Заев: Иванов не го дава мандатот – бара да обезбедиме потписи на 61 пратеник
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вечерва по двочасовните консултации кај претседателот Ѓорге Иванов изјави дека како втора партија според бројот на освоени пратеници нема да го добијат мандатот за составување нова  влада. Услов за тоа, како што рече, е да потврдат дека обезбедиле мнозинство во Парламентот со приложување потписи на 61 пратеник.

„Беа  разговарани сите детали и ни беше укажано дека како второпласирана партија со број на мандати не можеме да добиеме мандат за формирање влада. Укажувањето беше дека треба да докажеме оти имаме мнозинство согласно Уставот за формирање на влада, а тоа е 61 пратеник најмалку, како доказ со својот потпис да биде доставено до кабинетот на Ѓорге Иванов, со што дури тогаш ќе добиеме мандат за формирање влада“, рече Заев.

Тој најави дека согласно овие детали ќе донесат одлуки и ќе  ја информираат јавноста за тоа како понатаму ќе постапуваат.

На новинарско прашање, појасни дека не бил спомнат рок до кога треба се поднесат потписите од пратениците. СДСМ рече, има 49 пратеници, и досега сѐ уште не разговарале за обезбедување мнозинство и обид за формирање влада.

Запрашан за опцијата за одржување нови избори, рече дека во моментов тоа им одговара само на СДСМ.

„Само на СДСМ во моментов му одговараат нови избори, но на Македонија не ѝ одговара нови избори, не им одговараат ни на другите политички партии. Затоа треба да ја скратиме колку што може побрзо оваа отворена состојба, недоречена поради одредени проблематизирања и да почнеме процедура на формирање влада, да ги вратиме институциите и да почне да функционира нова влада“, рече лидерот на СДСМ.

Во однос на сугестиите на ЕУ за формирање широка владина коалиција, Заев посочи дека до нив не стигнале информации за широка коалиција или нешто слично што би значело сите партии да формираат влада.

„Толкувањето што го добивме од Брисел за нас е колку е можно поширока коалиција заради стабилна влада што значи стабилно мнозинство. Ако треба да има владата 61 мандат, би било подобро да има 62, 67, 69 или слично. Тоа значи постабилно парламентарно мнозинство кшто ќе гарантира постабилна влада. За нас широка влада како упатство значеше колку што е можно поширока во делот на мандати во Парламентот“, рече Заев.

Тој го повтори партискиот став дека за нив не е прифатливо партиципирање во идна влада со актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, и изрази оптимизам дека ќе се формира влада предводена од СДСМ.

„Јас сум непоправлив оптимист и верувам оти сите аргументи се на оваа страна. Секој оној што ќе се обиде поинаку знае дека на првата кривина ќе застане. Иднината на Македонија е во концептот на едно општество. Овој капитал е создаден првпат, за условно кажана македонска партија што веќе и не е тоа, зашто за СДСМ гласаа сите етнички заедници. Создаден е одличен капитал за Македонија. Треба да бидеме мудри и паметни да го искористиме исклучиво за добра иднина на нашата земја“, посочи Заев.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој претходно се сретна со Иванов, порача дека сите треба да придонесат за излез од кризата и за изнаоѓање одржливо решение за иднината и за стабилноста на државата.

„Имавме средба со претседателот на државата Ѓорге Иванов, на која бевме информирани за целиот процес на доаѓањето до едно решение на нашите прашања, и како да стигнеме до парламентарно мнозинство, затоа што одговорност на сите нас е да изнајдеме прифатливо решение за да имаме стабилни институции и понатаму да менаџираме со државата“, изјави Ахмети.

Прашан за натамошните потези на ДУИ, со оглед што кај нив е клучот за парламентарното мнозинство, Ахмети рече дека сега клучот бил префрлен кај Иванов.

„Јас ја имав бомбата, да кажам симболично, и ја фрлив кај претседателот. Сега не знам каде ќе ја фрли тој“, рече Ахмети.

На прашањето дали ќе се обиде да преговара со Заев, тој рече дека ги разгледуваат сите опции, се консултираат во партијата.

„Но, би сакал да кажам дека имаме силна волја за изнаоѓање решение за да ги вратиме работите на своето место во интерес на стабилноста и засилувањето на државата. Пред нашите партиски интереси ги ставивме интересите на граѓаните и на државата“, потенцира Ахмети.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×