За името се договоривме, за интелектуалната сопственост допрва ќе се договараме
Објавено на од во Uncategorized
IntellectualProperty 2Што ќе се случи со “Македонија“ во името на брендовите, логоата, трговските марки…
Бидејќи сме дел од поширокиот европски пазар, сите домашни носители на права на трговски марки кои работат и за европски пазар или имаат намера да се вклучат во истиот, треба во најскоро време да почнат со постапката за заштита на трговските марки пред Европскиот завод за интелектуална сопственост во Аликанте, Шпанија, велат познавачите на оваа проблематика за Капитал. Меѓународната заштита е достапна како за грчките така и за македонските компании подеднакво по принципот ’прв дојден прв услужен’ што значи дека предноста ја стекнува оној кој прв ја започнал постапката за заштита, велат експертите за заштита на интелектуална сопственост што ги консултиравме.
По ратификацијата на спогодбата од Преспа, се наметнуваат прашањата што ќе се случи со македонските производи или брендови, кои во своето име, лого , слоган и сл. ги содржат зборовите Македонија, македонско, произведено во Македонија итн. , односно, дали фирмите ќе треба да ја вметнат можеби придавката Северна?
Каква ќе биде разрешницата по однос на интелектуалната сопственост која ја сочинуваат патентите, т.е пронајдоците, индустрискиот дизајн, марките, ознаките на потекло и топографијата на интегралните кола, авторските и сродните права (литературните, уметничките и научните дела, односно изведбите од изведувачки уметници, фонограмите и емисиите)?
Според податоци на Централниот регистар на РМ, во државата се регистрирани 3.322 компании, коишто во себе ја содржат именката „Македонија” (Macedonia) или придавката „македонски” (Macedonian). Во Република Македонија се регистрирани вкупно 33.173 трговски марки, од кои, 14.556 се поднесени од македонски правни лица и поединци. Од нив, 79 го содржат името „Македонија” во кирилична верзија, а 77 од нив и англиската верзија на името. Деведесет и тримарки ја содржат кратенката „МК”, а 35 кратенката „МАК”. Постојат 18 марки регистрирани во ЕУ, но ниедна не е сопственост на компанија од Република Македонија. Што значи дека, не постои трговска марка регистрирана во ЕУ, која го користи името или придавката изведена од „Macedonia”, а носителот на правото да е од Република Македонија.
Прв дојден, прв услужен
Од друга страна, Република Македонија има заштитено пет ознаки на потекло: „Македонски ајвар”, „Кривопаланечки мед”, „Дисан”, „Кочански ориз” и „Охридски бисер”. „МАКЕДОНСКИ АЈВАР” е единствената ознака на потекло, којашто ја содржи придавката „македонски”.
„Во Грција јавните повици за заштитата на интелектуалната сопственост во којашто е користентерминот Македонија почнаа непосредно по усвојувањето на Договорот, иако далеку претходно ги направија првите организирани советувања со стручната јавност, што можеби се должи на нецелосната увереност на јавноста во Грција дека договорот ќе се ефектуира и од двете страни“, изјави за Капитал, Ванчо Дамјански, застапник за индустриска сопственост и управител на Агенцијата за интелектуална сопственост „Берин“.
Сега, вели тој, кога тоа стана извесно, „тие ги повикаа компаниите да се погрижат со заштита на називите на производите кои го вклучуваат зборот Македонија -македонски и да си обезбедат позиција на пазарат како право кое е веќе стекнато и соодветно заштитено, особено на меѓународно односно европско ниво“.
„Иако, ние како застапници, уште по потпишувањето на договорот со истиот повик истапивме кон домашната јавност, овој аспект сериозно не се разгледа од страна на заинтересираните страни. Важно е да се спомне дека меѓународната заштита, како и заштитата пред Европскиот Завод за Интелектуална Сопственост е достапна како за грчките така и за македонските компании подеднакво по принципот ’прв дојден прв услужен’ што значи дека предноста ја стекнува оној кој прв ја започнал постапката за заштита“, коментира Дамјански.
