За Владата и за Татковината
Објавено на од во Коментари и анализи
SinadinovskaНеспособноста да се тргне плевелот од житото, оваа подготвеност да се жртвува и целата жетва само оти се работи за година кога политичкиот противник ја „работи“ нивата, тоа е таква една неодговорност, незамислива дури и за држави со далеку послаби демократски перформанси од нашава.

 

„Историската точка во којашто се наоѓаме е полна со ветувања и опасности. Или ќе се обединиме и ќе продолжиме заедно напред или одиме во провалија“ – Рузвелт

 

 

Катерина Синадиновска

Прилично бурна дискусија разви одлуката на Советот на Европската Унија да се додели датум за почеток на преговори со Македонија во јуни 2019-та, доколку се испорачаат резултати во добро познатите области полни со слабости (покрај спроведувањето на Договорот за името) – судските реформи и проактивни истраги, обвиненија и конечни пресуди во случаите на корупција и организиран криминал, вклучително на високо ниво; реформа на разузнавачките и безбедносните служби; реформа на јавната администрација. Дискусијата не беше бурна само во Луксембург каде што министрите на различните европски држави остро и емотивно судираа аргументи околу иднината на Македонија, но и на проширувањето како процес, туку и во самата држава, веднаш по соопштувањето на конечната одлука и на заклучокот. Тука се судрија две струи – оние кои ова го презентираа како „чист датум“ и голема владина победа, и оние кои ја славеа „разочараноста“ што преговорите не почнаа уште вчера вечер, во некоја специјална и посебна скратена форма измислена само за Македонија, па да завршат за неколку месеци, со што веќе на следните европски избори догодина ние би имале и свои пратеници во Европскиот парламент. Оти само на ваков некој исход од вчерашниот ден тие струи не ќе имаа забелешки. Токму околу ова сакам да пишувам денеска. Околу Владата и нејзините успеси, интереси и слабости, виза ви оние на државата. Околу линијата каде што Владата како институција (ама и коалиција на партии) се допира, а истовремено се разграничува со земјата како Татковина, линија којашто во Македонија низ годините и извештаите за напредокот токму од ЕУ, ама и од Стејт Департментот и од разните релевантни Меѓународни организации, беше избришана преку еден мошне страшен опис – „заробена држава“. Во таква „заробена држава“ тешко е да преживее толку потребното разграничување. Државата е Владата, Владата е Партијата, Партијата е Државата.

Годините на ваквото ненормално и нездраво практицирање на власта оставија сериозни траги не само врз македонските институции, туку и врз самите граѓани, креирајќи една деструктивна атмосфера на максимална партиска поларизација во опсервациите и дескрипциите на општествените појави и настани, ама и во самиот јавен наратив. Притоа, се создаде една многу опасна ситуација во којшто не се прави никаква разлика помеѓу партиски или владини, од една страна, и државни интереси од друга. Првите е сосема легитимно и природно да бидат пресретнати како предмет на критика и борба од страна на политичките опоненти. Вторите, обврзувачки е да бидат кренати на едно друго ниво, заштитени од отровните стрели на дневно-политичките обиди за уништување на противникот. Само ваква една средина е политички здрава и може да биде сигнал дека општеството е зрело, дека има визија за сопствената иднина и дека точно ги има одредено целите што сака да си ги исполни. Целите се секогаш поважни од луѓето кои се избрани за нив да ги реализираат. Целите мора да бидат долгорочни и постојани, особено ако не се остваруваат преку ноќ, а луѓето како носители на власта апсолутно променливи. Сведувањето на стратешките државни интереси на обично политичко орудие не штети на Владата, не штети на партиите во Владата, но и тоа како штети на државата.

Секоја политички умна опозиција, а уште поважно едно свесно граѓанско општество мора да бидат начисто дека борбата за промени се води над темелите, особено во услови кога досега на ниту едни избори никој не добил поддршка од народот за да копа нови. Ако го имаме на маса ставот дека интегративните процеси, особено денеска во време на една општа и зголемена несигурност, политичка и безбедносна неизвесност на светско ниво, за Македонија се прв приоритет, фактот што постојат цели групации што од срце навиваат за Македонија да не успее (длабоко мотивирани од идејата да не успее Владата, што е најстрашно) загрижува многу повеќе од каква било надворешна реална или имагинарна закана, преточена преку каков било договор. Тука не зборувам за оние граѓани или политички субјекти коишто отворено и јасно се залагаат за алтернативна надворешна политика надвор од овие организации. Тоа е еден фер и чист став, и е за почит. Но, јавното пропагирање на европски приказни од една страна, а задкулисна работа за саботирање на секој чекор напред е неискрена и непринципиелна политичка игра што не влева доверба. Особено кога мотивите за таквото дејство се кријат во плиткоста на политичките капацитети на тие играчи, ама и во нивната малодушност како луѓе – лидери. Ова открива една генерална дезориентираност на самата политичка сцена, преточена понатаму и во нејасни патишта и цели на општествено ниво. А тоа е многу опасно. Тоа значи дека за нас не постојат заеднички битки, заеднички победи, заеднички поуки од поразите, заеднички стратегии за понатаму, заеднички разработени сценарија…

