Забавената германска економија може да го забави и извозот од зоните !?
Објавено на од во АНАЛИЗА

07 zoniКомпаниите во зоните со извоз од 1,4 милијарди евра и над 13 илјади вработени во првата половина годинава

Годинава над 50% од вкупниот македонски извоз ќе се направи во зоните. Проценките на власта се дека во зоните ќе се инвестираат уште најмалку 100 милиони евра, кои ќе отворат над пет илјади нови работни места. Единствена загриженост засега доаѓа од лошите вести за германската економија, која по десетгодишен раст се соочува со забавување заради намалениот извоз на автомобилската индустрија која е најголем купувач за автомобилските делови кои се произведуваат во зоните. Првите сигнали за забавување на извозот веќе се гледаат од податоците за помал раст на извозот од зоните во мај и јуни.

 

Вкупниот извоз од 24 компании компаниите кои работат во слободните економски зони во првата половина годинава достигна 1,4 милијарди евра, што е раст од 18,67% во споредба со истиот период претходната година.
Увозот, пак, од зоните во истиот период е зголемен за 32,15% и достигна 1,3 милијарди евра.
Тоа значи дека нето извозниот ефект од зоните во првите шест месеци годинава е 71 милион евра.
Најголем извоз во првите пет месеци годинава има зоната во Скопје во износ од 1,16 милијарди евра,  каде што работи и најголемиот извозник Џонсо Мети. Зоната Бунарџик пак истовремено имала и најголем увоз во вредност од 1,11 милијарди евра. Ако се земат во обзир податоците за увозот и извозот, во зоната во Скопје се создава и најголем нето извоз, кој во првата половина годинава изнесувал околу 47 милиони евра, но тој е речиси за половина помал во споредба со истиот период лани.
25aВтор најголем извоз во првите шест месеци е направен во зоната во Штип од 63 милиони евра, додека увозот на компаниите во оваа зона за истиот период изнесувал 59,6 милиони евра, при што нето извозот изнесува 8,5 милиони евра.
Трета е зоната во Прилеп со вкупен извоз од 36,7 милиони евра во првата половина годинава, која во истиот период наравила увоз вреден 36,5 милиони евра.
Четврта е зоната во Кичево со вкупен извоз од 33,8 милиони евра за првите шест месеци, која во истиот период имала увоз од 25 милиони евра  и нето извоз од 18,8 милиони евра.
Зоната во Тетово во првите шест месеци годинава имала извоз од 25,4 милиони евра, а нето извоз од околу 10 милиони евра.
Од зоната во Струмица во истиот период е направен извоз во вредност од 24,7 милиони евра и увоз од 19,6 милиони евра, односно нето извоз од околу пет милиони евра.
Од зоната во Косел во првата половина година е направен вкупен извоз од 16 милиони милиони евра, додека увозот во истиот приод бил поголем и изнесувал 18 милиони евра.
Најмал извоз има зоната во Струга од каде во првите пет месеци годинава имало извоз во вредност од 5,7 милион евра, а увоз од 6 милиони евра, 300 илјади евра поголем од извозот.
Забавената германска економија може да го забави и извозот од зоните !?
Еден од трендовите што се забележува во работењето на зоните во првата половина годинава е што извозот од зоните расте со помало темпо во мај и јуни. Тоа според експертите се должи пред се на забавувањето на германската економија, а посебно кризата низ која минува автомобилската индустрија во Германија, која се соочува со намален извоз.
Проценките се дека годинава компаниите во зоните ќе направат половина од вкупниот извоз на земјата. Овој процент станува уште поголем и достигнува и до 60% ако на компаните од зоните им се додадат и компаниите кои работат надвор од зоните како „Дрекслмајер“, „Кромберг и Шуберт“, „Маркарт“, „Ампфенол“ . Она што е загрижувачки е што повеќето од нив се компании за производство нa автомобилски делови, кои во најголем дел извезуваат во Еропската Унија, поточно во Германија, која, пак, во изминативе неколку месеци се соочува со забавување на економијата и пад на извозот на автомобилската индустрија заради помалата побарувачка за германските автомобили во странство, како и заради воведувањето на построгите стандарди за издувни гасови.
20anПодатоците покажуваат дека во мај и јуни веќе се забележува намалување на извозот од зоните. Па така ако растот на извозот во периодот од јануари до април бил со стапки од над 20% и до 30% во мај растот на извозот на годишно ниво е 7,99%, а во јуни има зголемување од само 1,18%.
Германската економија се проценува годинава да порасне само 0,5%, што е најмала стапка на раст во изминативе десет години, кога економијата беше предводена од растот на извозот. Но, пролонгираниот трговски конфликт помеѓу САД и Кина го намали и извозот на германски автомобили, главниот извоз на германската економија во изминатава деценија.
Проценките за раст на германскиот извоз, пак, се намалени на само 1% од претходната проценка за раст од 2,5%.
Намалениот извоз во Германија не мора да значи пад на извозот во Македонија, но очигледно може да го забави растот на извозот од зоните.
Уште еден факт може да го забави извозот од зоните, а тоа е што некои од фабриките за производство на автомобилски делови кои странците ги отворија во зоните го достигнуваат својот инсталиран капацитет.
“Некои компании го оптимизираат локацискиот елемент на своето производство – префрлање на производство кон поконкурентни локации ќе значи и повеќе производство/извоз за Македонија. Некои од фирмите кои веќе работат повеќе од пет години се блиску до целосно искористување на своите инсталирани капацитети и без дополнителни инвестиции во нови објекти, машини и опрема, немаат можност за пораст на производството, освен инкрементално зголемување на продуктивноста и на ефикасноста на производствениот процес”, вели Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производтсво и директор на фабриката Костал во Охрид.

