Загрепска берза ја купи Љубљанска, дали е следна мета Македонска берза?
Објавено на од во БАЛКАН-БИЗНИС И ПОЛИТИКА
Загрепска берза штотуку ја купи Љубљанска од нејзиниот досегашен сопственик Виенска берза за наводно 1,5-2 милиони евра, иако таа пред 7 години е купена за 47 милиони евра. Аналитичарите во Загреб сметаат дека најверојатна мета во понатамошниот “шопинг“ на Хрватите би била Македонската берза, но практично се потсмеваат на сумата за која што би била направена оваа трансакција. “Тоа би било кикирики трансакција, како да купите кафуле!“, вели еден хрватски берзански аналитичар, кој што сака да остане анонимен. 
Zagrebska-berza

“Единствена интересна мета би можела да биде Македонската берза. Но, тоа е кикирики трансакција – како да влезете во Македонија и купите кафуле“, вели за хрватскиот портал Tportal.hr еден берзански аналитичар кој што сакал да остане анoнимен, а прашан за тоа кои би можеле да бидат следните мети за преземање од страна на Загрепската берза, откако минатиот месец ја презеде берзата во Љубљана . Веројатно алудирал на малата пазарна капитализација и нискиот промет што го прави Македонската берза последниве години, што наведува на помислата дека нејзината моментална вредност како компанија е прилично ниска. Особено и поради шпекулациите дека Хрватите ја “пазариле“ Љубљанската берза за 1,5 до два милиони евра, а нејзината пазарна капитализација, односно вредноста на сите котирани акции и обврзници изнесува околу 5,9 милијарди евра, додека моменталната пазарна капитализација на Македонската берза е околу 1,5 милијарди евра. Прометот пак на Љубљанската берза изнесуваше 686 милиони евра во 2014 година, на Македонската берза околу 142 милиони евра.

Алтернатива на банките

Можностите за преземање на Македонската берза од страна на некој поголем регионален играч не биле игнорирани и досега, односно во повеќе наврати во берзанските кругови е зборувано за поцврст тип на регионална соработка меѓу берзите, што во краен стадиум би значело консолидација на пазарот, односно преземање на помалите од страна на поголемите берзи

Директорот на Македонска берза, Иван Штериев, минатата година при потпишувањето на меморандумот за поврзување на трговските платформи на берзите во Скопје, Загреб и Софија, рече дека “Македонска берза, повеќе години наназад е голем заговорник за креирање на поцврсти регионални интеграции, а мотивацијата за тоа е во тоа што можностите за развој на домашниот пазар на капитал, имајќи ја предвид големината на економијата, се релативно ограничени и главниот двигател за раздвижување на пазарот го гледаме во активно вклучување на странски портфолио инвеститори“.
И самата директорка на Загрепската берза, Ивана Гажиќ, во интервју за хрватски Пословни дневник, кое што делумно го пренесуваме во рамките на овој текст, вели дека секако размислуваат за следни аквизиции, иако во моментов моменталните околности ги спречуваат да се однесуваат како предатори.
Откако Загрепска берза ја презеде Љубљанска минатиот месец, во тамошните финансиски кругови се отворија бројни прашања за исплатливоста на оваа зделка и што всушност со тоа преземање добиваат Хрватите. Загрепска берза по оваа аквизиција, цели кон тоа да стане алтернативен извор на финансирање на малите и средни компании, објаснува нејзиниот менаџмент за локалните медиуми деновиве.
Освен што планира да биде алтернатива на банките, Загрепска берза очекува позитивна синергија и преку користењето на заеднички технологии.

Виенската берза сакала само да ја “протне“ платформата за тргување

Колку Загреб добива со преземањето на Љубљана и обратно допрва останува да се види. Најдобар индикатор за вредноста на Љубљанска берза е вредноста на трансакциите, но и купувачот и продавачот се договорија да не ја објават цената.

Словенечкиот весник Финанце вели дека Љубљанска берза е продаден за околу 1,5 до 2 милиони евра, што одговара отприлика со сумата што директорката на Загрепска берза ја наведува дека ќе ја прибираат преку емисија на нови акции со цел докапитализација. Да потсетиме, Виенска берза пред седум години плати дури 47 милиони евра за Љубљанска берза.
Некои, според хрватските медиуми, добро упатени аналитичари, сметаат дека Виенската берза ја “препуштила“ Љубљанската на Загреб само за на тој начин ја продаде својата платформа за тргување. Загрепската берза пак, планира да заработува со наплата на информатички услуги на Љубљанската берза.

Аналитичари: Загрепска требаше да биде преземена од Варшавска, а не од Виенска берза

Загрепската берза минатата недела со Виенската потпиша писмо за намери што ќе овозможи користење на трговскиот систем Xetra Deutsche Borse, за кого што Виенската берза е дистрибутер за овој дел на Европа.

“Промените на Љубљанската берза се слаби, берзата се ‘исуши’ и спадна од 60 на само 12 вработени, а словенечкиот премиер Миро Церар веќе најави дека големи словенечки фирми ќе излегуваат на Варшавската берза. Индикативно е и што словенечката јавност не се бунеше многу околу ова преземање, не беше заштитнички настроена како при преземањето на Меркатор од страна на Агрокор“, тврди изворот на хрватскиот портал Tportal.hr.
Друг пак познавач на приликите, кој што исто така сака да остане анонимен, верува во теоријата за преземање на берзата заради продажба на платформата.
“Жал ми е што Варшавската берза не ја презеде Загрепска во 2008 година. Варшавската има далеку поголем потенцијал од Виенската, а мислам дека Австријците набргу по преземањето на Љубљанска сфатија дека тука нема да има среќа“, вели изворот.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×