Земјоделскиот југоисток се бори против тешката рударска индустрија
Објавено на од во COVER STORY
Речиси третина од целото земјоделско производство во земјава е доведено во опасност со отворањето на рудниците за експлоатација на благородни метали во југоисточна Македонија. Три странски компании, од кои две веќе ги градат рудниците за вадење на злато, сребро и бакар, а едната допрва планира да побара таква концесија откако ги заврши геолошките истражувања, со процесот на преработка на рудата со лужење, односно екстракција на металите со цијанид или сулфурна киселина, може да предизвикаат опасно загадување на најголемиот земјоделски регион во земјава. Оваа стратегија е спротивна и на досегашните политики на Владата која во последните осум години „истури“ над 620 милиони евра за земјоделски субвенции, од кои се проценува дека најголем дел завршиле токму во југоисточниот регион како лидер во земјоделското производство. Граѓаните се мобилизираат и преку референдуми бараат да се запре влезот на тешката загадувачка индустрија во овој крај и предупредуваат на штетни последици врз животот. Во спротивно, антологиските стихови „очи бистри дојрански, уста зрела калинка“, ќе останат само празни зборови. 
^6525DED134113068A79A9265E0CF371454EA9A3154736750D6^pimgpsh_fullsize_distr

Ако прашате некого на што го асоцираат градовите Валандово и Гевгелија, прво нешто што му паѓа на памет се калинките или смоквите кои што успеваат само во овој крај. Земјоделството е основната економска дејност во југоисточниот регион.

Статистиката покажува дека дури 237,7 милиони евра изнесува бруто додадената вредност на земјоделството во југоисточниот регион, што значи дека тука се произведуваат 30% од сите земјоделски производи во земјава. Втор најголем земјоделски регион во земјава е пелагонискиот, каде што уделот на земјоделското производство е 19,5%.

Имајќи ги предвид статистичките податоци за земјоделското производство во југоисточниот регион, Државниот завод за статистика во својата годишна публикација по региони, наведува дека подрачјето на гевгелиско – валандовската и струмичко – радовишката котлина поради „богатата хидрографска мрежа, големиот број сончеви денови, климатското поднебје и поволните педолошки услови, се карактеризира како претежно земјоделски регион“.

Во публикацијата, исто така се наведува дека „квалитетното и обемно производство на раноградинарски култури, свеж зеленчук и овошје, како и индустриски земјоделски култури, овозможува развој на конзервно – преработувачка индустрија на земјоделски производи, по што овој регион е препознатлив“.

Но, неколкуте концесии за експлоатација на металични минерални суровини дадени во овој регион, се закануваат да фрлат црна дамка на идиличната слика за југоисточниот земјоделски крај.

Од три странски компании, две веќе имаат добиено концесии за експлоатација на металични минерални суровини, односно благородни метали како злато, сребро или бакар, а една допрва планира да побара таква концесија откако го заврши геолошкото истражување во југоисточниот регион.

Веќе три години канадската компанија Резервоар Минералис има концесија за детални геолошки истражувања на планината Кожуф, а неодамна одлучи да побара и концесија за експлоатација на злато и бакар. Меѓутоа, плановите на компанијата ги нарушија граѓаните на општина Гевгелија кои преку референдум се изјаснија против отворање на рудник на Кожуф.

Концесија да ископува благородни метали, злато и бакар, во Иловица, струмичко, во 2012 година има добиено компанијата Еуромак Рисорсес која што е исто така канадска, и е регистрирана на иста адреса со концесионерот на Кожуф.

Концесијата за експлоатација на бакар, злато и сребро, за период од 30 години, на локалитетот во валандовско Казандол, пак, ја доби украинската компанија Сардич МЦ која што на истото место гради и капацитет за преработка на рудата што спаѓа во категоријата Г1 – тешка и загадувачка индустрија.

Еколозите и експертите за животна средина предупредуваат дека отворањето на рудници за металични минерални суровини во овој дел од земјата ќе го загрозат еколошки чистото земјоделско производство.

Оваа стратегија на доделување концесии за експлоатација и преработка на благородни метали како злато и бакар на југоистокот, според експертите е спротивна и на неколкугодишната политика на власта на субвенционирање на земјоделството. Пресметките од завршните сметки на буџетите, покажаа дека само за програмата за финансиска поддршка на земјоделството, во последните осум години се издвоени 623 милиони евра, од кои се проценува дека голем завршиле токму во југоисточниот регион кој што е лидер во земјоделското производство во земјава.

Земјоделството и рударството не одат „рака под рака“

Експертите за животна средина, предупредуваат дека не постои ниту еден регион во Европа каде што има рудници за експлоатација на благородни метали со отворен коп и преработка на рудата со лужење, односно екстракција на металите со цијанид или сулфурна киселина. Според нив, развојот на земјоделството во таква околина е незамисливо.