Според Мизо, “поновите” фирми ќе имаат дополнителен позитивен придонес кон зголемување на извозот при стабилни ЕУ пазарни и економски услови уште неколку години, додека и тие не стигнат до оптимална искористеност на своите капацитети.

“Како што се зголемува базата на постоечки функционални компании во овој сектор и вредноста на извозот од истите, ќе се намалува можноста за брз раст на извозот од Македонија, освен ако нема голем прилив на нови извозно ориентирани инвестиции. По 2020 година ќе биде малку веројатно да се очекува раст на извозот од над 10% на годишно ниво, земајќи ги во предвид сите овие фактори”, објаснува Мизо., кој предупредува дека преголемата изложеност на македонскиот извоз кон надворешни шокови ја прави македонската економија премногу зависна од случувањата надвор заради што, според него, е неопходна диверзификација.
“Има преголема зависност од една индустрија, и при евентуална криза во таа индустрија во Европа ќе има огромни реперкусии по бројот на вработени во оваа индустрија, како и извозните перформанси од државата”, предупредува Мизо.
22anВо зоните се очекуваат уште пет илјади нови вработувања
Вкупниот број на вработени во зоните до јуни годинава во сите 17 зони достигна 13.352 лица. Најголем работодавач меѓу нив е Адиент Ситинг лоцирана во Штип, каде што се вработени вкупно 2.150 луѓе, а потоа следуваат Гентерм со 1.910 вработени, Адиент Аутомотив од Струмица со 1.516 вработени, Џојсон Сејфти Системс со 1.450 вработени, Ван Хол со 1.295 и Леар со 1.220 работници.
Според податоците од Дирекцијата за управување со зоните, за период од една и пол година во овие фабрики се отворени околу 2.700 работни места. Најмногу вработувања во изминатата една и пол година имало во Гентерм 546, следат Костал со 376 вработувања, АРЦ со 366 вработувања, Џагатај Кабло со 227 вработувања, Ван Хол со 200 вработувања…Но, некои компании имале намалување на бројот на вработени. Така на пример во Леар на почетокот на 2018 година имало 1.445 вработени, а во јуни бројот на вработени е намален за 225.
Според проценките од Владата, бројот на вработени во зоните се очекува дополнително да расте годинава и следната 2020 година за дополнителни пет илајди нови вработувања.
Според вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, моментално 15 нови фабрики се градат во технолошко индустриските развојни зони, а се преговара со уште неколку компании кои набрзо треба да донесат конечна одлука да инвестираат во земјава.
Според проценките, вкупната инвестиција на овие компании во следните неколку години ќе биде најмалку 100 милиони евра, а бројот на работни места се очекува да се зголеми за над пет илјади, како во постојните фабрики коишто го прошируваат производствениот капацитет, така и во неколкуте нови што треба да почнат со работа.
Анѓушев, вели дека е оптимист и очекува годинава приливот на странски инвестиции да биде околу 5% до 6% од бруто домашниот производ, што би било над 600 милиони евра.
„Само овие петнаесетина странски компании коишто имаат потпишано договори за изградба на фабрики во некоја од зоните, ќе внесат странски капитал за изградба на капацитетите, ќе внесат машини и опрема, обртен капитал за да почнат со работа и сето тоа допрва ќе го видиме низ статистички податоци како зголемување на странските инвестиции. Освен тоа, има уште неколку крупни проекти на странски компании што одлучија да инвестираат надвор од зоните, па тоа ми дава основа да бидам оптимист кога станува збор за приливот на странски инвестиции годинава“, вели вицепремиерот Анѓушев.