Според грчкиот весник „Greek Reporter” од 18 јули 2018, над 4.000 грчки фирми продаваат производи кои во називот ја содржат придавката „македонски”, (“Macedonian”, „Македоники” или „Македоникос”). Пред потпишувањето на „Спогодбата од Преспа”, а и денес, огромен број од нив не се регистрирани како трговски марки или ознаки на потекло пред Европскиот завод за интелектуална сопственост (EUIPO – European Intellectual Property Office) или пред Светската организација за интелектуална сопственост (WIPO – World Intellectual Property Organization).
Според Атанасиос Савакис, претседател на “Federation of Business of Northern Greece”, овие фирми треба да ги пријават производите пред стапување во сила на „Спогодбата од Преспа”, за да се избегне конфузијата што би настанала со слободниот пристап на производите од Македонија кои би се нашле на пазарот со усогласеното име „Северна Македонија”.
Федерацијата нагрчкото стопанството ќе ги поддржи компаниите со бесплатен консалтинг. Се спомнуваат неколку фирми кои го содржат префиксот или именката Македонија (МЕВГАЛ, Македонска млекарска индустрија), понатаму, Macedonian Paper, Macedonian Textiles, Macedonian Ostrich Farm, Macedonian Hotels S.A., Macedonian Metal Industries, Makedoniki S.A. Distillery – Winery, Macedonian halva и т.н. Првите луѓе на „Федерацијата на стопанството на Северна Грција, нагласува дека сите овие компании ќе имаат проблеми по ратификацијата на „Спогодбата”.
 16mkСе грижи ли некој за иднината на македонските фирми кои продаваат производи што во називот ја содржат придавката “македонски”
Ѓорѓи Филипов, поранешен македонски амбасадор во Берлин и Виена, и експерт за интелектуална сопственост, вели дека, и покрај тоа што Стопанската комора на Македонија (на 04.09.2018) одржа трибина на тема: „Перспективите на македонската економија преку членство во ЕУ и НАТО”, на настанот на кој што присуствувал и тој, вели дека не станало збор за интелектуалната сопственост.
Според него тоа „наведува на мислење дека македонските стопанственици не се премногу загрижени што треба или што ќе се случи со состојбата на трговските марки и географските ознаки на сопствените компании“.
Во својот коментар, тој вели дека важно е да се истакне дека Договорот предвидува формирање на меѓународна група на експерти, како тело кое ќе се среќава со ваквите предизвиците и ќе биде надлежно да се залага за спогодбено решавање на спорните прашања кои би произлегле, во врска со заштитата на трговските марки, нивната натамошна употреба и идна заштита.
“Но сепак, препорачувам како што и грчките експерти ги повикуваат грчките фирми од северна Грција да бараат заштита на своите трговски марки пред Заводот за интелектуална сопственост на Европската Унија во Аликанте, Шпанија, истото да го направат и нашите домашни фирми. Бидејќи сме дел од поширокиот европски пазар, сите домашни носители на права на трговски марки кои работат и за европски пазар или имаат намера да се вклучат во истиот, треба во најскоро време да почнат со постапката за заштита на трговските марки пред Заводот во Аликанте“, вели Филипов.
 Како ќе се разграничуваат правата на трговските марки и ознаките на потекло?
Географските називи, како и трговските марки, како што појаснува Филипов, пренесуваат информации за потеклото на стоките или услугите и нивното разликување на пазарот.
Со други зборови, појаснува тој, им овозможуваат на потрошувачите да разликуваат одредени производи или услуги од други.
„Меѓутоа, мора да се истакне дека трговската марка е поинаков вид на заштита, од она што претставува заштита на географски назив. Трговските марки се заштитени знаци кои го идентификуваат изворот на производот или услугата, поврзувајќи ги со одреден субјект на пазарот. На тој начин потрошувачите полесно можат да добијат претстава за специфичноста на одреден производ или услуга, нивниот квалитет и пошироката репутација, поврзувајќи се со нивниот дистинктивен карактер“, појаснува Филипов.
