Зошто некогашниот бизнис херој мораше да избега од Јапонија скриен во кутија за звучници
Објавено на од во Компании

 

Image: FILES-FRANCE-GHOSN-PORTRAITНеверојатната приказна на Карлос Гон, бившиот шеф на Рено – Нисан

На 30 декември 2019 година, Карлос Гон, поранешниот славен шеф на автомобилскиот гигант Рено – Нисан, направи потег вреден за снимање на трилер. Тврдејќи дека не може да му верува на јапонскиот правосуден систем што го обвинува за милионски затајувања данок, тој побегна на начин што сè уште го анализираат сите големи светски медиуми. Во операцијата беше вклучено и патување со јапонски супербрз воз; престој во хотел кога во него бил и Шинзо Абе, јапонскиот премиер; превоз до аеродромот во кутија за звучна опрема (дупки за воздух биле направени на дното); трансфер во Истанбул во драматично возење со лимузина помеѓу авионите по најголемиот аеродром во светот; за да на крајот ссе заврши со средба со либанскиот претседател Мишел Аун и спектакуларна прес-конференција ден потоа.

 

 

Кога ќе поканите луѓе на забава, тие велат „можеби“, но кога ги каните на забава во Версај, тие сигурно ќе се појават на вратата – вака ја објасни во октомври 2016 година за магазинот Town & Country својата екстраваганција, една од првите, Карлос Гон, тогашниот шеф на една од најголемите глобални корпорација за автомобили Рено-Нисан. Навистина, во стилот на Марија Антоанета, костимираната вечера во чест на новата сопруга Керол, чиј педесетти роденден се славеше, беше придружена со орда на папараци, кои од лице место скапо ги продадоа своите фотографии на светските таблоиди. Проблем: сметката за вечерата стигна во Рено.
Пред еден месец, Гон се запозна со Џон Лешер, познат холивудски продуцент („Birdman“) во својот изнајмен стан во богато кварт на Токио, за да разговара околу можноста за правење филм врз основа на неговата животна приказна. Слично како во филмот „Red corner“ на Џон Авнет од 1997 година, во којшто глуми Ричард Гир како американски бизнисмен кому е наместена афера во Кина, сценариото сега би ја следело одисејата на Гон, според него, политички и корпоративно режирана од јапонското судство. Но, Гон и Лешер не се договорија.
Неполн месец подоцна, Гон направи нов потег вреден за снимање на трилер. Тој побегна на начин што сè уште го анализираат сите големи светски медиуми, при што беше вклучено и патување со јапонски супербрз воз, престој во хотел кога во него бил и Шинзо Абе, јапонскиот премиер, превоз до аеродромот во кутија за звучна опрема (дупки за воздух биле направени на дното), трансфер во Истанбул во драматично возење со лимузина помеѓу авионите по најголемиот аеродром во светот, на крајот с$ се заврши со средба со либанскиот претседател Мишел Аун и спектакуларна прес-конференција ден потоа.
Гордост на либанската дијаспора
Во Либан, каде што поминал поголем дел од раната младост, Гон го слават како најуспешен член на дијаспората, еден од оние што глобално ја прославија нацијата. На крајот на 2018 година, еден ден откако тој првпат беше уапсен во Јапонија под обвинение за „креативно водење на деловните книги на Нисан“, точно една година откако Рено-Нисан стана најголем производител на автомобили во светот, а тој се повлече од својата извршна директорска позиција во Нисан (остана претседател на компанијата), неговите пријатели го преплавија Бејрут со џамбо плакати на коишто беше испишана пораката „Сите ние сме Карлос Гон“.
Во официјалната биографија додуша пишува дека Карлос Гон е „француски бизнисмен со либанско потекло роден во Бразил“, но во Либан семејните корени не се забораваат лесно. Неговиот дедо Бичара Гон, маронитски католик, во раните тинејџерски години емигрирал од тогашниот француски Либан. Отпатувал со брод, со еден мал куфер во рацете, му раскажал на еден од своите биографи Карлос, чие средно име Бичара е додадено во чест на неговиот дедо. Тој започнал бизнис со гума во Порто Вељо, денес главниот град на бразилската држава Рондонија. Успеал да се збогати и водел неколку успешни компании во областа Амазонија. Во Порто Вељо се родил неговиот син Хорхе, таткото на Карлос. Хорхе се запознал со мајката на Карлос Роуз, родена во Нигерија, за ​​време на една од семејните посети во Бејрут, каде што таа студирала. Карлос е роден во 1954 година во Порто Вељо, но откако наполнил шест години, затоа што лошо ја поднесувал тропската клима, семејството се преселило во Либан, по совет на лекар.
Како и многу франкофонски Либанци од богати семејства, Карлос отишол во Париз да студира. И таму, по дипломирањето на престижниот Ecole de Mines, инаку расадник на глобални менаџери, почнува неговата кариера, секогаш поврзана со автомобилите.
Првин се вработил во Мишелин, потпомогнат од семејните врски во индустријата за гума. На триесет години веќе бил шеф на операциите на Мишелин во Јужна Америка. Живеел во Рио и му рапортирал директно на корпоративниот шеф Франсоа Мишелин, којшто му го доверил преструктуирањето на бразилскиот бизнис, во тоа време силно погоден од хиперинфлацијата. Гон успеал во тоа преструктуирање. Го преместиле во САД, каде што наскоро станал извршен директор за американскиот континент.
Од Мишелин во 1996 година тој заминува во свежо приватизираниот Рено, прво како шеф на набавки и развој, но и на корпоративниот бизнис во Аргентина, Бразил, Парагвај, Уругвај и Венецуела. Учествувал во преструктуирањето на Рено и во создавање на алијансата Рено – Нисан. Кога Рено се стекна со 36,8% од акциите во Нисан во 1999 година, Гон бил испратен во Јапонија да ја води компанијата, како четврти странец во историјата на Јапонија што дошол да предводи голема автомобилска компанија (останатите тројца се Марк Филдс, Хенри Валас и Џејмс Милер , коишто пристигнаа од Форд на чело на Мазда).
Карлос Гон2

