Времето за патетика е поминато. Жената одамна не е само украс во домот ниту пак на работното место
Објавено на од во Интервју
Интервју со Емилија Зографска, менаџер на Одделот за односи со јавност во ОНЕ

Секогаш достапна барем за сите прашања што Капитал ги поставил поврзани за работењето на компанијата. Често знае да го искористи “правото” да добие на време и да се консултира со претпоставените, но секогаш одговорно и навреме ги споделува информациите. Новинарството го напушти пред неколку години за да застане од другата страна на микрофоните. Таа одлука се повеќе и се чини оправдана бидејќи како што вели: предизвикот е голем кога се гради кариера во една од најпримамливите професии, односи со јавност или популарно, ПР особено во компанија која работи по европски стандарди.

1.Почитувана г-ѓа Зографска, вие сте менаџер за односи со јавност на една од водечките компании во секторот на телекомуникациите, ОНЕ Македонија Што значи да се биде на одговорна функција во една ваква компанија?
Компаниите кои се дел од големи корпорации, во случајов ONE како дел од Телеком Словеније, во кадарот што го регрутираат и даваат шанса да бидат дел од тимот, пресуден е квалитетот и професионалноста. Од работникот се бараат перформанси што ќе донесат бенефит за компанијата, тимската работа и реализирање на крајната цел.
Во случајот со Односи со јавност тоа е експертизата и познавањето на реалното опкружување, градењето на имиџот на компанијата, штитењето на интересите на истата и сето тоа движејќи се од доброто кон најдоброто. Фактот дека односи со јавност или популарно кажано ПР е нова професија за нашиве простори или сектор што допрва треба да застане на здрави нозе во земјава го прави предизвикот уште поголем. И секако нескромно би било ако кажам дека резултатите се само мои. Тоа е плод на работата на еден тим составен од врвни професионалци кои точно знаат да одат и над своите способности се со цел остварување на најдобриот можен резултат, но не по секоја цена. Фер плеј играта е на прво место, а тоа значи почитување на стандардите на професијата и задржување на достоинството, а натпреварот верувајте е остар.

2.Што беше најпресудно да успеете во кариерата?
Кога се враќам наназад, а искрено ретко го правам тоа, единственото нешто на што можам да го припишам успехот е традиционалниот начин на развој. Не ги прескокнував скалилата. Ниту како новинар , ниту во односите со јавност. Тоа што е својствено за мене е кога добивам шанса се обидувам да не ја прокоцкам. Да ги оправдам очекувањата на тие што ми ја дале довербата , но и пред самата себе. Внимателно и искрено. Секогаш работам со полно срце, внесувајќи емоција која на крајот на денот мислам дека го дава саканиот резултат.

3. На кои принципи се базира вашиот начин на работа?
Транспарентноста е клучниот принцип на работа во одделот за односи со јавност во ОНЕ. ПР тимот е секогаш достапен за јавноста, за претставниците на медиумите, за надворешните соработници и за вработените како главна алка во синџирот креатори на јавното мислење. Заради областа во која работиме, телекомуникациите, брзите одлуки се неминовни. Тоа значи креативност, максимум концентрација и инвентивност. Особено сега, во ера на дигитализација и во време кога информацијата се трансферира со неверојатна брзина.

Zogravska-Emilija--(2)

