Запознајте го StayUncle
Објавено на од во Start-up

maxresdefault 907 WEBМакедонец со својот стартап ги руши секс табуата во Индија

Во конзервативното индиско општество, стартап во кој што ко – основач и главен за маркетинг е Блаже Аризанов од струмичко Борисово, им помага на љубовните двојки да си најдат хотелска соба за интимно дружење.

Во Индија не е лесно да си двојка која што сака малку приватност. Во земја каде што традиционалното договарање бракови сè уште е секојдневие,  можноста на младенците да поминат некое време заедно пред официјалната венчавка знае да биде невозможна мисија. А, и оние што ја имаат среќата слободно да си фатат момче или девојка, исто така имаат проблем со наоѓањето простор за интимност. И покрај брзиот економски раст последниве две децении, во оваа огромна земја со безмалку 1,3 милијарди жители, сè уште многу млади живеат под исти кров со своите големи семејства и тешко може да обезбедат простор за дружба со своите партнери.

StayUncle е стартап што си зададе мисија да им ги реши овие проблеми на Индијците. Компанијата им помага на двојките да најдат соба во пристојни хотели, за 12 – часовно изнајмување. Може да резервирате утрински или вечерен термин. StayUncle во моментов е вистински хит во земјата, има договори со хотели од 30-тина града и секојдневно се шири, а прометот им расте по 20% месечно. А, “мозокот“ за маркетинг на овој брзорастечки стартап  е никој друг, туку струмичанецот Блаже Аризанов. Во Индија дошол пред шест години, како практикант преку студентската организација AIESEC, не ни сонувајќи дека еден ден со бизнис идеја ќе ги руши културолошките табуа во ова општество со пребогата историја.

“А, токму тоа го правиме ние со StayUncle –  со помош на контроверзни маркетинг кампањи влијаеме врз промена на свеста на луѓето овде. Сфативме дека потребата за слободно изнајмување соби од страна на индиските двојки е голема и решивме на пазарот да му го понудиме тоа што го бара“, вели Аризанов.

Strtup Indija  907 WEB 03
Брканици по улиците на конзервативната Индија

Денес StayUncle е многу популарен меѓу младите во Индија, но не остава рамнодушен никого. Социјалните мрежи се вжештуваат од полемиките меѓу поддржувачите на нивниот бизнис модел и конзервативците што од петни жили се противат на “ересот“ и “сквернавењето“ на традиционалните општествени норми и вредности. Приказната за StayUncle дојде и на веб порталите на светските гиганти BBC, Huffington Post, Business Insider… Всушност, како што ни раскажа Блаже, токму сторијата за нив објавена во еден влијателен медиум им донела пресвртница во кариерите и животот нему и на неговиот бизнис партнер, односно ко – основач на стартапот, Санчит Сети.

“Пред околу една година, индиското издание на Quartz, медиум фокусиран на дигитални платформи,  основан од поранешни новинари на WSJ, NYT, Bloomberg, итн., објави сторија за нас, благодарение на тоа што нивни дописник од Њу Делхи доби промотивен материјал од нас буквално на улица, додека се боревме секојдневно со герила маркетинг кампањи да го популаризираме StayUncle. Тој се заинтересира, дојде со нас да разговара, и откако го објави написот, доживеавме вистинска експлозија на интересот за нас. Телефоните почнаа да ѕвонат како луди, социјалните мрежи се збудалеа, а јас пак, неколку дена претходно му бев кажал на Санчит дека не можам повеќе да издржам, дека не знам повеќе што да направиме за да тргне работата. И одеднаш, тој ми се јавува и ми вели,  доаѓај Блаже брзо, не можам сам да постигнам “, со насмевка се присетува Аризанов на тие денови.