Консултантот за животна средина, Столе Георгиев, вели дека „рударството и рудничките ископи сами по себе се најголеми еколошки жаришта бидејќи имаат опасни влијанија врз повеќе сфери на животната средина, врз воздухот, врз водите и врз почвите, и не случајно од дваесетината постоечки екололошки ‘жешки точки (hot-spots)’ идентификувани од Министерството за животна средина, околу петнаесетина од нив се постоечки рудници“.

„Во принцип секаде каде што има рудници или тешка индустрија, земјоделството е секогаш колатерална штета. Загадувањето најмногу се очекува од процесот на третирање на рудничкиот материјал со раствор од сулфурна киселина преку оросување (капка – по – капка) на рудничкиот материјал. Сулфурната киселина е една од најотровните и најкорозивните хемиски соединенија. Третирањето на рудничкиот материјал со сулфурна киселина има за цел да изврши хемиска обработка на рудничкиот материјал и преку хемиска реакција да дојде до екстракција на бакарот и другите елементи од рудата преку формирање на воден раствор бакарен сулфат, кој впрочем се користи и во земјоделството, но како заштитно средство (пестицид). Ваквиот раствор ќе оди понатаму во процес на електролиза за одвојување на бакарот од водниот раствор“, објаснува Георгиев, и додава дека со процесот на лужење, односно третирањето на рудничкиот материјал во Казандол со сулфурната киселина (иако ќе биде разредена), ќе доаѓа и до нејзино испарување, при што е можна појава на локална кисела роса, па дури и кисели врнежи.

Освен тоа, Георгиев објаснува дека „за процесот на електролиза и испирање на рудничкиот материјал ќе бидат потребни огромни количина на вода при што ќе дојде до зафаќање на околните реки и водотеци чии води ќе бидат вклучени во процесот“.

„Зафаќањето на водните текови ќе има влијание врз достапната вода за наводнување на земјоделските површини под рудничкиот зафат. А употребата на загадена вода во земјоделството може да доведе до уништување на миркофлората и микрофауната на земјоделските површини, но и загадување на земјоделските продукти со тешки токсични метали“, предупредува Георгиев и додава дека постои голем ризик и од недостиг на вода воопшто.

„Со минирањето (употребата на експлозивите), поради вибрациите многу често доаѓа до пореметување на режимот на подземните води. Постојат случаи на делумно или целосно пресушување на извори и бунари поради вибрациите од минирањето“, вели Георгиев.

Прашината која што се создава од ископот на рудата, како и растворите од сулфурна киселина и раствори од бордова чорба т.е. бакарен сулфат, според Георгиев, се потенцијална закана да ја загадат почвата.

Рудниците лоша реклама на земјоделството

Отворањето на рудник и капацитет за преработка на рудата, со сите потенцијални штетни последици е лош пи – ар за земјоделството.

„Има многу примери кога производите произведени во непосредна рудничка близина многу лошо се продаваат на пазарите. А овој крај е познат по земјоделското производство и од него опстануваат голем број на жители“, вели Георгиев.

Граѓаните од овој крај, стравуваат дека никој нема да сака да откупи земјоделски производи ако знае дека се одгледани во близина на рудник и капацитет за обработка на руда.

„Како што секој од нас до денес се уште прашува дали некој земјоделски производ е од велешко или не поради загадувањето од топилницата, така рудниците во нашиот регион ќе ни направат лоша реклама и ќе го загрозат и така лошиот пласман“, велат граѓаните.

Откако станаа се погласни барањата на граѓаните од југоисточниот регион преку референдум да се изјаснат дали одобруваат отворање на рудници во овој земјоделски крај, дел од концесионерите исто така почнаа да водат кампања дека „процесот на производство ќе биде еколошки безбеден без штетни емисии во атмосферата, подземните и површинските води“.

Од украинската компанија Сардич МЦ, во медиумите деновиве објаснуваа дека „опремата која ќе се инсталира е најсовремена“.

^3738DB8971CE5D67520D134CD8FA4AD729DFB9E50A641E3275^pimgpsh_fullsize_distr

Концесија за експлоатација на бакар, злато и сребро, за период од 30 години, на локалитетот во валандовско Казандол, доби украинската компанија Сардич МЦ која што на истото место гради и капацитет за преработка на рудата што спаѓа во категоријата Г1 – тешка и загадувачка индустрија

„Нема топење руда, туку се работи за безбеден затворен еколошки процес без емисии надвор. Нема испуштање на индустриски води. Во нашиот комплекс производниот процес е технолошки поврзан во циркулација на растворите кои ги добиваме со лужење на рудата. Лужењето е процес во кој се врши оросување на руда која е првично дробена, значи немаме прашина. Рудата се оросува со многу слаб раствор на сулфурна киселина по систем капка по капка со што се спречува испарување и се добива бакар сулфат од 0,15% како конечен продукт во хидролошки објекти, а тоа е синиот камен, којшто во земјоделството се користи како еколошки пестицид познат како бордовска чорба. И од тој раствор на бакар сулфат ги добиваме бакарните катоди со помош на електролиза. Растворот циркулира постојано“, изјави Бошко Сибиновски од компанијата Сардич МЦ.

