1 ноември, 2025
3 mins read

Зошто работниците бегаат од Македонија? Плати, продуктивност или ВИ – како да се реши проблемот со недостигот од кадар?

Панел дискусија -„Плати, инфлација, пазар на трудот, продуктивност и ризици: Колку е опасен циклусот?’, која се одржа во рамките на конференцијата „Back to Business“, во организација на „Блумберг Адрија“.

Следат тектонски промени во последните години. Излезот од кризата, која е глобална кога станува збор за недостигот од кадар, треба да се бара во зголемување на продуктивноста, а во тој контекст од помош ќе биде вештачката интелигенција. Ова го заклучија говорниците на панел-дискусијата „Плати, инфлација, пазар на трудот, продуктивност и ризици: Колку е опасен циклусот?’, која се одржа во рамките на конференцијата „Back to Business“, во организација на „Блумберг Адрија“.

На овој добро дефиниран и организиран Панел, беше забележано дека, проблемот со недостигот од работа сила во земјава е структурен. „Со години ни се случува депопулација“, прецизно забележува Никица Мојсоска-Блажевски, извршна директорка на „Македонија 2025“, и додава дека „пописот од 2021 година ни докажа дека не сме толку колку што мислевме дека сме“. 

Македонските состојби сугерираат дека од една страна земјата се соочува со намален наталитет, а од друга страна со иселување (македонските граѓани се мигранти), кое не престанува. Ова е сѐ поголем проблем затоа што луѓето веќе не се иселуваат само од економските причини како порано, туку поради квалитетот на животот, поради образованието, здравството, инфраструктурата … Ова е суровата стварност со која македонското општество никако да се соочи.

„Податоците покажуваат дека секој петти високообразован човек живее надвор од државата, и тој процес нема да престане. Половина од жените се надвор од пазарот на трудот, а четвртина од младите не знаеме каде се. Ги нема ниту во образовниот систем ниту на пазарот на трудот“, вели Мојсовска Блажевски.

Според Мојсовска Блажевски, потребни се неколку клучни промени за да се вратат луѓето на пазарот на трудот. Треба да се менува системот на социјална заштита, кој ги демотивира луѓето да се вклучат на пазарот на трудот поради надоместоците што им ги исплаќа државата, а мора да се менува и системот на образование, затоа што на работниците им недостигаат вештини. 

Главниот извршен директор на „А1 Македонија“, Методија Мирчев смета дека тој систем е фабрика за кадар, а создава работници чии вештини не одговараат на пазарот на трудот.

Мирчев забележува: „Ние сакаме да ги гледаме работите на поубав начин, а имаме и квалитативен и квантитативен проблем. Стапката на невработеност не е мала, а немаме кадар. Образовниот систем е суштинскиот проблем, затоа што работи по инерција и создава кадар што не е потребен. Проблем е и јавната администрација, каде што се вработени 25%, што е за десетина проценти поени над европскиот просек. Следен проблем се фриленсерите. Тоа се млади луѓе со високи компетенции, кои за нас се недостапни затоа што работат на странските пазари“. 

Решението треба да се бара во флексибиноста и вложувањето во вработените! 

Зоран Малиновиќ, управител на „Волт драјв“ објаснува дека флексибилноста на работното време е еден од начините за надминување на проблемот со недостигот од работен кадар.

„Не сме имуни на проблемот, но наоѓаме начини за решавање на ситуацијата преку транспарентна комуникација со нашите работници. Нудиме флексибилност. Куририте можат да избираат дали ќе работат полно работни време или неколку часа во текот на денот, дали тоа ќе им биде дополнителна работа, и тоа нѐ прави поатрактивни“, вели тој.

Огњен Лазиќ, генералниот директор на „Пивара Скопје“, смета дека компанијата може да понуди сигурност, да понуди бенефиции повеќе од други, но, освен тоа, се обидува и да ги насочува вработените да ги подобруваат своите квалификации и да се развиваат. 

„Ние имаме повеќе академии преку кои работниците ги подобруваат своите компетенции. Работните места се менуваат и затоа е важно работниците да имаат лична мотивација да се усовршуваат“, вели Лазиќ.

Македонската просечна плата е најниска во регионот!

Македонската просечна плата е најниска во регионот, но висината на платата не е проблемот, вели Мојсоска-Блажевски. 

„Платата треба да се зголемува како што расте продуктивноста, затоа што таа е награда за продуктивноста. Растот на минималната плата не помага, тоа е инструмент на државата да го заштити стандардот, затоа таа е индексирана. Од друга страна, нашата продуктивност е 30% од европскиот просек. Затоа, најдобар начин да им се помогне на вработените е да се зголеми продуктивноста преку подобрување на нивните вештини и преку инвестиции во опрема и машини“, вели таа. 

Според Лазиќ, пак, нестабилноста е клучниот проблем во последните години и затоа компаниите мора постојано да се приспособуваат. 

„Работата е дали ја гледате чашата како полуполна или полупразна. Мора постојано да се приспособувате, има времиња кога луѓето сакаат да патуваат, потоа има времиња кога нема да патуваат и ќе седат дома и ќе пијат пиво. Затоа ние мора да се приспособуваме и да инвестираме. Нашиот план е инвестициите во следниот период да бидат со двоцифрени стапки за да бидеме подготвени доколку се случат нови неизвесности“, вели директорот на „Пивара Скопје“.

Од друга страна, на Панелот беше кажано дека вештачката интелигенција може да биде едно од решенијата за зголемување на продуктивноста, но и за намалување на проблемот со недостигот од работна сила. 

„На вештачката интелигенција треба да се гледа како на можност за зголемување на продуктивноста, а не како на алатка што ќе ги замени луѓето. Сепак, во еден дел ќе има директна супституција на вработените, особено кога станува збор за репетициски задачи, кои стануваат сѐ поскапи. Вештачката интелигенција, особено во иднина, ќе се применува во кол-центрите“, вели Мирчев.

Но, учесниците на Панелот на „Блумберг Адриа„ сметаат дека вештачката интелигенција нема да може да ги реши сите проблеми и во многу области нема замена за човечкиот пристап.

Редакција Капитал

Редакција Капитал

...само идејата е Капитал, а сè друго е пари...

Напишете коментар

Your email address will not be published.

оди наВРВ