[caption id="attachment_43424" align="aligncenter" width="642"]Strtup Indija  907 WEB 04 Денес StayUncle (Санчит и Блаже се трет и четврт од лево) има десетина членови на тимот, а бизнисот секојдневно расте[/caption]

Тој ни раскажа дека шест месеци пред оваа пресвртна точка се мачеле да заинтересираат некој од индиските хотели да влезе во нивната шема за изнајмување соби на двојки. Санчит бил задолжен за комуникација со нив, додека Блаже се грижел за промоција во јавноста, кампањите на социјалните мрежи и другите маркетиншки активности. Но, им успевало, едвај 1-2 од 10 контактирани хотели да заинтересираат за нивната онлајн платформа, а бидејќи немале пари за посериозен маркетинг, самите по улиците делеле летоци, носеле маички и табли со написи од типот “На двојките им треба соба, а не осуда“ и сл., викале гласно, итн., и често се доведувале во ситуации да бидат бркани и физички напаѓани  од насилници “загрижени“ за моралот во општеството.

“Нè апсеше и полиција, сешто имавме доживувано. Се селевме од стан во стан, затоа што ни доаѓаа и дома да не вознемируваат, едноставно бевме загрижени за својата безбедност. И денес, иако табуата пополека се кршат и сè поголем број на двојки резервираат хотелски соби, борбата со ‘идеолошките’ противници не престанува, напротив, се разгорува, затоа што и медиумската експонираност сега ни е многу поголема“, вели Аризанов.

[caption id="attachment_43421" align="alignright" width="300"]Strtup Indija  907 WEB 02 Блаже Аризанов го запознал својот бизнис партнер Санчит Сети на една конференција за технологија во Њу Делхи[/caption]

И бизнис ангелот го кандисаа да сменат бизнис концепт

Интересно е што StayUncle на почетокот не бил воопшто замислен како платформа што ќе им помага на двојките да најдат соба. Идејата на Санчит Сети -  човекот што всушност го има основано стартапот, а подоцна Блаже му се придружува откако се запознале во  2015-та на една технолошка конференција во Њу Делхи – била StayUncle да биде онлајн место каде што хотелска соба на само неколку часа ќе може да изнајмат оние што престојуваат во некој град покусо време, се транзитни патници и сл.

“Санчит сметаше дека тука има пазарен потенцијал, затоа што на луѓето често им е прескапо да резервираат соба за цел ден, а немаат реално потреба за тоа. Мене ми се виде интересна неговата идеја, неговата посветеност  и позитивна енергија ми беа фасцинантни и решив да му се придружам. Но, слабо ни одеше, по сè изгледа бизнис идејата не решаваше толкав проблем колку што ние мислевме. А, во меѓувреме, добивавме барање од невенчани или љубовни двојки да ставиме опција и за изнајмување соби специјално за ваков тип клиенти. Но, ние не им обрнувавме толку внимание, особено Санчит, кој што како роден Индиец, традиционално воспитуван, не можеше да прифати толку ‘авангардна’ идеја.“, вели Аризанов.
Во моментот кога  биле  тотално исцрпени, и финансиски и физички, за среќа добиле и инвестиција од 30.000 евра од страна на Аџај Накви, исто така Индиец, со богата меѓународна кариера во познати брендови како Cоca – Cola, Airbnb, итн., во тоа време стациониран во Романија. Тоа малку го подбутнало бизнисот нагоре, можеле да инвестираат малку повеќе во маркетинг и сл.,   но сепак ефектите никако не станувале повидливи. И кога веќе и парите од бизнис ангелот се потрошиле, Блаже повторно запнал да пробаат со поинаков концепт, да го почнат тоа со собите за двојки.

“По бурни расправии, натегања , и со Санџит и со Аџај, некаде во почетокот на минатата година почнавме со нов концепт, нов вебсајт, но со истото име. И повторно не одеше како што треба, сè до моментот кога Quartz ја објави сторијата за нас. Оттогаш, сè е како сон за нас. Сега имаме постојан пораст на побарувачката, хотели сами нè  бараат, добиваме покани за настап на разни конференции за стартапи и сл., но и многу предизвици се пред нас, затоа што добиваме и конкуренција, сега и други видоа дека има потенцијал за овој пазар. Периодов активно работиме да добиеме и инвестиција од некој венчр капитал фонд или бизнис ангел, затоа што ни се потребни посериозни пари ако сакаме бизнисот да има одржлив и стабилен раст“.