Додека пак, како што додава тој во својот одговор, „географските називи, го идентификуваат потеклото на производот од одредена област, односно географско подрачје. Географските називи се штитат со ознака на потеклото или географска ознака, што всушност претставуваат два вида на заштита на географските називи, од кои првата бара исполнетост на повеќе услови. Право да користи географска ознака или ознака на потекло како колективно право, има секое физичко или правно лице кое на определено подрачје произведува производ чиј назив е заштитен со географска ознака, односно со ознака на потекло, а притоа ги исполнува и останатите утврдени стандарди“.
Според објаснувањето на Филипов, државава има заштитено пет ознаки на потекло: „Македонски ајвар”, „Кривопаланечки мед”, „Дисан”, „Кочански ориз” и „Охридски бисер”. „МАКЕДОНСКИ АЈВАР” е единствената ознака на потекло, којашто ја содржи придавката „македонски”.
Што со оние кои се веќе регистрирани?
Постапката за заштита на трговски марки, според Филипов, е територијална. Па, како што објаснува тој, голем дел на трговските марки се заштитени само на национално ниво, односно моментално се валидни на територијата на Р. Македонија.
“Секако, можно е проширување на ваквата заштита, бидејќи покрај националната постапка за заштита, трговските марки можат да се заштитат и на меѓународно ниво, како и на ниво на Европската Унија. Поради тоа, неизбежна е можноста да се појават одредени спорови во однос на заштитата, односно да се постави прашањето за тоа која од двете страни би го поседувала правото на заштита на одредени трговски марки, кои се веќе заштитени на национално ниво, но не и пошироко, односно во конкретниов случај не и за територијата на првата/втората страна.
Тука повторно ќе го споменам формирањето на меѓународната група на експерти која ќе биде формирана, како главен фактор во спогодбеното решавање на ваквите случаи. Само стручен тим и само со ефикасна и ефективна работа на тимовите од двете страни, користење на искуства од други соседни земји и од арбитражи и медијации водени во Светската организација за интелектуална сопственост (WIPO) како и проучувањата на одредени судски, арбитражни или медијаторски одлуки или на договори меѓу спротивставени страни на европско ниво можно е усогласување на интересите, а во полза и на компаниите и потрошувачите од двете држави и од Европа (доколку се извезуваат производи со евентуално спорните трговски марки)“, вели тој.
 18mkКои институции ќе бидат надлежни да постапуваат по ваквите евентуални спорови за интелектуалната сопственост и трговските марки, кои би произлегле од промената на името на државата по ратификацијата на Договорот од Преспа?
Во врска со употребата на веќе заштитените трговски марки кај двете страни и евентуалните спорови кои би настанале по однос на истите, согласно Договорот од Преспа ќе се формира меѓународна група на експерти, информира за Капитал Ѓорѓи Филипов.
Ваквата група на експерти, како што објаснува тој, ќе работи на решавање на прашањата кои произлегуваат од трговските марки и воедно спроведување на одредбите од Договорот, а, додава Филипов, ќе ја сочинуваат претставници на двете држави, „додека свој придонес ќе дадат и соодветни експерти од Обединетите нации и Интернационалната организација за стандардизација (ИСО)“.
„Групата треба да биде востановена во текот на 2019та, но потребно е итно создавање на експертскиот тим и крериање на политика, стратегија и оперативен план за реализација на проектот, кој треба да биде завршен за време од три години. Меѓутоа дотогаш, во Договорот е предвидено дека настанатите спорови нема да имаат влијание врз сегашната комерцијална употреба на постоечките трговски марки, термини во имиња за комерцијална намена и слично, се додека не биде постигната заемна согласност од двете страни, односно ќе можат да се користат онака како што се затечени“, додава професорот Филипов.
Решавањето на споровите околу интелектуалната сопственост ќе ја интензивираат соработката на македонската и грчката економија?
Од аспект на интелектуалната сопственост, по ратификацијата на Договорот од Преспа, експертите кои ги контактираше Капитал очекуваат да има позитивни импликации, не само во економската, туку и во научната и истражувачката, технолошката, здравствената, образовната и културната соработка на двете земји, во целост за Република Македонија и особено на развојот на стопанството на Северна Грција.
