Генералниот секретар на ЕФЈ, Рикардо Гутиерез, пак рече: „По нападот врз возилото на екипата на Скај њуз од страна на руска групна заседа во близина на Киев во понеделникот, овој нов целен напад врз швајцарски фоторепортер покажува дека, во повеќето конфликти, завојуваните страни не се двоумат да таргетираат новинари на задача. Тоа се воени злосторства. ЕФЈ повикува на формирање на специјален меѓународен трибунал. Меѓународната заедница мора да ги гони сторителите на овие злосторства“.

Меѓународната и Европската федерација на новинари ги повикаа и работодавците на медиумите да обезбедат заштита на новинарите што ги испраќаат во воените зони.

IFJ, EFJ и нивните филијали во Украина, NUJU и IMTUU, забележуваат дека многу дописници во Украина немаат панцирни елеци, балистички шлемови или медицински комплети. Редакциите продолжуваат да испраќаат новинари во Украина без специфично осигурување и заштита, додека панцирните елеци стануваат сè потешко да се добијат во Европа.

„Случаите на млади новинари кои се недоволно опремени, недоволно заштитени и недоволно платени се во пораст“, велат од ИФЈ и ЕФЈ.

„Ги повикуваме работодавачите на овие новинари да преземат одговорност со тоа што ќе им ја обезбедат потребната опрема и ќе им платат според ризикот што го преземаат. Неколку дена пред овие, во напад загина украинскиот телевизиски снимател Јевгениј Сакун, заедно со уште четири лица, а повредена беше и данска новинарска екипа. Данскиот новинар Стефан Вајчерт и фотографот Емил Филтенбогр Микелсен беа застрелани во автомобил во градот Охтирка, околу 90 километри северозападно од Харков.

За ова реагираше данскиот министер за надворешни работи Јепе Кофод, на својот твитер профил, со коментар дека ова е грозен потсетник за опасностите со кои секојдневно се соочуваат новинарите додека ги документираат ужасите на војната.

После настаните во Украина, Данска одлучи да распише референдум за учество во заедничката европска одбранбена политика. Околу 30 години Данска се држеше до својата политика да не учествува во одбранбената европска соработка, но сега данската премиерка вели дека бесмислениот и брутален напад на Путин врз Украина најави нова ера и нова реалност во Европа.

Редакција Капитал

Редакција Капитал

...само идејата е Капитал, а сè друго е пари...

Напишете коментар

Your email address will not be published.

оди наВРВ

Не пропуштај