За пет години економијата порасна 11,7%, а јавниот долг 103%
Објавено на од во Економија

Владата и нејзините институции, општините и јавните претпријатија денес должат два пати повеќе пари отколку во 2010 година, а во истиот период економијата порасна само 11,7%. Толкава е економската преродба што и се случи на Македонија во време кога властите потрошија 2 милијарди евра земени како кредити. Јавниот долг заклучно со септември годинава достигна 3,94 милијарди евра што е 43,9% од бруто домашниот производ (БДП), а со новата еврообврзница од 500 милиони евра, Владата ќе ја згазне и црвената линија од 50% од БДП што ја нацрта ММФ во последниот извештај. За споредба, на крајот на 2010 година, сите државни институции должеле вкупно 1,94 милијарди евра, односно 27,2% од БДП.

Javen dolg

Економистите се загрижени што најголем дел од парите што ги позајмува Владата ги троши неполезно, односно за плати на јавната администрација, пензии, субвенции, а во исто време ефектот од кредитите врз економскиот раст е послаб, така што таквото финансиско поведение ја доведува во прашање способноста на државата еден ден да го врати долгот.

Новото задолжување со половина милијарда евра се случува на неколку месеци пред најавените предвремени парламентарни избори. Искуството досега покажа дека токму во предизборните периоди се создаваат најголемите буџетски дефицити, односно власта троши најголем дел од парите што ги позајмува и оттука и сомнежите во јавноста дека задолжувањата на државата се прават и за изборни цели, со што се создава нелојална конкуренција во изборниот натпревар меѓу владејачката и останатите партии кои што не располагаат со народни пари.

Меѓутоа економистите велат дека не е толку проблем моментот на задолжувањето, колку што е намената на парите.

„Со новиот долг, задолженоста ќе се доближи до 50% од БДП, што иако сеуште не сместува во умерено-задолжени земји, создава загриженост поради фактот што дел од долговите се користат за тековна потрошувачка, односно не влијаат на капацитет на економијата утре да го вратиме тој долг. Значи, во извесна смисла, тој е непродуктивен долг. Дел од позајмените пари ќе се искористат за отплата на долговите што доспеваат, а остатокот за сите буџетски зголемувања кои беа најавени порано годинава. Зголемувањето на тие тековните трошоци е поголемо од растот на вкупната економија и таа разлика мора од некаде да се финансира. Сето тоа рапидно го зголемува долгот и создава фискален меур, кој што мислам дека веќе станува загрижувачки“, оценува професорот Марјан Петрески и додава дека не би го гледал нивото на задолженост во однос на Мастришкиот критериум, или долгот на друга земја, туку само во контекст на тоа колку тој го подобрува или не нашиот отплатен капацитет утре.

BDP

Економистите се согласни дека клучната работа кога станува збор за јавниот долг е колку е тој одржлив и дали државата може навреме да ги намирува обврските, без оглед дали тој е 40% или 50% од БДП. Велат дека умереното ниво на долг што го има Македонија, не може да биде алиби за нерационални задолжувања на Владата, бидејќи дури и еден милион евра да неможете да ги вратите на денот кога доспеваат обврските, државата е банкрот. Тоа всушност се докажало неколку пати низ историјата. Албанија на пример, во 1990 година се довела во ситуација да не може да го отплаќа долгот кој изнесувал само 16,6% од БДП. Еквадор во 2008 година се најде во слична ситуација кога дојде пред банкрот со 20% од БДП јавен долг, а Турција во далечната 1978 година станала несолвентна со јавен долг од 21% од БДП.

Дека брзото темпо на акумулирање на долгот во текот на последните неколку години е загрижувачко предупредува и претставникот на ММФ во Македонија, Патрик Житон.

„Високиот јавен долг може да го ограничи капацитетот на фискалната политика за заштита на економијата ако се случи нешто лошо и неочекувано. Македонија беше во можност да ја користи фискалната политика за да се бори против рецесија по глобалната финансиска криза, бидејќи нивото на јавен долг на крајот на 2008 година беше на многу ниско. Оттогаш јавниот долг се удвои. Земјата, исто така, се соочува со поголеми потреби за трошењето поради неповолната демографија, како што се трошоците за здравствена заштита и пензии. Тоа е причината зошто ние препорачавме да се ограничи буџетскиот дефицит, кој е најголем извор на акумулација на долгот, и да се создаде простор за фискалната политика“, вели Житон.

ММФ во последниот извештај предупреди дека Македонија треба да прикочи со задолжувањата за да не надмине буџетски дефицит од 3% од БДП и јавен долг поголем од 50% од БДП иако Мастришките критериуми дозволуваат 60% од БДП.

„ММФ препорачува фискална консолидација што ќе го задржи нивото на јавен долг под границата од 50% од БДП. Властите се обврзаа дека буџетскиот дефицит исто така ќе се намали под 3% од БДП, меѓутоа допрва треба да се видат мерките како ќе се направи тоа. Имајќи ги предвид ниските даноци и отсуство на поголема ревизија на јавните финансии, ММФ препорачува тоа да се постигне преку поголема ефикасност на наплатата на даноците од една страна, но и кратења на трошоците. Јавните финансии се во голема мера насочени кон плати и социјални трансфери што не е добро за земја во развој која што има значајна потреба од инвестиции во инфраструктура“, забележа ММФ во извештајот.

