17 август, 2026
5 mins read

Дон Кихот од Белата куќа: Војната на Трамп против ветерниците

Сите се сеќаваме на романот „Дон Кихот“ на шпанскиот писател Мигел де Сервантес, кој ги раскажува авантурите на самопрогласениот витез Дон Кихот од Ла Манча и неговиот верен придружник Санчо Панса.Во една од најпознатите сцени, Дон Кихот ги напаѓа ветерниците, убеден дека пред него стојат опасни маѓепсани џинови.

Претседателот на САД, Доналд Трамп оди чекор понатаму: користи извршни наредби, федерални институции и милијарди долари во спогодби за ветерните проекти навистина да исчезнат.

Најновиот пример е договорот со германската компанија RWE. Компанијата постигна спогодба вредна 1,22 милијарди долари со американското Министерство за внатрешни работи и ќе се откаже од три федерални закупи за развој на ветерни паркови на море во близина на Њујорк, Калифорнија и Луизијана.

На тие локации можеле да бидат развиени околу 7 GW капацитет, доволни за производство на електрична енергија еквивалентна на потрошувачката на повеќе од пет милиони американски домаќинства. Проектите биле во рана фаза и нивната изградба не била гарантирана, но поради политичките и регулаторните пречки RWE проценила дека во догледна иднина не постои реален пат за добивање дозволи.

Со откажувањето од трите закупи, RWE целосно излегува од американскиот сектор за ветерна енергија на море. Истовремено, компанијата ќе вложи 900 милиони долари за удел од 16 проценти во LNG-проект во Луизијана и резервира 300 милиони долари за гасни турбини наменети за портфолио од 15 електрани во САД.

Но ова не е само деловна одлука на една германска компанија. Тоа е приказна за начинот на кој политичката власт може да го промени правецот на енергетската транзиција, да го пренасочи приватниот капитал и да одлучува кои технологии ќе добијат простор за развој, а кои ќе бидат отстранети од пазарот.

Од ветерна енергија на море кон гас, LNG и геотермална енергија

Спогодбата со RWE е дел од поширок модел преку кој американската администрација го поттикнува повлекувањето од ветерната енергија на море и пренасочувањето на капиталот кон други технологии. Механизмот не е идентичен во сите случаи, но заедничка е насоката: компаниите се откажуваат од федералните закупи, а средствата поврзани со нив се насочуваат кон проекти што администрацијата ги смета за посигурни и полесни за реализација.

Првиот таков договор беше објавен во март 2026 година со TotalEnergies. Француската компанија се откажа од два закупа во New York Bight и Carolina Long Bay, за кои претходно плати вкупно 928 милиони долари. Според американското Министерство за внатрешни работи, спогодбата го поврзува откажувањето од закупите со инвестиции во терминалот Rio Grande LNG во Тексас и во американското производство на нафта и природен гас.

Во април следуваа две одделни спогодби за Bluepoint Wind и Golden State Wind, проекти поврзани со Ocean Winds, заедничкото вложување на EDP Renewables и ENGIE.

Кај Bluepoint Wind, договорот предвидува капитал до 765 милиони долари да биде насочен кон американски LNG-проект. Кај Golden State Wind, откажувањето од закупот во близина на Калифорнија е поврзано со инвестиција од околу 120 милиони долари во нафтени, гасни, LNG или други енергетски инфраструктурни проекти долж американскиот брег на Мексиканскиот Залив.

Во јуни беше објавена спогодба и со Invenergy. Компанијата се откажува од четири закупи во New York Bight, во близина на Калифорнија и во Мејнскиот Залив, чија наведена вредност изнесува 765 милиони долари. Според соопштението на Министерството, истиот износ треба да биде пренасочен кон гасни електрани во Индијана, Висконсин, Ајова, Канзас и Мисури, како и кон геотермални проекти во западниот дел на САД.

Неколку дена подоцна беше постигната спогодба и со Duke Energy. Компанијата се откажува од закупот во Carolina Long Bay, вреден 129 милиони долари, а договорот предвидува средства во истиот износ да бидат вложени во дополнителни производствени капацитети за снабдување на потрошувачите во Северна и Јужна Каролина. Технологијата што би била употребена не е наведена во официјалното соопштение.

Најголемата поединечна спогодба е онаа со RWE, вредна 1,22 милијарди долари. Германската компанија се откажува од три закупи во близина на Њујорк, Калифорнија и Луизијана, со што повеќе нема закупи за развој на ветерни паркови на море во САД.

Паралелно со спогодбата, RWE најави вложување од 900 милиони долари за удел од 16 проценти во LNG-проект во Луизијана. Компанијата потпиша и договор вреден 300 милиони долари за резервирање гасни турбини за планирано портфолио од 15 гасни електрани во САД.

Вкупната номинална вредност наведена во објавените спогодби изнесува приближно 3,9 милијарди долари и се однесува на 12 федерални закупи. Тоа не значи дека целиот износ веќе е исплатен или дека секој договор има ист финансиски механизам. Кај некои спогодби се предвидува можност за целосен или делумен надомест по исполнување определени инвестициски услови, додека кај други станува збор за поинаку структурирано решавање на побарувањата.

