ЗОРАН МАРКОВСКИ, генерален директор на МАК АУТОСТАР
Објавено на од во Интервју

За да создадете успешна приказна во бизнисот потребен е одличен тим

Со гламурозна забава, како што и доликува на Мерцедес, застапникот на овој премиум автомобилски бренд во Македонија, Мак Аутостар пред неполн месец прослави 20 години работа на македонскиот пазар. Освен пријателите на Мак Аутостар, како и познати личности од јавниот живот, специјално за прославата допатуваа и главниот директор за продажба и маркетинг на Mercedes-Benz патнички возила за Централна и Источна Европа. Азија и Африка, г-нот Јоханес Фриц, потоа главниот извршен директор на Mitsubishi Motors за Европа, Томохиса Нишина, како и сопственикот на Мак Аутостар и еден од сопствениците на групација Betz, г-нот Tомас Бец. Директорот на Мак Аутостар, кој што е во неа од самиот почеток, г-нот Зоран Марковски, не е човек кој што е наклонет кон интервјуа и за овие две децении има дадено едвај 2-3, од кои едно во Капитал, пред десетина години. Капитал се обиде повторно да го има за свој соговорник, со аргументот „ако не сега по повод овој значаен јубилеј, тогаш кога?“. Вели дека претпочита искуството на клиентите и нивната лојалност кон брендовите Мерцедес и Мицубиши да говорат повеќе за неговата работа, одошто тој самиот. Сепак, “украдовме“ малку од неговиот работен ден и поразговаравме за актуелните предизвици на компанијата, за одговорноста да се биде импортер на еден од најпрестижните автомобилски брендови, за идните планови…

Што значи 20 години да бидете во овој бизнис, односно кои се најзначајните промени на кои што вие како директор на компанијата бевте сведок, заедно со вашиот тим, се разбира?

Период од дваесет години е реалитивно долг период, како за оваа индустрија, такаи за останатите бизнис сектори и општеството во целост. Во изминатите 20 години се бележи огромен напредок во технологијата, особено во делот на електрониката и телекомункациите, што пак од друга страна го измени начинот на живот, водењето бизнис, начинот на комуникацирање.
Сето тоа се рефлектираше и во автомобилска индустрија, во крајниот производ – возилото, но и во останатите нејзини сегменти, како што е начинот на кој што функционира секторот на продажба и постпродажбата, грижата за корисници, итн.
Промените пак во финансиското работење, како воведувањето на ДДВ, безготовинското плаќање, царинење по поедноставени постапки-локално, извршија големо влијание во правец на олеснување на начинот на водење бизнис.
Имајќи предвид дека тогаш беа и зачетоците на приватниот бизнис во Македонија, многу компании беа пионери во својата област со огромна потреба за знаење. Од непроценлива вредност е сето „ноу хау“ што го добивавме од нашите принципали, во нашиот примерот Мерцедес, а подоцна и Мицубиши.

Велите дека големо искуство е преземено од странските компании. Можете ли да ни кажете поконкретно што тоа значи во однос на стандардите и процедурите?

Среќен сум што од самиот почеток на моето влегување во овој бизнис имав привилегија да работам за автомобилскиот бренд број еден во светот. Од самиот почеток, во Мак Аутостар направивме своевидно “copy-paste“ на начинот на работа и стандардите што ги бара Мерцедес и никогаш не отидовме чекор подолу. Високите стандарди успеавме да ги воспоставиме и кај останатите брендови што ги застапуваме, автомобилскиот Мицубиши и моторните масла Мобил. Сето тоа, носи свои бенефити, во смисла на прифаќање на нивната работна етика, дисциплината и одговорноста по која се познати Германците, или пак посветеноста и напорната работа карактеристична за Јапонците.
На тој начин, низ годините се градеше и брендот Мак Аутостар, за да стане синоним за висок квалитет на услугите кои веднаш го препознаваат и ценат нашите купувачи, соработници и партнери.

Што значи да се живее со вакви брендови секојдневно?

Тоа значи секогаш да се понуди најдоброто. Ако се земе предвид дека брендовите содржат или ги комуницираат сите видливи или невидливи дополнителни вредности, наша задача е тоа да им го овозможиме на купувачите, кои од нивна страна, секогаш имаат причина емотивно да се поврзат со истиот.

Така на пример, мотото на Мерцедес е “Најдоброто или ништо – The best or nothing“. Тоа доволно кажува за пораката што сака брендот да ја испрати кон своите корисници. Од друга страна, во случајот на Мицубиши се работи за бренд на исклучително квалитетни возила, на глобално ниво повеќе препознатлив по своите врвни теренци, иако и лимузинските верзии не заостануваат.

Мак Аутостар посветува огромно внимание кон своите клиенти да добијат, не само врвно искуство како возачи на Мерцедес и Мицубиши, туку и врвна услуга во делот на одржувањето на возилата, како наш одговор нанивната лојалност. Интересен е фактот што може да се сретнат и три генерации од едно исто семејство кои со години се клиенти на Мак Аутостар. Се сеќавам и на моментот од минатата година, кога еден од највозрасните купувачи не само во Македонија туку и воопшто, на свои 90 години повторно по трет пат купи нов Мерцедес.

Mercedes_intervju_1000

Како ја коментирате актуелната ситуација со автомобилска индустрија на глобално ниво и во Македонија?