Од овие компании најголема е инвестицијата на германската Герешајмер, која првично најавила инвестиција од околу 80 милиони евра во фабрика за амбалажа за медицинска и фармацевтска индустрија. Компанијата планира да отвори до 500 работни места во следните неколку години.
Во завршна фаза се фабриките на американската компанија Дура, која во зоната Скопје 2 ќе произведува надворешни трим делови за автомобилската индустрија, и притоа планира да вработи до 500 луѓе; како и швајцарската компанија Баумер која најавила дека ќе отвори 200 работни места во капацитет за производство на сензори, декодери и други електронски компоненти.
Од другите странски инвестиции, турската компанија Џагатај Кабло веќе инвестирала околу 4 милиони евра во фабрика за електрични инсталации, додека пак компанијата ВИК од Германија во зоната во Прилеп за производство на апарати за домаќинство има над 200 вработени а најави максимален број на 1.000 вработувања по неколку години со заокружување на инвестиција од 12 милиони евра.
Во тек се инвестициите на Мурат Тиџарет од Турција во ТИРЗ Скопје 2, од автомобилската индустрија,за производство на електрични инсталации и кабли со околу 300 вработени; Кеслер Германија во ТИРЗ Скопје 1, производство на електромотори со 150 вработувања; Саген Албанија во ТИРЗ Скопје 1 од фармацевтска индустрија, до 100 вработувања; Reci & Sons иселеници во САД, во ТИРЗ Струга, хемиска индустрија, производство на средства за чистење и хигиена, најавени 250 вработувања; Џемдаг Лајтенинг од Турција во ТИРЗ Скопје 1, производство на опрема за осветлување и фотоволтаични панели, до 200 вработувања; Доган Отомотив од Турција во ТИРЗ Скопје 1, автомобилска индустрија со 50 вработени; Балканлар пластик од Турција во ТИРЗ Скопје 1, производство на амбалажа за градежна и прехранбена индустрија со 80 вработени; Зенит од Обединети Арапски Емирати во ТИРЗ Скопје 1, производство на грејачи за бојлери со 80 вработувања; Малхотра Кабелс од Индија во ТИРЗ Скопје 2, производство на кабли во автомобилска индустрија, со 130 планирани вработувања; ODW Електрик од Германија, 2-ра фаза во ТИРЗ Струга, автомобилска индустрија за жични склопки со 90 нови работни места.
Според податоците од Дирекцијата, сите компании во сите зони досега инвестирале вкупно 225 милиони евра, а искористиле државна помош од 14,5 милиони евра врз основа на исплати за градење на капацитетот или за отворање на работни места. Во оваа сума не се пресметани даночните и царинските ослободувања.
Зборувајќи за странските инвестиции, а имајќи ги предвид и плановите на домашните компании, податоците за раст на индустриското производство и извозот после првиот квартал, Анѓушев вели дека економскиот раст годинава ќе надмине 4%.
„Оваа година ќе биде економски значително подобра од ланската. Очекувам многу повисок раст на економијата годинава, над 4%, а оптимизмот произлегува од растот на индустриското производство во првиот квартал од околу 10%, градежништвото исто така покажува зголемен обем на работа, особено во делот на државните инвестиции. Ме радува тоа што минатата година заврши со зголемување на растот до 3,7% и тоа во најголем дел од приватниот сектор. Државата не треба да го креира БДП со своите проекти, туку приватниот сектор. Државата треба да помогне со своите проекти, но растот од 4,1% во првиот квартал од 2019 година се случи врз база на реалната економија и тоа во услови на ниско задолжување и ниска реализација на капиталните инвестиции“, истакна Анѓушев зборувајќи дека главните свртувања на економската политика на оваа Влада се токму во поттикнување на приватниот сектор да биде носител на економскиот раст.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×