Оваа неспособност да се тргне плевелот од житото, оваа подготвеност да се жртвува и целата жетва само оти се работи за година кога политичкиот противник ја „работи“ нивата, тоа е таква една неодговорност, незамислива дури и за држави со далеку послаби демократски перформанси од нашава. Вчерашниот ден јасно ни ја наслика вистината околу ситуацијата во којашто се наоѓа самата Европска унија и разликите помеѓу земјите членки во однос на иднината и европскиот развој. Разногласието што честопати прераснуваше во дијаметрално спротивставување на гледиштата и отворен конфликт помеѓу една Германија и една Франција на пример, покажува дека Унијата како таква е исправена пред досега можеби најсериозни внатрешни превирања низ чии што пресеци се гледа и македонската приказна, зачинети и со влијанија надвор од границите на самата ЕУ.

Зошто Македонија овие патишта ги врви денеска, во 2018-та година, тоа е прашање за коешто допрва мораме да бараме одговорност, иако виновниците веќе одамна се пронајдени, но паралелно со тој процес, ние мора да се фокусираме и на реалноста. А таа налага – да продолжиме напред, и во вакви, отежнати околности. Стоењето во место, или пострашно враќањето назад отвора опасности за коишто заговорниците за неуспех не зборуваат. Тие можеби имаат лични, сопствени алтернативи, за себеси или нивните семејства, но досега не излегле јавно да презентираат една сериозна стратегија која би значела македонска иднина надвор од овие организации. Детално сработена, со сите предности и маани, презентирана пред граѓаните, за потоа нивниот обид да се маргинализира каков било исчекор во вака отежнати услови, биде сфатен како легитимен. Дотогаш, секое необединување на ова поле значи директно работа против клучните државни интереси. Токму затоа, Македонија сега мора дополнително поцврсто и пофокусирано да го зграпчи она што и’ е пружено, максимално и без двоумење. Немаме фајде од дебати дали чашата е полупразна или полуполна, кога конечно имаме чаша со вода на маса.

Препораките се јасни, условите се јасни – ако не сме задоволни со количината, мораме да станеме и сами да ја наполниме, па дури и да откопаме некој нов извор. Изгубивме многу време, а како што гледаме патот станува само потежок. Оттука, условеноста во датумот не е никаков проблем. Напротив, знаејќи ги слабостите на Владата дома, звучи и мотивирачки. Тие услови Македонија мора да си ги исполни заради сопствената перспектива, нешто што е факт дека сега ќе оди преку еден засилен мониторинг, преку скрининг процесот, а подоцна и преку самиот преговарачки процес. Видете ја оваа реченица на пример како услов: „Судските реформи и проактивни истраги, обвиненија и конечни пресуди во случаите на корупција и организиран криминал, вклучително на високо ниво“… Па не е ли ова клучно? Каква мотивација! Тука се и сите останати забелешки за годината помината во лоши кадровски решенија, недоволна одлучност на дадени полиња, слаби реформи… сето она за коешто со право граѓаните забележуваат.
Во случајов подеднакво колку што е точно дека одлуката и скептичноста на Франција, Холандија или Данска нема врска со дадениве реформи, туку во прашање се поголеми игри, точно е и дека самата таа ни ја плеска вистината в лице дека не само приближувањето кон ЕУ, туку и договорите со соседите и сите чекори напред, првенствено мора да се гледаат низ аспектот на нашата, лична потреба од тие процеси. За наше добро. Потребна ни е трансформација на целото општество, а вакви какви што сме, работејќи подобро под притисок, со еден ваков надзор основано е да се очекува дека тоа би се одвивало далеку побрзо. Тоа го бараме и тоа го очекуваме како граѓани.
Јасна ни е внатрешната состојба, јасни ни се гео-политичките игри, останува уште да разбираме дека потребна е една висина за да може да се види и широчината. Воопшто. Потребно е издигнување. Над сопствените суети, над сопствените лични интереси, над сопствената тесноградост. Навивањето Владата да не ги преживее историските моменти може слободно да тече, но фер би било да сопре таму каде што почнува Татковината. Тие интереси се наши, заеднички. И во сите мали или големи победи, мали или големи чекори напред ние мораме заедно да учиме и да растеме. … Кога веќе зборуваме за патриотизам, нели?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×