За Папата, Стево Пендаровски и Метлата…
Објавено на од во Колумна
Zikov fotka za vnatreЧеститки за изборот на Стево Пендаровски за нов македонски претседател. Овој пат народот не згреши! Ја уденавме …! Но, ова беше долга битка во два круга која воопшто не беше вкусна и елегантна за СДСМ. Напротив заврши позитивно, но со многу жртви по патот! Со многу поставени прашања и дилеми … како сега понатаму ако на правилен начин се анализира бројот на гласовите во кутиите! Оттука … најавената „метла во Владата и институциите„ од страна на Зоран Заев дава надеж дека се разбираме со премиерот. Штета е една ваква прилично храбра и недвосмислено енергична и дрска Влада (во најголема мерка поради политичкиот габарит и потенцијал на премиерот) наскоро да падне! Голема штета за Заев и задржавата е фактичката состојба на умот, и перцепцијата произведена за две години во нашата земја, особено кај неутралниот дел од македонските граѓани, пред се деловниот свет, домашните инвеститори и бизнисмени, кај умни поединци, интелектуалци, но што е најстрашно кај неговите сопартијци во СДСМ, дека оваа Влада не е ништо друго освен проста замена на „квалификуваните лопови од ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, со неквалификувани лопови СДСМ и ДУИ …„!? На прашањето, кога неквалификуваните ќе станат квалификувани. одговорот е после 11 години владеење!?

 

И ние во Капитал, исто како и во New York Times сметаме дека посетата на Папа Франциск на Северна Македонија ја става нашата држава на светската мапа на држави чие постоење има и поширока релеванција од онаа самата локална … Можеби една од највпечатливите и најенергични пораки за земјава што сум ја слушнал во последно време е токму описот во коментарот на овој важен светски дневен весник дека посетата на Папата, влезот во НАТО до Нова година, како и претседателските избори и изборот на Стево Пендаровски, за Северна Македонија всушност значат излез од тридецениската изолација во која Македонија се наоѓаше по распадот на поранешната СФРЈ.
Оттука, драги мои, просто уживам во вакви убави светски коментари за нас … Прилично шармантна ми е оваа пролет 2019 година во мојата земја. Папата на плоштад прилично лично ни се обрати со едноставни, но длабоки пораки од кои нам по долината на Вардар свеста ни се заврти од добрината што ја зрачеше „дедо„, и за кои пораки нема што да се додаде освен да се поклониме пред него … Како што се поклонивме!
Оваа вест како и веста дека Стево Пендаровски е новиот македонски претседател се двете вести кои го заобиколија светот! Прилично енергично одработено како за нас, за оваа наша мала и ваква земја …
И уште кон ова да додадам дека пролетва ми е посебно убава, годинава, затоа што во Капитал се подготвуваме за одбележување на 20 годишнината од излегувањето на првиот број на нашиот и пред се Ваш магазин, некаде кон крајот на следниот месец, кога на сцена ќе ги поканиме и јавно ќе им се заблагодариме на сите со кои ревносно и плодно сме соработувале во дваесетте години од основањето. Има ли нешто поубаво …? Секако дека нема.
Кога ќе се сетам дека првиот број некаде во 1999 година го издадовме среде бегалска криза на Косово (400.000 бегалци од Косово во Македонија) и нападите на НАТО врз Србија, со нарушена безбедносна состојба во нашата земја, која за една година потоа се излизга во војна во Македонија. И кога светски лидери во нашата земја доаѓаа на пропатување за Стенковец и инкогнито преспивање во Александар Палас … Некои од нив, како Бил Клинтон, на пример, само заради лично почитување кон Киро Глигоров, направија и мали полуофицијални посети на Скопје, колку да не е без ич.
