За десет дена и петстотини евра може да станете српски, бугарски или косовски бизнисмен
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

Условите за основања на фирма насекаде во регионот се приближно исти. она што не е исто се царинските и трговските бариери кон развиените земји од кои Србија и бугарија се поослободени во однос на македонија. поради сето тоа сè повеќе македонски компании се одлучуваат да основаат своја компанија во соседните земји. Капитал следејќи го овој тренд направи и водич како тоа да го направат во пракса.

Biznis vo regionotПоттикнати од бројните царински, даночни, инфраструктурни и други практични причини, сè повеќе македонски компании одлучуваат да основаат своја компанија во регионот. Од тие причини Капитал реши да ги истражи процедурите, погодностите и ограничувањата околу основање на компании во опкружувањето на Македонија и нормално да испита колку тоа навистина се исплатува.
За оваа намена го консултиравме Горан Рафајловски, консултант кој добро ги познава балканските прилики и кој даде корисни совети за нашите читатели.

„Нашето искуство покажува дека во денешно време технички многу мала е разликата дали ќе основате фирма во Македонија или Германија. Тоа значи дека во регионот условите се приближно исти. Како прво, во сите околни држави е дозволено физичко лице со македонското државјанство да основа сопствена компанија. Како второ, процедурите кои во минатото траеле и со месеци, а можеби и години сега скоро секаде се скратени на максимум месец дена. И трето,современите начини на комуникација овозможуваат побрз пристап до неопходните информации до кои во минатото тешко се доаѓало“.

Сепак, според Рафајловски основањето на ваша фирма во регионот е чиста техничка процедура, но постојат и некои услови што мора да ги исполните.

„Вие со тоа што ќе поседувате ваша жиро сметка и можеби простории во Белград или Софија не сте постигнале апсолутно ништо. Точно е дека фирмата технички се основа за десет или дваесет дена но за таа да се изгради се потребни години и децении. Вие сепак на тие пазари повторно почнувате од нула (како во Македонија пред 25 години), без бизнис конекции, без пазарно искуство, без име пред банкарите буквално без ништо. Затоа јас оваа алатка ја предложувам само за поголемите компании кои веќе се избориле за своето место на овие пазари. Времето на законски измами одамна помина, во денешни услови мора да направите голем обрт за да имате и голема заштеда од вашето основање на фирма во друга држава“

Десетте чекори за основање ваша компанија во Србија

Според законските регулативи во Србија друштво со ограничена одговорност можете да основате со минимален основачки капитал од само едно евро и може да го основа физичко лице со македонски пасош. Сепак ќе треба да поминете десет чекори кои со оглед на бавната администрација знаат да бидат и проблематични(според искуството на луѓе кои веќе го направиле тоа).

Како прво, треба да го посетите сајтот на српската агенција за стопански регистри (www.apr.rs) каде што може да го преземете основачкиот акт, даночниот образец и регистрационата пријава. Следниот чекор е одење во српските судови, односно надлежниот за вашата општина каде што ќе го заверите договорот за основање на Друштво со ограничена одговорност и даночниот образец. Потоа следува првото ваше одење во банка каде што треба да го уплатите основачкиот капитал пред да продолжите во Агенцијата за стопански регистри и конечно да ја понесете пријавата. За тоа ќе ви се потребни сите документи кои претходно сте ги собрале. После тоа добивате потврда од агенцијата со која во рок од 3-5 дена ќе ги подигнете документите. Ова знае и да се оддолжи затоа треба да следите на сајтот на агенцијата кога вашата фирма ќе премине од статусот „во процес на отворање“ во статусот „активно даночно друштво“ и дури тогаш да одите по своите документи. Доколку ова се оддолжи повеќе од две недели тогаш имате недостатоци во документацијата кои мора одново да ги пополните и повторно да чекате. Ако е сè во ред и ги подигнете вашите документи одите во приватна компанија овластена за изработка на печати(обичен и деловен). Тоа ви е потребно за повторно да се вратите во банка и да отворите сметка на која ќе ви се префрли основачкиот капитал. Станува збор за процедура од неколку часа со многу документи за потпишување. Следен на списокот е вашиот српски книговодител кој законски мора да го имате како и здравствената книшка која ќе ви ја наложи српскиот здравствен фонд како на сопственик на компанијата. Според многумина најголемите процедури се токму во оваа институција. Сета оваа процедура нема да ве чини повеќе од 500 евра кои вклучуваат трошоци кон српската држава, книговодителот и евентуалниот консултант или адвокат кои најчесто ќе ви се неопходни. И за крај секако треба да се справите со даночната управа како крајна инстанца. Таа самата ќе ве контактира во рок од десет дена и ќе ви биде кажано кои документи треба да ги донесете. Во Србија како и во Македонија постои праг околу тоа дали подлежите на данокот на додадена вредност или не. Според последните измени тој финансиски праг изнесува околу 100.000 евра обрт на вашата компанија годишно.

Овие се десетте за многумина комплицирани и непотребни процедури за основање на компанија во Србија. Но, според искусните уште потешко е да затвори фирма во оваа држава. Според законот, компанија во Србија може да се затвори на три начини: со стечај, преку ликвидација или преку статусна промена. Постапката за ликвидација може да се покрене од сопственикот само ако има средства да ги подмири сите побарувања кон доверителите и државата. Оваа процедура често трае повеќе од три месеци, а може да трае и многу подолго бидејќи законодавецот не е обврзан за колкав период треба да ја заврши оваа процедура. Стечајната постапка може да ја покрене било кој од вашите доверители и да ја води се додека не си ги наплати сопствените барања.

