За граѓаните повеќе, за фирмите помалку кредити
Објавено на од во COVER STORY

cover-912 WEBСекна кредитирањето на приватните фирми

Салдото на кредити за приватните фирми е за 152,8 милиони евра помало годинава во февруари споредено со истиот месец лани, покажуваат најновите податоци на Народната банка. Тоа значи дека банките за една година одобриле 6,1% помалку кредити на бизнис секторот. Во исто време пак, кредитирањето на домаќинствата се зголемува. Статистиката евидентира пораст од 6,7% на кредитите што ги земаат граѓаните. „Во услови кога голем број инвестициски проекти се одложија моравме да направиме делумна промена на стратегијата за да не го изгубиме чекорот на пораст. Од овие причини се засили кредитирањето на населението“, коментираат банкарите. Бизнисмените пак, велат дека банките одобруваат помалку кредити на бизнис секторот бидејќи имаат „посигурен“ клиент – државата што ја финансираат преку државните записи. „ваа кредитна политика има сериозни последици врз бизнисот, и токму поради тоа бевме гласни да не се кредитира државата кај домашните банки за да тие се трудат повеќе да го кредитираат реалниот сектор бидејќи само така домашните компании ќе прават повеќе инвестиции и обрт и со тоа ќе придонесат кон зголемување на БДП“, велат бизнисмените.

Салдото на кредити за приватните фирми е за 152,8 милиони евра помало годинава во февруари споредено со истиот месец лани, покажуваат најновите податоци на Народната банка. Тоа значи дека банките за една година одобриле 6,1% помалку кредити на бизнис секторот. Во исто време пак, кредитирањето на домаќинствата се зголемува. Статистиката евидентира пораст од 6,7% на кредитите што ги земаат граѓаните со што вкупната задолженост достигна 2,18 милијарди евра. Причините за намалувањето на кредитната активност на банките кон приватните компании може да се лоцира и кај банкарите но и кај бизнисмените. Од една страна, банкарите велат дека гледаат зголемен ризик во економијата и оценуваат дека фирмите немаат бонитет за дополнително задолжување. Но од друга страна, велат дека и побарувачката за корпоративни кредити била умерена. Банкарите објаснуваат дека се чувствува одредена апстиненција од инвестирање во исчекување на стабилизирање на политичката неизвесност, па така бизнисмените најчесто барале кредити за покривање на тековните финансиски потреби. Во такви услови, послабото кредитирање на корпоративниот сектор се надоместува со повеќе кредити за граѓаните. Ако се анализира наплатата на кредитите, произлегува дека тие се подисциплинирани клиенти за банките, а освен тоа, каматите на потрошувачките кредити, кредитните картички и минусите на тековните сметки за кои има најголем интерес, се највисоки, па оттаму и зголемувањето на кредитната активност во овој сегмент е очекувана.

cover-912 WEB grafik 01

„Во услови кога голем број инвестициски проекти се одложија моравме да направиме делумна промена на стратегијата за да не го изгубиме чекорот на пораст. Од овие причини се засили кредитирањето на населението“, коментираат банкарите. Освен што расте кредитирањето на населението, податоците покажуваат дека банките се уште имаат голем интерес и за државните записи и обврзници што ги издава Министерството за финансии. Заклучно со февруари, банките во овие државни хартии од вредност имаат вложено над 522 милиони евра и оваа сума во последните месеци не се менува драстично. Но според планот на државата во Фискалната стратегија, само годинава државата планира да позајми од банките 138,8 милиони евра на нето основа. Од Стопанската Комора на Северозападна Македонија потврдуваат дека негативниот банкарски тренд во кредитирањето на фирмите чувствува во реалниот сектор и велат дека тоа создава дополнителна загриженост кај бизнисмените. „Банките одобруваат помалку кредити на бизнис секторот поради чиста економска логика – имаат сигурен клиент т.е. државата која што се финансира со државните записи, за кои гарантира државата. Од другата страна се бизнисите кои не можат да се кредитираат од странски банки поради разни причини и поради тоа единствени кредитори кај кои треба да имаме пристап до пари се домашните банки. Но таквото кредитирање е поризично, особено во овие тешки кризни времиња. Оваа кредитна политика има сериозни последици врз бизнисот, и токму поради тоа бевме гласни домашните банки да не ја кредитираат државата за тие да се трудат повеќе да го кредитираат реалниот сектор бидејќи само така домашните компании ќе прават повеќе инвестиции и обрт и со тоа ќе придонесат кон зголемување на БДП“, оценува извршниот директор на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Фатмир Битиќи. Тој вели дека „оваа длабока и долготрајна политичка криза допрва ќе се чувствува во економијата поради таканаречените „временски задоцнувања“ бидејќи, бизнис секторот секако не ги чувствува промптно влијанијата  на политичката криза“. И другите две најголеми стопански комори во земјава исто така оценија дека на компаниите им треба полесен пристап до финансиски средства. Богослав Ангелоски од Сојузот на стопански комори (ССК) изјави дека на фирмите им требаат кредити за да ги обноват своите машини со современа и висока технолошка вредност, заради добивање краен производ со поголема додадена вредност. Од Сојузот велат дека македонските компании имаат квалитетни производи и можат да се наметнат на странските пазари, но потребно е да се поддржат извозно – ориентираните фирми. „Пробивањето не е лесно и се потребни пари“. „Потребно е да се формираат фондови за одобрување строго наменски кредити со пониски каматни стапка за стимулирање на извозот на извозно ориентираните компании“, изјави претседателката на ССК, Данела Арсовска. Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески пак, во интервју за Капитал истакна дека „треба да има конкретна алтернативна поддршка на домашниот бизнис која треба да оди преку државната развојна банка, Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР). Нашето стопанство, како мала, отворена економија, за да одржи долгорочен раст, треба и понатаму да ја поддржува извозната ориентација на домашните компании“, изјави Азески. cover-912 WEB 01