Меѓутоа, консултантот за животна средина Георгиев, вели дека без оглед на гаранциите што ги даваат на хартија инвеститорите, фразата “ќе се исполнат сите европски директиви“ не гарантира дека навистина ќе се исполнат сите директиви, и го посочува примерот со рудникот во Јегуновце каде на концесионерите им биле дадени неколку рокови за исполнување на обврските за на крај да се издаде наредба за затворање на погонот во Јегуновце.

Според него, голем е и ризикот од несреќи или хаварии, особено кога станува збор за сеизмички активно подрачје како Валандово каде што честа е појавата на земјотреси.

„Складирањето и доставата на сулфурната киселина (концентрирана) секогаш е ризична операција, бидејќи ќе биде на дневна или неделна основа, што значи дека барем најмалку еднаш неделно по патиштата до рудникот ќе се движи „темпирана бомба“.

кладирањето на сулфурната киселина во близината на рудникот е исто така потенцијална опасност која може да предизвика тешки последици во непосредната близина при евентуално изливање“, предупредува Георгиев.

Гевгелија против, Валандово бара референдум

На првиот референдум во југоисточна Македонија, кој што се одржа во неделата во Гевгелија, граѓаните хорски во еден глас се изјаснија против отворање на рудници од тешката загадувачка индустрија. Дури 99,1% од граѓаните на прашањето „Дали сте за или против отворање рудници за метални минерални суровини на територијата на општина Гевгелија?“ заокружија „против“, и со тоа искажаа недоверба кон државните институции кои што се обидуваат да гарантираат дека рудниците нема да имаат штетни последици врз животната средина.

Од иницијативата Спас за нас од Гевгелија, по успехот на референдумот изјавија дека општината ја одбранила својата иднина. Тие објаснуваат дека со начинот на кој било поставено прашањето, на територијата на Гевгелија и во иднина веќе нема да може да се бара концесија ни за геолошки испитувања, а камоли за експлоатација на земјиштето за вадење метални суровини.
Според нив, одлуката донесена од референдумот на кој се изјаснуваа граѓаните на Гевгелија е задолжителна бидејќи истиот бил одлучувачки а не консултативен.

На референдумот му претходеше подолга кампања, во која се вклучија речиси сите советници од Советот на општината, без оглед на нивната партиска припадност, а градоначалникот Иван Франгов, непосредно пред одржувањето на референдумот изјави дека „нема некој нормален што би дал таква концесија“.

„Едно е концесија за детални геолошки истражувања, а друго е за експлоатација. Ние со овој референдум го стопираме процесот уште на самиот почеток. Кога некој условно би побарал концесија за експлоатација, во старт мислењето на општината ќе биде не и негативно. Ние имаме компаративни предности, за многу повеќе вработувања во многу други гранки и области. И 30 години некој рудник да плаќа надоместоци за концесија за потоа илјада години Гевгелија да биде иселена и завиена во црно, не ни треба“, рече Франгов пред гевгелиските советници.

Во исто време, иницијативи за распишување на референдум има и во Валандово и во Богданци, бидејќи според одлуката објавена во Службен весник, локалитетот Казандол ги опфаќа трите околни општини, Валандово, Богданци и Дојран.

Иако овој рудник е веќе во изградба и според проценките на инвеститорот, веќе една третина од инвестицијата е реализирана, граѓаните велат дека битката против отворањето на рудникот Казандол и капацитетот за преработка на рудата трае одамна, уште од кога е и дадена концесијата за експлоатација. Одлуката во Службен весник е објавена во февруари 2015 година, потпишана од тогашниот премиер на државата, Никола Груевски.

Локалното еколошко друштво во Валандово во неколку наврати реагирало и до Советот на општината, и кај градоначалникот, а испратиле забелешки дури и до Министерството за транспорт и врски и Министерството за животна средина, но наишле на молк кај институциите.

Интересно е што во последниот Локален акционен план за животна средина (ЛЕАП) на општината Валандово од 2009 година, потпишан од градоначалникот Николче Чурлиновски, е утврдено дека оваа општина е еколошки чиста со основна дејност земјоделство и во неколку наврати, оваа стратегија се залага за развој на квалитетно земјоделско производство вклучувајќи и поттикнување на органското производство. Иако се спомнува рудникот Казандол како потенцијално место за експлоатација на бакар, во оваа програма не е предвиден капацитет за преработка на рудата, односно технолошкиот процес кој што е најризичен и спаѓа во Г1 – тешка и загадувачка индустрија.