Околу тоа колку Србија навистина е интересна за основање на фирма и дали сета оваа комплицирана процедура навистина се исплаќа разговаравме со кумановскиот бизнисмен Бобан Тодоровски поранешен сопственик на фабриката за челични цевки Стилкон кој неколку години води свој бизнис во Србија и тврди дека причините за неговото инвестирање таму се чисто прагматични и бизнис исплатливи.

„Едноставно природата на мојот бизнис е таква да морам да поседувам своја фирма и во Србија. Законската регулатива дозволува размена на работници и добра помеѓу двете земји и од тој аспект работите функционираат добро. За даночни олеснувања не би можел да речам дека се подобри од македонските бидејќи се знае дека ние имаме пониски даноци. Но големината на пазарот е навистина пресудна. Потенцијалот на Србија за бизнис може да се пресмета математички наједноставно. Пазар од осум милиони нуди четири пати поголеми можности од пазар од два милиони и нема тука што повеќе да се размислува“ вели Тодоровски.

Србија со години е интересна за инвеститори од цела Европа и поради договорот за слободна трговија со Русија. Оваа нејзина позиција уште повеќе станува интересна со ембаргото кое взаемно го воведоа ЕУ и Русија со што останаа само неколку земји во Европа кои имаат право да извезуваат на 140 милионскиот пазар. Нормално не треба да се занемари и осум милионскиот српски пазар кој е четири пати поголем од македонскиот и потенцијалите на Србија како суровинска база и инфраструктурна раскрсница на југоисточна Европа.

Станете рамноправен член на ЕУ за само десет дена

„Нашето консултантско биро ви овозможува да отворите фирма во Бугарија, брзо легално и сигурно. После регистрацијата можете веднаш да почнете со работата и да отворите свои претставништва во Германија, Австрија, Холандија како и во цела ЕУ. Цена 400 евра“
На вакви интернет огласи наидовме на повеќе места истражувајќи ја темата околу отворање на компанија во Бугарија што значи дека интересот за отворање на фирма во оваа соседна земја членка на ЕУ е толку голем што веќе има и посредници кои го работат само тоа.
Еден од нив е и Никола Бујуклиев од Штип кој преку неговата консултанска компанија им помага на македонските компании кои одлучиле да отворат фирма во соседна Бугарија.

„Да се отвори фирма во Бугарија не е комплицирано и тешко ако се има соодветна стручна помош. Ние покрај нашето искуство нудиме и соработка со наши партнери консултанти во оваа земја кои ги упатуваат клиентите на сите неопходни процедури. Трошоците не се преголеми со оглед на потенцијалот и бенефитите кои ги нуди оваа земја, а и процедурата најчесто не трае повеќе од десет дена. Основачкиот влог е едно евро, а целокупната процедура со се консултанската помош и посредници е околу 400 евра. “

Според Бујуклиев веројатно и затоа има се поголема интерес за ваквата пракса, а најчестите дејности за кои се основаат македонски фирми во Бугарија се: транспортот, градежништвото, изнајмување на работна сила, фармацевти, лекари, стоматолози, архитекти, трговија и многу други.
Според процедурата која е официјално достапна на бугарските сајтови, основањето на фирма во Бугарија не се разликува многу од истата постапка во Македонија и Србија (која е погоре опишана).

Капитал успеа да дојде и до една од компаниите кои веќе ја примениле ваквата пракса во Бугарија и ги распраша за нивните искуства.

„Поголеми проблеми и административни пречки со бугарската држава сме немале. Нормално некогаш недоволното познавање на законите и приликите знае да предизвика проблем, но и тој не е нерешлив. Важно е дека Бугарија покрај како отскочна даска за извоз во ЕУ ја користиме и како суровинска база , бидејќи земјата има навистина што да понуди од богатото земјоделие“

Untitled 1

Фирма во Приштина или Урошевац како олеснување на извозот на растечкиот косовски пазар

Покрај во Србија и Бугарија , македонските бизнисмени често основаат свои компании и во Косово. Ова е интересен факт бидејќи Косово како млада и мала држава се уште нема договори за слободна трговија со големите европски држави што значи дека бизнис логиката во таа насока е неисплатлива.

Сепак постојат причини кои ги тераат македонските бизнисмени на ваков потег.

Според Решат Нагавчи од комората на Северозападна Македонија, процедурите за основање на фирма на Косово не се премногу различни од македонските, а причините поради кои македонските бизнисмени отвораат компании таму се чисто прагматични.

„Според искуствата на нашите членки многу поедноставно им е да имаат своја база на косовска територија преку која ќе вршат снабдување на потрошувачите со нивните производи. Тоа е случај и за производствените компании кои се во можност да дислоцираат дел од производството и да не ги трпат сите царински и даночни отежнувања што ги носи извозот во друга држава“

Грција и Турција за сега помалку интересни

Во блиското опкружување на македонија се и две економски помоќни и поголеми држави како грција и турција. Сепак според теренските согледувања македонските бизнисмени не покажуваат интерес за основање компании во овие држави како што тоа е случајот со погоре споменатите соседни Србија, Косово и бугарија. Според горан рафајловски пречките повторно не треба да се бараат во административните процедури туку стриктно во јазичната бариера. „Како што веќе нагласив процедурите и во грција и во турција не се толку комплицирани за било кој да не може да основа обична фирма таму. всушност такви примери имаше во минатото и уште има веројатно со помал обем. проблемот е недоволното познавање на приликите и менталитетот од страна на македонските бизнисмени кои почесто се одлучуваат за инвестирање во овие две држави“

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×