Ете таква беше нашата земја во времето кога излезе првиот број на Капитал на чија насловна страница ставивме искината фотографија на Љубчо Георгиевски и Васил Тупурковски (со наслов: Недоречена љубов), туку што се беа испокарале за некои работи, тогашните коалициони партнери … Потоа таа кавга прејде во нетрпение, и како што работите овде најчесто завршуваат се „истепаа„, ја раскинаа коалицијата …, си е… мајката, а останаа необјаснети, каде се, да висат многу десетици, па и стотици милиони марки или евра не е важно – како што во една прилика беше кажал еден наш итар премиер! Каде се, кај отидоа …!?
Денеска е 20 години потоа … Северна Македонија е ваква каква што е … Разубавена, подизбањата, миризлива … посекси некако … Ние малку подостарени во неа, од рмбање како вол за слама цело време, чекање и стандардно паламудење како да биде подобро. Но, се држиме добро и ефектно во оваа наше зезнато секојдневие … Монотонија која ете некој сега сака да ни ја разбие! Да не раздрма, а нам уште ни се спие … Златно ние си спиеме … Што ќе им ова сега?
Насловните страници на весниците многу не ни се разликуваат од првата насловна на Капитал. Многу недоречени љубови постојат и денес… Меѓу СДСМ и ДУИ, внатре во СДСМ што да кажеме цветаат неверства, шетаат ликови од Владата по улиците низ Скопје со нож во грб … Кога почнувавме во 1999 година СДСМ беше опозиција, денес 20 години потоа ВМРО ДПМНЕ е во опозиција. Ништо страшно, но и ништо добро … Технологија на владеење иста застарена … Кога се власт, ни Папата не може да ги заузда ниту едните, ниту другите. Кога се во опозиција повампируваат и колнат … Ништо важно за државата!
Папата си отиде, да се вратиме на стварноста …!?
Претседателските избори завршија и Стево Пендаровски е новиот македонски претседател! Честитки за Стево. Умен човек, со исправни политички определби важни за иднината на Северна Македонија и нашата во неа, и одлично засилување за премиерот Зоран Заев во овој момент. Велам во овој момент затоа што оваа влада мора да ја круниса победата преку храброста и дрскоста, за некои аналитичари дури и „лудоста„, на својот лидер да ги реши, за само две години, сите наши проблеми надвор преку границата … !? Плус, Ѓорѓе Иванов да го носиш на грб со сета своја глупост на политиката што ја проповедаше, пред која дури и Папата остана забезекнат не знаејќи барем еден час како да реагира …!? И при тоа, до крај, што би се рекло до балчак, подведувајќи се на дневниот хороскоп на Никола Груевски …
Затоа, сметам дека новиот двоец што во неделата се комплетираше е клучот за Македонија. Препознаен и поздравен од целиот нормален и цивилизиран свет … Доколку сме паметни како општество и граѓани кои интелегентно расудуваат, како што не сме очигледно за многу работи, динамиката за Северна Македонија на меѓународен план би можела да биде добра …! Сега е потребно енергично напред!
Сепак, резултатите на изборите ја покажаа и темната страна за двете македонски партиии и барем досега најголемата албанска партија – СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Бројките недвосмислено и немилосрдно покажаа дека рејтинзите им се паднати што директно значи дека довербата кај граѓаните е драстично намалена … На граѓаните влезот во НАТО ништо не им значи колку сите ние, и политичари и аналитичари, да расправаме дека економијата по членството во НАТО ќе се зголеми и подобри. Широкото граѓанство во тоа ќе се увери кога ќе се увери … Кога ке почувствува! Се разбираме ли? Тука не треба да има ништо нејасно … Датум за преговори со ЕУ, по истата логика, ништо не значи …!? Што му значи на Делчо од Берово датумот за преговори со ЕУ кога неговите деца секојдневно едно по едно со автобусите на Малеш транс заминуваат за Германија со билет во еден правец, а земјата му останала необработена, тој е пензионер без перспектива и без деца, и животот во Северна Македонија му се претворил во едно долго чекање да замине од овој свет …
Оттука, мора да се промени овој реален, материјален и психолошки момент во македонското општество. За него, без остаток се одговорни сите политички партии кои нешто значат и во власта и во опозицијата и кои владееја сите години во македонската независност. Секако, најодговорна е Владата.