Земјоделците од овој регион велат дека правилата за органско земјоделско производство се дотолку строги, што забрануваат во радиус од 50 километри да има депонија, а камоли рудник или капацитет за преработка на руда.

Од иницијативата Спас за Валандово која што од неодамна бара општината да распише референдум, информираа дека разговарале со сите советници во Советот на општината, итно да закажат седница со единствена точка на дневниот ред – распишување на референдум за отворањето на рударски комплекс.

„Како граѓанска иницијатива, сметаме дека е неопходно граѓаните да го кажат своето мислење, и да го дадат својот глас за или против отворање на рудник во општината. Согласни бевме со повеќето од советниците, дека станува збор за прашање од заеднички општ интерес. Сведоци сме на тоа колку погрешните политики можат да бидат штетни по населението, особено по малите места. Ние сметаме дека отворањето на рударски комплекс ќе биде погубно за иднината на општина Валандово. Ова е прашање кое не може да биде затворено од неколку луѓе зад затворени врати, затоа што Валандовската котлина, климата и еколошки чистата средина ни е дадена од генерациите пред нас, но ни е позајмена од генерациите кои доаѓаат. Затоа мора да се слушне гласот на секој од нас, до последен“, информираа од иницијативата Спас за Валандово.

Но, професорот од Правниот факултет, Борче Давитковски, вели дека во овој случај референдумот би бил пост фактум оти концесијата е веќе доделена на инвеститорот, и каква било одлука нема да има правни последици.

„Сепак постојат правни механизми со кои што може да се бара запирање на изградбата на капацитетот за преработка на руда во валандовско. Може да се бара раскинување на договорот за концесија, или изземање на капацитетот за преработка од договорот. Концесиите за минерални суровини ги дава Владата, односно Министерството за економија, а општините во овој случај се само консултирани“, истакна Давитковски.

Без оглед на правното дејство, експертите оценуваат дека гласот на граѓаните мора да се почитува кога станува збор за носење одлука за влез на оваа индустрија имајќи ги предвид сите потенцијални ризици.

„Ризици за животната средина од отворањето на рудници и капацитети за преработка на рудата со лужење при што се употребува сулфурна киселина, секако дека има. Прашањето е колку сме ние сериозна држава овие ризици да ги сведеме на минимум. Од друга страна, сосема легитимно е барањето на граѓаните, особено од југоисточниот регион кои се занимаат претежно со земјоделство, на референдум да се изјаснат дали се за или против влезот на оваа индустрија на нивна територија. Во Валандово рудникот веќе се гради, што значи дека некој од општината дал позитивно мислење за тоа, а дали било консултирано локалното население е друго прашање“, изјави за медиумите поранешниот декан на Рударско – геолошкиот факултет во Штип, Тодор Делипетров.

Богатството за концесионерите, за државата трошки

Над 280 приватни фирми имаат добиено концесии за минерални суровини и годишниот надомест што го плаќаат изнесува 1 милион евра, покажаа податоците од Министерството за економија што ги објави Центарот за граѓански комуникации.

Во оваа база на податоци ги има сите 378 тековни договори за концесии за детални геолошки истражувања и за експлoатација на минерални суровини заклучно со крајот на 2015 година . Концесиите се издадени за 73 видови на минерални суровини на површина од околу 390 километри квадратни.

За користење на минералните суровини компаниите плаќаат по две основи. Првата е годишен надомест за издадени концесии кој за сите активни концесии изнесува 1 милион евра на годишно ниво. Втората основа е дефинирана со Тарифникот за утврдување на висина на надоместоци и според него компаниите плаќаат за количините на експлоатираните суровини кои се поделени во пет категории (енергетски минерални суровини, металични минерални суровини, техногени минерални суровини, неметалични минерални суровини и вода) и за нив се плаќа по тон, процентуално од пазарната вредност или во апсолутен износ.

Согласно Законот за концесии концесискиот надоместок изнесува 2% од вредноста на металот, а овој износ потоа се распределува на два дела при што едниот дел од надоместокот се насочува во општинската каса каде што одат 78%, а 22% одат во државниот буџет.

Експертите коментираат дека ова е сосема мал процент на концесиски надомест што го плаќаат компаниите на државата…

 

ЦЕЛАТА СТОРИЈА ОД НАСЛОВНАТА НА МАГАЗИНОТ КАПИТАЛ МОЖЕ ДА ЈА ПРОЧИТАТЕ ВО ПЕЧАТЕНОТО ИЗДАНИЕ ВО ПЕТОК, 28.04.2017 ГОДИНА

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×