Европската Комисија во најновата есенска прогноза исто така нотираше дека оваа и наредната година буџетскиот дефицит ќе биде повисок отколку што претходно се очекуваше и оти јавниот долг ќе надмине 50% БДП. Комисијата е загрижена за фискалната консолидација и за одржливоста на долгот.

„Вкупниот долг на државата се зголемува. Властите остануваат посветени на постигнувањата за буџетскиот дефицит под 3% до 2017 година. Но, сепак, среднорочната фискална стратегија на македонската Влада се чини премногу оптимистичка“, наведува Европската комисија.

Дека долгот на Владата се зголемува брзо предупреди и Standard & Poor’s во најновиот извештај, нотирајќи дека „задолжувањата за финансирање на буџетските дефицити до 2018 година ќе го оптоварат јавниот долг и покрај тоа што од почетокот на годината Македонија се раздолжи предвреме кон ММФ“.

Неодамнешните уставни измени ги нормираа буџетскиот дефицит и јавниот долг да не може да надминуваат 3% односно 60% од БДП, наспроти препораките на ММФ долгот да се одржува на комотно ниво под границата од 50% од БДП. Меѓутоа, економистите повторно сугерираат дека поважно за нас е уставните одредби да гарантираат дека парите за кои што се задолжува државата ќе се трошат за да ги изградиме патиштата и железниците низ државата, отколку да ограничуваат колкава ќе биде моќта на фискалната политика во развојот на економијата.

Како да се трошат парите од кредитите?

Во јавноста нема јасна слика како се трошат парите што ги позајмува државата, освен кредитите кои што ги зема наменски за изградба на одредени проекти. Парите со кои што се финансира буџетскиот дефицит значи дека се трошат за сите ставки од буџетот, односно 87,2% за тековни потреби и само 12,8% за капитални инвестиции.

Економистите велат за капитални инвестиции во нови патишта, железнички пруги, хидроцентрали, кои носат економски развој, а не за непродуктивни инвестиции во музеи, споменици и тековни трошења за плати, социјални надоместоци и пензии да се задолжува државата . Тоа се нарекува паметно задолжување – докажана економска теорија кога земјите свесно се задолжуваат и прекумерно, а за сметка на тоа доживуваат инвестициски бум.

Економистите коментираат дека токму во развојот на инфраструктурата Македонија најмногу заостанува и тоа е главната пречка што економијата со години стагнира со просечна стапка на раст од само 3%.

Фискалната стратегија на државата до 2017 година само малку открива за што конкретно ќе се трошат парите што ќе се позајмуваат.

Како и во претходните документи на Министерството за финансии од минатите години, и во оваа стратегија пишува дека „странското задолжување како извор на финансирање ќе се користи од страна на буџетските корисници за реализација на конкретни проекти“.

Понатаму во стратегијата, се наведува дека во следните три години вклучувајќи ја и годинава, се очекува реализација на инвестициитево областа на патната и железничка инфраструктура, водовод иканализација, спортски објекти, инвестиции во областа на образованието,здравство, како и останати проекти кои се во согласност со програмата наВладата.

Еврообврзницата не е доволна, ќе има уште задолжувања

Пресметките од Буџетот за следната година покажуваат дека на власта ќе и требаат вкупно 658,6 милиони евра за да го покрие буџетскиот дефицит и да се раздолжи кон кредиторите, така што колку пари и да останат од еврообврзницата нема да бидат доволни да се намират сите обврски.

Според планот за следната година, предвидени се задолжувања и од странство но и на домашниот пазар преку издавање на државни записи и обврзници. Од банките и пензиските фондови во земјава, Министерството за финансии планира да позајми 307 милиони евра.

Светска банка оценува дали народните пари се трошат ефикасно

Веќе повеќе од една година Светска Банка со своја техничка поддршка врши анализа на јавните финансии-Public Finance Review, како од аспект на правни регулативи и постапки, такаи од аспект на ефикасност и економичност на користење на jавните финансии.

Од канцеларијата на Светска банка во Скопје изјавија дека проектот се уште трае и засега не можат да дадат никакви детали од наодите.

„Ваквата активност со Светската банка ќе даде добраоснова за понатамошно унапредување на процесот на управување со јавнитефинансии“, пишува во Стратегијата.

Со еврообврзници позајмени се 1,325 милијарди евра

Ова е четврта по ред еврообврзница што ја издава Македонија. Првата беше во 2005 година со рочност од десет години, а  во износ од 150 милиони евра со камата од 4,5%. Потоа втората беше издадена во 2009 година со рочност од три и пол години, а со износ од 175 милиони евра со камата од 9,8%. Третата еврообврзница беше издадена лани, со рочност од седум години, а во износ од 500 милиони евра, со камата од 3,97%, додека последната еврообрзница владата ја издава сега со рочност од десет години, а каматата дополнително ќе се знае.

Од 2005 година до сега, со еврообврзници земјата е задолжена 1,325 милијарди евра.

 

ТЕКСТОТ Е ОБЈАВЕН ВО МАГАЗИНОТ КАПИТАЛ НА 13 НОЕМВРИ, 2015 ГОДИНА

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×