Светската финансиска криза почна во периодот 2008-2009, па прерасна во глобална рецесија, за потоа да добиеме сигнали дека завршува, па сега гледаме дека повторно се случуваат некакви негативни трендови… Како и да е, изминативе неколку години автомобилската индустрија во светот гледана како целина претрпе удар од кризата.

Од друга страна, додека во западната хемисфера продажбите паѓаа, или имаат незначителен раст, се отворија кинескиот и индискиот пазар како најголеми во Азија, каде што претежно се пробиваат премиум брендовите.
Мерцедес има преку 30% раст овој период во Кина, а добро се држат и блискоисточните пазари на богатите со нафта држави, кои што се традиционални добри клиенти. Како и да е глобално, прогнозите се оптимистички и засега Мерцедес е најбрзо растечки премиум бренд.

И во Македонија сметам дека доаѓа подобар период по огромните падови во продажбите во изминативе неколку години. За негативниот тренд во автомобилскот бизнис, освен либерализираниот увоз на половни автомобили, како причина се наметнува и прашањето колку реално може да апсорбира домашниот пазар. Дополнителен отежнувачки момент е и фактот што речиси сите автомобилски брендови се застапени во продажбата на вака мал пазар.

Околу тоа колкаво влијание имаше либерализираниот увоз на половни возила врз пазарот на нови автомобили,на ниво на бизнис сектор, ние импортерите многу зборувавме на оваа тема, што јавно, што на нашите состаноци во бизнис коморите – заклучокот е дека овој увоз секако го погоди пазарот на нови возила, но мојот коментар, како и на секој импортер би бил субјективен.

Независно од продажбите, од аспект на граѓанин кој живее и работи во Македонија и од она што го следиме од медиумите, се почесто во јавноста се појавуваат прашања кои се однесуваат на еколошкиот и моментот на безбедноста во сообраќајот. Накусо, сметам дека увоз на половни возила отсекогаш имало и треба да има, единствено треба со големо внимание да се регулираат критериумите за увоз на овие возила.

***

Германците те учат на дисциплина и одговорност, Јапонците на посветеност и напорна работа

Како се најдовте Вие во приказната на Мерцедес во Македонија? Што работевте претходно?

Како дипломиран машински инженер моето прво работно искуство беше во поранешниот Металски Завод – Тито. Во тоа време.имав ретко убава можност да научам како функционира еден голем систем, да се извлечат и научат сите оние позитивни карактеристики кој истиот ги поседува.Тоа е една придобивка што можеби денес не им е достапна на младите кадри.

Во компанијава сум скоро од самиот почеток, што ме прави особено горд на се што е постигнато до денес. Изминативе две децении, беа исполнети со предизвици, но со нетрпение ги очекувам следните.

***

Новaта S-Class Coupe дојде во Скопје и пред светската премиера

-Куриозитет е што на прославата на 20-годишниот јубилеј на Мак Аутостар ја претставивте и новата S-Class Coupe пред гостите, практично две недели пред нејзината официјална светска премиера.

Интересно е за Мак Аутостар што има политика, новите модели на Мерцедес да доаѓаат во нашиот салон во исто време како и светската премиера.

Отсекогаш сум инсиситирал кај соработниците во Штудгарт, македонскиот да биде рамноправно третиран со останатите, големи пазари.

Така се случи и со новата“S класа купе“, Бевме упорни во намерата и воедно наидовме на разбирање од страна на Мерцедес, моментно еден од најпосакуваните автомобили во светот да биде присутен за време на прославата на јубилејот на Мак Аутостар во Македонија и тоа неколку недели пред сите останати во светот.
Со тоа само се потврди високиот углед и кредибилитет на Мак Аутостар, како рамноправен член на семејството Мерцедес.

***

МакАутоСтар е најдобар меѓу дилерите на Мерцедес

Мак Аутостар е на врвот за „најдобра услуга“ кон своите клиенти во конкуренција на салони на Mercedes-Benz во 120 земји во светот
Мак Аутостар со Mercedes-Benz во Македонија е прогласен за најдобар салон за автомобили во однос на останатите на Mercedes-Benz, во над 120 земји ширум светот, во делот на задоволството на купувачите.
Ова го покажуваат независни истражувањата извршени за Mercedes-Benz, во текот на минатата годината, а мерењата опфаќаат повеќе категории, но во основа е однесувањето на вработените во компанијата кон купувачот, за време и по извршената продажба.
Исто така, Мак Аутостар, според агенцијата за маркетиншки истражувања СВОТ, во 2011 г. беше рангирана на прво место како компанија која нуди најдобри услуги за своите купувачи во однос на останатите автосалони во Македонија, но и во однос на другите стопански гранки, како што е бизнисот во телефонијата, маркетите и во банкарскиот сектор.

***

Првокласниот менаџер се опкружува со првокласни соработници

За да создадете и одржувате една успешна приказна на компанија во изминативе 20 години, неопходно е да сте опкружени со одличен тим. Освен фокусирањето на градење цврста, но во истовреме флексибилна структура и организациска култура, со сите свои вредности, постојано инвестираме во човечките ресурси, како најважен потенцијал на компанијата и најважен елемент според кој може да ве оддели од конкуренцијата. Во една прилика цитирав една максима, а тоа е дека првокласниот менаџер се опкружува со првокласни соработници, додека второкласниот избира третокласни луѓе околу себе.
Затоа нашето компаниско мото е “Посветени како никој друг“, кое сосема јасно ја објаснува вредноста на брендот Мак Аутостар.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×