Од политички оптимизам кон економски реализам

Експерт за енергетска политика
Сепак, најновата анализа на DNV Hydrogen Outlook 2060 покажува дека водородната транзиција влегува во значително покомплексна и пореалистична фаза, каде економската одржливост, високите трошоци, инфраструктурните ограничувања и глобалната технолошка конкуренција стануваат подеднакво важни како и климатските цели.
Според анализата, глобалниот водороден сектор денес претставува пазар вреден околу 240 милијарди долари, со годишно производство од приближно 100 милиони тони водород. Но, речиси целото тековно производство и понатаму се базира на фосилни горива, што резултира со околу 1.3 милијарди тони CO₂ емисии годишно. Истовремено, DNV проценува дека до 2060 година глобалната побарувачка за водород би можела да порасне за околу 170%, што би барало кумулативни инвестиции од дури 3.2 трилиони долари во производство, обновливи извори и инфраструктура.
Европа веќе се соочува со „implementation gap“
Еден од најважните заклучоци во анализата е дека Европа веќе започнува да се соочува со јаз помеѓу политичките цели и реалната имплементација на водородните проекти. Иако Европската Унија беше меѓу првите глобални региони што агресивно ја туркаа водородната агенда, DNV посочува дека дел од иницијалните цели за развој на електролизерски капацитети веќе не се реализирани според првичната динамика.
Причините се повеќеслојни:
- високи цени на електричната енергија,
- инфлациски притисоци,
- забавени процедури за дозволи,
- доцнење во изградбата на обновливи извори, и
- значително повисоки трошоци за капиталните инвестиции.
Ова е особено важно бидејќи производството на зелен водород директно зависи од достапноста на евтина обновлива електрична енергија. Во услови кога цените на електричната енергија остануваат високи, економската логика на голем број проекти станува многу потешко одржлива без силна државна поддршка.
Водородот останува значаен, но не за сите сектори
DNV прави јасна разлика помеѓу секторите каде водородот може да има долгорочна улога и оние каде други технологии веќе стануваат поефикасни и поевтини решенија. Анализата покажува дека водородот најверојатно ќе остане критично важен за:
- тешката индустрија,
- производство на челик,
- високотемпературни индустриски процеси,
- авијацијата преку synthetic fuels, и
- поморскиот транспорт преку амонијак и e-methanol.
Истовремено, DNV индиректно потврдува дека во голем број други сектори директната електрификација, батериските системи и обновливите извори напредуваат многу побрзо од очекуваното, што постепено го намалува просторот за масовна употреба на водородот.
Ова претставува значајна промена во однос на првичните очекувања, кога водородот често беше претставуван како речиси универзално решение за целокупната енергетска транзиција.
Кина станува доминантен играч во водородната индустрија
Еден од најинтересните делови во анализата е растечката улога на Кина во глобалната водородна индустрија. Според DNV, Кина денес веќе контролира околу 60% од глобалниот производствен капацитет за електролизери и располага со значително пониски производствени трошоци во споредба со Европа и Северна Америка.
Анализата наведува дека кинеските електролизери вообичаено чинат помеѓу 300 и 600 долари по kW, што е помалку од половина од цените во западните економии.
Ова отвора сериозно геополитичко и индустриско прашање за Европа. Додека ЕУ настојува да ја намали зависноста од увоз на фосилни горива, постои ризик постепено да се создаде нова зависност овојпат од кинеската технологија и производствени синџири за водородна опрема.
Слична динамика Европа веќе искуси кај:
- соларните панели,
- батериските системи,
- и дел од критичните минерали потребни за енергетската транзиција.
Од „хипер-оптимизам“ кон селекција на реално одржливи проекти
DNV во анализата прави и значајна ревизија на претходните прогнози. Компанијата ја намалува својата долгорочна прогноза за развојот на clean hydrogen за околу 45% во споредба со проценките од 2022 година.
Истовремено, глобалниот pipeline на проекти е намален од 50 Mt на 37 Mt помеѓу 2024 и 2025 година.
Но, анализата ова не го толкува како колапс на секторот, туку како процес на „market filtering“, односно постепено елиминирање на проектите кои немаат:
- економска основа,
- сигурна побарувачка,
- инфраструктурна поддршка,
- или долгорочна политичка стабилност.
Во реалноста, водородниот сектор постепено преминува од фаза на политички ентузијазам и масовни најави кон фаза на реални и финансиски одржливи индустриски проекти.

Главниот проблем: Зелениот водород сè уште не е конкурентен
Можеби најважниот заклучок во целиот извештај е дека зелениот водород и понатаму останува значително поскап од конвенционалниот водород произведен од фосилни горива.
Според DNV:
- конвенционалниот водород моментално чини околу 1–5 USD/kg,
- додека зелениот водород најчесто се движи помеѓу 3–10 USD/kg.
Во пракса, ова значи дека водородната економија во оваа фаза сè уште не може да функционира без:
- субвенции,
- ETS механизми,
- државна помош,
- гарантирана побарувачка,
- и регулаторни обврски.
Токму затоа Европската Унија развива комплексен „policy mix“ кој комбинира:
- ETS,
- Hydrogen Bank,
- RED III,
- CBAM, и
- различни механизми за државна поддршка.
Ова покажува дека водородната транзиција денес е подеднакво политички и економски проект, а не само технолошка трансформација.
Токму овие механизми за масовна финансиска поддршка дополнително потврдуваат дека пазарот на обновлив водород сè уште не е економски самоодржлив без значителна државна интервенција. Фактот што Европската Унија доделува повеќе од 1 милијарда евра директна поддршка, заедно со дополнителни национални средства од 1,7 милијарди евра, јасно покажува дека развојот на водородната економија во оваа фаза е силно зависен од субвенции, ETS механизми, регулаторна поддршка и гарантирана побарувачка. Ова практично ги потврдува и заклучоците на DNV дека водородната транзиција постепено преминува од фаза на политички оптимизам кон фаза каде клучно прашање станува долгорочната економска одржливост на проектите.
ЕУ додели повеќе од 1 милијарда евра за нови проекти за производство на обновлив водород низ Европа
м-р Виктор Андонов
Поранешен советник за енергетика на
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија



















