9 февруари, 2022
5 mins read

За медиумите…

Како да се продолжи напред? Единствено со силна дигитална трансформација! Но, паралелно на тоа инвестирање и градење на кредибилитет и силни медиумски брендови!

Како да се продолжи напред? Единствено со силна дигитална трансформација! Но, паралелно на тоа инвестирање и градење на кредибилитет и силни медиумски брендови!

Во македонското новинарство, со мали паузи, работам речиси триесет години. Дваесет и две години и како основач на овој магазин, портал … Во меѓувреме тимски изградивме и една телевизија која во 2009 беше брутално превземена … Денес не можете да ја препознаете оти е удавена во политичко – финансиската манипулација со парите од Будимпешта. Но, друго ми е поентата за денес …

Никогаш новинарството и медиумите не биле поевтини и на пониско ниво како што е денес. Да не можеш да препознаеш дали е новинарство или гола најевтина пропаганда. Не само кај политичкото новинарство, дури уште повеќе кај она што значи бизнис рипортинг, новинарството посветено на граѓанското општество и демократијата … Површно, брзо, плитко … Да не зборуваме дека во овој медиумски простор каков што го имаме денес не постојат основни медиумски содржини од типот на репортажи, документарни филмови, домашни продуцирани серии, обработка на културни настани (овде култура и настани од културата како и да не постојат, а постојат).

Новинарите, со честа на исклучоците (има една силна профи групација таргетирана во неколку телевизии, весници и магазини и во мал број интернет портали), се се’ повеке лица кои од примитивно егзистенцијални причини се позиционирале во морето вебови, интернет сајтови, инфлуенсери демек, разни партиски пропагандисти и ботови …, каде се се’ сведува на еден таканаречен „софистициран рекет„. Се’ тоа денес се нарекува новинарство!?!

Трудот на вистинските новинари е реално обезвреднет, а ваквите профили се повеќе можете да ги видете на тотално тривијални позиции во некои мали компании (а колкави можат да бидат во Македонија), портпароли на разни институции каде што во суштина ништо не кажуваат … Партиите, пак, имаат свои вакви арсенали.
И овој текст што сега го читате веќе за пет минути по објавувањето ќе наиде на илјадници „хејтери„, разни ботови, кои ќе тргнат фронтално против моите ставови. Тоа тој примитивен момент кај медиумите што ниеден надлежен не сака да тргне да го решава.

Затоа овде многу дебати, добро поставени, завршуваат пред да почнат. Она што е иманентно за времето по падот на режимот на Груевски, па се до денес, е фактот дека во последниве четири до пет години … со оваа власт предводена од СДСМ се инсистира на дебата за секое прашање (се разбира во голема мерка ваквата пракса е „китка на реверот„ на оваа власт, што таа сама си ја закачи, како длабоко демократско остварување. Колку е да е демократски овој пристап, оваа власт смета дека со било каква дебата се подобрува квалитетот на владината или општествената нова акција)!? Но, овде не се има предвид кои се актерите на дебатата и со какви намери влегуваат во неа. Кој стои на другата страна, зад тастатурите. Тоа се луѓе кои дебатираат за минималната плата, ама нити знаат што таа значи, нити ги интересира … Тие само заработуваат дневница која може да биде и повисока од месечната минимална плата!?!

Една невладина организација од САД пред три месеци ме замоли да искоментирам на оваа тема. Значи се поставува прашањето, во вакви околности колку се одржливи независните медиуми?


Заклучоците за тоа, што е тоа независност на медиуми денес, се производ и анализата на целиот „океан„ од се она што денес сметаме за медиуми воопшто: класични медиуми (телевизија, весници, радио), потоа интернет медиуми – веб страници, портали, интернет видео, подкасти, па се до сегментот што најверојатно ја прави и најголемата деструкција и дисторзија во таканаречениот медиумски простор, а тоа се социјалните мрежи на кои се налепени и сите останати медиуми што ги набројав претходно. Но, она што е веројатно проблем овде, е што за медиуми претендираат и гласила (физички лица или агентури) на компании, разни организации владини и невладини, политички партии, па се до конкретни физички лица (специјално платени) модерно наречени инфлуенсери …
Сите нешто пишуваат, сите станаа важни, ексклузивни … или како што еден мој пријател од Србија неодамна ми вели … „Брате сви нешто „инфлуеншишу„, и то се данас зове новинарство и медије … Оттука, директната последица на оваа инфлација од контент е намалениот квалитет на содржините што се читаат или гледаат. На социјалните мрежи се судираме со многу содржина! Нема креативна уредувачка политика, нема креативност во текстовите! Портал правите за три дена, не ви се потребни нешто специјално обучени новинари, можете дури и сами од кујна да постирате текстови!?!
Зборуваме за лаги и манипулации, за феноменот на фејк њуз … манипулацијата со информациите, спинувањето на вести. Сведоци сме на драматично поевтинување на новинарскиот производ.