Strtup Indija  907 WEB 01Како Блаже од струмичко Борисово стана претприемач во Њу Делхи
“Индија ми отвори сосема нов поглед на животот“

Блаже Аризанов е неверојатно интересен лик. Со вечната насмевка и позитивната енергија што ја зрачи, не може да ве остави рамнодушни. Деновиве престојува во Македонија, по подолго време вратен од Индија да се види со блиските, а одвои неколку часа за Капитал, да ни ја раскаже својата приказна.
“Роден сум во земјоделско семејство и моите, за да не се мачам демек на нива, решија да ме пратат школо да учам, па завршив Економски факултет во Прилеп, некаде 2010 година. Бев солиден студент, испити полагав во рок, а бидејќи бев зачленет во меѓународната студентска организација AIESEC, сакав да искористам и јас од можностите за пракса во странство што се нудеа преку неа. Но, бев многу разочаран кога мојата апликација ја одбија околу педесетина европски  компании и организации“, вели Аризанов

Во меѓувреме бил  избран и за програмата за обука во една од македонските банки, која што требало да трае шест месеци, а тој  после првите три месеци  не ја поминав евалуацијата  и не добил можност да ја доврши обуката.

“Не се вклопував во корпоративните стандарди, нон – стоп нешто прашував, се бунев, едноставно, стрчев во средината. Моите кога дознаа се фатија за глава, ми рекоа, аман заман синко, вака ќе пропаднеш во животот, ги фати паника луѓето. За да се смирам малку отидов во Италија да поработам и да учам јазик неколку месеци, и тогаш добив покана за пракса во индиска компанија, преку AIESEC. Јас и претходно добивав покани за таму, но не им обрнував внимание, затоа што Индија ми се чинеше некако нестварно, премногу далеку, премногу предрасуди имав за оваа земја. Сега, бидејќи бев во една чудна ситуација, се чувствував отфрлен од ‘мојата Европа’, па си реков, ајде да видам што има во Индија“, се смее Аризанов.

Таму поминал една година во ИТ компанија на пракса, искуство што го опишува како катастрофално.

“Ниедно мое очекување не се исполни. Ниту квалитетна пракса добив, ниту менторство, ниту имав пари за да живеам некаков нормален живот, ништо. Потоа најдов работа со целосно работно време и плата во друга ИТ компанија, каде што предводев тим за дигитален маркетинг. Сега ми беше подобро, но ме тиштеа други работи. Просечна ИТ компанија во Индија изгледа мизерно: луѓето работат по 15 часа на ден, ниско платени, условите се како во некаков sweat shop. Моите морални принципи се косат со такво третирање на луѓето, и јас постојано нешто се бунев и добивав одговори дека таков е бизнисот, дека јас не може сè розево да гледам и сл. Сфатив дека тоа што јас сакам да го направам во смисла на бизнис, можам само преку сопствен стартап, и така решив да ја напуштам работата. Неколку месеци не работев ништо, шетав малку, трошев од тоа што имав заштедено, проучував источна филозофија, хиндуизам и будизам, бев на Тибет. Нивната филозофија ми отвори сосема нови погледи на животот, чувствував дека моето доаѓање во Индија мора да има некаква цел, дека јас едноставно не смеам да се вратам назад во Македонија без да направам нешто, а ни самиот сè уште не бев свесен што ќе биде тоа. Тогаш, есента, 2015-та,  го сретнав Санџит на една конференција за стартапи, тој ми ја презентираше идејата за StayUncle, енергиите некако ни се поклопија и тргнавме заедно на патешествието. И еве, јас с$ уште сум во Индија, StayUncle стана тоа што стана, а Господ знае што ќе се случува понатаму, хаха “.

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×