Филипов нотира дека ниеден претставник на стопанството на Грција и Македонија, ниту експерт од интелектуална сопственост не ги споменал кодовите за возилата, за ознака на земјата (“NM” или “NMK”, „МК” и „MKD” ) и за јазикот како проблем.
„Претпоставка е дека Комисијата, следејќи го правилото „Се што не е спомнато, останува како што е”, односно дека несогласувањата ќе се решаваат во рамките на Комисијата, а во согласност со одредбите од Бернската конвенција за заштита на литературни и уметнички дела. Имајќи го предвид големиот број на компании кои во себе ги содржат зборот „Македонија”, „македонски”, односно “Macedonia”, “Macedonian”, кај двете страни и над 160 -те трговски марки, стапувањето на сила на „Спогодбата” ќе има извесни негативни импликации кон правата на ИС на компаниите од двете земји (евентуални повторни регистрации)“, вели тој во одговорот на прашањата од Капитал.
Само со ефикасна и ефективна работа на „Меѓународната група експерти” и на тимовите од двете страни, додава Филипов, „користење на искуства од други соседни земји и од арбитражи и медијации водени во Светската организација за интелектуална сопственост (WIPO како и проучувањата на одредени судски, арбитражни или медијаторски одлуки или на договори меѓу спротивставени страни на европско ниво можно е усогласување на интересите, а во полза и на компаниите и потрошувачите од двете држави и од Европа (доколку се извезуваат производи со евентуално спорните трговски марки)“.
 Винарите се надеваат дека слободно ќе го користат називот Македонија при декларирање на потеклото
Поради тоа што ознака на географско потекло претставува посебен вид на интелектуална сопственост која се стекнува во постапка која предвидува строги критериуми за определување на карактеристиките на производот, кај виното тоа е толку специфично што толку широк и разнообразен вински регион како што е територијта на Македонија просто не може да биде регистриран затоа што не дава вино со исти карактеристики. Сега кога проблемот е надминат слободно ќе може да се користи името на државата како земја на потекло, коментираат експертите со кои разговараше Капитал.
„Очекуваме дека имплементацијата на Договорот од Преспа ќе има позитивно влијание врз извозот на македонско вино, особено во земјите од ЕУ, но и пошироко. Со реализацијата на Договорот од Преспа, македонското вино конечно ќе може да добие идентификација за географското потекло, што е особено значајно во бизнисот со вино во светски рамки, бидејќи тој податок има големо значење за винските експерти, но и за увозниците. Досега, заради фактот што Грција го има заштитено регионот „Македонија“ како географска идентификација за нивните вина, вината произведени во Република Македонија не можеа да ја користат истата географска ознака.
Што се однесува до трговските марки на „Тиквеш“, не очекуваме никакви проблеми, со оглед на фактот што тие веќе се заштитени, согласно меѓународните стандарди, практики и регулативата во оваа област“, стои во писмениот одговор од компанијата.
Со „Спогодбата од Преспа” не се опфатени: патентите (заштита на пронајдоците, кои се нови технички решенија, содржат инвентивен чекор и се применливи во индустријата), индустрискиот дизајн (моделите и мострите) и авторските и сродните права (книжевни, сликарски и вајарски/скулпторски дела, архитектонски дела, музички творби, композиторски дела, музички дела од областа на фолклорот и т.н., забавна музика, фолклорно наследство, мостри и дизајни на народни носии и везови, правата на изведувачите, снимателите, издавачите, филмови, реклами, мапи, технички цртежи, режисерите и т.н.), како и софтверот, дигитализираните бази на податоци, интернетот и геномите.
Досега, на територијата на сите земји членки на WIPO се поднесени вкупно 279 пријави на трговски марки, коишто во себе го содржат зборот “Macedonia” или придавката „Macedonian”. На голем дел од нив им е истечена регистрацијата или се отфрлени, па вкупниот број на заштитени марки со овие две обележја изнесува 163. Според податоците на централните регистри за компании на Грција и Република Македонија, за двете држави вкупниот број на фирми, коишто го содржат зборот „Македонија” или придавката „македонски” е поголем од 7.300.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×