Од Занаетчиската комора на Македонија предупредуваат дека за година до две ќе биде многу тешко да најдете мајстор поради тоа што ѕидарите, водоинсталатерите, плочкарите, механичарите, масовно заминуваат на работа во странство, по повисоки плати и подобар живот
Од Комората предупредуваат дека се’ повеќе занаети се на листата на дефицитарни и дека голем дел од стручниот кадар во овие гранки заминуваат во странство. Причината е главно подобрата заработувачка за услугите кои ги нудат.
„Мислам дека е крајно време зад нас занаетчиите да застане државата, бидејќи ако продолжи овој тренд ќе се доведеме до ситуација, една чешма да ни се расипе, ќе нема кој да ни ја поправи. Затоа треба да се обрне повеќе внимание на занаетчиите, оти без нив нема живот, вели првиот човек на Занаетчиската комора на Северна Македонија, Агрон Фазлии.
Од Занаетчиската Комора наведуваат дека засега најдефицитарни занаетчии на македонскиот пазар се: машинобраварите, механичарите, водоводџии, плочкари, лимари, ѕидари, столари, кондураџии, оџачари, текстилни работници. Најбројни пак се фризерите и козметичарите. Фазлии вели дека има и такви кои по престојот во странство се враќаат во земјава и се обидуваат да отворат работилници тука.