Затоа, најавената „метла„ од страна на Зоран Заев дава надеж дека се разбираме со премиерот. Штета е една ваква прилично храбра (со најдобрите идеи за иднината на земјата во сите триесет години независност) и недвосмислено енергична и дрска Влада (во најголема мерка поради политички потенцијал на премиерот) наскоро да падне. Голема штета за Заев е во голема мерка тенденциозното билдање на клевети од страна на неутралниот дел од македонските граѓани, но и од неговите сопартијци (кога веќе опозицијата си е дефинирана и сфатена како таква) дека оваа Влада не е ништо друго освен проста замена на „квалификуваните лопови од ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, со неквалификувани лопови СДСМ и ДУИ …„!? На прашањето, кога неквалификуваните ке станат квалификувани одговорот е после 11 години владеење!?
Јок … Овој мејнстрим Заев мора итно да го смени!!?? Со брзи интервенции и видливи резултати. Со реформи. Курсот кон ЕУ и НАТО, како и поставените одлични економски политики од страната на само еден потпреседател до Заев задолжен за подобрување на економијата, и еден посветен министер за земјоделство, мора да бидат адекватно засилени со најквалитетни кадри и тимови … Тоа сега не е случај.
Затоа што и на редовни избори да се одлучи за догодина во декември, како и да го свртиш мандатот на Заев е едвај нешто повеќе од 12 месеци … Резултатите од изборите покажаа кај СДСМ дека има пад реален и не така мал во стандардното гласачкото тело. Секако, од резултатите се гледа дека тие гласови сепак не се отидени во ВМРО ДПМНЕ, туку апстинирале од гласање, иако еден мал дел од гласачите на СДСМ на овие избори ја поддржаа Силјановска (таа токму на нив реферираше кога рече им благодарам на гласачите на ВМРО-ДПМНЕ и на моите гласачи).
Оттука, да не должам многу. Агендата е јасна. По двегодишното работење за надворешното устоличување на Северна Македонија, Премиерот треба да продуцира кабинет кој ќе почне сериозно да ги подобрува внатрешните состојби. Овој сегашен кабинет од министри, сфатен пошироко со замениците, како и директорите на јавни претпријатија, докажа дека дава послаби резултати. Или можеби има резултати ама тие не се добро објаснети, што е повторно голем проблем. За да нештата се подобрат, Заев како лидер на процесите мора да разбере дека за момент мора да се стави во улога на executive director на голема корпорација. Фали ударна игла од најмалку пет до седум министри со сите свои посветени соработници кои ќе маваат енергично. И се што следи потоа.
Видете драги мои … македонскиот проблем е прилично едноставен. Тој на крајот на денот се сведува на економски проблеми на граѓаните и фирмите во оваа мала држава со минијатурен буџет! Една добро поставена Влада, со мали енергични министерски кабинети, со институционална поврзаност на сите 1.200 државни институции и реформа на нивното работење … работите ке почнат да заличуваат во само еден мандат на таква влада. Но, токму затоа оваа работа не трпи пимплање, незнаење и мрзливост …
Оттука, во основата на проблемот кај оваа Влада е што, кога е во прашање за по дома, е прилично млитава и спора. Мрзеливи, повеќемина реално и не си ја знаат работата, и поради сето тоа станале арогантни оти само арогантноста може да ги скрие! А местата што ги фатиле се производ на некакви имагинарни заслуги од долгото време на опозиција кога сите заедно си плачеле над судбината, оти реално освен Зоран Заев и неколкумина во оваа влада, сите други и не знаеле што со себе. Таа работа Заев мора да ја реши во партијата …!?
Во следната колумна деновиве во една подлабока анализа ќе се обидам да објаснам каде се потребни конкретни промени и со какви идни политики треба да се спроведат тие реформи. Во меѓувреме, секако, го следиме премиерот со најавата за промени.
Да, да … И за ВМРО- ДПМНЕ ќе се произнесеме … Никаде не брзаме :)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×