Но политичкиот правец е јасен. Капиталот што претходно беше наменет за развој на ветерна енергија на море се пренасочува кон LNG, природен гас, гасни електрани, геотермална енергија и други производствени капацитети.

Одлуките на компаниите имаат деловна логика

Од перспектива на компаниите, повлекувањето е разбирливо. Закупите беа купени во период на пониски каматни стапки и поповолни очекувања за трошоците, федералната поддршка и брзината на издавање дозволи.

Во меѓувреме, секторот се соочи со поскапо финансирање, инфлација, раст на цените на опремата, проблеми во синџирите на снабдување и долги постапки за приклучување на мрежата. Промената на политиката дополнително ја намали веројатноста дека проектите ќе добијат дозволи.

Ако инвеститорите процениле дека немаат реален пат до изградба, договореното повлекување е подобро од повеќегодишна правна битка со неизвесен исход.

И администрацијата има аргументи што не треба да се игнорираат. Ветерните паркови на море се капитално интензивни, дел од закупите се платени по исклучително високи цени, а производството зависи од временските услови. Гасните електрани, особено флексибилните постројки, можат побрзо да го приспособуваат производството и да одговорат на растот на потрошувачката.

Но постои голема разлика меѓу тоа еден проект да пропадне затоа што е економски неисплатлив и државата да создаде политика што ја прави целата технологија практично невозможна.

Сè започна со погледот од еден голф-терен

Денешната пресметка на Трамп со ветерната енергија не започна во Белата куќа, ниту како резултат на сеопфатна анализа на американскиот електроенергетски систем. Нејзините корени водат до шкотскиот брег и еден приватен голф-комплекс во близина на Абердин.

Трамп инвестираше во изградбата на Trump International Golf Links на брегот на Северното Море. На околу 3,5 километри од комплексот беше планиран Европскиот центар за демонстрација на ветерна енергија, проект со 11 турбини на море.

За шкотските власти, проектот беше можност за тестирање нови технологии и позиционирање на земјата во растечкиот сектор. За Трамп, турбините претставуваа закана за погледот од неговиот голф-комплекс и за вредноста на неговата инвестиција.

Неговата организација поднесе официјален приговор во 2011 година. Следната година Трамп ја запре натамошната изградба на делови од комплексот и предупреди дека нема да продолжи со планираните хотелски и станбени објекти доколку ветерниот проект биде одобрен.

Во писмениот поднесок до Комисијата за економија, енергетика и туризам на Шкотскиот парламент, Трамп тврдеше дека ветерните турбини ќе го уништат туризмот, ќе го нарушат шкотскиот брег и ќе ја одведат земјата кон „финансиско самоубиство“.

Ова денес е дел од неговата официјална политика: личното уверување се поставува над институционалната анализа, а сложените енергетски и економски прашања се сведуваат на едноставни и силни пораки.

Шкотската влада го одобри проектот во 2013 година. Трамп ја продолжи битката пред судовите, но во 2015 година Врховниот суд на Обединетото Кралство едногласно ја отфрли неговата жалба.

Ветерниот парк беше изграден. Голф-комплексот продолжи да работи. Не се оствари ниту предвидувањето дека турбините ќе го уништат шкотскиот туризам, ниту заканата дека Трамп целосно ќе се повлече од земјата. Во 2014 година тој го купи и познатиот голф-комплекс Turnberry.

Правната битка беше изгубена. Политичката, како што денес се гледа, само беше одложена.

Кога личното уверување станува државна политика

Години подоцна, како претседател на најголемата светска сила, Трамп доби можност личното противење кон ветерните турбини да го претвори во федерална политика.

Администрацијата запре нови постапки за закуп, ги преиспитуваше претходно издадените дозволи и создаде регулаторна неизвесност поради која дел од компаниите повеќе не гледаат реална можност за развој на нови проекти.

Тоа се случува во период кога американската потрошувачка на електрична енергија расте под влијание на податочните центри, вештачката интелигенција, новите фабрики и електрификацијата. На системот ќе му бидат потребни повеќе производствени капацитети, посилна мрежа, складирање и значително поголема флексибилност.

Во таков момент, најлогично би било САД да ја задржат најшироката можна комбинација од технологии: природен гас, обновливи извори, нуклеарна енергија, геотермална енергија, батерии и нова мрежна инфраструктура.

Ниту ветерната енергија може сама да го напојува американскиот систем, ниту нејзиното системско отстранување може да се претстави како сериозна долгорочна енергетска стратегија.

Токму затоа споредбата со Дон Кихот не е само литературен украс. Таа ја открива суштината на приказната: борба што започнала од лична перцепција и приватен деловен интерес, а потоа добила моќ да влијае врз инвестиции вредни милијарди долари и врз идната структура на американскиот електроенергетски систем.

Дон Кихот располагал со копје и фантазија. Доналд Трамп од Белата куќа располага со извршна власт и федерални институции.

А кога личната опсесија ќе ја добие моќта на државата, ветерниците повеќе не се имагинарни џинови. Тие стануваат реални жртви на политиката.

м-р Виктор Андонов

Редакција Капитал

Редакција Капитал

...само идејата е Капитал, а сè друго е пари...

Напишете коментар

Your email address will not be published.

оди наВРВ