Дојде такво време да еден просечен политичар може да организира буџет за финансирање на три портали и два до три инфлуенсери на фејзбук и да стане многу важен и вирален и читан. Иако не и релевантен во јавниот простор! Во тој јавен простор сместен во нашите телефони се судираат разни манипулации, шпекулации, политички и бизнис инсинуации … корпоративни текстови, покани за настани и курсеви за учење, политички и партиски прогласи, вицеви и зезања … И се тоа одеднаш како контент ние го консумираме по 3 до 5 часа на ден преку социјалните мрежи. Конфузија!

Оттука, денес во голема мерка новинарството и медиумите се искомпромитирани, и затоа медиумите, особено класичните какви што ги знаеме на краток и среден рок имаат проблем со одржливоста. На долг рок ќе преживеат оние медиуми кои ќе се трансформираат и квалитетно ќе влезат во фазата на тотална дигитализација. При тоа да задржат квалитетна продукција на контент, препознатливост на брендот и квалитетна и одржлива уредувачка политика (карактерот на медиумот). Но сево ова на долг рок. Зошто?

Сето ова е драматично поевтино за компанијата која огласува од порано. Но, јас би додал дека тоа е неквалитетен оглас за компанијата затоа што компанијата огласувач го губи фокусот на својот оглас и што е поважно вниманието од страна на медиумот. Социјалните мрежи се големо море во кое пливаат милијарда мали риби, тоа е галаксија со се и сешто, па така од големото количество на контент произведен, големо количество останува и непрочитано и незабележано … Оттука, колку и да е поевтино огласувањето во споредба со порано, ако го нема ефектот на квалитетна видливост и препознатливост огласот залудно е потрошен. Таквиот оглас е прескап за компанијата …
Моментот е таков да приходите кај класичните медиумите во голема мерка паѓаат во последните години, а приходите кај дигиталните медиуми не растат брзо … Проценувам дека ќе слабее обемот и квалитетот на важниот контент, редакциите ќе губат луѓе поради неможноста да се обезбедат квалитетни плати, новинарите ќе „бајпасираат„ со тоа што ќе си прават свои портали и ќе се закачат на платниот список на агенциите, компаниите, политичките партии како инфлуенсери. Но, и таму нема место за сите.

Така паѓа квалитетот и се’ поевтинува. Огласувачите, на крајот од денот, не добиваат ништо специјално за тоа што го трошат во маркетинг. Во овој момент најмногу можеби добиваат политичарите затоа што релативно евтино добиваат многу простор во она што се нарекува квази медиумски простор (јавниот простор на социјалните мрежи). Се зголемува нивното влијание со тоа што често се на социјалните мрежи, но се зголемува и манипулацијата. Се зголемува и бројот на новинари кои работат, не за политичкото известување, туку за политичари конкретно (како лични портпароли на ранг на лично обезбедување). Новинарството се претвора во гола пропаганда (евтино платена).
Заклучок: во вакви услови намалува независноста на медиумите, а во голем број случаи нема независност.

Значи ова е магичниот круг …
Како да излеземе од него?

Единствено со силна дигитална трансформација! Но, паралелно на тоа инвестирање и градење на кредибилитет и силни медиумски брендови! Гледаме дека на светско ниво најголемите медиумски брендови во последните 20 до 30 години не пропаднаа (или пропаднаа мал дел). Тие го задржаа карактерот и кредибилноста, уште и ги засилија сопствените брендови преку засилена дигитализација. Инвестирањето во квалитетна содржина во светот денеска е всушност главната мантра во опстанокот на медиумите.
Мојата проценка е дека и на Балканот се случува истиот тренд иако многу бавно. Трендовите во овој правец ќе се засилат со доаѓањето на глобални медиумски корпорации во наредниот период. Тогаш веројатно ќе се зачисти и нашиот медиумски простор од шундот за кој пишував погоре.

Значи излезот е во дигитална трансформација, градење на брендот, специјализација на медиумите, стабилна и предвидлива уредувачка политика. Новинарски тимови базирани на поголемо ниво на познавање и знаење на темите за известување и анализа.
Ова на долг рок … Доаѓа време кога контентот ќе стане најважен и тој ќе се плаќа. Ќе биде важно и од кого е се тоа напишано. Валутата во која ќе се плаќа ќе биде ВНИМАНИЕ од читателот (потрошеното време за читање или гледање).

Напишете коментар

Your email address will not be published.

оди наВРВ