Карлос Гон додека го напушта притворот во Токио во април 2019 година.

„Убиец на киретсу“
Ако некаде треба да се бара причината за можниот заговор против Карлос Гон (со којашто тој го објаснува своето бегство од Јапонија и јапонското судство), тогаш тоа е неговиот начин на преструктуирање на Нисан. Тој се оглушил на јапонските деловни традиции, го укинал напредувањето во кариерата базирано на возраста, отпуштил значителен број работници, и ја демонтирал „киретсу“ мрежата на Нисан – формирана од стални добавувачи во којашто претходно не се чепкало. Во Јапонија го нарекле „убиец на киретсу“. И тогаш, згора на с$, во корпорацијатаго укинал јапонскиот како службен јазик и наредил во управата да се комуницира на англиски. Ова го повторил и кога станал извршен директор на Рено во 2005 година, но ја задржал функцијата шеф на Нисан. Тој бил првиот голем менаџер кој истовремено стоел на чело на две компании од списокот на Fortune Global 500.
Тогаш бил повикан од Форд да ја води компанијата, но како вработен на Бил Форд, кој би останал претседател на групацијата. Гон одбил затоа што Форд не сакаше да му го даде претседателското место заедно со извршната функција. Во Јапонија, во меѓувреме, се здоби со статус на ѕвезда, особено откако по катастрофалниот земјотрес и цунамито во Фукушима во 2011 година ја врати сериозно оштетената фабрика за автомобилски мотори во функција пред зацртаниот рок.
Иако „гаиџин“, како што Јапонците со омаловажување ги нарекуваат странците кои живеат во Јапонија, Карлос Гон стана социјална институција, „општо признаена големина“ како Стив Џобс, Бил Гејтс, Ворен Бафет, или од поново време, Елон Маск. Царот Акихито пред седум години му го врачи медалот „Сина лента“, затоа што го спаси Нисан од долгови. Тој беше првиот странец што го доби ова царско одликување. На улица му бараа автограми. Во книжарниците се продаваше манга – стрипот „Вистинската приказна за Карлос Гон“, каде беше прикажан како мистериозен херој од далечна земја. Во меѓувреме, Либан го стави неговиот лик на поштенска марка.
Големото бегство
Истата таа 2011 година, меѓутоа, тој се соочи со својата прва голема афера во Франција, кога тројца извршни директори на Рено (што подоцна се покажа за неточно) беа обвинети за индустриска шпионажа во корист на конкурентите, коишто наводно, ги снабдувале со плановите на Рено за развој на електрични возила. Тој мораше да се извини, но не само поради тоа, туку и за неговите огромни бонуси што не им се допаѓаа на акционерите. Очигледно неволно, тој ѝ врати на компанијата 1,6 милиони евра, претежно во акции, но француската јавност бараше (и доби) зголемување на транспарентноста на финансиските надоместоци на највисоко платените менаџери во земјата.
Кога беше приведен на аеродромот „Нарита“ во Токио при враќањето од Бејрут седум години подоцна, на 19.11.2018 година, тој имаше резервирано вечера со своите ќерки во еден од рестораните во Токио, на којашто не се појави.
На семејството на аеродромот му објаснија дека авионот на Гон, Галфстрим за 12 лица, доцни. Кога Маја Гон, една од ќерките, им ја отворила вратата од семејниот стан на полициските иследници што дошле со налог за претрес, Гон веќе бил во притворската самица. Инспекторите останале шест часа, но наводно не пронашле ништо инкриминирачко во спартански уредениот стан, по деталното пребарување. Го ослободија по пет месеци затвор, со кауција од девет милиони долари (една милијарда јени), но и со забрана да го напушта Токио. Тој мораше да носи нараквица за следење, но беше приведен во притвор еден месец подоцна, откако објави дека ќе одржи прес-конференција на којашто, „подготвен да ја каже вистината, ќе ѝ објасни сè на јавноста“. Немаше конференција. Три дена претходно, вонредното собрание на акционерите на Нисан објави дека Гон повеќе не е претседател на Надзорниот одбор и дека отказ добил и неговиот помошник, Грег Кели.
За извршен директор на компанијата беше назначен претседателот на Рено, Жан – Доминик Сенард. Тоа беше сигнал за работењето на Гон повторно да се најде под истрага и во Франција.