Банкарите ќе ги олеснат условите за кредитирање

Проценките на банкарите, пак, анализирани од Народната банка во анкетата за кредитната активност направена во јануари годинава, се контрадикторни на статистичките податоци за кредитирањето. Според резултатите од анкетата, банкарите во четвртиот квартал од минатата година оцениле дека се забележува олеснување на вкупните услови за одобрување корпоративни кредити, но значително посилно во споредба со претходната анкета. „Една третина од банките укажуваат на олеснети кредитни услови во последниот квартал на годината, наспроти оцените за главно непроменети кредитни услови во третиот квартал. За наредните три месеци банките упатуваат на понатамошно олеснување на кредитните услови на сите типови корпоративни кредити, слично како и во минатата анкета“, пишува во извештајот на Народната банка. Според согледувањата на банките за конкретните кредитни услови, оценетото олеснување на кредитните услови во последниот квартал е збирен ефект од позитивните поместувања кај сите индивидуални услови за одобрување корпоративни кредити. Притоа, позначително олеснување и натаму се забележува кај каматната стапка и некаматните приходи. Дополнително позитивно поместување се забележува кај условите поврзани со барањето за обезбедување и достасување на заемите наспроти претходните оценки за непроменетост на овие кредитни услови. Големината на заемот или на кредитната линија и натаму бележи умерено олабавување, слично како и во претходната анкета. Во поглед на факторите коишто делуваат врз условите за одобрување корпоративни кредити, слично на претходните анкети, конкуренцијата од другите банки и ликвидносната позиција на банките имаат најголем индивидуален придонес за олеснувањето на вкупните кредитни услов. Во однос на факторите поврзани со согледувањата за ризикот, во последниот квартал најголемиот дел од банките оценуваат дека овие фактори имаат неутрално влијание врз кредитните услови. „Ваквите оцени укажуваат на стабилизирање на согледувањата за ризиците кај банките, по регистрираното влошување во претходниот квартал, кога кај 1/3 од банките овие фактори придонесуваа кон затегнување на кредитните услови“, пишува во извештајот. Побарувачката на корпоративни кредити во последното тримесечје на 2016 година бележи натамошно зголемување на нето-основа, но двојно послабо во споредба со претходната анкета. Ваквото поместување кај оцените на банките произлегува од двојно поголемиот број банки коишто укажуваат на непроменета побарувачка за сите корпоративни кредити, за сметка на намалениот број банки коишто ја оценуваат побарувачката како делумно зголемена. Оценетото нето-зголемување на побарувачката на кредитите на претпријатијата во четвртиот квартал е послабо во споредба со очекуваното во рамки на претходната анкета, а во наредниот период, банките упатуваат на натамошен раст на вкупната побарувачка, слично како и во претходната анкета. Во поглед на факторите коишто ја условуваат побарувачката на корпоративните кредити, индивидуалните фактори поврзани со потребите за финансирање (преструктурирањето на долгот, инвестициите во залихи и обртен капитал и инвестициите во основни средства) и натаму придонесуваат за зголемување на побарувачката на нето-основа, но значително послабо во споредба со претходната анкета. Од друга страна, факторите поврзани со потребата за алтернативно финансирање во најголем дел имаат неутрално влијание врз вкупната побарувачка, со исклучок на заемите од останати банки коишто придонесуваат кон умерено намалување на побарувачката на корпоративни кредити. cover-912 WEB frejm Проценките на народната банка се дека кредитниот раст годинава ќе достигне меѓу 6% и 7%, но овој раст главно ќе произлезе од кредитирањето на граѓани, наспроти послабата кредитна поддршка за фирмите. Проценувајќи ги трендовите во 2017 година, претседателот на Управниот одбор на ПроКредит банка, Јованка Јолеска Поповска истакна дека финансиските институции како банките се сензитивни на голем дел од промените на политичко и општествено поле, но турбуленциите на политичко поле во 2016 ја потврдија стабилноста и издржливоста на банкарскиот сектор. „Еден од поважните ризици на кои се обрнува внимание е кредитирање на долгорочни одржливи инвестиции и анализа на секоја кредитна изложеност засебно со цел помал пласман во нефункционални кредити. Минатата