4. Дали фактот дека сте жена ви помага или одмага во бизнисот?
Во борбата за женски права и родова еднаквост стереотипите се најлошото нешто што би можело да се случи. Некој да ве оценува дека помалку вредите заради полот на кој припаѓате. Во мојот работен стаж сум сретнала и колеги и претпоставени што потценувале квалитети на професионалец само заради тоа што е жена, но секогаш биле малобројни и занемарливи. Моја среќа е дека секогаш сум работела во родово сензибилизирани средини кадешто припадноста на полот не играла улога. Докажувањето било и е на основа на постигнатите резултати. Во основа никогаш не сум сакала да размислувам дека , денеска, во 21 век, сеуште живееме во машки свет , односно во бизнис свет во кој владеат мажите. Тврдам дека сите ние без разлика на полот, расната и верската припадност имаме еднакви можности да работиме и создаваме и дека само од нас зависи каде ќе бидеме и што ќе постигнеме во животот.
Времето за патетика е одамна поминато. Жените веќе не се само украс во домовите ниту пак украс на работните места. Денешната жена е храбра, одлучна, образована и подготвена да ги освојува и најголемите предизвици. Се повеќе запознавам вакви жени и се одушевувам. Овде не зборувам за давање шанса на жената само затоа што е жена туку затоа што таа има квалитет.
Но за жал податоците се уште говорат за поинаква реалност. Последните анализи што ги прочитав велат дека 50% од популацијата во земјава се жени, 51% од нив се запишуваат на универзитетите, а 52% од вкупниот број дипломирани се повторно жени. Во последните години се поголем е бројот и на жените со магистерски и докторски титули. Овие врвни бројки се понатаму во практиката се фрапантно ниски. Само 4% од жените се носителки на сопствен бизнис , а половина од овој процент се на менаџерски позиции. Толкувањето оди во насока дека македонската жена е квалитетна, паметна, образована , но и недостига охрабрување и ослободување од предрасудите. Потребни се алатки кои ќе овозможат да ги победиме тие стереотипи кои велат дека жената пред се е сопруга и мајка , а потоа професионално активна.
Она што ме одушевува и воедно охрабрува е дека се повеќе мажи се придружуваат во борбата за еднаквост меѓу половите што значи дека нема спротивставени страни туку заедничко настојување за подобрување на родовата слика.

5. Кои се предизвиците, како жена на одговорна функција, со кои се соочувате на оваа позиција?
На добар и квалитетен работник потребна му е личност (personality) , знаење и вештини. Истите карактеристики се потребни и за добар лидер. Постојат бројни полемики за тоа дали добар менаџер се раѓа или се создава. Ако некој има вродени лидерски способности не значи дека и ќе прерасне во таков. Оттука и тврдам дека за работата на водич , менаџер или лидер треба да се учи, да се работи на себе , да се следат научни теории и да се анализираат практични искуства.

6. Како ги менаџирате обврските меѓу бизнисот и приватниот живот?
Ова прашање само го потврдува стереотипот за кој зборував и претходно. Сигурна сум дека вакво или слично прашање нема да му поставите на менаџер кој е маж. А сигурна сум дека и тие, мажите, имаат домашни обврски, семејства на кои безрезервно им се посветуваат. И затоа ќе го одбегнам одговорот дека сум јас “супер жена” и стигнувам сама се да постигнам.

7. Кој би бил вашиот совет за жените за успех во бизнисот и за успешна кариера?
И во друга прилика изјавив дека ова е едно од прашањата што уште не сум си го одговорила. Вистински подвиг е да се биде успешна на сите полиња бидејќи жената секогаш се труди да направи баланс меѓу семејството и кариерата, и сите во околината , а и таа самата очекува да биде беспрекорна на сите полиња. Колку е тоа можно навистина е дискутабилно. Во секој случај важна е упорноста. Неминовно доаѓа кај луѓето кои чекорат по патот на сопствените идеали , но и живеат во согласност со нив. Тоа значи дека не е доволно само да имаме желба да постигнеме нешто. Желбите сами по себе се терет! Потребно е желбата да ја претвориме во план, во цел. За да ја оствариме потребна е чиста визија, добра стратегија и посветеност. Јас ја имам привилегијата да го работам токму она што го сакам и затоа ја работам мојата работа со љубов и најдобро што можам. Се вложувам безрезервно, а секој навидум проблем го гледам како предизвик што го решавам во од. Непоколебливоста, упорноста и умешноста се гарант за успех. Тука секако придонесува тимската работа. Се плашам или да бидам попрецизна, презирам нечовечност, нелојален, нефер однос и дволичност. За среќа, во ОНЕ и за моите претпоставени, кои патем речено сите се од машкиот пол , квалитетот во извршувањето на работата, исполнителноста и остварените резултати се пресудни. Рамноправниот третман и мојата вклученост во клучни проекти за компанијата говорат за довербата која ја имаат, но и за нивната родова сензитивност.

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×