Гон остана во притвор до крајот на април минатата година, кога беше пуштен да се брани од слобода, со строго ограничено движење. Претежно тој не ја напушташе куќата. Рестриктивните мерки беа укинати на 29 декември. Неколку часа подоцна веќе беше во возот кон Осака, на пат кон аеродромот Кансаи. Влезе во хотел на аеродромот (каде што во тоа време, наводно, бил и премиерот Шинзо Абе), но никој не го видел како излегува. Кутиите со звучници, истуркани од двајца мажи кон еден приватен авион што чекаше да полета за Истанбул, никој не ги провери. Следниот ден се појавија вести дека Гон исчезнал.
36 nОбвиненија за непријавени приходи и необјасниви трошоци
Го преструктуираше Рено, го спаси Нисан од долговите и ја создаде најголемата светска автомобилска корпорација. Зошто Карлос Гон е најбараниот бегалец во светот денес? Покрај тоа, тој е еден од ретките бегалци со позната адреса, живее во семејната куќа во Бејрут. Но, Либан не ги екстрадира своите државјани на други држави, дури и кога има договор за екстрадиција со нив, што не е случај со Јапонија.
Јапонскиот закон е јасен. Гон, тврдат обвинителите, пропуштил да пријави приход од осумдесет милиони долари меѓу 2010 и 2014 година. Затајувањето, пренесоа медиумите таму, започнало во 2009 година, кога Јапонија побарала од корпорациите јавно да ги објават сите финансиски надомести на своите шефови. Тогаш признатиот приход на Гон се преполовил. Освен тоа, Гон го сомничат и за изневерување на довербата на акционерите, затоа што наводно користел повеќе странски корпорации за да извлече дополнителни 5 милиони долари од Нисан на свои сметки. Од една од тие сметки тој платил за приватна јахта, а од другите помогнал да се формира фонд за инвестиции во технологија, управуван од неговиот син Ентони.
Гон е под истрага и во Франција, каде што на правосудните органи е пријавен од страна на Рено, под сомнение дека „некои од неговите трошоци може да се толкуваат како проблематични со што свесно се прекршиле етичките принципи на Групацијата“. Еден од ревизорските наоди нарачан од групата Рено – Нисан открил необјасниви трошоци од 10,9 милиони евра преку подружницата во Амстердам. Наодот беше доставен до канцеларијата на францускиот државен обвинител во јули. Францускиот државен врв помина цела година под силен притисок на анти – корпоративните радикални активисти од левицата и од десницата, па така Гон тешко дека може да очекува каква било поддршка од државата. Неговите односи со Емануел Макрон, но и со поранешниот француски претседател Никола Саркози, можат да бидат опишани само како „кисели“.
„Херој“ од потерницата на Интерпол
Во меѓувреме, Гон не се повлекува од тврдењето дека за неговото апсење и за целиот „кафкијански“ процес, како што вели, е актуелната управа на Нисан којашто не е способна да ја задржи компанијата на ниво на коешто тој ја остави. Бројките на Нисан паѓаат, тие мора да го пронајдат виновникот, рече Гон на спектакуларната прес-конференција, на којашто во Бејрут слетаа еден куп известувачи од светските медиуми пред десетина дена.
Исто така, тврди Гон, обвинувањата дека тој не ги пријавил целосно своите приходи, не може да бидат додека не се докажат, причина за тој да биде држен во притвор со месеци.
Неговата теза е дека сите обвиненија против него денес се со цел да се запре можното спојување на Рено и Нисан во една компанија. Тој самиот, иако беше вклучен во создавање на заедничката групација, компаниите и нивниот бизнис ги држеше одвоени од самиот почеток, иако лично беше највисок менаџер на Рено – Нисан.
Она што тој не може да го оспори е неговиот империјален пристап кон корпоративното управување, каде што резултатот е мерен преку поголемиот обем на производство, поголемата вредност на акциите, и побогатиот финансиски бонус за корпоративниот врв, а често на штета на значителен број вработени, дури и цели градови каде се затвораа погони во преструктуирањето. Тоа што сметаше дека е природно компанијата што ја води или некој на кого попатно му помогнал финансиски, повремено да ја финансира неговата лична склоност кон екстраваганција и луксуз, што несомнено беше костимираната гала вечера во Версај – нема да му помогне во судницата или пред очите на јавноста на која што тој се обидува да ѝ се оправда. Во Либан, тој и понатаму ќе биде богат херој од дијаспората, но сега херој од потерницата на Интерпол. За негова среќа, Бејрут е богат и динамичен град.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×