година се почувствува воздржаност од страна на малите и средни бизниси за планираните долгорочни инвестиции, пред сè поради неизвесноста на политичко поле. Доколку се стабилизира политичката ситуација, очекуваме дека претприемачите ќе реализираат дел од своите планови за раст и развој на бизнисите како за нови производни линии и процеси, така и за унапредување на постојаното производство и оптимизација на трошоците“, коментира Јолеска Поповска. Главниот финансиски директор на Комерцијална банка, Маја Стевкова Штериева објасни дека кредитната експанзија на банките ќе продолжи но ќе биде во линија со перцепцијата за ризик. „Во услови на отсуство на позначително забрзување на растот на економијата, а присутна политичка неизвесност, за банките останува доминантен кредитниот ризик.  Растот на кредитите доминантно ќе се финансира од депозитната база, којашто остана стабилна, и покрај непотребните турбуленции во 2016 година, што се должи на високата доверба што економските субјекти ја имаат во банкарскиот систем на земјава. Дополнително, за банките останува ризикот од пролонгирање на меѓународните околности што продуцираат негативни каматни стапки на депозитите што банките од земјава ги депонираат кај странски банки“, оцени неодамна Штериева. Во однос на кредитната поддршка за граѓаните и фирмите, таа вели дека во делот на правни лица годинава Комерцијална банка ќе продолжи со внимателна кредитна политика бидејќи ризиците се уште постојат, а  во сегментот домаќинства, се очекува умерен раст на кредитите. „Банката ќе настојува да ја зајакне конекцијата со постојните клиенти но паралелно ќе биде отворена и за нови проекти за кои ќе процени дека се профитабилни со прифатливо ниво на ризик. Општиот економски амбиент е детерминиран од општите економски индикатори кои се познати и на кои Банката се прилагодува. Треба да се има предвид дека растот на кредитирањето треба да е паралелен со пораст на вкупната економска активност. Очекуваме и подобар општествено – политички амбиент кој несомнено ќе има позитивно влијание на економските трендови. Првиот клучен сигнал за позитивни промени ќе биде зголемувањето на кредитите за нови инвестиции кои беа под посакуваното ниво во претходните години“, истакна Штериева. Тони Стојановски, член на Управниот одбор на Стопанска банка изјави дека растот на кредитната активност на банките годинава се проценува дека ќе биде околу 6%. „Сепак, со оглед на ограничениот раст на економијата кој во еден значаен дел произлегува од активноста во слободните зони, не може да се очекува позначителна промена во структурата на кредитниот раст, односно и понатаму главниот предизвик и за банките и за компаниите е да се зголеми корпоративното кредитирање и тоа не само за одржување на постојното ниво на обртен капитал на компаниите туку и за нови инвестиции кои единствено можат да ја кренат стапката на раст на економијата до ниво од над 5% – 6%“, потенцира Стојановски и додава дека банките во текот на годинава ќе треба да се соочат и со предизвиците за усогласување со новите капитални барања кои произлегуваат од Базел 3, а неодамна беа вградени и во Законот за банките, како и барањата за усогласување со новиот Меѓународен Сметководствен Стандард 9, кој на ниво на ЕУ започнува со примена од јануари 2018 година. Ефтимоски од Стопанска банка Битола исто така вели дека банките ќе делуваат во функција на економскиот раст, финансирајќи ги и граѓаните но и приватните фирми. „Конкретно очекувам банкарскиот сектор да биде стабилен и во функција на економски раст, особено се надевам преку зголеменото ниво на кредитирање на население и многу повеќе на малите и средни македонски компании. Не постои опасност од загрозување на стабилноста и ликвидноста на банкарскиот систем. Посакувам и се надевам македонските компании да ја напуштат летаргијата со која се зафатени веќе подолг период, и тоа не по своја вина, туку поради политичките и економски состојби во земјата. Не очекувам да се случи драстично подобрување на работењето на бизнисот во земјата, но сепак се надевам на поголема раздвиженост, која ќе вроди со зголемено ниво на кредитирање и зголемен економски раст“, истакна Ефтимоски.

 

 

 

 


Почитувани за да продолжите со читањето треба да бидете претплатник

Доколку сте претплатник на kapital.mk, само логирајте се.

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×