Знак прашалник за спроведливоста на Преспанскот договор без датум за преговори со ЕУ
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА
Целосната имплементација на нашите обврски во Преспанскиот договор е врзана со пристапниот процес во Европската Унија. Постои поврзаност меѓу спроведувањето на Договорот и отворањето и затворањето на поглавјата за интеграција, порачаа вчера премиерот Зоран Заев и шефот на дипломатијата Никола Димитров откако земјава не доби датум за почеток на преговори со Европската Унија.
17.6.prespanski-dogovorВо интервју за „Јуроњуз“ на грчки јазик премиерот Заев рече дека одредени членови од Договорот од Преспа се поврзани со отворањето на поглавјата во процесот на пристапни преговори на Северна Македонија со ЕУ.
„Постои поврзаност меѓу спроведувањето на Договорот и отворањето и затворањето на поглавјата за интеграција. Особено за внатрешна употреба за некои случаи. Постои поврзаност, бидејќи нашите пријатели Грците прифатија дека можеме да го сториме тоа поради иднината што Северна Македонија ја има во Европската Унија. И во овој контекст, не постои можност за имплементација на Договорот од Преспа. Дел од него ќе се замрзне, бидејќи не е можно негово спроведување. Ќе се обидеме да имплементираме некои одредби, но двете се меѓусебно поврзани, бидејќи процесот на ротација на поглавјата значи дека ќе го предадеме нашиот национален суверенитет на Европската Унија“, рече Заев во интервјуто во кое истакнува дека за земјава не постои друга алтернатива освен ЕУ и дека европската перспектива е единствениот пат.
И министерот Димитров вчера на седница на собраниската Комисија за  европски прашања рече дека Преспанскиот договор не може да се комплетира целосно ако сме вон пристапниот процес кон Унијата.
„Во Преспанскиот договор целосната имплементација на нашите обврски е врзана со пристапниот процес во Европската Унија. Во однос на веќе постоечките внатрешни документи и материјали, нашите обврски почнуваат и завршуваат во рок од пет години од отворање на поглавјата“, подвлече Димитров.
По интервјуто на Заев со писмена изјава се огласи министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, според кого „господинот Заев уште еднаш ги искористи проблемите што ги содржи  Договорот од Преспа“.
Шефот на грчката дипломатија напиша дека Грција има цел преку европскиот пат да ги реши проблемите и да ги ублажи негативните последици од Договорот, додавајќи дека  тие ќе продолжат тесно да го следат „целосното исполнување на обврските на соседите“.
„Господинот Заев уште еднаш ги искористи проблемите што ги содржи во Договорот од Преспа, кои што ги знаевме и за кои предупредувавме. Договорот веќе даде резултати и Северна Македонија ги користи бенефициите бидејќи е отворен патот кон НАТО. Нашата цел е преку европскиот пат да ги решиме проблемите и да ги ублажиме негативните последици од договорот. И за таа цел, ние ќе продолжиме тесно да го следиме целосното исполнување на обврските на соседите, наведе Дендиас во изјава објавена од неговата политичка канцеларија“.
Во врска со  Преспанскиот договор (потпишан  на 17 јуни 2018, со кој беше решен речиси тридеценискиот спор со Грција за името на нашата земја) портпаролката на Европската комисија Маја Коцијанчич на прашања од грчки медиуми во Брисел порача дека ЕУ е уверена дека Скопје и Атина ќе продолжат да го почитуваат.
Нејзината реакција следуваше по изјавите на премиерот Зоран Заев дека Преспанскиот договор е во опасност по француското вето за почеток на преговори за Македонија со ЕУ. Прашана дали ЕУ „стравува“ за Договорот од Преспа, Коцијанчич изјави дека нема да коментира туѓи коментари.
„ЕУ силно го поздрави Преспанскиот договор кој претставува значаен успех и поставува позитивен пример не само за регионот, туку за ЕУ и пошироко, ги поздравивме храброста и решителноста на двете инволвирани страни и веруваме дека властите ќе продолжат да се заложуваат и да го имплементираат во дух на доверба“, изјави портпаролката на Европската комисија.
Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, судбината на Преспанскиот договор ќе зависи од резултатите на изборите.
Во интервју што вчера го објави белградскиот весник „Политика“ тој рече дека ако имаат двотретинско мнозинство и пратеници од другите етнички заедници, „се отвора можност за враќање чекор наназад, во спротивно не чека многу работа“.
„Македонија мора да се врати на брзата лента до моментот за полноправно членство во ЕУ, па тогаш однатре ќе мора да ги коригираме грешките“, рече Мицкоски, додавајќи дека негов концепт е „не на антиквизацијата и не на севернизацијата, туку враќање на македонизмот во Македонија“.
За Преспанскиот договор се осврна и грчкиот весник „Етнос“, кој во онлајн-анализа пренесува дел од пораките од Атина до Скопје откако не е даден датум за почеток на преговори на земјава со ЕУ:  да не се драматизира ситуацијата, европската перспектива и понатаму е на маса, Скопје да продолжи со реформите и да се почитува Договорот од Преспа бидејќи во спротивно можно е и грчко вето.
„Атина го критикува француското „не“ за почетокот на пристапни преговори, но со интерес го слуша (и во голема мера го дели) барањето на Франција за измени во методологија и процесот на проширување“, пишува „етнос.гр“ во однос на грчките позиции и додава дека Атина јасно става до знаење дека нема да се меша во внатрешните случаи на Северна Македонија.
Паралелно го повикува северниот сосед да остане на патот на реформи. Разјаснува дека веројатно враќање назад од страна на која и да било нова влада на Северна Македонија за името ќе ја доведе во прашање европската перспектива на соседната земја.
„Ветото во таков случај нема да доаѓа само од Французите (Холанѓаните и Данците), туку и од Грција“, пишува „Етнос“.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×